Дали светот ќе се обедини?
ВО ПОСЛЕДНИВЕ години, милиони луѓе во Источна Европа и на други места ги почувствуваа последиците од раздорните војувања. Сепак, дури и додека траеја ваквите сурови конфликти, илјадници луѓе во овие земји кои беа растргнати од војна можеа да негуваат и да задржат вистинско единство меѓу себе. Да разгледаме неколку примери.
Во 1991, едно меѓународно мноштво од речиси 15.000 луѓе се собра во Загреб (Хрватска). Еден полицаец кој бил присутен таму, бил поттикнат да ја даде следнава забелешка: „Би било добро да им се покаже на медиумите што се случува на овој стадион, токму овде, каде што гледаме Срби, Хрвати, Словенци, Црногорци и други како седат во мир еден покрај друг“. Која е причината за ваквото необично единство?
Во 1993, во Киев, главниот град на Украина, се одржа уште поголем меѓународен конгрес со тема „Божествена поука“. Највисокиот број присутни беше речиси 65.000. Насловната страница на Вечірніѝ Київ извести: „Јеховините сведоци . . . не се обединети само со сините значки на кои пишува ‚Божествена поука‘ туку и со вистинска вера“.
Божествената поука — сила која обединува
Се прашувате ли зошто Јеховините сведоци уживаат во единство додека околу нив неединството зема замав? Полскиот професор Војчек Модзелевски ја констатира причината давајќи ја следнава забелешка во врска со Сведоците: „Клучен фактор за нивниот мирољубив став е нивната намера уште сега да ги следат начелата што се изнесени во Библијата“. Всушност, Сведоците се обединети ширум светот преку божествената поука на Творецот, Јехова Бог. Каква е таа поука?
Исус Христос укажал на едно важно обединувачко начело кога рекол за своите следбеници: „Тие не се дел од светот, како што ни јас не сум дел од светот“. Да, ставот на неутралност што го заземаат Јеховините сведоци ги обединува насекаде. Ова е во склад со Исусовите зборови од молитвата: „Те молам . . . да бидат сите едно, како што ти, Татко, си во обединетост со мене и јас во обединетост со тебе, така и тие да бидат во обединетост со нас“ (Јован 17:16—21, NW).
Ваквиот став на неутралност е сила која обединува затоа што ги поттикнува Сведоците во сите делови на светот да живеат во склад со она што го запишал пророкот Исаија во врска со сите оние кои Бог ќе ги ‚научи на Своите патишта‘. Исаија навел дека тие „ќе ги прековаат мечевите свои во плугови, а копјата свои — во српови“. Пророкот продолжил: „Народ против народ нема да крене меч и нема повеќе да се учат на војна“ (Исаија 2:2—4).
Единството и мирот што можеа да се видат на конгресите на Јеховините сведоци во Источна Европа во текот на минатата деценија, покажуваат дека пророштвото на Исаија веќе се исполнува во помали размери. Во Европа и на други места, Сведоците симболично ги прековале своите мечеви во плугови и своите копја во српови. Како резултат на тоа, денес тие уживаат мир и единство среде овој разединет свет. Не е ни чудно тоа што уводната статија во еден весник еднаш навела: „Кога целиот свет би живеел според [библиските] верувања на [Јеховините] сведоци, тогаш би им дошол крај на крвопролевањето и омразата, а би царувала љубовта!“ Дали некогаш ќе биде така?
Како ќе се постигне светско единство
За да се постигне единство низ целата земја, потребно е нешто повеќе отколку само една релативно мала група добронамерни луѓе. Треба да постои и една влада која ќе има моќ да го ограничи влијанието на оние кои го поткопуваат единството и мирот. Всушност, Исус ги поучил своите следбеници да се молат токму за една таква влада: „Да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10). Да, Исус покажал дека само владата од Бог, „царството небесно“, може да понуди решение за проблемите во светот — вклучувајќи го и проблемот со разединетоста (Матеј 4:17).
Исус Христос е Царот на ова небесно Царство. Кога ќе владее тој, луѓето на земјата ќе доживеат една ера на мир и единство без преседан. Ова светско единство нема да биде резултат на економски реформи што ќе ги направи човекот. Само светската влада во рацете на ‚Кнезот на мирот‘ може да направи такво нешто (Исаија 9:6, 7).
Кнезот на мирот нема да ги толерира сегашните неправди, кои честопати се предизвикани од сиромаштијата и злоупотребата на моќта. Библијата ветува: „Ќе Му се поклонуваат сите цареви; ќе Му служат сите народи; зашто Он ќе избави беден од силник и сиромав, кој нема помошник. Од лихви и неправди ќе ги избави душите нивни . . . Ќе има тврдина [изобилие од жито, NW] на земја, по врвовите на горите; плодот Негов ќе се издига“ (Псалм 71:11, 12, 14, 16).
Кога ќе владее Христос, и невработеноста ќе биде дел од минатото. Пророкот Исаија наведува: „Нема да градат, за да живее друг, нема да садат, за да јаде друг; зашто дните на народот Мој ќе бидат како дните на дрво, и моите избрани долго ќе се користат со делото на рацете свои“ (Исаија 65:22). Замислете си, секој што ќе живее на земјата, ќе може да извршува работа што е корисна и задоволувачка!
Вистинско единство — кога?
Но, кога ќе започне Христовото владеење над Земјата? Кога давал одговор на тоа прашање, Исус Христос укажал на едно време кое ќе биде одбележано со војни, гласови за војни, болести, земјотреси и други настани. Сепак, тој укажал и на еден позитивен аспект — проповедање на добрата вест за Божјето Царство ширум светот (Матеј 24:3—14; Лука 21:11). Исус рекол дека овие настани ќе кулминираат во една „голема неволја“ која ќе донесе целосна промена во владетелството над земјата (Матеј 24:21, NW). Прочитајте го неговиот говор што е запишан во Матеј, 24. поглавје и Лука, 21. поглавје. Споредете ги околностите што ги претскажува тој со она што го гледате во светот. Не можете а да не увидите дека сега живееме непосредно пред времето кога Бог ќе интервенира во човечкото владеење. Неговото Царство, со Исус Христос како Цар, ќе го преземе владетелството. Ни претстои еден обединет свет!
Останува прашањето: ‚Што треба да направите за да го доживеете исполнувањето на ова ветување?‘ Бидејќи Библијата игра важна улога во она што човештвото може да го очекува во иднината, мудро е да вложите напори за да ја запознаете подобро. Затоа, Јеховините сведоци со задоволство би Ве посетиле за да водат бесплатна библиска студија со Вас.a Ако ја прифатите оваа понуда, наскоро ќе видите дека светското единство е на дофат и дека и Вие можете да бидете дел од него!
[Фуснота]
a Ако сакате да добиете повеќе информации за оваа програма за проучување на Библијата, контактирајте со издавачите на ова списание или со Јеховините сведоци во Вашиот крај.
[Слики на страници 8 и 9]
Низ целиот свет, Јеховините сведоци уживаат извонредно единство
Киев (Украина)
Загреб (Хрватска)
[Слика на страница 10]
Божјата намера е човештвото да стане една обединета, глобална фамилија