„Новите“ баби и дедовци
„Добредојдовте кај баба и дедо — ги разгалуваме децата додека чекате.“ Така гласи натписот над влезот на домот на Џин и Џејн.
МЕЃУТОА, кога ќе влезете внатре, нема да видите постара брачна двојка на столици за нишање. Наместо тоа, ќе најдете една крепка, енергична двојка во своите 40-ти години. Далеку од тоа да ја избегнуваат својата улога на ‚државници во пензија‘, Џин и Џејн воодушевено ја прифатиле улогата на баба и дедо. „Точно е дека тоа е еден од оние мали сигнали во животот кои покажуваат дека старееш“, вели Џин, „но една од наградите, отплатите за тоа што си ги подигал своите деца — се внуците.“
Една древна изрека вели: „Синовите на синовите се венец на старите“ (Изреки 17:6). Меѓу бабите и дедовците и нивните внуци честопати постои една посебна врска на љубов и блискост. А според списанието Generations, „во американското општество има баби и дедовци во број кој е без преседан“. Што е причината? „Зголемениот животен век и новиот ритам на живот во кругот на семејството“, објаснува таа статија. „Промените во морталитетот и наталитетот значат дека, според проценката, три четвртини од возрасните ќе доживеат да бидат баби или дедовци . . . Повеќето средовечни луѓе стануваат баби или дедовци некаде на возраст од 45 години“.
Во некои земји се појавува една нова генерација баби и дедовци. Многумина се сѐ поангажирани во грижата за своите внуци. На пример, синот и поранешната снаа на Џин и Џејн се развеле и имаат заедничко старателство. „Се трудиме да помогнеме со тоа што се грижиме за внукот додека синот е на работа“, објаснува Џејн. Според едно истражување во Соединетите Држави, бабите и дедовците кои ги чуваат своите внуци минуваат со нив просечно околу 14 часа седмично. Ова вреди дури 29 милијарди долари платена работна рака годишно!
Какви се радостите на денешните баби и дедовци? Со кои предизвици се соочуваат? Следниве статии ги истражуваат овие прашања.