Од воен херој до војник на Христос
РАСКАЖАЛ ЛУИ ЛОЛЈО
На 16 август 1944, јас бев меѓу Сојузниците кои пристигнаа на бреговите на јужна Франција за време на II светска војна. После една седмица борба на средоземноморскиот брег, мојата формација тенкови навлезе во морското пристаниште Марсеј и со борба си го проби патот кон базиликата Нотр-дам-де-ла-гард. Нашата мисија беше да ги заземеме германските упоришта стационирани таму.
СЕ ВОДЕШЕ силна борба. Беше погоден еден тенк од мојата група, а тројца од моите другари што се наоѓаа во него загинаа. Потоа, една мина ги скина гасениците на мојот тенк и го оштети. Одлучни да не се повлекуваме, продолживме да се бориме следните неколку часа.
Држејќи митралез во едната и француското знаме во другата рака, искористив едно затишје во борбата и истапив напред заедно со еден борец на Слободните Французи. Исцрпен и исцрнет од барутот, го поставив француското знаме на влезот на базиликата.
Ослободување
Во текот на седмиците што следеа, напредувавме на север гонејќи ги германските трупи кои се повлекуваа. Снајперистите, како и каблите кои беа оптегнати над патот во висина на главата, нѐ принудија да одиме напред со затворени окна на тенковите.
Во октомври нашиот одред пристигна во Рамоншан, едно мало гратче во планините Вогези, во североисточна Франција. Гратчето изгледаше напуштено. Додека стоев на оклопната купола на мојот тенк извидувајќи ја околината, одеднаш една ракета истрелана од еден прозорец влезе во тенкот, моментално убивајќи во експлозија тројца од моите луѓе. Уште еден војник и јас бевме тешко ранети, а тенкот не можеше да се движи. И покрај тоа што имав 17 парчиња шрапнел во ногата, ја презедов контролата над тенкот додека нѐ влечеше друг тенк.
За оваа случка добив пофалба со итна пошта. После неколку дена, кога генерал де Латр де Тасињи, командант на првата француска армија, ми даде одликување за она што го направив во Марсеј, забележа: „Наскоро ќе се видиме повторно“.
Не помина долго време и јас бев назначен за личен советник на генералот. Со текот на времето, го придружував во Берлин, каде што ја претставуваше Франција кога Германија капитулираше, на 8 мај 1945. Следните четири години постојано му бев на располагање.
Но, како дојде до тоа да бидам толку вклучен во главните настани на II светска војна?
Обучени во религијата и во војната
Израснав како побожен римокатолик со желба да му служам на Бог и на земјата. На 29 август 1939, само неколку дена пред влегувањето на Франција во II светска војна, се пријавив во моторизираната коњаница. Имав само 18 години. После пет месеци обука во воената школа во Париз, бев испратен на францускиот источен фронт како млад офицер без чин.
Тој период беше познат како лажна војна, затоа што сѐ што правевме беше да ги чекаме германските трупи кои се бореа на другите фронтови. А кога Германците конечно нападнаа, во јуни 1940, јас бев одведен в затвор. После два месеца избегав и на крајот имав можност да им се придружам на француските сили во Северна Африка.
Во воениот поход во Тунис против германските трупи под генерал Ервин Ромел, Пустинската лисица, добив изгореници на повеќе од 70 проценти од телото и девет дена се наоѓав во кома. Поминав три месеци во болницата во Сиди-бел-Абес, во северозападен Алжир, каде што беше сместен штабот на француската Легија на странци. Додека бев во Северна Африка, добив Croix de Guerre, воен крст.
Католичките капелани нѐ тераа да ја извршуваме нашата „христијанска“ должност. Во склад со нивниот поттик, јас бев спремен да го жртвувам животот за Франција. Секогаш кога можев, земав причесна пред битката. А кога борбите беа најжестоки, му се молев на Бог и на Дева Марија.
Ги почитував непријателските војници, од кои многумина исто така беа побожни римокатолици. Некои носеа појас со тока на која беше напишано Gott mit uns (Бог е со нас). Зарем не е чудно да се мисли дека Бог би одговорил на молитвите на војниците кои се бореа на спротивни страни а имаа иста религија?
Промени после војната
После војната, на 10 април 1947, се оженив со Ран, една девојка од родниот град на генерал де Латр де Тасињи, Мујерон-ан-Паре, во Вандеја. Генералот ми беше сведок на венчавката. После неговата смрт, во јануари 1952, јас го носев неговото знаме на државниот погреб.
Едно неделно утро кон крајот на 1952, кога мојата сопруга и јас се подготвувавме да одиме на миса со нашата ќеркичка, двајца Јеховини сведоци заѕвонија на вратата. Она што го кажаа за Библијата ја разбуди нашата љубопитност. Иако мојата сопруга и јас бевме длабоко религиозни, имавме мало познавање на Библијата бидејќи црквата нѐ одвратуваше од читање. Сведокот кој ни понуди да ја проучува Библијата со нас беше Лепол Жонте, тогашен надгледник на канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Франција. Од нашата библиска студија конечно можев да ги пронајдам одговорите на прашањата кои останаа неодговорени уште кога бев дете.
На пример, отсекогаш ме интересираше Оченаш, односно Господовата молитва. Како католик, верував дека сите добри луѓе одат на небото кога ќе умрат, па затоа не можев да сфатам зошто му се молевме на Бог: „Нека се извршува твојата волја на земјата“ (Матеј 6:9, 10, Douay Version; курзивот е од нас). Свештениците со кои зборував го избегнуваа моето прашање за ова или, пак, велеа дека таа молитва ќе биде одговорена кога сите ќе станат римокатолици. Но, јас не бев задоволен од одговорот.
Свештениците не можеа да дадат задоволителни одговори ниту на моите прашања во врска со тројството. Според зборовите на едно црковно верување, ова католичко учење вели дека ‚Таткото е Бог, Синот е Бог и Светиот дух е Бог, а сепак тие не се три Бога туку еден Бог‘. Затоа, откритието на библиското јасно учење дека Исус е Божји син а не самиот Семоќен Бог беше еден голем извор на радост за мојата сопруга и за мене (Марко 12:30, 32; Лука 22:42; Јован 14:28; Дела 2:32; 1. Коринтјаните 11:3).
Обајцата чувствувавме дека за првпат ни се отворија очите и дека пронајдовме бисер од непроценлива вредност кој е вреден за секаква жртва (Матеј 13:46). Сфативме дека ќе треба да направиме избор за да го добиеме ова богатство. Наскоро го стекнавме истото гледиште како апостол Павле, кој рекол дека ‚сѐ друго е штета спрема преважното познавање на Христа Исуса‘. Затоа, направивме промени во животот за да му служиме на Бог (Филипјаните 3:8).
Заземам став
Во април 1953, само неколку месеци откако почнавме да ја проучуваме Библијата со Сведоците, добив наредба да се придружам на францускиот експедициски корпус кој беше испратен да се бори во Индокина. Во тоа време служев како аѓутант на командантниот офицер на Сенатот во Париз. Бидејќи дотогаш веќе го имав разбрано библиското начело за неутралноста, сфатив дека треба да донесам одлука (Јован 17:16). Ги информирав моите претпоставени дека одбивам да се повинам на наредбите да се борам во Индокина, наведувајќи ја мојата желба повеќе да не учествувам во војна (Исаија 2:4).
„Дали сфаќаш дека ќе станеш црна овца и дека сите врати ќе ти бидат затворени?“ ме прашаа моите претпоставени. Од тој момент, така да се каже, бев ставен на маргините. Но тоа ми беше заштита, бидејќи повеќе не ме викаа на воени вежби. Многумина од семејството и пријателите не можеа да сфатат како можев да го отфрлам она што тие го сметаа за привилегирана положба во општеството.
Поради моето воено досие, властите постапуваа со мене на еден привилегиран начин и ме почитуваа и покрај моите верувања. Во текот на следните две години ми беше дадено подолго боледување и јас не морав да продолжам со моите служби. Во меѓувреме, мојата сопруга и јас одевме на состаноците во локалното собрание на Јеховините сведоци, па дури и ги споделувавме со другите нашите новостекнати верувања.
Конечно — војник на Христос!
Конечно, на почетокот на 1955, бев ослободен од секакви воени обврски. После петнаесет дена, на 12 март, мојата сопруга и јас го симболизиравме нашето предание на Јехова Бог со крштавање во вода на еден собир во Версај. Бидејќи се промени ситуацијата со мојата професија, морав да најдам друга работа за да се грижам за потребите на моето семејство. Следните четири години работев како портир во Ал (централниот плоштад), во Париз. Иако не ми беше лесно да направам една таква промена, Јехова ги благослови моите напори.
Во текот на годините, мојата сопруга и јас можевме да им помогнеме на многу луѓе да ја прифатат библиската порака. Имав можност да им го објаснам христијанското гледиште за неутралноста на различни воени и цивилни авторитети. Мојата поранешна кариера како војник честопати ми користеше во надминувањето на предрасудите што многумина ги имаа во врска со Јеховините сведоци. Тоа ми даде можност да им го објаснам нашиот христијански став за неутралноста во поглед на војните на нациите, покажувајќи дека тоа е истиот став што го зазеле раните следбеници на Христос. На пример, во својата книга The Early Church and the World (Раната црква и светот), професор С. Џ. Каду напишал: „Барем до владеењето на Марко Аврелиј [161—180 н. е.], ниеден христијанин не би станал војник после своето крштавање“.
Едно од најтешките искушенија со кои се соочив беше смртта на мојата сопруга, во 1977. Таа умре по едногодишно боледување, храбро покажувајќи вера сѐ до смртта. Прекрасната надеж за воскресение ме поткрепи (Јован 5:28, 29). Друга помош во надминувањето на мојата болка беше тоа што се пријавив за општ пионер, како што се наречени полновремените министри на Јеховините сведоци. Тоа го сторив во 1982, откако се пензионирав од световната работа. Подоцна, во 1988, колку само бев среќен што служев како инструктор во школата за обучување на пионери!
Откако умре мојата сопруга, морав да се борам со повремени напади на депресија. Но блиските, духовно јаки пријатели ми помогнаа да застанам на нозе. Низ сите тие искушенија, секогаш ја чувствував силата и срдечната љубезност на Јехова, кој се грижи за сите кои имаат доверба во него (Псалм 17:2). Исто така, мислам дека искушенијата низ кои минуваме помагаат да се оспособиме за нашата духовна војна (1. Петрово 1:6, 7). А како собраниски старешина можев да им помогнам и на други кои беа депримирани (1. Солунјаните 5:14).
Кога бев момче, сонував за тоа да бидам војник, и на некој начин останав војник сѐ до сега. Напуштив една војска за да стапам во друга, станувајќи „војник на Исуса Христа“ (2. Тимотеј 2:3). Денес, и покрај нарушеното здравје, настојувам колку што можам да се борам како војник на Христос, во ‚борбата‘ која конечно ќе води до победа, на чест и слава на нашиот Бог, Јехова (1. Тимотеј 1:18).
Луи Лолјо умре на 1 март 1998, додека оваа статија се подготвуваше за да се објави.
[Слика на страница 19]
Нашата венчавка, на која присуствуваше генералот де Латр де Тасињи
[Слика на страница 21]
Луи Лолјо и неговата сопруга, Ран, во 1976