Алтернативни терапии — зошто многумина ги користат
АЛТЕРНАТИВНАТА, односно комплементарна медицина опфаќа широк спектар на лекарски техники и третмани. Многу од нив спаѓаат под општиот назив натуропатија, што претставува систем на лекување во кој се става нагласок на користењето природни препарати или физички средства за да се подобри телесната состојба и да му се овозможи на телото самото да се излекува. Приличен број од овие терапии, кои се користеле со векови, долго време биле напуштени или игнорирани од современата медицина.
На пример, списанието Journal of the American Medical Association од 27 август 1960 забележало дека ставањето студени облоги врз изгорениците им било „познато на старите народи, но изгледа дека и лекарите и лаиците го игнорираат тоа. Иако во литературата одвреме навреме ќе се појави едногласна пофалба на овој начин на лекување, денес тој не е во општа употреба. Всушност, повеќето лекари велат ‚тоа никој не го прави‘, иако не се знае точно зошто“.
Меѓутоа, во последниве децении, конвенционалната медицина повторно се залага за примена на студена вода или студени облоги за изгорениците. The Journal of Trauma од септември 1963 извести: „Интересот за користење студена вода во раната фаза на лекување на изгореници се појави од извештаите на Офејгсон и Шулман во 1959 и 1960. Изминатава година ги лекувавме пациентите со оваа метода; нашите клинички резултати беа охрабрувачки“.
Лекувањето со студена вода е релативно безбедно и сосема сигурно ги ублажува болките. Хидротерапијата, при која се користи вода на различни начини за да се лекуваат болести, се применува во алтернативната медицина, па сега дури и современата медицина признава различни облици на вакво лекување.a
На сличен начин, во алтернативните терапии честопати се користат лековити билки за лекување на болестите. Во некои делови од светот ова се практикувало во текот на стотици — па дури и илјадници години. На пример, во Индија, употребата на лековити билки долго време била главна потпора на медицината. Денес, практично насекаде, лековитата моќ на извесни билки ја признаваат многу здравствени експерти.
Искуство кое е вредно за внимание
Отприлика пред стотина години, врз Рихард Вилштетер, кој подоцна станал студент по биохемија на растенијата, имало силно влијание она што се случило со еден негов близок млад пријател, десетгодишниот Зеп Шваб. Зеп имал тешка инфекција на ногата и лекарот рекол дека треба да се изврши ампутација за да му се спаси животот, но родителите на Зеп ја одложиле операцијата до следното утро. Во меѓувреме, тие побарале некој овчар кој бил познат по употребата на билни лекарства. Овчарот направил една комбинација од билки, ги иситнил на многу ситни делчиња сѐ додека не станале маса која личела на варен спанаќ и ги нанел врз раната.
Следното утро раната била во подобра состојба и операцијата повторно била одложена. Овој третман бил продолжен и, по некое време, раната сосема оздравела. Вилштетер продолжил да студира хемија на универзитетот во Минхен (Германија) и подоцна станал добитник на Нобелова награда за своите откритија во изучувањето на растителните пигменти, особено хлорофилот. Значајно е тоа што околу 25 проценти од фармацевтските лекови кои се користат во денешно време се добиени делумно или целосно од хемиски материи кои природно се појавуваат во растенијата.
Потреба од урамнотеженост
Сепак, треба да се признае дека, кога станува збор за медицинските третмани, она што прави чуда кај едно лице можеби не е толку ефикасно кај друго. Делотворноста на која и да е терапија е условена од многу фактори, вклучувајќи ги видот на болеста и нејзиниот интензитет, како и општата здравствена состојба на пациентот. Дури и моментот на лекување може да биде еден фактор.
Алтернативните методи обично дејствуваат побавно отколку класичните методи, па затоа некоја болест која можеби ќе се спречела ако била дијагностицирана и лекувана порано, може да се развие до степен кога ќе бидат неопходни јаки лекови — па можеби дури и хируршки зафат — за да се спаси животот. Затоа, можеби нема да биде мудро да се придржувате само за една терапија како таа да е единствениот начин да се реши некој здравствен проблем.
Алтернативната медицина се разликува од конвенционалните терапии по својот пристап кон здравјето. Обично нејзините методи на лекување повеќе се насочени кон превенција и се сосредоточуваат врз начинот на живот на едно лице, врз средината и врз тоа како овие фактори влијаат врз неговото здравје. Со други зборови, оние кои практикуваат алтернативна терапија обично обрнуваат внимание на целата личност а не само на заболениот орган или на болеста.
Големата привлечност на алтернативната медицина несомнено лежи во сознанието дека нејзината употреба на природни производи и нејзините методи на лекување се поблаги и помалку ризични од оние што се применуваат во конвенционалната медицина. Затоа, заради сѐ поголемиот интерес да се пронајде безбедно и ефикасно лекување, во следната статија ќе изнесеме неколку примери на алтернативни терапии.
[Фуснота]
a Видете го англиското издание на Разбудете се! од 22 јуни 1988, страници 25 и 26.