Младите прашуваат . . .
Како да престанам толку да се грижам?
„Една од најстресните работи за еден млад човек може да биде иднината. Загрижен си за себе. Дали да заминам од дома? Да одам на училиште? Да почнам со полновремена служба? Да се оженам? Има толку многу одлуки што те фаќа страв“ (Шејн, 20 години).
ДАЛИ многу се грижиш? Ова е случај со многу млади, а причините се различни. Еден билтен издаден да послужи како водич за родителите, известил: „Една неодамнешна светска анкета на тинејџери на возраст од 15 до 18 години во 41 земја откри дека на денешните тинејџери главна преокупација им е да најдат добра работа“. Следела грижата за здравјето на нивните родители. Високо на списокот котирал и стравот дека ќе изгубат некој сакан.
Една анкета на Американското министерство за образование открила дека „притисокот да се добијат добри оценки“ бил главна преокупација на многу млади луѓе во Соединетите Држави. Истата анкета открила дека многу млади го мислат истото што и Шејн (цитиран во почетокот). Друга младинка, Ешли, вели: „Загрижена сум за мојата иднина“.
Други млади се загрижени за својата безбедност. Според една анкета од 1996, речиси 50 проценти од младите во Соединетите Држави сметале дека во нивното училиште има сѐ поголемо насилство. Повеќе од осум милиони тинејџери (37 проценти) известиле дека познаваат некого во кого било пукано!
Но, не се толку мрачни сите грижи. За многу млади нивната најголема грижа е поврзана со нивниот друштвен живот. Едно списание на Интернет, наменето за родителите, вели: „Тинејџерите се грижат дали ќе имаат момче или девојка, но почесто се грижат за тоа да не останат без пријатели“. Една тинејџерка по име Меган се жали: „Како да изгледаш и да постапуваш ‚кул‘? Потребни ми се пријатели“. Исто така, 15-годишниот христијанин Натаниел забележува: „Младите на училиште се грижат за стилот. Се грижат за тоа како одат, како зборуваат и како им изгледаат на другите. Се плашат да не изгледаат глупаво“.
Проблемите — дел од животот
Би било убаво кога би можеле да имаме безгрижен живот. Меѓутоа, Библијата вели: „Човек кого жена го родила е кусовечен и полн со неволји“ (Јов 14:1). Затоа, проблемите — и грижите што доаѓаат со нив — се дел од животот. Но, ако дозволиш грижите да доминираат со твоето размислување, можеш многу да си наштетиш. Библијата опоменува: „Грижата во срцето го притиска човекот“ (Пословици 12:25).
Еден начин да се избегне непотребна грижа е да го контролираш своето однесување. Шеснаесетгодишната Ана вели: „Многу девојки од мојот клас се загрижени да не останат трудни или да не добијат некоја сексуално пренослива болест“. Но, ти можеш да ги избегнеш таквите грижи придржувајќи се за библиските морални мерила (Галатите 6:7). Па сепак, можеби нема сите твои проблеми да бидат толку очигледни или лесно решени. Како можеш да престанеш толку да се грижиш?
„Мудро грижи се“
Многу луѓе дозволуваат грижата да ги парализира. Но, една статија што излезе во едно тинејџерско списание предложи човек „мудро да се грижи“ претворајќи ја грижата во конструктивна акција! Библијата има многу начела што можат да ти помогнат во тоа. Размисли за Пословици 21:5: „Замислите на трудољубивиот се стремат кон изобилство“. Да речеме, на пример, дека сакаш да повикаш на гости пријатели од собранието. Доброто планирање може да те поштеди од многу грижи. Запрашај се: ‚Кого точно ќе го поканам? Кога сакам да пристигнат? Кога сакам да си заминат? Во колкава мера ќе ми треба нешто за освежување? Кои се некои забавни работи во кои сите можат да уживаат?‘ Колку повеќе размислуваш за работите, толку поголема е веројатноста да си поминете убаво на собирот.
Меѓутоа, можеш да си создадеш грижи ако дозволиш работите да станат прекомплицирани. Исус Христос ѝ го дал следниов совет на една жена која се грижела повеќе отколку што било потребно за да го пречека својот гостин: „Потребни се малку [работи], или само една“ (Лука 10:42). Затоа, запрашај се: ‚Што е навистина важно за да биде успешен овој собир?‘ Ако останеш при едноставното, твојата грижа ќе биде помала.
Друг извор на грижа би можела да биде безбедноста на училиште. Можеби не можеш да сториш многу за да ја промениш ситуацијата во училиштето. Но, можеш да преземеш практични чекори за да се заштитиш. „Претпазливиот го предвидува злото и се скрива“, пишува во Пословици 22:3. Избегнувањето опасни места — не само изолираните места туку и ненадгледуваните места каде што обично се собираат бунтовници — може да ги намали шансите да западнеш во неволја.
Учењето може да биде уште еден извор на загриженост. Можеби имаш неколку важни домашни задачи и се грижиш дали ќе успееш сите да ги завршиш на време. Ќе ти помогне начелото од Филипјаните 1:10: ‚Увери се во поважните работи‘. Да, научи да си поставуваш приоритети! Одреди која задача е најитна и заврши ја прво неа. Потоа премини на следната. Малку по малку ќе почнеш да чувствуваш дека ја држиш ситуацијата под контрола.
Побарај совет
Кога Арон бил млад, толку многу се грижел дали ќе ги положи завршните испити што чувствувал болки во градите. Тој раскажува: „Разговарав со моите родители и појдовме на лекар. Тој веднаш сфати дека немам никакви проблеми со срцето и ми објасни како грижата може да се одрази врз организмот. Подоцна родителите ми помогнаа да сфатам дека сторив сѐ што можев во спремањето на тестовите и дека сега повеќе треба да се грижам за себе. Ми стана полесно и болката во градите исчезна, и поминав добро на тестовите“.
Ако се чувствуваш притиснат од грижа, не страдај сам. Стихот од Пословици 12:25, делумно цитиран претходно, во целост гласи вака: „Грижата во срцето го притиска човекот, а добриот збор го весели“. Само ако зборуваш за твојата ‚грижа‘, ќе чуеш ‚добар збор‘ на охрабрување!
Прво, можеби ќе сакаш да разговараш за сѐ со своите родители; можеби тие ќе имаат некои предлози. Духовно зрелите лица во локалното христијанско собрание се уште еден извор на поддршка. Петнаесетгодишната Џанел раскажува: „Се грижев во врска со поаѓањето во средно училиште, се плашев да се соочам со сѐ — дрога, секс, насилство — сѐ додека не разговарав со еден собраниски старешина. Тој ми даде многу практични предлози. Веднаш ми беше подобро затоа што сфатив дека можам да се справам со таа ситуација“.
Не одложувај
Понекогаш треба да направиме нешто, но го одложуваме затоа што не ни е пријатно. На пример, 19-годишната Шевон имала несогласување со некој сохристијанин. Таа знаела дека мора отворено да разговара за тоа, но одложувала. „Колку повеќе одложував, толку повеќе се вознемирував“, признава. Потоа Шевон си спомнала за Исусовите зборови од Матеј 5:23, 24, кои ги поттикнуваат христијаните веднаш да ги решаваат таквите проблеми. „Кога конечно го сторив тоа“, раскажува Шевон, „ми олесна.“
Дали одложуваш нешто — некоја непријатна задача или некое непријатно соочување? Па, среди го тоа што поскоро и ќе треба да се грижиш за една работа помалку.
Сериозни ситуации
Не се решаваат толку лесно сите ситуации. Размисли за младиот Абдур. Мајка му има рак и тој мора да ја издржува и неа и својот помлад брат. Се разбира, Абдур е загрижен за состојбата на мајка си. Но, тој вели: „Се потсетувам на Исусовите зборови: ‚Кој од вас, со тоа што тегобно се грижи, може да му додаде еден лакот на својот животен век?‘ Наместо да се истоштувам, се обидувам да размислувам за ситуацијата и да одлучам што ќе биде најдобро да направам“ (Матеј 6:27).
Не е лесно да останеш смирен во криза. Некои толку се растревожуваат што се запоставуваат и не сакаат да јадат. Меѓутоа, книгата Helping Your Teenager Deal With Stress (Помогнете му на својот тинејџер да се справи со стресот) предупредува дека, кога се лишувате од основната исхрана, „уште помалку можете да го издржите стресот и станувате уште поподложни на тешки здравствени кризи“. Затоа, чувај го своето физичко здравје. Доволно одморај се и јади.
Најголемо олеснување ќе почувствуваш ако го следиш библискиот совет: „Довери Му ја на Господа сета своја грижа и Тој ќе те поткрепи: не ќе остави никогаш да се сопне праведникот“ (Псалм 55:22). Шејн, цитиран во почетокот, бил тегобно загрижен за својата иднина. „Почнав повеќе да се концентирам на Божјата реч и неговата намера“, раскажува тој. Наскоро сфатил дека неговата иднина ќе биде среќна ако го користи својот живот за да му служи на Бог (Откровение 4:11). „Престанав да се грижам за себе“, вели Шејн. „Имав да размислувам за нешто поважно.“
Затоа, кога премногу ќе се загрижиш за нешто, барај конструктивни начини да се справиш со проблемот. Побарај зрел совет. Пред сѐ, искажи му ги своите грижи на Јехова ‚зашто тој се грижи за тебе‘ (1. Пет. 5:7). Со негова помош можеби ќе престанеш да се грижиш толку многу.
[Слика на страница 13]
Разговарај за своите грижи со родителите
[Слика на страница 14]
Колку побрзо ги решаваш проблемите, толку побрзо ќе престанеш да се грижиш