Младите прашуваат . . .
Дали Бог ќе ги чуе моите молитви?
„Се молам за сѐ затоа што Јехова е мој пријател и знам дека ќе ми помогне ако имам некој проблем“ (Андреа).
МЛАДАТА Андреа е уверена дека Бог ги слуша нејзините молитви. Но, во тоа не се уверени сите млади. Некои го чувствуваат Бог премногу далечен за да му се обратат. Можеби дури и се прашуваат дали Бог толку се грижи за нив за да му се молат.
Во што лежи тајната на молитвата? Едноставно речено, во вистинското пријателство со Бог. Псалмистот се молел: „Во Тебе се надеваат оние, кои го знаат Твоето Име“ (Псалм 9:10). Како е со тебе? Дали доволно добро го познаваш Бог за да му се довериш во своите молитви? Пред да продолжиш да читаш, те молиме обиди се да одговориш на прашањата во рамката со наслов „Колку добро го познаваш Бог?“ Колку прашања можеш да одговориш?
КОЛКУ ДОБРО ГО ПОЗНАВАШ БОГ? Одговорите се на 30. страница
1. Како гласи Божјето име и какво е неговото значење?
2. Што открива Библијата, кои се четирите главни особини на Бог?
3. Кој бил Божјиот најголем израз на љубов кон човештвото?
4. Како можеме да уживаме пријателство со Бог?
5. Каков став е исправно да имаме кога се молиме?
Можеш ли да одговориш барем на некои од овие прашања сега, пред да ја прочиташ целата статија? Во тој случај, ти веќе знаеш за Бог повеќе отколку што знаат повеќето луѓе. Но, можеби твоите одговори откриваат потреба да научиш нешто повеќе за него, поблиску да го запознаеш (Јован 17:3). За таа цел, разгледај барем неколку работи што ги учиме од Библијата за ‚Слушачот на молитвата‘ (Псалм 65:2, NW).
Бог е вистинска личност
Прво, Библијата ни помага да сфатиме дека Бог не е некаква безлична сила. Тој е личност со свое лично име, Јехова (Осија 12:5, СП). На хебрејски јазик тоа име значи „Тој предизвикува да стане“. Тој може да стане сѐ што треба за да ја исполни својата намера. Некаква безлична енергија не би можела да го направи тоа! Затоа, кога се молиш, можеш да бидеш уверен дека не ѝ зборуваш на некоја апстрактна сила ниту, пак, зборуваш во воздух. Ѝ зборуваш на личност, на оној што може да ги чуе и да одговори на твоите молитви (Ефешаните 3:20).
Младата Дајана вели: „Знам дека, каде и да сум, Јехова ќе ме чуе“. За да се увериш во тоа, Бог мора да ти биде реален! „Оној кој му пристапува на Бог мора да верува дека тој постои“, вели Библијата (Евреите 11:6).
Извор на мудрост и моќ
Бог навистина може да ни помогне затоа што има моќ што влева страхопочит. Оваа моќ е неограничена, како што се гледа од обемот и сложеноста на материјалниот универзум. Библијата вели дека Јехова го знае името на секоја ѕвезда — иако постојат безброј милијарди ѕвезди! Освен тоа, тој е извор на сета енергија што ја содржат тие ѕвезди (Исаија 40:25, 26). Зарем ова не е неверојатно? Па сепак, колку и да се фрапантни овие факти, Библијата вели дека „тие се само мали траги од неговата моќ“! (Јов 26:14, Today’s English Version).
Размисли и за Јеховината неограничена мудрост. Библијата вели дека неговите мисли се многу „длабоки“ (Псалм 92:5). Тој го создал човештвото и затоа нѐ разбира подобро отколку што можеме да се разбереме самите ние (Псалм 100:3). Бидејќи постои „од век до век“, тој има неограничено искуство (Псалм 90:1, 2). Не постои нешто што тој не може да го разбере (Исаија 40:13, 14).
На кој начин Јехова ја користи сета таа моќ и мудрост? Во 2. Летописи 16:9 стои: „Господ гледа со своите очи по целата земја, за да се охрабрат оние на кои срцето им е искрено кон Него“. Едноставно не постои проблем што би можел да го имаш а Бог да не може да го реши или да ти помогне да се справиш со него. Младата Кајла се сеќава: „Неодамна, кога моето семејство и јас доживувавме некои тешки моменти, му се молев на Јехова и мислам дека тој ни помогна да ги надминеме околностите, проблемите и чувствата што инаку ќе беа неподносливи“. Кога зборуваш со Бог, одиш кај изворот на мудроста. Тоа е најдоброто што можеш да го сториш!
Бог на правда и љубов
Но, од каде знаеш дека Бог сака да ти помогне? Затоа што Јехова не одлучил да се открие себеси само по својата неизмерна моќ или длабока мудрост ниту, пак, по својата непоколеблива правда. Наместо тоа, Јехова првенствено е познат по својата особина љубов. „Бог е љубов“, пишува во 1. Јованово 4:8. Заради таа голема љубов молитвата има толкава моќ. Најголемиот израз на неговата љубов бил тоа што го дал својот Син како откупна жртва за да можеме да уживаме вечен живот (Јован 3:16; 1. Јованово 4:9, 10).
Бидејќи Бог е љубов, не мора да се плашиш дека ќе те игнорира или дека ќе постапува неправедно со тебе. „Сите негови патишта се правда“, пишува во Второзаконие 32:4 (NW). Божјата љубов кон тебе е гаранција дека ќе те чуе. Заради ова е безбедно да му ги искажеме на Бог нашите најлични мисли и чувства (Филипјаните 4:6, 7).
Пријателство со Бог
Всушност, Јехова нѐ повикува да зборуваме со него. Тој не сака да ни биде туѓинец. Напротив, во текот на човечката историја, Јехова ги повикувал луѓето да му бидат пријатели. Меѓу оние што уживале пријателство со Бог, кои биле допадливи на неговото срце, имало мажи и жени, млади и стари. Некои од нив биле луѓе како што се Авраам, цар Давид и Марија, Исусовата мајка (Исаија 41:8; Лука 1:26—38; Дела 13:22).
И ти можеш да бидеш Јеховин пријател. Се разбира, таквото пријателство не значи дека Бог треба да го сметаш за некаков дух што можеш да го повикаш само кога имаш некоја желба или проблем. Нашите молитви не смеат да се сосредоточуваат само на нашите потреби. Ако го сакаме Божјето пријателство, треба да сме заинтересирани за неговата волја — а не само за нашата — и мора да ја извршуваме Божјата волја (Матеј 7:21). Затоа, Исус ги поучил своите ученици да ги сосредоточуваат своите молитви на работите што му се важни на Бог. Тој рекол: „Молете се вака: ‚Татко наш, кој си на небесата, нека се свети името твое. Нека дојде царството твое. Нека биде волјата твоја, како на небото така и на земјата‘“ (Матеј 6:9, 10). Исто така, нашите молитви треба да изобилуваат со фалба и благодарност за Бог! (Псалм 56:12; 150:6).
Меѓутоа, никогаш не треба да мислиме дека нашите потреби или грижи се премногу ситни или безначајни за да се молиме за нив. „Иако се обидувам да бидам отворен со него“, вели Стив, „понекогаш мислам дека не треба да го мачам Бог со некои световни работи.“ Кога ќе ти се јават такви чувства, обиди се да се сетиш што ги поучил Исус своите ученици: „Зарем не се продаваат пет врапчиња за две парички од мала вредност? Па сепак, ниедно од нив не е заборавено пред Бог . . . Не плашете се; вие вредите повеќе од многу врапчиња“ (Лука 12:6, 7). Зарем тоа не нѐ успокојува?
Затоа, лесно е да увидиш дека, колку повеќе знаеш за Јехова, толку повеќе ќе бидеш поттикнат да му се обратиш во молитва и да имаш поголема доверба дека Јехова може да ти помогне и ќе ти помогне. Според тоа, каков умствен став треба да имаш кога му се обраќаш на Бог во молитва? Треба да бидеш полн со почит, понизен и несебичен. Зарем мислиш дека некој висок функционер на земјата би те сослушал ако побараш нешто со гордост и без никаква почит? Затоа, не треба да се изненадиш што и Јехова очекува да го почитуваш него и неговите мерила пред да одговори на твоите молитви (Пословици 15:29).
Илјадници богобојазливи младинци научиле да му го излеваат своето срце на Бог (Псалм 62:8). „Кога Јехова одговара на моите молитви“, вели Брет, „тоа ме охрабрува дека тој сѐ уште е мој пријател.“ А како е со тебе? Како можеш да стекнеш исто такво пријателство со Бог? Двајца млади христијани ги дале следниве коментари:
Рејчел: „За да бидам поблиска со Јехова, чувствувам потреба подлабоко да ја проучувам неговата Реч и се обидувам да развијам копнеж по такво проучување“ (1. Петрово 2:2).
Џени: „Мислам дека колку повеќе си зафатен во неговата служба, толку поблизок го чувствуваш Јехова“ (Јаков 4:8).
Дали некогаш си се запрашал колкава корист може да произлезе од молитвата? Една млада христијанка вели: „Би се чувствувала поблиску до Бог кога би ми зборувал или кога би ми испратил порака“. Бидејќи не можеме да го чуеме Јехова кога одговара на нашите молитви, како ни помага молитвата? За ова ќе дискутираме во следното издание.
[Рамка на страница 30]
Одговор на прашањата од 28. страница
1. Јехова. Тоа значи „Тој предизвикува да стане“.
2. Љубов, моќ, правда и мудрост.
3. Тој го испратил својот единороден Син, Исус, да умре за нас.
4. Со тоа што нема да бидеме загрижени само за нашите лични потреби туку ќе покажуваме интерес за Божјата волја и ја извршуваме.
5. Треба да бидеме понизни, полни со почит и несебични.
[Слики на страница 29]
Проучувањето на Библијата и учењето од творештвото ќе ти помогне подобро да го запознаеш Бог