Младите прашуваат . . .
Што ако родителите се противат на моето венчавање?
Лекиша и нејзиното момче размислуваат да стапат во брак, но мајка ѝ не се согласува со тоа. „Годинава ќе наполнам 19 години“, вели Лекиша, „но мама инсистира да почекаме додека не наполнам 21.“
АКО планираш да стапиш во брак, сосема е нормално да сакаш твоите родители да се радуваат со тебе. Навистина може да биде болно кога родителите не го одобруваат твојот избор на брачен партнер. Што треба да сториш? Да ги игнорираш нивните желби и да продолжиш со твоите планови за брак?a
Ова би можело да претставува искушение ако си полнолетен и ако легално можеш да стапиш во брак без согласност од родителите. Меѓутоа, Библијата не поставува старосна граница за покажување чест и почит кон родителите (Изреки 1:8). А ако ги игнорираш нивните чувства, би можел да нанесеш трајна штета на твојот однос со нив. Освен тоа, постои можност — можеби дури и веројатност — твоите родители да имаат здрави причини зошто се противат на твоето венчавање.
Колку млад значи дека си премлад?
На пример, дали твоите родители ти велат дека си премлад за брак? Па, Библијата не поставува некоја минимална возраст за брак. Сепак, таа препорачува пред да се стапи во брак, човек ‚да го помине цутот на младоста‘ — годините после пубертетот кога сексуалните желби се најсилни (1. Коринтјаните 7:36, NW). Зошто? Бидејќи таквите млади луѓе се само во раните стадиуми на развојот на емоционална зрелост, самосовладување и духовни особини кои се неопходни за водење брачен живот. (Спореди 1. Коринтјаните 13:11; Галатјаните 5:22, 23.)
Кога 20-годишниот Дел решил да се жени, бил изненаден од противењето на неговите родители. „Рекоа дека сум премлад и дека ми недостига искуство“, изјавува тој. „Сметавме дека сме подготвени и дека можеме да учиме со текот на времето, но моите родители сакаа да бидат сигурни дека не постапувам само според емоции. Тие ми поставуваа многу прашања: Дали сум спремен да се справам со секојдневните одлуки, финансиите, реалноста на грижата за семејството во материјален, емоционален и духовен поглед? Дали сум спремен да станам родител? Дали навистина сум научил да комуницирам? Дали навистина ги сфаќам потребите на брачниот другар? Тие сметаа дека треба подобро да се запознаам себеси како возрасен пред да можам да почнам да се грижам за друг возрасен човек.
Иако не сакавме да чекаме, сепак го одложивме нашиот брак за да си дадеме себеси време да созрееме. Кога конечно се венчавме, влеговме во еден однос со подобар темел и имавме повеќе да си понудиме еден на друг.“
Кога религиозните разлики се причина за загриженост
Кога Тери развила романтични чувства кон некој човек кој ја немал истата вера како онаа што таа ја избрала, се состанувала со него во тајност. Откако ги објавила нивите планови да се венчаат, Тери била разочарана кога открила дека мајка ѝ е против тој брак. „Не сакам мајка ми да има такви чувства кон мене“, се жалела Тери. „Сакам сѐ уште да го имаме оној однос мајка—ќерка.“
Но, кој всушност го попречувал тој однос? Дали мајка ѝ на Тери била злобна или неразумна? Не, таа само го поддржувала библискиот совет до христијаните да се венчаваат „само во Господа“ (1. Коринтјаните 7:39). Всушност, Библијата заповеда: „Не впрегнувајте се заедно со неверниците“ (2. Коринтјаните 6:14, 15). Зошто е тоа така?
Една работа е тоа што религиозната хармонија е многу важен фактор за еден среќен и успешен брак. Стручњаците велат дека стресовите и напнатостите кои се вообичаени за меѓуверските бракови честопати водат до развод. Но, уште поголема загриженост е можноста да се биде присилен да се компромитираат личните религиозни уверувања — или потполно да се напуштат. Дури и ако брачниот другар кој не е верник не го попречува твоето обожавање, ти сепак ќе мора да живееш со болката што нема да можеш да ги споделиш своите најдлабоки уверувања со него или со неа. Дали ова звучи како една формула за брачно блаженство?
Затоа Тери требало да донесе тешка одлука. „Го сакам Јехова“, рекла Тери, „но не сакам да го изгубам ни моето момче.“ Едноставно, не можеш да носиш две лубеници под една мишка. Не можеш да ги компромитираш Божјите мерила и сѐ уште да ја уживаш неговата милост и благослов.
Но, можеби твоите родители се противат да се венчаш со некој сохристијанин. Зарем е можно да се биде нееднакво впрегнат со верник? Да, ако тоа лице не ги дели твоите духовни цели или оддаденост кон Бог. Ако е тоа случај или ако тоа лице не е ‚посведочено како добро‘ од браќата во неговото или нејзиното собрание, твоите родители можеби со право се загрижени за твоето венчавање со тоа лице (Дела 16:2).
Што е со расните или културните разлики?
Родителите на Лин приговарале заради поинаква причина: Таа сакала да се омажи за човек од друга раса. Што поучува Библијата во овој поглед? Таа ни кажува дека „Бог не е пристрасен“ и дека „од еден човек ги направи сите човечки нации“ (Дела 10:34, 35; 17:26, обата NW). Луѓето имаат заедничко потекло и имаат еднаква вредност во Божјите очи.
Сепак, иако сите венчани двојки страдаат од „телесни неволи“, меѓурасните двојки можеби ќе доживуваат дополнителни предизвици (1. Коринтјаните 7:28). Зошто? Затоа што многу луѓе во денешниов свет исполнет со омраза не го прифаќаат Божјето гледиште за расите. Иако меѓурасните бракови станале вообичаени во некои земји на Западот, сѐ уште има подрачја каде што мешаните двојки наидуваат на силни предрасуди. Можеби затоа твоите родители се плашат дека ти не си опремен да се справуваш со таквите притисоци.
„Моите родители мислеа дека ќе ни биде многу тешко“, признава Лин. Со мудрост, Лин покажала почитување спрема нивните чувства и не избрзала со брак. Додека родителите на Лин ја посматрале нејзината зрелост и подобро го запознале човекот што го сакала, тие постепено почнале да се чувствуваат сѐ поуверени дека таа ќе може да се справи со притисоците на тој брак. Лин вели: „Штом почувствуваа дека ќе можеме вистински да бидеме среќни заедно, и тие беа среќни поради нас“.
Но, понекогаш спорното прашање не е расата, туку културата. Твоите родители можеби се загрижени поради тоа што, долгорочно гледано, ќе ти биде тешко да уживаш во животот со некој чиј начин на живот, очекувања и вкусови во поглед на храната, музиката и забавата се толку поинакви од твоите. Во секој случај, венчавката со некој од поинаква раса или од поинаква култура може да создаде големи предизвици. Дали навистина си спремен да се соочиш со нив?
Кога противењето на родителот изгледа неразумно
Но, што ако сметаш дека твоите родители се потполно неразумни во нивното противење? Една млада жена по име Феит, за својата мајка вели: „Мајка ми се разведуваше неколку пати. Таа вели дека никогаш не можеш вистински да го запознаеш лицето со кое се венчаваш сѐ додека не биде предоцна. Убедена е дека јас нема да бидам среќна во бракот“. Честопати, родителите кои самите имале слаби бракови не се способни објективно да гледаат на бракот на нивното дете. Во некои случаи, родителите имаат сомнителни мотиви поради кои се противат на бракот на нивното дете, како што е желбата да задржат контрола врз животот на детето.
Ако твоите родители не се спремни разумно да те сослушаат, што можеш да сториш? Кај Јеховините сведоци можат да се повикаат собраниските старешини за помош во средувањето на семејните проблеми. Без да заземат нечија страна, тие можат да им помогнат на членовите на семејството отворено да разговараат за работите на еден смирен, мирољубив и продуктивен начин (Јаков 3:18).
Да се бара мир
Се разбира, многу други фактори би можеле да ги потпалат твоите родители да се противат на твоето венчавање, како што се финансиските грижи или личноста на идниот брачен партнер. А во ерата на СИДА-та и други сексуално преносливи болести, родителите можеби со право се загрижени за твоето здравје ако твојот избраник водел промискуитетен живот пред да стане христијанин.b
Сѐ додека живееш во домот на твоите родители, ти си обврзан да го признаеш нивниот авторитет над тебе (Колосјаните 3:20). Но, дури и кога си самостоен и доволно возрасен за да донесуваш сопствени одлуки, немој брзо да ги отфрлиш грижите на твоите родители. Биди волен да слушаш (Изреки 23:22). Внимателно одмери ги можните последици од стапувањето во брак. (Спореди Лука 14:28.)
Откако ќе го сториш тоа, можеби ќе заклучиш дека сепак сакаш да стапиш во брак. Се разбира, ти ќе треба да ја сносиш целата одговорност за таквата одлука (Галатјаните 6:5). Ако си ги вложил сите сили за да го разгледаш гледиштето на твоите родители, можеби тие ќе бидат поттикнати да ја поддржат твојата одлука, иако неволно. Но, ако продолжуваат да изнесуваат приговори, труди се да не се огорчуваш или лутиш. Запомни: Твоите родители те сакаат и се грижат за твојата идна среќа. Продолжи да настојуваш да бидеш во мир со нив. Додека твојот брак постигнува успех, можеби нивниот став ќе омекне.
Од друга страна, пак, ако навистина размислиш за сѐ што имаат да кажат родителите и темелно се погледнеш себеси и личноста со која толку желно сакаш да се венчаш, немој да бидеш изненаден ако дојдеш до зачудувачкиот заклучок дека твоите родители можеби сепак се во право.
[Фусноти]
a Информациите во оваа статија се упатени до младите во оние земји каде што е вообичаено секој сам да си избере брачен другар.
b Види ја статијата „Да им се помогне на заразените од СИДА“ во изданието на Разбудете се! од јули—септември 1994.
[Слика на страница 26]
Твоите родители можеби сметаат дека си премлад за да стапиш во брак