Гледиште на Библијата
Религиозно единство во бракот — зошто е важно?
ЕДНО семејство седнува да вечера. Додека таткото кажува молитва, мајката тивко му се моли на некој друг бог. Во едно друго семејство, сопругата обожава во црква, но нејзиниот сопруг оди во синагога. Има семејства во кои едниот родител ги учи децата за Дедо Мраз, додека другиот родител им кажува за Ханука.
Според неодамнешните истражувања, таквите сцени станале вообичаени додека сѐ повеќе луѓе стапуваат во брак надвор од нивната религија. Една анкета покажува дека во Соединетите Држави, 21 процент од католиците сега стапуваат во брак надвор од својата вера; кај мормоните бројот е 30 проценти; кај муслиманите 40 проценти; а кај Евреите повеќе од 50 проценти. Со оглед на вековите религиозно непријателство, некои сметаат дека религиозно мешаниот брак е победа над нетолеранцијата. Еден новински колумнист напишал: „Мешаните бракови од речиси секаков вид треба да се прослават“. Дали е такво и гледиштето на Библијата?
Треба да се забележи дека Библијата не ги поддржува расните или етничките предрасуди. Божјата реч унапредува расна непристрасност. Апостол Павле јасно ја изразил оваа мисла: „Навистина признавам дека Бог не гледа на лице; туку, кај секој народ оној, кој се бои од Него, и постапува правично, мил Му е“ (Дела 10:34, 35). Истовремено, Библијата поучува дека вистинските обожаватели на Јехова треба да се венчаат „само во Господа“ (1. Коринтјаните 7:39). Зошто?
Целта на бракот
Бог имал намера бракот да биде особено блиска врска (1. Мојсеева 2:24). При воспоставувањето на брачното уредување, Бог имал на ум повеќе отколку само другарство. Кога Јехова ѝ ја дал на првата двојка задачата да подига деца и да се грижи за својот земен дом, тој покажал дека тие треба тесно да соработуваат за да ја извршат неговата волја (1. Мојсеева 1:28). Соработувајќи во службата за Бог во овој поглед, мажот и жената не би уживале само другарство туку и едно блиско и трајно партнерство. (Споредете Малахија 2:14.)
Исус алудирал на ова партнерство кога ги рекол добро познатите зборови: „Тие не се веќе двајца, а едно тело. А Бог што составил, човек да не разделува“ (Матеј 19:6). Исус употребил метафора за да ја спореди брачната врска со еден јарем кој држи заедно две товарни животни за да влечат или движат еден заеднички товар. Замислете си го напорот на две впрегнати животни кои влечат во спротивни насоки! Слично на тоа, оние кои стапуваат во брак надвор од вистинската вера, можат да се најдат како се напрегаат да живеат во склад со библиските начела додека сопружникот одбива. Со право Библијата наведува: „Не впрегнувајте се заедно со неверниците“ (2. Коринтјаните 6:14).
Подобар брак
Единството во вистинското обожавање може многу да го зајакне бракот. Еден писател коментирал: „Заедничкото обожавање е една од главните карактеристики на здравите, среќни семејства“. Проповедник 4:9, 10 вели: „Подобро им е на двајца, отколку на еден, бидејќи имаат добра награда за трудот свој. Зашто, ако падне едниот, другиот ќе го крене другарот свој“.
Кога го сосредоточува својот живот на обожавањето, христијанската двојка е обединета не само физички туку и духовно. Додека се молат заедно, ја проучуваат Божјата реч заедно, се состануваат со сохристијаните и им ја пренесуваат својата вера на другите, тие коваат една духовна врска која ја зголемува блискоста во нивниот брак. Една христијанка коментирала: „Вистинското обожавање е начин на живот. Не можам да замислам да одлучам да се омажам за некој со кој немам заедничка основа за тоа која сум и што сум“. (Споредете Марко 3:35.)
Оние кои се венчаваат „во Господа“, можат да очекуваат нивните сопружници да го имитираат Исусовото однесување. Христијанските сопрузи треба да постапуваат со своите сопруги онака како што со љубов постапувал Исус со собранието. Христијанските сопруги треба со почит да постапуваат со своите сопрузи (1. Коринтјаните 11:3; Ефесјаните 5:25, 29, 33). Христијаните го прават тоа не само од желба да им угодат на своите сопружници туку и за да му угодат на Бог, кој ги смета брачните двојки одговорни за начинот на кој постапуваат еден со друг (Малахија 2:13, 14; 1. Петрово 3:1—7).
Исто така, придржувањето кон заеднички верувања им помага на христијанските двојки мирољубиво да ги решаваат несогласувањата. Библијата ги советува христијаните постојано да бидат сосредоточени, „не само [на] сопствените работи од личен интерес, туку и на оние од личен интерес на другите“ (Филипјаните 2:4, NW). Без оглед на личниот вкус, сопружниците кои се обединети во верата ја сметаат Божјата реч за заеднички авторитет во решавањето на секакви несогласувања (2. Тимотеј 3:16, 17). На тој начин го следат библискиот совет за христијаните да бидат „едномислени“ (1. Коринтјаните 1:10; 2. Коринтјаните 13:11; Филипјаните 4:2).
Привлечност и заеднички морални принципи
Како што е познато, во една врска има нешто повеќе отколку само споделување иста вера. Меѓусебната привлечност исто така е еден фактор (Песна над песните 3:5; 4:7, 9; 5:10). Но, за да истрае бракот, пресудни се заеднички морални принципи. Според книгата Are You the One for Me? (Дали ти си вистинскиот за мене?), „двојките кои имаат слични морални принципи, имаат многу поголема шанса да создадат една среќна, хармонична и трајна врска“.
За жал, луѓето кои чувствуваат меѓусебна привлечност можеби нема да обрнат внимание на сериозните несогласувања сѐ до бракот. За споредба, замислете си дека купувате куќа првенствено затоа што Ви се допаѓа нејзиниот изглед. Меѓутоа, дури откако ќе се вселите во неа, дознавате дека темелот не е стабилен. Со разнишан темел, сите привлечни карактеристики на куќата стануваат бесмислени. Слично на тоа, човек може да биде привлечен кон некого кој има поинаква вера и изгледа дека му одговара — но после склучувањето на бракот може да се покаже дека врската е сериозна грешка.
Размислете за некои тешки спорни прашања кои можат да се појават подоцна во религиозно мешаните бракови: Каде ќе обожава семејството? Какво религиозно воспитување ќе имаат децата? Која вера семејството ќе ја поддржува финансиски? Дали едниот сопружник ќе инсистира на учество во извесни религиозни обичаи и празници кои другиот ги смета за пагански? (Исаија 52:11). Во секој брак е потребно секој партнер да прави разумни прилагодувања; сепак, компромитирањето на библиските начела — дури и за да се зачува бракот — не е прифатливо за Бог. (Споредете 5. Мојсеева 7:3, 4; Неемија 13:26, 27.)
За да го задржат мирот во бракот, некои двојки во религиозно поделените бракови независно ја практикуваат својата вера. Но, за жал, независното обожавање создава една духовна празнина во бракот. Една христијанка која е омажена за човек кој не ја дели нејзината вера, раскажува: „Иако бевме во брак 40 години, мојот сопруг не ме познаваше вистински“. И обратно, во средиштето на бракот во кој обата партнера обожаваат „со дух и вистина“ е Бог. Како што поетски се изразува Библијата, „јажето, трипати усукано, нема лесно да се скине“ (Јован 4:23, 24; Проповедник 4:12).
Што е со децата?
Некои кои размислуваат за религиозно мешан брак можеби сметаат дека можат да ги изложат децата на обете вери и да им допуштат да изберат. Точно е дека обата родитела имаат законско и морално право да дадат религиозно воспитување и, на крајот, децата да донесат сопствена одлука.a
Библијата ги поучува децата да им бидат послушни на обата родитела „во Господа“ (Ефесјаните 6:1). Изреки 6:20 вели вака: „Синко, пази ја заповедта на татка си и не ја отфрлај поуката на мајката своја“. Наместо да бидат изложени на различни доктрини, децата кои се воспитани од двајца родители кои имаат исто верување, се обединети во она што Библијата го нарекува ‚еден Господ, една вера, едно крштавање‘ (Ефесјаните 4:5; 5. Мојсеева 11:19).
Вистински „во Господа“
Ако заедничките морални принципи се клуч за еден успешен брак, дали би било мудро да се стапи во брак со која и да е личност што изјавува дека е христијанин? Библијата дава одговор: „Кој вели дека во [Исус] пребива, должен е да постапува така, како што постапи и Он“ (1. Јованово 2:6). Значи, христијанинот кој размислува за брак, ќе бара сохристијанин кој навистина настојува да го следи Исус. Таквиот иден сопружник ќе му го има предадено својот живот на Бог и ќе биде крстен. Ќе ја имитира Исусовата личност полна со љубов и неговото ревносно проповедање на Божјето Царство. Како што било случај со Исус, тој ќе го сосредоточи својот живот на извршувањето на Божјата волја (Матеј 6:33; 16:24; Лука 8:1; Јован 18:37).
Со тоа што стрпливо чекаат да најдат соодветен партнер во Божјето семејство на обожаватели, оние кои размислуваат за брак поставуваат пример така што ја ставаат Божјата волја на прво место во нивните животи. Таквиот пример на крајот ќе придонесе за посреќен, позадоволителен брак (Проповедник 7:8; Исаија 48:17, 18).
[Фуснота]
a Видете ја статијата „Гледиште на Библијата: Треба ли децата да ја изберат својата религија?“ во Разбудете се! од 8 јуни 1997, страници 28, 29. Исто така, видете страници 24 и 25 во Јеховините сведоци и образованието, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., 1995.
[Рамка на страница 17]
Помош за религиозно поделените семејства
Од различни причини, многу брачни двојки денес се поделени во религиозен поглед. Некои можеби избрале сопружник кој припаѓа на некоја друга религија. Но, многу двојки започнале споделувајќи заедничка вера, но подоцна станале религиозно поделени кога едниот партнер прифатил друг облик на обожавање. Можеби има и други околности кои придонесуваат за религиозна поделеност во семејството. Сепак, какви и да се причините, брачниот завет не смее да се прекине или да му се намали вредноста само затоа што сопружниците не се сложуваат во изборот на религијата. Библијата оддава чест на светоста и трајноста на бракот, дури и тогаш кога брачните партнери не се обединети во обожавањето (1. Петрово 3:1, 2). Апостол Павле напишал: „Ако некој од браќата има жена, која не поверувала, и таа е согласна да живее со него, нека не ја остава“ (1. Коринтјаните 7:12). Ако се применуваат начелата што се наоѓаат во Библијата, тие можат да ѝ помогнат на секоја брачна двојка да ужива мир во една врска на љубов и почит (Ефесјаните 5:28—33; Колосјаните 3:12—14; Тит 2:4, 5; 1. Петрово 3:7—9).