Гледиште на Библијата
Колку е толерантен Бог?
„БОГ, ИАКО САКАЛ ДА ГО ПОКАЖЕ СВОЈОТ ГНЕВ И ДА ЈА РАЗГЛАСИ СВОЈАТА МОЌ, СО ГОЛЕМА ДОЛГОТРПЕЛИВОСТ ГИ ПОДНЕСУВАЛ САДОВИТЕ НА ГНЕВОТ КОИ СЕ НАПРАВЕНИ ПОГОДНИ ЗА УНИШТУВАЊЕ“ (РИМЈАНИТЕ 9:22).
ВО ТЕКОТ на историјата, Бог поднесувал голема пакост и голема злоба. Пред повеќе од 3.000 години, Јов се жалел: „Зошто нечесните остануваат во живот и колку се постари, толку посилни стануваат? Нивните деца напредуваат со нив, а нивните внуци се множат пред нивните очи. Никаков страв не ги мори нивните куќи и Божјата прачка ги остава на мир“ (Јов 21:7—9). Други луѓе што ја сакале правдата, како што бил пророкот Еремија, исто така покажале загриженост за тоа што Бог навидум ги толерирал лошите луѓе (Еремија 12:1, 2).
Што мислите Вие? Дали Ве збунува тоа што Бог го допушта злото? Дали понекогаш мислите дека Бог треба да побрза и веднаш да ги уништи сите злобни луѓе? Да разгледаме што вели Библијата за границите на Божјата толеранција и причините за неа.
Зошто Бог е толерантен
Прво, мора да прашаме: ‚Зошто Бог, кој има највисоки мерила за праведност, воопшто го толерира лошото?‘ (Второзаконие 32:4; Хабакук 1:13). Дали тоа значи дека тој го одобрува злото? Никако! Размислете за следнава илустрација: Да претпоставиме дека некој хирург ги прекршува основните принципи на хигиената и неговите пациенти трпат голема болка. Кога би работел во болница, зарем не би бил отпуштен веднаш? Но, има некои околности во кои ќе биде потребна невообичаена толеранција. Во многу итен случај, можеби на бојно поле, на пример, зарем нема да биде потребно да се толерира хирурзите да работат во примитивни и опасни услови, можеби дури и користејќи опрема и хируршки инструменти што нормално би се сметале за неадекватни?
На сличен начин, денес Бог трпеливо толерира многу работи што ги смета за сосема неприфатливи. Иако го мрази злото, привремено допушта да трае. Постојат добри причини за тоа. Како прво, тоа остава време еднаш засекогаш да се решат важните спорни прашања покренати со Сатановата побуна во градината Еден. Во центарот на тие спорни прашања се исправноста и законитоста на Божјиот начин на владеење. Исто така, неговото стрпливо поднесување на лошото дава време и прилика да се променат оние што прават лошо.
Милостив, стрплив Бог
Нашите прародители, Адам и Ева, му се придружиле на Сатана во побуната против Бог. Бог со право можел да ги уништи на лице место. Наместо тоа, покажал милост и стрпливост и со љубов им дозволил да имаат деца. Но, тие деца, како и целата човечка фамилија што потекнала од нив, биле родени во грешна состојба (Римјаните 5:12; 8:20—22).
Бог имал намера да го спаси човекот од неговата жалосна состојба (Битие 3:15). Но, во меѓувреме, заради тоа што разбира како влијае врз нас несовршенството наследено од Адам, тој покажува огромна стрпливост и милост (Псалм 51:5; 103:13, NW). Тој е „полн со љубов“ и спремен и подготвен да го „умножи опростувањето“ (Псалм 86:5, 15; Исаија 55:6, 7).
Границите на Божјата толеранција
Меѓутоа, не би било знак на љубов ниту разумно од Божја страна ако дозволи лошото да трае засекогаш. Ниеден татко полн со љубов нема бескрајно да ги толерира лошите постапки на едно од неговите деца кое постојано намерно им нанесува голема болка на другите членови на семејството. Значи, Божјата стрпливост во толерирањето на гревот секогаш ќе биде урамнотежена со други особини како што се љубовта, мудроста и правдата (Излез 34:6, 7). Штом се постигне целта што стои зад долготрпеливоста, неговото толерирање на злото ќе престане (Римјаните 9:22).
Апостол Павле јасно ни го покажува ова. Во една прилика рекол: „Во минатите генерации [Бог] дозволи сите нации да одат по своите патишта“ (Дела 14:16). Во една друга прилика Павле зборувал за тоа како ‚Бог не гледал на времињата на таквото незнаење‘ од страна на луѓето што не ги слушале неговите закони и начела. „Сега“, продолжил Павле, „[Бог] му кажува на човештвото, сите насекаде да се покаат.“ Зошто? „Зашто определил ден во кој има намера да ѝ суди на целата населена земја во праведност“ (Дела 17:30, 31).
Извлечи корист сега од Божјата толеранција
Според тоа, јасно е дека никој не треба да смета дека може да ги игнорира Божјите закони а потоа ноншалантно да го моли Бог да му прости кога ќе сака да ги избегне последиците од своите постапки (Исус Навин 24:19). Мнозина во древниот Израел мислеле дека ќе можат да постапат така. Не сакале да се променат. Тие ја промашиле целта на Божјата толеранција и стрпливост. Бог не ја толерирал засекогаш нивната злоба (Исаија 1:16—20).
Библијата покажува дека, за да го избегнеме Божјиот последен суд мораме да се ‚покаеме‘ — т.е. покајнички да ја признаеме својата несовршена и грешна состојба пред Бог и потоа навистина да се одвратиме од лошото (Дела 3:19—21). Потоа, на темел на Христовата откупна жртва, Јехова Бог ќе ни прости (Дела 2:38; Ефешаните 1:6, 7). Во свое време Бог ќе ги отстрани сите жалосни последици од адамскиот грев. Ќе има „ново небо и нова земја“ каде што повеќе нема да ја толерира „присутноста . . . на работите што плачат да бидат уништени“ (Откровение 21:1—5; Римјаните 9:22, Phillips). Колку прекрасен резултат од Божјата извонредна, но не и неограничена толеранција!
[Слика на страница 30]
Бог допуштил Адам и Ева да имаат потомство