ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g99 8/10 стр. 20-25
  • Бог ни беше помошник

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Бог ни беше помошник
  • Разбудете се! 1999
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Религиозно воспитување
  • Учење и применување на вистината
  • Користење стратегија во проповедањето
  • Време на тешко испитување
  • Животот во логорите
  • Како проповедавме
  • Ослободување и враќање во Мапуто
  • Урамнотежување на одговорностите
  • Благословите од Бог продолжуваат
  • Јехова секогаш се грижи за нас
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
Разбудете се! 1999
g99 8/10 стр. 20-25

Бог ни беше помошник

РАСКАЖАЛ ФРАНСИСКО КОАНА

„Ако не ги послушаш властите, ќе те погубат!“, предупреди брат ми.

„Тоа би било многу подобро отколку да живееме под овие ужасни услови“, приговорив јас.

ТАКОВ беше разговорот помеѓу мојот постар брат и мене во септември 1975. Тој дојде да ми донесе храна додека бев в затвор во Мапуто (во тоа време наречен Лоренсо Маркез), во јужен Мозамбик. Повеќе од 180 од нас — повеќето Јеховини сведоци — бевме спикани во една единствена ќелија. Брат ми толку се налути што не ја ни остави храната што ја носеше!

За да Ви помогнам да ја сфатите оваа трогателна средба, дозволете ми да се вратам наназад и да Ви објаснам како стигнав в затвор.

Религиозно воспитување

Роден сум во 1955, во едно презвитеријанско семејство, во селото Каланга во областа Маника. Тоа не е далеку од големиот град Мапуто. Иако татко ми не одеше в црква, мајка ми одеше, а во неделите ги носеше и своите пет деца. Уште кога бевме многу мали, таа нѐ поучи за Господовата молитва и јас често ја кажував (Матеј 6:9—12). Како момче, на мајка ми ѝ поставував прашања како што се „Зошто умираме?“ и „Дали луѓето секогаш ќе мора да умираат?“

Мајка ми ми рече дека смртта е дел од Божјата намера — дека тие што прават лошо ќе одат во пекол, а оние што прават добро ќе одат во рај. Иако ништо не ѝ реков, нејзиниот одговор ме растажи. Тешката реалност на смртта ме вознемири, особено откако умре нашиот драг татко, кога јас имав само десет години. После тоа се зголеми мојата желба да дознаам каква е состојбата на мртвите и дали за нив постои некаква надеж.

Учење и применување на вистината

Набргу откако умре татко ми, еден од учителите на училиште ја употреби книгата From Paradise Lost to Paradise Regained за да поучува во нашето одделение. Книгата, издадена од Watch Tower Bible and Tract Society, беше на јужноафриканскиот јазик зулу. Учителот ми ја позајми и, иако не знаев добро зулу, бев радосен поради она што го научив од наведените библиски стихови.

Кога имав 16 години, хранителот на семејството, брат ми, го викнаа во воена служба. Тогаш почнав да работам во една компанија за парфеми во Мапуто, а навечер одев во техничко училиште. За време на паузите за ручек на работа, го гледав Теофилу Чиулеле, Јеховин сведок — тој секогаш ја читаше Библијата. Кога Теофилу го забележа мојот интерес, започна разговор.

Потоа, еден друг Сведок, Луиш Била, почна библиска студија со мене. Ми олесни кога дознав дека мртвите не се свесни за ништо и дека има надеж да бидат вратени во живот преку воскресение (Проповедник 9:5, 10; Јован 5:28, 29). Веднаш ѝ пишав на мајка ми и ѝ ги дадов библиските одговори на прашањата што ѝ ги бев поставувал. Се радуваше кога дозна дека конечно сум нашол веродостојни одговори.

Воодушевен од она што го учев, се подготвив да го споделам со другите. Добив дозвола да одржувам библиски предавања во училиштето, но не и во црква. Наскоро, повеќе не бев добредојден во црквата. Дури и членовите на моето семејство почнаа да ме малтретираат, и покрај тоа што на мајка ми ѝ се допаѓаше мојата новопронајдена вера. Постариот брат добро ме натепа. Кога таквото противење не даде никаков резултат, членовите на семејството почнаа да ми се потсмеваат, особено кога ме гледаа како се молам пред оброците. Затоа, пред да седнам на маса за да јадам, се молев во купатилото. Чувствував дека „Бог е мој помошник“ (Псалм 54:4, NW).

Тогаш на Луиш му забранија да доаѓа кај нас за да ја проучува Библијата со мене. Оттогаш проучувавме кај него. Кога почнав да одам на христијанските состаноци и да учествувам во проповедничкото дело, ми ја заклучуваа вратата кога ќе се вратев дома. Како резултат на тоа, преспивав во домовите на различни Сведоци.

Конечно, на 13 мај 1973, го симболизирав моето предание на Јехова Бог со крштавање во вода. Во тоа време Мозамбик беше под португалскиот колонијален режим, кој ги стави под забрана Јеховините сведоци во Португалија и во сите нејзини колонии. На 1 октомври 1974 станав пионер, како што Јеховините сведоци ги нарекуваат полновремените евангелизатори. Бидејќи мојата цел беше да станам мисионер, почнав да учам англиски јазик за да се квалификувам за мисионерска обука во Библиската школа Гилеад на Watchtower, во Соединетите Држави.

Користење стратегија во проповедањето

Во текот на тие години на забрана, португалската колонијална полиција, ПИДЕ, затвори многу Сведоци поради тоа што проповедаа. Затоа, за да избегнеме да нѐ откријат, користевме стратегија. На пример, ќе разговаравме во една куќа и потоа ќе отидевме во друга на некое сосема друго подрачје. Исто така, двајца од нас ќе отидеа во градскиот парк за време на паузата за ручек или навечер. Едниот ќе седнеше до некого и ќе почнеше да чита весник. По кратко време, другиот од нас ќе седнеше, ќе го погледнеше весникот и ќе речеше нешто во смисла: „Леле, види само колку луѓе умреле! Но дали знаете дека под Божјата влада тоа повеќе нема да се случува?“

Следеше разговор во кој оној што го читаше весникот ќе побараше библиски доказ за тоа што го рекол другиот. Тогаш ќе се договоревме да се сретнеме следниот ден за да ја продолжиме дискусијата. На овој начин, честопати во разговорите за библиските пророштва можевме да го вклучиме лицето што седеше до нас и започнавме многу библиски студии. Му благодаревме на Бог што ни помагаше.

Време на тешко испитување

На 25 април 1974, диктаторството во Португалија заврши и дојде до многу политички промени во португалските колонии. Во Мозамбик им беше дадена амнестија на политичките затвореници, како и на Сведоците кои беа затворени поради нивната политичка неутралност. Но потоа, на 25 јуни 1975, само 14 месеци подоцна, Мозамбик објави независност од Португалија. По неколку дена започна нов бран на прогонство на Сведоците. Групите од соседството беа мобилизирани да ги уапсат сите Сведоци што можеа да се пронајдат. Бевме прикажани како „агенти кои останале после португалскиот колонијализам“.

Во септември бев присилен да присуствувам на еден состанок со една група од соседството. Кога пристигнав, видов дека таму беа сите од мојата група за проучување на Библијата. Ни беше наредено да извикуваме политички слогани кои ја воздигнуваа владејачката партија. Кога со почит одбивме, бевме одведени во затвор и ставени во преполнетата ќелија за која зборував на почетокот.

Ќелијата беше толку полна што едвај можевме да мрднеме. За да можат неколкумина да спијат на подот, другите мораа да седат или да стојат. Имаше само еден тоалет и честопати беше затнат, така што се преполнуваше и се ширеше ужасна реа. Нашата храна се состоеше од мрсни шпагети со рибини коски и големи сини муви, а моравме да јадеме со немиени раце. Ние, повеќе од 180, ги издржавме овие ужасни услови 19 дена. Потоа бевме преместени на едно место каде што имаше само Сведоци, вклучувајќи мажи, жени и деца. Во текот на следните неколку месеци, многу деца умреа како резултат на страшните услови во затворот.

На крајот, владата одлучи да ги протера Сведоците во Карико, еден оддалечен предел на север. Целта беше да нѐ изолираат. Во Мозамбик имаше околу 7.000 Сведоци, од кои голем процент се крстија во 1974 и 1975 година. Сфаќајќи дека ќе ни треба библиска литература додека сме во изолација, побарав дозвола да се вратам дома за да земам храна и некои работи за патувањето. Без да ме види офицерот кој ме придружуваше, делумно испразнив некои кутии со колачи и наставав библиски публикации на дното на кутиите. Во тие времиња не се плашевме. Имавме доверба дека Бог ќе ни помогне (Евреите 13:6).

Животот во логорите

Пристигнавме во Карико во јануари 1976 и најдовме многу Сведоци од соседниот Малави кои живееја во логорите што ги изградиле. Од 1972 до 1975, повеќе од 30.000 луѓе, вклучувајќи и деца, избегаа од бруталното религиозно прогонство во Малави. Им беше дадена дозвола да влезат во северен Мозамбик како бегалци, а кога пристигнавме ние, тие ги поделија со нас своите домови и скудните средства.

Бидејќи повеќето од нас немаа искуство во градењето, нашите браќа од Малави ни покажаа како да ги градиме куќите правејќи цигли и користејќи ги заедно со вегетацијата од грмушките. Исто така, нѐ поучија како да произведуваме храна и да правиме други работи за да се издржуваме. Јас научив дрводелство, земјоделство и кроење. Овие вештини што ги стекнавме ни користеа на многумина од нас кога се вративме во родните градови.

Главна грижа ни беше да ја одржиме духовноста, и морам да кажам дека никогаш не ни недостасуваше духовна храна. Како беше можно тоа? Па, како што забележав претходно, кога бевме испратени во изгнанство, многумина од нас користеа досетливост за да донесат библиска литература заедно со другите лични работи. Исто така, Јеховините сведоци во Јужна Африка печатеа минијатурни примероци од Стражарска кула. Тоа ја олесни работата да се внесат во логорите.

После многу молби, на 1 декември 1978, беше дозволен првиот брак во логорите. Тој ден се оженив со Алита Чилауле, чиј татко беше меѓу првите што се крстија во Мапуто во 1958. Кога се родија нашите деца Дорка и Самуел, ги поучивме да го љубат Јехова и редовно ги носевме со нас на христијанските состаноци. Подоцна имавме уште едно дете, Жимиту.

Како проповедавме

Сведоците добија дозвола да ги напуштаат логорите за да продаваат некои работи, вклучувајќи и прехрамбени продукти што ги произвеле. Многумина од нас ја користеа таа прилика за да проповедаат. Всушност, јас намерно барав висока цена за солта за да не ја купи никој. Сепак, приличен број луѓе што ги сретнав реагираа на пораката за Царството и започнав неколку библиски студии.

Еден од моите библиски студенти разговарал со директорот на некоја компанија во блискиот Миланже и тој покажал интерес за Библијата. Кога го дознав тоа, му пишав на директорот. Тој одговори со покана да го посетам. Така, кај себе сокрив библиска литература и заминав, навидум за да му продадам мебел што сум го направил.

Кога пристигнав, куќата ја чуваа војници. Се загрижив. Сепак, човекот излезе и им рече на војниците дека не сака да биде вознемируван. Започнавме со библиската студија во пет часот навечер и тој покажа толку голем интерес што завршивме дури во пет следното утро! Подоцна предложи да добива наша литература од Португалија, бидејќи за неговата пошта немаше никакви ограничувања. Потоа ми ја даваше мене, а јас ја внесував во логорот.

Вистина е дека некои од нас беа затворани и апсени повеќе пати поради нашата проповедничка активност. Сепак, кога многумина реагираа на библиската порака, бевме уверени дека Бог ни помага, исто како што им помагал на христијаните од првиот век (Дела, поглавја 3—5).

Ослободување и враќање во Мапуто

Во септември 1985, после молитвено разгледување на околностите беше донесена одлука да организираме масовно заминување од логорите. Иако некои останаа во логорите во Карико и беа изолирани од останатите Јеховини сведоци во текот на следните седум години, останатите избегаа во Малави и во Замбија. Мојата сопруга и јас одлучивме да одиме во блискиот град Миланже заедно со нашите деца. Таму најдов работа и место за живеење и продолживме со нашата служба. Следната година конечно се вративме во Мапуто.

На почетокот живеевме со роднините. Беше тешко да се најде вработување, но со текот на времето успеав да се вработам. Алита продаваше печени кикиритки за да го дополни нашиот скуден приход. Бидејќи мојот англиски се подобри, поднесов молба за работа во Британската амбасада. Ги положив тестовите и добив вработување со плата која беше 20 пати повисока од она што го заработував претходно! Навистина чувствував дека Јехова ми помогна и му се заблагодарив во молитва.

Урамнотежување на одговорностите

Конечно, на 11 февруари 1991, владата на Мозамбик законски ги призна Јеховините сведоци. Колку значаен датум за нас беше тоа! Следната година бев повикан да служам како член на одборот кој го надгледуваше проповедничкото дело на Јеховините сведоци во Мозамбик. Тогаш нашите деца имаа само 12, 9 и 6 години. Ноќта ја поминав во молитва, барајќи од Јехова мудрост за да донесам одлука која ќе биде одраз на исправна рамнотежа во исполнувањето и на семејните и на организациските одговорности.

Успеавме да набавиме мала приколка што ја користевме во деловните потфати. Вработивме неколку пионери кои правеа и продаваа сендвичи, и бизнисот напредуваше. Така, имав време да се грижам за моите нови организациски предности. Ни требаше и дом, бидејќи повеќе не можевме да ја земаме под наем куќата во која што живеевме. Затоа, поднесов барање до властите и ја опишав мојата семејна ситуација. Наскоро добивме одобрување да купиме куќа. На тоа му се даде голем публицитет, бидејќи јас бев првиот Мозамбиец кој купи куќа од државата.

Алита и јас сме благословени со деца кои ја прифатија нашата програма на духовна поука (5. Мојсеева 6:6—9). Имаме навика да дискутираме за библискиот стих за денот во 5.40, а потоа заедно ја читаме Библијата. Бидејќи нашите деца треба да бидат рано на училиште, тие се навикнати на овој ран утрински распоред. Во петок во 18.00 имаме семејна студија, на која децата дискутираат со нас за библиски теми за кои истражувале во текот на седмицата. Тогаш вежбаме и презентации за службата.

Сите наши деца се крстени. Всушност, Дорка и Самуил служат како пионери од 1994, а Жамиту е помошен пионер откако се крсти. Децата сѐ уште одат на училиште, и секое има за цел да ја зголеми службата после школувањето. Алита го урамнотежува своето време помеѓу пионерењето и грижата за домот. Во текот на многу години, вклучувајќи ги и годините што ги поминав во логорите за притвор, јас служев како пионер. Но, од 1993, во текот на денот работам во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци.

Благословите од Бог продолжуваат

Во 1997 го доживеав големиот благослов да присуствувам на еден двомесечен курс за членовите на Одборот на подружницата. Курсот се одржа во Соединетите Држави, во образовниот центар на Watchtower, Патерсон (Њујорк). Со тоа, моите напори вложени во учењето англиски јазик беа повторно наградени. Кога се враќав дома, можев да ги посетам Јеховините слуги и во други земји, и колку само моето срце се прелева од ценење за нашето светско братство!

Токму ваквата љубов меѓу вистинските христијани е фактор кој придонесува да се привлечат уште илјадници искрени да се поврзат со Јеховините сведоци во Мозамбик (Јован 13:35). Од оние отприлика 7.000 кои проповедаа кога бевме протерани во логорите за притвор, сега има преку 29.000 кои ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство ширум Мозамбик. Тие се поврзани со повеќе од 665 собранија; во 1958 имаше само 4.

Во 1993 беа одобрени плановите за канцеларија на подружницата во Мапуто, во кои е сместен персоналот на подружницата од преку 75 лица кои се грижат за прекрасното ширење на чистото обожавање во Мозамбик. После изградбата, која траеше околу четири години, проектот беше завршен. Потоа, на 19 декември 1998, нашата радост беше бескрајна кога на свеченото отворање на овие прекрасни објекти беа присутни 1.098 лица од многу земји. На програмата имав предност да интервјуирам лица кои со години беа во прогонство во Карико. Ги замолив да кренат рака оние што биле прогонети таму, и присутните беа длабоко трогнати кога се кренаа стотици раце.

Следниот ден, едно мноштво од 8.525 лица присуствуваше во Конгресната сала Матола при изнесувањето на програмата за свечено отворање, охрабрувачките извештаи од други земји и библиските предавања на посетителите од Светското седиште на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк).

Точно е дека, откако ја дознав библиската вистина како тинејџер, доживеав противење од семејството, закани за погубување и страшно прогонство кое понекогаш ме тераше да мислам дека е подобро да умрам отколку да продолжам да живеам. Сепак, се радувам затоа што, како резултат на овие искуства, мојот однос со Јехова се прочисти. Всушност, како што рекол библискиот псалмист, „Бог ми помогна; Господ е заштитник на животот мој“ (Псалм 53:4). Јас и моето семејство имаме неспоредлива предност да му служиме на Јехова заедно со семејството негови обожаватели ширум светот.

[Слика на страница 23]

Сведоците пред Салата на Царството што беше изградена додека тие беа во изолација

[Слика на страница 24]

Уживаме во нашата семејна библиска студија

[Слика на страница 25]

Оние што беа во логорите во Карико кренаа рака

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели