Чудесната дагња ги открива своите тајни
КОЈ создава водоотпорен суперлепак, има улога на правосмукалка, па дури и ги поучува научниците како да се поправат гените? Скромната мала школка позната како дагња!
Дагњите ги има во целиот свет. Некои живеат во морето. Други ги населуваат слатководните реки и езера. Во нивната черупка со два капака е сместено меко тело покриено со кожест орган наречен мантија. Како што е случај со сите мекотели, мантијата ја создава черупката комбинирајќи калциум и јаглерод диоксид, кои се добиваат од храната што ја прима ова суштество и од околната вода. За да го направиме истото, ние луѓето ќе мора да јадеме парчиња карпа, да ги преработиме во нас и потоа да ги ослободиме како фабрички изработени градежни материјали што автоматски прават ѕидови и покриви! Но, черупката не е тоа што ги возбудува истражувачите туку стапалото на оваа морска дагња.
Суперлепакот на дагњата
Обидете се да ја извлечете дагњата од некоја карпа и ќе откриете колку неверојатно цврст стисок има таа — што е неопходно за да може да пружи отпор на остриот клун на некоја гладна морска птица или на немирните морски бранови. Како успева да се прилепи толку цврсто? Кога ќе избере место за живеење, го вади од черупката своето стапало што потсетува на јазик и го притиснува врз некоја тврда површина. Специјални жлезди лачат течна смеса од протеини во браздата што минува по должината на стапалото. Оваа течност брзо се стврднува во еден многу тенок, еластичен конец со должина од околу 2 сантиметри. Потоа, една ситна перничеста структура на крајот на овој конец шприцнува сосема мала количина природно лепило, дагњата го крева своето стапало и јажето на котвата број еден е готово. Овие стратешки поставени конци формираат едно снопче наречено бисус, кое ја прицврстува дагњата за нејзиниот нов дом, многу слично како што јажињата го држат шаторот. Целата процедура трае само три до четири минути. (Видете го дијаграмот.)
Замислете си како би било да имате многу јак лепак што не е токсичен и што е толку еластичен што може да влезе во најситните места и пукнатини, залепувајќи се за секоја површина, па дури и под вода. Бродоградителите со радост би го прифатиле за да ги поправаат бродовите без скапата процедура на сушење на бродовите на докот. Оние што поправаат каросерија би сакале навистина водоотпорна боја што не предизвикува корозија. Хирурзите би ценеле безбедно лепило за да ги состават скршените коски и да ги затворат раните. Стоматолозите би можеле да ги пополнуваат дупките во забите и да ги поправаат скршените заби со него. Списокот на можни примени изгледа бесконечен.
Меѓутоа, научниците не размислуваат да ги користат самите дагњи во производството на овој суперлепак. Би биле потребни околу 10.000 школки за да се добие само еден грам лепак. Според тоа, ако се соберат доволно дагњи за да се задоволи светската побарувачка за суперлепак, би се уништила популацијата на дагњи, од кои многу сорти веќе се загрозени. Наместо тоа, американските истражувачи ги издвоиле и ги клонирале гените на пет протеини на дагњата што учествуваат во создавањето на лепилото и во секој момент треба да почнат со масовно производство во лабораторија за да можат да се прават индустриски проби. И британските научници вршат истражувања врз еден од протеините што учествуваат во создавањето лепило. Меѓутоа, дагњата сепак е еден чекор пред нив. Само таа инстинктивно ја знае точната комбинација на протеини што се потребни за секоја различна површина. Молекуларниот биолог Франк Роберто восхитено запрашал: „Зарем ќе успеете некогаш да го направите истото?“
Во улога на правосмукалка
Дагњите вршат и улога на филтер. Кај повеќето сорти, секоја дагња дневно внесува во телото по неколку литри вода и филтрира не само храна и кислород туку и загадувачи како што се штетните бактерии и токсичните хемикалии. Заради оваа способност дагњите се извонредни прочистувачи на водата. Исто така, тие се згоден алармен детектор за контаминација на водата. На пример, поставени се стотици дагњи во водите околу нафтеното поле Екофиск, покрај брегот на Норвешка. Откако ќе поминат неколку месеци научниците ги вадат и го мерат количеството на загадувачи во нивните черупки за да видат дали хемикалиите што се ослободени во морето му наштетуваат на морскиот свет. Од 1986, дагњите и остригите се користат во Проектот за набљудување на дагњите, кој се спроведува во крајбрежните и копнените води низ Северна Америка. Истражувачите стекнуваат добар увид во секакви промени на квалитетот на водата со тоа што секоја година проверуваат дали во школките се наталожиле хемикалии. Колку корисно!
Една слатководна сорта, зебрастата дагња со пруги, честопати се смета за штетник. Овој староседелец од источна Европа, голем колку еден нокт, веројатно бил случајно донесен во Северна Америка во средината на 1980-тите, кога еден трансатлантски брод го испуштал својот баласт. Далеку од своите природни непријатели, зебрастата дагња брзо се размножила во Големите Езера и околните водни површини, предизвикувајќи штета од милиони долари зачепувајќи ги водоводните цевки и прекривајќи ги бродовите, столбовите и мостовите. Исто така, таа истиснала и некои домашни сорти дагњи.
Меѓутоа, во сето тоа има и една добра страна. Бидејќи зебрастата дагња е првокласен филтер, брзо ги прочистува матните води лакомо јадејќи ги алгите што пливаат. Тогаш подводните зелени растенија повторно можат да цветаат и да обезбедат дом за другите езерски жители. Научниците моментално размислуваат за идејата да ја користат вештината за филтрирање што ја има дагњата за да ги филтрираат штетните бактерии од јавните водни извори, па дури и да ги отстранат отпадоците од фабриките за преработка на отпадни води.
Други вештини
Дали сте знаеле дека извесни слатководни дагњи создаваат природни бисери, при што некои од нив се многу скапоцени? Ако некогаш сте носеле накит со седеф или, пак, сте користеле бисерни копчиња, сосема веројатно и тие биле добиени од дагњи. Сјајниот седеф што ги има боите на виножитото доаѓа од внатрешниот слој на нивната черупка и честопати се користи во индустријата за производство на вештачки бисери. Некое многу мало зрно седеф, отсечено од черупката на дагњата, се става во една острига. Вака надразнета, остригата почнува да го обложува предметот што ја иритира со слоеви седеф, и на крајот се добива бисер.
Се разбира, некои морски дагњи дури ни служат и за исхрана! Со векови луѓето уживале да го јадат вкусното, хранливо месо на дагњата подготвено на различни начини. Во француските домови можете да пробате moules marinière, т.е. дагњи зготвени во смеса од бело вино и кромидче. Шпанците повеќе ги сакаат во колористичното јадење паела, додека Белгијците ги служат во големо тенџере заедно со помфрит. Одгледувањето дагњи за комерцијални цели е голем бизнис во светот, иако во некои европски земји сѐ уште функционираат семејни претпријатија. Едно предупредување: Ако планирате да ја пробате оваа вкусна храна, проверете дали школките доаѓаат од сигурен извор и никогаш не собирајте ги сами од плажа освен ако не сте сосема сигурни дека водата не е загадена.
Кој знае кои други тајни ќе ги открие дагњата? Се смета дека некои од овие суштества живеат подолго од еден век! Дагњата има малечко срце што пумпа проѕирна крв, но нема мозок. Според тоа, како успева дагњата да ги направи чудесните работи што ги опишавме претходно? Библијата дава одговор: „Земните гуштери ќе ти го протолкуваат тоа, рибите во морето ќе ти раскажат. Од создавањето на светот, кој од нив не знае, дека Божјата рака го создаде сѐ тоа“ (Јов 12:8, 9).
[Рамка/слика на страница 28]
Поправка на гените
Дагњата Bathymodiolus живее во едно од најнегостољубивите места на Земјата, Средноатлантскиот гребен, каде што вентилите жешка вода исфрлаат во височина токсични хемикалии што постојано го оштетуваат генетичкиот состав на ова суштество. Сепак, специјални ензими ѝ овозможуваат на оваа дагња постојано да ја поправа својата ДНК. Научниците ги проучуваат овие ензими со надеж дека ќе откријат како да ја поправат човечката ДНК што се оштетува од болести или од старост.
[Графикон/слика на страница 27]
(Види во публикацијата)
Метода на закотвување што ја користат многу дагњи
стапало
дршка
конци од бисус
конец
слој
[Слика на страница 26]
Дагњите се одлични прочистувачи на водата
[Извор на слика]
Ontario Ministry of Natural Resources/Michigan Sea Grant
[Слики на страница 27]
азиска зелена дагња
сина дагња
зебраста дагња
калифорниска дагња
Villosa iris
(Дагњите не се прикажани во природна големина)
[Извори на слики]
Азиска зелена дагња: Со љубезна дозвола на Mote Marine Laboratory; зебраста дагња: S. van Mechelen/University of Amsterdam/Michigan Sea Grant; villosa iris и долу лево: © M. C. Barnhart
[Слика на страница 28]
Паелата, колористично шпанско јадење, честопати содржи дагњи