Трансфузија на крв — долга историја на полемика
„Ако црвените крвни клетки беа нов лек денес, ќе беше многу тешко да се добие одобрение“ (Д-р Џефри Мекло).
ЗИМАТА 1667, еден насилнички лудак по име Антоан Мороа бил доведен пред Жан-Батист Дени, угледен лекар на францускиот цар Луј XIV. Дени го имал идеалниот „лек“ за лудилото на Мороа — трансфузија на телешка крв, бидејќи мислел дека таа ќе има успокојувачко дејство врз неговиот пациент. Но, тоа не било добро за Мороа. Вистина, по втората трансфузија, неговата состојба се подобрила. Но, наскоро лудилото повторно го фатило Французинот и по кратко време тој умрел.
Иако подоцна било утврдено дека Мороа умрел од труење со арсеник, експериментите со животинска крв што ги вршел Дени, предизвикале вжештена полемика во Франција. Конечно, во 1670, таа постапка била забранета. По некое време истото го направил и англискиот парламент, па дури и папата. Трансфузијата на крв паднала во заборав следните 150 години.
Првите ризици
Во 19-тиот век, трансфузијата на крв повторно се вратила. Во нејзиниот препород предводел англискиот акушер Џејмс Бландел. Со неговите подобрени техники и напредни инструменти — и со неговото тврдење дека треба да се користи само човечка крв — Бландел ја довел трансфузијата на крв во центарот на вниманието.
Но, во 1873, Ф. Гезелиус, полски лекар, го забавил препородот на трансфузијата со едно страшно откритие: повеќе од половина од извршените трансфузии завршиле со смрт. Кога го дознале ова, угледните лекари почнале да се откажуваат од оваа постапка. Популарноста на трансфузијата повторно се намалила.
Потоа, во 1878, францускиот лекар Жорж Ајем усовршил еден солен раствор, за кој тврдел дека може да служи како замена за крв. За разлика од крвта, солениот раствор немал несакани последици, не се згрутчувал и лесно се транспортирал. Се разбира, солениот раствор на Ајем почнал нашироко да се употребува. Меѓутоа, чудно е тоа што наскоро јавното мнение повторно се свртило во прилог на крвта. Зошто?
Во 1900, австрискиот патолог Карл Ландштајнер открил дека постојат крвни групи и дознал дека една крвна група не е секогаш складна со другите. Не е чудно тоа што толку многу трансфузии во минатото завршувале трагично! Сега тоа можело да се промени, едноставно со проверка дали крвната група на дарителот е во склад со онаа на примателот. Со ова сознание, лекарите ја обновиле довербата во трансфузијата — токму навреме за I светска војна.
Трансфузијата на крв и војната
Во текот на I светска војна, на ранетите војници слободно им се давала трансфузија на крв. Се разбира, крвта брзо се згрутчува и порано било речиси невозможно да се транспортира на бојното поле. Но, на почетокот на 20-тиот век, д-р Ричард Луисон, од болницата Маунт Синај во Њујорк Сити, извршил успешни експерименти со еден антикоагулант наречен натриум цитрат. Некои лекари го сметаа овој возбудлив успех за чудо. „Тоа беше речиси како сонцето да застанало“, напишал д-р Бертрам М. Бернхајм, прочуен лекар од своето време.
Во II светска војна се зголеми побарувачката на крв. Јавноста беше бомбардирана со плакати на кои беа испишани слогани како што се: „Дајте крв сега“, „Вашата крв може да го спаси“ и „Тој ја даде својата крв. Ќе ја дадете ли и вие?“ Повикот за крв наиде на голем одѕив. Во текот на II светска војна, во Соединетите Држави беа донирани околу 13.000.000 единици крв. Се проценува дека во Лондон биле собрани и дистрибуирани повеќе од 260.000 литри. Се разбира, трансфузијата на крв носеше бројни здравствени ризици, како што стана јасно наскоро.
Болести пренесени преку крв
По II светска војна, крупните чекори во медицината ги направија возможни операциите кои претходно беа незамисливи. Како резултат на тоа, се појави една глобална мултимилијардерска индустрија за набавка на крв за трансфузија, која лекарите почнаа да ја сметаат за стандардна постапка при операциите.
Меѓутоа, наскоро се појави загриженост заради болестите поврзани со трансфузијата. За време на Корејската војна, на пример, речиси 22 проценти од оние кои примија трансфузија на плазма заболеа од хепатит — речиси три пати повеќе отколку во текот на II светска војна. До 1970-тите, Центрите за контрола на болести во САД проценија дека годишно има 3.500 смртни случаи од хепатит добиен со трансфузија. Други дадоа цифра која е десетпати повисока.
Благодарение на подобрата проверка и повнимателното избирање дарители, бројот на случаи на заразеност со хепатит Б се намали. Но, потоа почна да зема голем данок еден нов и понекогаш фатален вирус — хепатит Ц. Се проценува дека четири милиони Американци се заразиле со овој вирус, неколку стотици илјади од нив преку трансфузија на крв. Точно е дека строгите испитувања на крајот ја намалија раширеноста на хепатит Ц. Сепак, некои се плашат дека ќе се појават нови опасности и дека тоа ќе се сфати дури откако ќе биде предоцна.
Уште еден скандал: крв заразена со ХИВ
Во 1980-тите, се откри дека крвта може да биде заразена со ХИВ, вирусот кој предизвикува СИДА. На почетокот, банкарите на крв се грозеа од помислата дека нивната резерва би можела да биде заразена.Во тоа време многумина од нив со скептицизам ја дочекаа заканата на ХИВ. Според д-р Брус Евет, „тоа беше како некој да доталка од пустината и да рече: ‚Видов вонземјанин‘. Тие слушаа, но едноставно не веруваа“.
Меѓутоа, од земја во земја доаѓаше до скандали кои разоткрија крв заразена со ХИВ. Се проценува дека во Франција биле инфицирани околу 6.000 до 8.000 луѓе со ХИВ преку трансфузии кои биле дадени помеѓу 1982 и 1985 година. Трансфузиите на крв се одговорни за 10 проценти од инфекциите со ХИВ ширум Африка и за 40 проценти од случаите на СИДА во Пакистан. Денес, заради подобрените проверки, пренесувањето на ХИВ преку трансфузија на крв е ретко во развиените земји. Меѓутоа, тоа и понатаму е проблем во земјите во развој каде што не постои таква проверка.
Може да се сфати зошто во последниве години се зголеми интересот за бескрвна медицина и хирургија. Но, дали тоа е безбедна алтернатива?
[Рамка на страница 6]
Трансфузија на крв — нема медицински стандард
Секоја година, само во Соединетите Држави се врши трансфузија на повеќе од 11.000.000 единици црвени крвни клетки кај 3.000.000 пациенти. Со оглед на овој висок број, човек би помислил дека кај лекарите има строг стандард кога станува збор за давање крв. Сепак, The New England Journal of Medicine забележува дека постојат изненадувачки малку податоци „кои ги водат одлуките во врска со трансфузиите“. Всушност, има голема разлика во практиката, не само во врска со тоа што и колку точно е дадено со трансфузија туку и во врска со тоа дали воопшто е дадена трансфузија. „Трансфузијата зависи од лекарот, а не од пациентот“, вели медицинското списание Acta Anæsthesiologica Belgica. Со оглед на горенаведеното, не изненадува многу тоа што едно истражување што беше објавено во The New England Journal of Medicine открило дека „околу 66 проценти од трансфузиите наоѓаат несоодветна примена“.
[Слики на страница 5]
Во II светска војна имаше пораст на побарувачката на крв
[Извори на слики]
Империјален воен музеј, Лондон
Фотографии на Националната архива на САД