Младите прашуваат . . .
Што има толку лошо во тоа скришно да излегувам од дома?
„Скришно ќе излезевме на полноќ и ќе појдевме во кафулето за да се најдеме со друштвото. Потоа почнавме да се шлаеме околу едно ритче. Сите пушеа, но јас не. Седевме и зборувавме за сѐ и сешто, слушајќи хеви метал музика. Потоа си заминувавме дома некаде околу 5.00 часот, пред да се разбудат родителите“ (Тара).a
„Кога татко ми ќе заминеше на работа а мајка ми ќе заспиеше, скришно ќе излезев од влезната врата. Ја оставав подотворена за да не ме чуе кога ќе ја затворам — вратата беше метална. Цела ноќ се шлаев со моите пријатели. Наутро, кога ќе почнеше да изгрева сонцето, се обидував скришно да се вратам. Понекогаш таа ќе откриеше дека ме нема и ќе ми ја заклучеше вратата“ (Џозеф).
СКРИШНО излегување од дома — звучи возбудливо и забавно. Тоа е шанса сам да го искусиш животот неколку часа, шанса да правиш што сакаш и да бидеш со кого сакаш без да бидеш одговорен пред никого. Освен тоа, веројатно си ги чул твоите врсници како се фалат за тоа што прават и колку се забавуваат кога ноќе скришно ќе излезат од дома. Затоа, можеби си на големо искушение да се обидеш да им се придружиш.
Во една анкета спроведена меѓу 110 средношколци во Северна Америка, 55 признале дека скришно излегле од дома барем еднаш. Повеќето од нив првпат го направиле тоа кога имале 14 години. Овој проблем е толку сериозен што некои стручњаци им препорачале на родителите да инсталираат електронски алармен систем во својот дом за да ги спречат децата да излезат без да се јават. Зошто толку многу млади луѓе ризикуваат да го предизвикаат гневот на своите родители со тоа што скришно излегуваат од дома?
Зошто некои скришно излегуваат
Понекогаш младите скришно излегуваат од дома едноставно затоа што им е здодевно и сакаат да се забавуваат со пријателите. Книгата Adolescents and Youth (Адолесценти и младинци) објаснува дека младите може скришно да излегуваат од дома „заради некое ограничување како, да речеме, рано да се вратат дома навечер или казната што ги спречила да отидат на некој друштвен настан. Младите наоѓаат начин да отидат и понекогаш успеваат да се вратат без да бидат откриени“. Една 16-годишна девојка ги објаснила своите причини зошто скришно излегува. „Се чувствувам како да сум бебе и како да немам свој живот“, вели таа. „Морам да се вратам дома многу порано од другите. Освен тоа, родителите не ми дозволуваат да одам на места каде што одат моите пријатели . . . Затоа, се разбира, јас сепак одам и лажам.“ Џозеф, спомнат во почетокот, почнал скришно да излегува кога имал 14 години и одел на рап концерти, каде што неговите родители му забранувале да оди.
Вистина, повеќето млади не излегуваат скришно од дома затоа што имаат лоши мотиви. Тара, младата девојка цитирана во почетокот, рекла: „Прво нешто во мислите не ни беше ‚Ајде да одиме и да направиме тежок грев‘. Јас едноставно сакав да бидам заедно со сестра ми, а таа сакаше да излегува и да се забавува со пријателите“. Џозеф рекол: „Едноставно се шлаевме. Сакав да си зборувам со пријателите и да бидам заедно со нив“. Но, иако врткањето со пријателите ретко може да води до големи злодела, многу млади сепак запаѓаат во сериозна неволја.
Ризиците
Д-р Лин Е. Понтон, професионалец за ментално здравје, аргументира: „Нормално е тинејџерите да преземаат ризици“. Д-р Понтон понатаму објаснува дека е нормално, а можеби дури и здраво младите да сакаат да станат независни, да испробуваат нови работи, да бидат во нови и интересни ситуации. Тоа е дел од растењето. Но, многу младинци преземаат ризици кои ги надминуваат сите разумни граници — особено кога се далеку од надзорот на своите родители. Списанието Teen вели: „Комбинација од притисок од врсниците, здодевност, вишок на енергија и можеби некој друг катализатор како што е пивото . . . може да ги наведе тинејџерите да преземат погрешен ризик — и да платат со својот живот“. Една анкета наведе некои од овие ризични тинејџерски активности, вклучувајќи пребрзо возење, вандализам, возење во пијана состојба и крадење.
Штом станеш малку непослушен, лесно е да преминеш на посериозни грешки. Точно е она што го рекол Исус во Лука 16:10: „Кој е неправеден во најмалото, неправеден е и во многу“. Затоа, не изненадува тоа што скришното излегување од дома со пријателите може да води до сериозни гревови. Тара извршила неморал. Џозеф почнал да продава дрога, бил уапсен и ставен в затвор. Џон, еден христијански младинец, почнал да се дрогира и да краде коли. За жал, многу млади ги жнеат и физичките последици од таквото однесување — несакана бременост, сексуално преносливи болести или зависност од алкохол или дрога (Галатите 6:7, 8).
Штетата
Далеку полоша од штетата што ќе си ја нанесеш на твоето тело може да биде емоционалната штета. Немирната совест може да причинува голема болка (Псалм 38:3, 4). Џозеф вели: „Една изрека вели дека не знаеш што имаш сѐ додека не го изгубиш. Понекогаш размислувам за минатото и дури не ми се верува дека сум бил толку слеп“.
Не треба да се превиди ниту штетата што би можел да си ја нанесеш на твојот добар глас. Во Проповедник 10:1 пишува: „Пцовисаната мува го засмрдува мирисливото масло, а и малку лудост му ја расипува мудроста и честа на чесниот“. Во старо време, скапоценото мирисливо масло или парфемот можеле да се упропастат од нешто толку ситно како што е мртвата мува. На сличен начин, и твојот тешко стекнат добар глас би можел да се уништи само со „малку лудост“. А ако си христијанин, таквото лошо однесување несомнено ќе те лиши од предности во собранието. Па, како би можел да ги охрабруваш другите да ги следат библиските начела кога тие знаат дека ти самиот не го правиш тоа? (Римјаните 2:1—3).
И на крајот, размисли за болката што ќе ја доживеат твоите родители кога ќе откријат дека те нема. Една мајка зборува за ужасот што го доживеала кога открила дека нејзината 15-годишна ќерка не е дома. Таа вели дека таа и нејзиниот сопруг биле ‚вон од себеси од грижа‘ затоа што не знаеле каде отишла ќерка им. Сакаш ли да им предизвикаш толкава болка и жалост на твоите родители? (Пословици 10:1).
Како да добиеш поголема слобода
Се разбира, можеби си фрустриран ако твоите родители ти изгледаат премногу строги. Но, дали скришното излегување од дома е вистинскиот одговор? Речиси секогаш, на крајот сепак ќе те фатат. Дури и ако си доволно паметен да ги излажеш родителите, Јехова Бог ги гледа твоите постапки, дури и оние што ги правиш под превезот на ноќта (Јов 34:21). Затоа, порано или подоцна ќе бидеш откриен, а тоа веројатно штетно ќе се одрази на довербата што твоите родители претходно ја имале во тебе. Со каков резултат? Ќе изгубиш многу од она што толку многу си го сакал — слободата!
Запомни: За да уживаш слобода, треба да ја стекнеш довербата на твоите родители. А најдобар начин да го направиш тоа е да им бидеш послушен (Ефешаните 6:1—3). Ако сметаш дека твоите родители се неразумни во некој поглед, разговарај со нив отворено — и со почит. Можеби добро ќе размислат за она што имаш да го кажеш. Од друга страна, пак, можеби ќе откриеш дека има добри причини зошто ти поставуваат некои ограничувања. Дури и ако не се согласуваш со нив, никогаш немој да заборавиш дека тие те сакаат и дека ти го мислат најдоброто. Продолжи да ја изградуваш довербата што ја имаат во тебе и во свое време ќе ја добиеш слободата што ја посакуваш.b
„Не оди со нив“
Во старо време, богобојазливите младинци честопати биле доведувани во искушение да им се придружат на своите врсници во дивото однесување. Затоа Соломон ги поттикнал младите: „Сине мој, ако грешниците те мамат, не се согласувај . . . не оди со нив“ (Пословици 1:10, 15). Следи го овој совет кога таканаречените пријатели ќе се обидуваат да те натераат скришно да излегуваш од дома. Понатаму, Соломон опоменува: „Претпазливиот го предвидува злото и се скрива, а неразумните одат напред, и претрпуваат казна“ (Пословици 22:3).
Ако веќе си почнал скришно да излегуваш од дома, престани со тоа! Долгорочно гледано, така само си наштетуваш себеси. Кажи им на твоите родители што си правел и соочи се со секаква казна или ограничувања што ќе ти ги постават. Ако е потребно, избери си нови пријатели — пријатели кои ќе влијаат добро врз тебе (Пословици 13:20). Барај поздрави и понеризични начини да се забавуваш.
Најважно од сѐ, работи на својата духовност читајќи ја Библијата и присуствувајќи на христијанските состаноци. „Како ќе го запази младиот човек чист својот пат?“ прашал псалмистот. Тој одговара: „Чувајќи ги [Божјите] зборови“ (Псалм 119:9). Како што постепено ќе донесуваш одлуки да го правиш она што е исправно, ќе заклучиш дека, иако скришното излегување од дома можеби е забавно и возбудливо, едноставно не е вредно за ризиците што ги носи со себе.
[Фусноти]
a Имињата се променети.
b За информации во врска со тоа како да стекнеш поголема слобода, види го 3. поглавје од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Истакната мисла на страница 17]
„Родителите не ми дозволуваат да одам на места каде што одат моите пријатели . . . јас сепак одам и лажам“
[Слика на страница 16]
Скришното излегување од дома честопати води до сериозни проблеми