Гледиште на Библијата
Вистинска вера — што е тоа?
„БЕЗ ВЕРА НЕ Е МОЖНО ДА МУ СЕ УГОДИ НА БОГА; БИДЕЈЌИ ОНИЕ, КОИ ДОАЃААТ ПРИ БОГА, ТРЕБА ДА ВЕРУВААТ ОТИ ОН ПОСТОИ И ДЕКА ГИ НАГРАДУВА ОНИЕ, ШТО ГО БАРААТ“ (ЕВРЕИТЕ 11:6).
ШТО е вера? Некои објаснуваат дека верата е религиозно верување во Бог без цврст доказ за неговото постоење. Американскиот новинар Х. Л. Менкен ја дефинирал верата како „нелогично верување дека ќе се случи она што е неверојатно“. Дали тоа е вистинската вера што е опишана во Библијата? Неопходно е да имаме јасно разбирање за тоа што е верата бидејќи, како што е цитирано погоре, „без вера не е можно да Му се угоди на Бога“.
Библијата вели: „Вера е да бидеме сигурни во работите на кои се надеваме“ (Евреите 11:1, The New Testament in the Language of Today). Значи, верата се темели на точно спознание, факти врз основа на кои можат да се донесат исправни одлуки. Таа не бара само да се верува туку бара и причина за да се верува.
Да илустрираме: Можеби имаш некој пријател за кого можеш да речеш: „Имам доверба во тој човек. Можам да сметам на него дека ќе го одржи својот збор. Знам дека, ако имам проблем, ќе ми помогне“. Веројатно нема да го речеш тоа за некого што го познаваш само ден или два, нели? Тој мора да биде некој кој постојано ја докажувал својата провереност. Истото треба да биде и со религиозната вера, која треба да даде надеж и уверување кои се темелат на цврст, проверен доказ.
Вера или лековерност?
Многу од она што денес се нарекува вера е само лековерност — спремност да се верува без валидна основа или причина. Лековерноста честопати се гради врз несигурниот песок на емоции и суеверие. Таа не е добро втемелена вера затоа што нема цврста основа за верување.
Лековерноста би можела да натера некого да избрза со заклучоци кои би можеле да не бидат во склад со библиската вистина. Соодветно, Библијата дава опомена против недоволно втемелената вера: „Неразумниот верува на секој збор, а благоразумниот е внимателен на своите чекори“ (Изреки 14:15). Апостол Павле напишал: „Уверувајте се во сите работи; држете се цврсто за она што е извонредно“ (1. Солунјаните 5:21, NW). Библијата не унапредува лековерност. Таа охрабрува на вера која се темели на докази.
Способноста да се направи разлика помеѓу вистинската вера и лековерноста е сериозна работа. Човек може да биде религиозен, а сепак да нема вистинска вера. Павле забележал: „Не сите имаат вера“ (2. Солунјаните 3:2). Но, верата што се темели на Библијата е посед на некои луѓе и таа влијае врз нивните животи.
Вистинската вера го поврзува човекот со Бог
Верата може да се спореди со синџир кој има алки на доверба и верба кои го поврзуваат човекот со Бог. Но, ваквата вера е нешто што се негува; не е нешто со кое сме родени. Како можете да стекнете вистинска вера? Библијата објаснува: „Верата доаѓа од слушање, а слушањето — од словото Божјо“ (Римјаните 10:17).
Значи, треба да си одвоите време да го запознаете Бог и учењата на неговиот Син, Исус Христос. Ова знаење не се стекнува без напор (Изреки 2:1—9). Мора да се напрегате за да откриете што вели Библијата и за да се уверите во нејзината веродостојност.
Меѓутоа, вистинската вера вклучува повеќе отколку само поседување спознание или верување дека нешто е вистинито. Таа го вклучува и срцето — средиштето на мотивацијата. Во Римјаните 10:10 стои: „Со срцето се верува“. Што значи тоа? Додека медитирате за побожни работи, изградувајќи ценење за нив, дозволувате библиската порака да продре подлабоко во Вашето срце. Верата расте и станува посилна додека сте мотивирани да постапувате според Божјите ветувања и додека гледате докази дека тој Ве благословува (2. Солуњаните 1:3).
Колку само скапоцен посед е вистинската вера! Ни помага да се соочиме со тешки услови имајќи верба во Бог и доверба дека е способен да ги управува нашите чекори и дека е спремен да се грижи за нашите потреби. Освен тоа, Божјиот Син, Исус Христос, укажал на една долгорочна корист од верата: „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3:16). Вечен живот — колку прекрасен подарок за оние што имаат вера!
Верата во Божјето ветување дека ќе ги награди своите слуги пружа една нова перспектива во животот. Во Евреите 11:6 се вели дека вистинската вера вклучува верување во Божјата способност да ги награди „оние, што Го бараат“. Значи, јасно е дека вистинската вера не е лековерност и дека таа е нешто многу повеќе отколку само верување дека постои Бог. Таа вклучува прифаќање на фактот дека Бог е способен да дејствува за да ги награди оние кои искрено го бараат. Дали вистински и искрено сакате да го запознаете Бог? Ако да, тогаш стекнете точно спознание од неговата Реч, Библијата, и Вашата вера ќе биде наградена (Колосјаните 1:9, 10).
[Извор на слика на страница 25]
Цртежи на Albrecht Dürer/Dover Publications, Inc.