Пожар! Кој противпожарен апарат да го употребите?
КОЛКУ често минуваме покрај немиот мал стражар на ѕидот без да му обрнеме никакво внимание! Сепак, еден ден тој можеби ќе ја спаси нашата канцеларија или фабрика, па дури и нашиот дом, да не изгори до темел. Рачните противпожарни апарати можат да спречат да излезе од контрола некој помал проблем — запалено тавче на шпоретот или завеса што се потпалила од греалката. Како брзо оружје, тие се наменети да се уништи суровиот непријател пред да се засили.
Бидејќи овој непријател доаѓа во многу облици — шумски пожари, пожари на нафта и гас, електрични пожари — и рачните противпожарни апарати ги има во различни облици. Се разбира, Вие би сакале да го запознете и Вашиот непријател и Вашето оружје. Ова не значи дека треба да имате увид како што има еден пожарникар, но сепак значи дека треба да знаете неколку основни начела. На пример, како би постапиле во следнава ситуација?
Додека се подготвувал да пече леб, еден пекар ја загревал решетката на печката каде што биле наредени 20 нови, добро подмачкани тавчиња. Меѓутоа, термостатот бил расипан и температурата нагло се зголемила, а маслото почнало да чади. Готвачот, со ракавици на рацете, брзо ја отворил печката и ја извадил решетката. Но, кога го направил тоа, зачаденото масло се нашло во средина богата со воздух. Паааф! Од спонтаното согорување се вивнале пламени јазици кои достигнале дури до таванот. Неповреден, готвачот истрчал и за неколку секунди се вратил опремен со противпожарен апарат со јаглерод диоксид и брзо го изгасил огнот. Но, веднаш се кренал уште повеќе чад и маслото повторно се запалило. Овој круг се повторил четири пати! Плашејќи се дека апаратот наскоро ќе се истроши, готвачот зел едно огноотпорно ќебе од блискиот држач и го префрлил врз решетката. На големо олеснување, огнот се изгасил — и не се повторил.
Се разбира, ние сакаме да го употребиме најдоброто оружје што ни стои на располагање за да изгаснеме мал а опасен пожар. Но, ако готвачот знаел нешто за спонтаното согорување — за кое постои голема веројатност секогаш кога ќе се појави чад — можел едноставно да ја исклучи печката, да ја затвори вратата и да остави рерната да се излади по природен пат. Или, пак, можел прво да употреби огноотпорно ќебе а потоа, ако е потребно, апарат за гасење пожар со јаглерод диоксид. Како и да е, искуството покажува дека вреди да се знаат некои основни работи за пожарите и за тоа како најдобро да се изгаснат.
„Триаголникот“ кој значи пожар
Она што се нарекува „пожарен триаголник“ е една логична формула која изложува кои услови се потребни за да настане горење: гориво плус кислород плус топлина е еднакво на пожар. Ако отстраните само една компонента, нема само да го изгаснете пожарот туку ќе спречите и да се прошири. Да видиме како функционира ова.
ГОРИВО: Како што е случај и со нас, огнот умира без храна. Пожарникарите го користат овој принцип во шумата и ги запираат пожарите на тој начин што ја корнат вегетацијата за да направат појас од земја, кој ќе го попречи патот на главниот пожар. Кога станува збор за кујна, отстранувањето на горивото едноставно може да значи да се исклучи гасот. Меѓутоа, во други околности може да биде тешко, ако не и невозможно да се отстрани горивото.
КИСЛОРОД: Повторно, како што е случај со нас, огнот мора да диши. Фрлете една лопата земја или огноотпорно ќебе врз огнот и ќе го задушите. Патем речено, нивото на кислород не мора да падне на нула за да се задуши огнот. Ако нивото на кислород се намали на 15 проценти од нормалните 21 процент во воздухот што нѐ опкружува, многу материи — запаливи течности, на пример, па дури и некои тврди тела — повеќе нема да горат.
ТОПЛИНА: Извор на топлина кој ќе започне пожар може да биде собна греалка, шпорет, жиците на преоптоварен електричен приклучок, искра или пепел, молња или топлината што се ослободува при гниењето на растенијата, испарливите хемикалии или многу други работи. Запомнете, ако видите чад, особено ако доаѓа од масти или масла за готвење излеани врз извор на топлина, може само за неколку секунди да настане спонтано согорување.
Соодветно за секаков вид мал пожар
Иако во многу домови нема апарати за гасење пожар, честопати е законско барање фабриките, канцелариите и јавните установи да бидат опремени со нив. Основни видови се вода, влажни хемикалии, пена, сув прав и јаглерод диоксид. Противпожарните апарати со халон се исфрлени од употреба затоа што се мисли дека се штетни за озонскиот слој на Земјината атмосфера. Како помош за корисниците да го изберат исправниот противпожарен апарат кога ќе се појави итен случај, на повеќето модели се дадени сликовити симболи кои покажуваат кога смеат а кога не смеат да се користат или, пак, можеби се препознаваат според бојата. Повеќето се означени со некоја буква, како што е А, Б или Ц, која ја покажува посебната класификација на пожарите. Кога ќе се притисне рачката, ракетното гориво, кое е гас под притисок, со огромна брзина ја исфрла активната состојка во млаз. Заради тоа што противпожарните апарати содржат гас под притисок, одвреме навреме треба да се проверуваат. Тие треба секогаш да се постават во близина на излезите и треба да бидат лесно достапни. Сега накратко да го разгледаме секој вид апарат за гасење пожар.
Противпожарните апарати со сув прав хемиски го спречуваат горењето и речиси се универзално средство кое се користи за забавување на пожарот. Сувиот прав не само што е ефикасен против пожарите од А и Б категорија туку е корисен и при гасењето на пожарите од Ц категорија (електрична опрема). Се разбира, овој повеќенаменски противпожарен апарат претставува одлична заштита за Вашиот дом. Сувиот прав остава зад себе хаос — сепак, хаосот е најниската цена што може да се плати!
Противпожарните апарати со вода под притисок се идеални за пожари кои зафатиле хартија, дрво, пластика, отпадоци или ткаенини. Тие честопати се нарекуваат пожари од А категорија. Потенцијалот на водата како средство за гасење пожар потекнува од нејзината голема способност да апсорбира топлина. Во доволна количина, водата едноставно ја одзема топлината побрзо отколку што огнот може повторно да ја создаде и затоа пожарот се гаси. Но, не користете вода врз запаливи течности. Така само ќе го раширите пожарот — и тоа експлозивно! Исто така, бидејќи водата спроведува електрицитет, немојте да користите вода ниту некој противпожарен апарат кој содржи вода онаму каде што може да има вжарени електрични жици.
Противпожарните апарати со влажни хемикалии користат раствор на алкални соли во вода. Растворот е под притисок. Овие апарати се особено ефикасни против масти и масла за готвење, но не и против производи од нафта. Ефикасни се и против пожарите од А категорија.
Противпожарните апарати со пена добро функционираат не само против пожарите од А категорија туку особено против пожарите во кои горат запаливи течности (индустриски средства за подмачкување, горива, бои), општо познати како пожари од Б категорија. Има два вида противпожарни апарати со пена, па затоа проверете кој најдобро одговара на Вашите потреби. Кога ќе се нанесе врз течност што гори, пената ја обложува течноста со непропустлив слој кој ја запира запаливата пареа и не му дава пристап на кислородот. Затоа, пената мора да се нанесе понежно за да не навлезе во течноста туку, напротив, брзо да се рашири околу неа. Внимавајте да не користите пена во близина на електрична струја.
Противпожарните апарати со јаглерод диоксид можат да се користат практично против сите пожари освен кога се работи за пожар на гасови. Принципот врз кој функционираат е тоа што јаглерод диоксидот го истиснува кислородот. Но, како што видовме претходно, ако запаливиот материјал ја задржи топлината, можно е да дојде до природно спонтано палење. Јаглерод диоксидот е гас, па затоа ветровитиот или отворен простор ја ограничува неговата ефикасност. Сепак, заради тоа што е чист, тој е омилен противпожарен апарат што се користи кај деликатните машини и електронската опрема. Меѓутоа, во затворен простор, јаглерод диоксидот може да предизвика задушување, па затоа ако го користите во таква средина, погрижете се да излезете кога ќе заврши пожарот и затворете ја вратата зад себе.
Огноотпорното ќебеa е лесно достапен „пожарникар“ и идеално е за мали, локализирани пожари, како, на пример, на кујнската рингла или на парче тепих. Едноставно повлечете го ќебето од неговиот уреден држач на ѕидот, раширете го пред себе за да се заштитите од пламенот и ставете го врз огнот. Се разбира, доколку е можно, веднаш исклучете го изворот на топлина ако веќе не сте го направиле тоа.
Огноотпорното ќебе може да спаси живот и ако Ви се запали облеката. Во тој случај, запомнете го ова важно правило: „Запрете, легнете и тркалајте се“. Никогаш немојте да трчате; така само ќе го распалите пламенот. Ако Вие или некој друг може да завитка огноотпорно ќебе околу Вас додека се тркалате, огнот ќе се згаси уште побрзо.
Подобро од противпожарни апарати
Најдобра заштита од пожар е, се разбира, превенцијата; затоа користете здрав разум. Кибрит и запалки чувајте подалеку од децата. Тргнете ги сите материјали што се наоѓаат врз или во близина на шпоретот, кои би можеле да се запалат. Никогаш не гответе додека сте облечени во облека со широки, лелеави ракави кои би можеле да се запалат. Инсталирајте детектори за чад во домот.
Еве уште неколку совети. Никогаш не преоптоварувајте ги електричните приклучоци или продолжените кабли. Никогаш не оставајте масни продукти или масла да се пржат на жешка рингла без ничие присуство. Внимавајте каде ги поставувате собните греалки. Ако во близина на Вашиот дом чувате херметички затворени цилиндри со гас, насочете ги безбедносните вентили — кои се потенцијален извор на пламен — спротивно од зградата. Користете електрични осигурувачи со исправни димензии. Заменете ги оштетените електрични жици.
Дали сте размислувале за домашна противпожарна обука? Со неа навистина можат да се спасат животи. Договорете се семејството да се најде на некое специфично место — некое јасно дефинирано безбедно место кое може лесно да се пронајде и дење и ноќе. Доделете одговорности: Кој ќе им помогне на децата или на инвалидите да се сместат на безбедно? Кој ќе викне противпожарна служба? Да, вежбите спасуваат животи затоа што со нив се увежбува како да се реагира исправно, и тоа станува автоматски и брзо.
Ако се случи најлошото
Не заборавајте, предметите можат да се заменат, но животот не. Не ризикувајте си го животот за да го изгасите пожарот. Меѓутоа, ако е безбедно да тргнете и да го гасите пожарот, правете го тоа од положба која ќе Ви овозможи пристап до некој излез. Но, ако се сомневате дека противпожарниот апарат што го имате не е токму тој што треба или ако се плашите дека пожарот е премногу голем за да се изгаси со него, брзо излезете и јавете се во противпожарната служба.
Исто така, забележете дека луѓето повеќе умираат од чадот, особено од токсичниот чад од синтетичките материи, отколку од пламенот — чадот може да убие за помалку од две минути! Затоа, кога бегате од некоја зграда што е зафатена од пожар, бидете во близина на подот. Таму има помалку чад и воздухот е постуден. Ако е можно, држете мокра крпа преку устата. Пред да поминете низ некоја врата, допрете ја со дланката. Ако е топла, од другата страна има оган; најдете друг излез. И затворајте ги сите врати зад себе додека излегувате. На тој начин се ограничува пристапот на кислород до огнот. Се разбира, лифтовите се апсолутно забранети кога има пожар — би можеле да се заглавите во нив и да се претворат во печка!
Затоа, ако имате намера да набавите средство за противпожарна заштита за Вашиот дом, автомобил или работно место, можеби ќе биде најдобро да подискутирате во врска со тоа со локалната противпожарна служба. Поконкретните детали може да се разликуваат од земја до земја и затоа не беа опфатени во оваа статија.
Во секој случај, следниот пат кога ќе видите некој од овие неми стражари, запрете и подобро запознајте се со него. Можеби еден ден ќе му бидете многу благодарни.
[Фуснота]
a Ако во Вашата земја е вообичаено да се користи огноотпорно ќебе, погрижете се да научите како да го користите исправно. Американското државно здружение за заштита од пожар наведува: „Треба да се нагласи дека . . . огноотпорните ќебиња се од второстепена важност. Тие треба да се користат само ако се во непосредна близина . . . Со неисправна употреба на огноотпорните ќебиња може да се зголеми сериозноста на повредите од чадот и огнот доколку ќебето го насочи чадот кон лицето или ако не се отстрани откако ќе се изгаси пламенот“.
[Графикон/слики на страница 25]
(Види во публикацијата)
ПОЖАР
гориво
топлина
кислород
[Слики]
А КАТЕГОРИЈА
Б КАТЕГОРИЈА
[Извор на слика]
Chubb Fire Safety
[Графикон на страница 26]
(Види во публикацијата)
Ако Ви се запали облеката, немојте да трчате
1. ЗАСТАНЕТЕ
2. ЛЕГНЕТЕ
3. ТРКАЛАЈТЕ СЕ
[Извор на слика]
© Coastal Training Technologies Corp. Репродуцирано со дозвола
[Слика на страница 24]
Постојат многу повеќенаменски домашни противпожарни апарати
[Извор на слика]
Горната илустрација: Препечатено со дозвола од NFPA 10 - 1998, Portable Fire Extinguishers (Рачни противпожарни апарати), Copyright © 1998, National Fire Protection Association, Quincy, Massachusetts 02269. Овој препечатен материјал не е целосен и официјален став на NFPA во врска со темата за која станува збор. Во целост е прикажан само стандардот.