Да пронајдат место што ќе го наречат свој дом
„Дури и да е најскромното место на светот, нигде нема како дома“ (Џон Хауард Пејн).
ПРВО дојде војната, војна што немаше крај. Потоа дојде сушата, суша што не сакаше да попушти. Веднаш по сушата дојде гладот. А луѓето го направија единственото што можеа — ги напуштија своите домови во потрага по вода, храна и работа.
Илјадници пристигнуваа на граничниот премин. Но, во последниве години соседната земја веќе примила еден милион бегалци и не сакала да прими уште. Граничната полиција со пендреци се погрижила никој да не помине.
Еден локален службеник од службата за имиграција грубо ги опишал причините за запирање на овој сѐ поголем бран на бегалци. „Тие не плаќаат даноци. Ги уништуваат патиштата. Ги сечат дрвјата. Ја трошат сета вода. Не, не сакаме да ни дојдат уште.“a
Ваквите трагични сцени стануваат сѐ повообичаени. Раселените луѓе утврдуваат дека е сѐ потешко да најдат место што ќе можат да го наречат свој дом. „Со зголемувањето на бројот на луѓето што бараат заштита, се зголеми и неспремноста на државите да ја дадат таа заштита“, објаснил еден понов извештај на Амнести Интернешенел.
Оние што имаат среќа и успеваат да дојдат до некој камп за бегалци, можеби ќе најдат некаква сигурност, но ретко се чувствуваат како дома. А условите во кампот можеби воопшто не се идеални.
Животот во камповите за бегалци
„Можеби [дома] ќе умрете од куршум, но овде [во кампот за бегалци] децата ќе Ви умрат од глад“, се жалел еден бегалец од Африка. Како што утврдил овој очаен татко, во многу кампови постојано има недостиг на храна и вода, како и недоволна хигиена и соодветен кров над глава. Причините се едноставни. Неразвиените земји што одеднаш ќе се најдат преплавени со илјадници бегалци можеби и онака едвај успеваат да го прехранат сопственото население. Не можат многу да им помогнат на толпите луѓе што одеднаш ќе се појават на нивниот праг. А побогатите држави, соочени со своите сопствени проблеми, можеби не се спремни да помогнат во издршката на многуте бегалци во другите земји.
Кога преку два милиона луѓе избегале од една африканска земја во 1994, било неизбежно да нема вода и соодветни санитарни услови во набрзина изградените кампови за бегалци. Како резултат на тоа, пред да се доведе под контрола, колерата убила илјадници луѓе. Работите станале уште полоши кога вооружените борци дошле меѓу цивилните бегалци и брзо ја презеле контролата врз дистрибуцијата на средствата за хуманитарна помош. Овој проблем не е единствен. „Присуството на вооружени елементи меѓу бегалците ги изложи цивилите на зголемени ризици. Тоа ги направи ранливи на заплашување, малтретирање и присилно регрутирање“, наведува еден извештај на Обединетите нации.
И локалното население може да страда од огромниот прилив на гладни бегалци. Во регионот на Големите Езера во Африка, некои службеници се жалеле: „[Бегалците] ги уништија нашите резерви на храна, ги уништија нашите полиња, нашата стока, нашите природни паркови, предизвикаа глад и раширија епидемии . . . [Тие] користат помош во храна додека ние не добиваме ништо“.
Меѓутоа, најтешкиот проблем можеби е фактот што многу привремени кампови за бегалци завршуваат како трајни населби. На пример, во една земја на Средниот Исток, околу 200.000 бегалци се стеснети во еден камп што на почетокот бил изграден за една четвртина од тој број. „Немаме каде да одиме“, огорчено објаснил еден од нив. Овие бегалци чии страдања траат долго време се соочуваат со строги ограничувања за вработување во земјата домаќин, а 95 проценти се сметаат за невработени или недоволно вработени. „Искрено, не знам како врзуваат крај со крај“, признал еден службеник од службата за бегалци.
Но, ако звучи дека условите се лоши во камповите за бегалци, тие можеби се уште полоши за раселените лица што не можат да ја напуштат својата земја.
Мизеријата на раселувањето
Според Високиот комесар за бегалци при Обединетите нации, „обемот и размерот на овој проблем, човечкото страдање што го предизвикува, како и влијанието врз меѓународниот мир и сигурност, со право го направија раселувањето проблем од голем меѓународен интерес“. Од неколку причини, овие бездомници обично се поранливи од бегалците.
Ниедна меѓународна организација не се грижи за раселените лица, а нивната очајна состојба честопати не привлекува големо внимание од медиумите. Нивните сопствени влади, заглавени во најразлични воени конфликти, можеби не се спремни или не можат да ги заштитат. Многу често семејствата се разделени додека бегаат од опасните зони. Честопати присилени да патуваат пеш, некои раселени лица не го ни преживуваат походот до местото каде што е побезбедно.
Многу од овие раселени лица бараат засолниште во градовите, каде што се ограничени на сиромашна егзистенција во гета или во напуштени згради. Други се собираат во импровизирани кампови, каде што понекогаш има вооружени напади. Обично, нивната стапка на смртност е повисока од стапката на смртност на која и да е друга група во земјата.
Дури и добронамерните хуманитарни активности организирани за да се намали страдањето на овие раселени лица можат да бидат како бумеранг. The State of the World’s Refugees 2000 (Состојбата со бегалците во светот — 2000) објаснува: „Во текот на последната деценија од 20 век, хуманитарните организации што беа активни во завојуваните земји спасија илјадници животи и многу придонесоа да се намали човечкото страдање. Меѓутоа, една од главните лекции на деценијата беше тоа што во случаи на конфликт завојуваните страни лесно можат да ја изманипулираат хуманитарната акција и може ненамерно да дојде до зајакнување на позициите на авторитетите што се одговорни за кршење на човековите права. Исто така, хуманитарната помош што ја даваат хуманитарните организации може да ја зајакне воената економија, а тоа ќе помогне да се поддржи и да се продолжи војната“.
Потрага по подобар животен стил
Освен бегалци и раселени лица, има сѐ поголем прилив од економски бегалци. Има неколку причини за ова. Јазот меѓу богатите и сиромашните земји во светот постојано расте, а телевизиските програми секојдневно го фалат богатиот животен стил на извесни земји пред очите на најсиромашните жители на Земјината топка. Стана полесно да се патува во светот и да се преминуваат границите. Граѓанските војни, како и етничката и религиозната дискриминација, даваат силна мотивација за луѓето да се преселат во поразвиените земји.
Но, додека некои мигранти — особено оние што веќе имаат роднини во индустријализираните земји — успешно се преселуваат, на други животот им е уништен. Оние што ќе паднат во рацете на криминални трговци се соочуваат со особена опасност. (Видете ги придружните рамки.) Ќе биде добро ако семејството внимателно ги разгледа овие опасности пред да мигрира од економски причини.
Во 1996, во Средоземното Море потонал еден стар брод, при што се удавиле 280 луѓе. Жртвите биле имигранти од Индија, Пакистан и Шри Ланка, кои платиле од 6.000 до 8.000 долари за да отидат во Европа. Пред бродоломот, тие веќе со седмици биле гладни, жедни и физички малтретирани. Нивното „патување кон просперитет“ се претворило во кошмар што завршил со трагедија.
Практично секој бегалец, раселено лице или илегален мигрант има да раскаже свој кошмар. Која и да е причината што овие луѓе биле раселени од своите домови — војна, прогонство или сиромаштија — нивното страдање ги покренува прашањата: ‚Дали овој проблем некогаш ќе се реши? Или, пак, поплавата од бегалци сѐ повеќе ќе се зголемува?‘
[Фуснота]
a Ситуацијата опишана погоре настана во март 2001 во една азиска земја. Но, слични проблеми се појавија и во некои африкански земји.
[Рамка/слика на страница 8]
Тешката состојба на илегалните мигранти
Освен бегалци и раселени лица, во светот има и од 15 до 30 милиони „илегални мигранти“. Повеќето од нив се луѓе што се надеваат дека ќе избегаат од сиромаштијата — а можеби и од предрасудите и прогонството — во побогатите земји.
Бидејќи можностите за легална миграција се намалија во последниве години, се појави една нова илегална трговија со мигранти. Всушност, тргувањето со мигранти сега станало профитабилен бизнис на меѓународните криминални организации. Некои истражувачи пресметуваат дека носи профит од 12 милијарди долари годишно, со многу мал ризик за трговците. Пино Арлаки, заменик на генералниот секретар на Обединетите нации, го нарекол ова „криминалистичка трговија што е во најголем пораст во светот“.
Илегалните мигранти практично немаат заштита од законот и затоа трговците им ги одземаат пасошите. Таквите мигранти можат да се најдат во експлоататорските претпријатија, да работат по куќите, во рибната индустрија или во земјоделието. Некои завршуваат со проституција. Ако ги фатат властите, веројатно ќе бидат вратени во својата татковина без скршена пара. Ако приговараат на суровите услови за работа, можеби ќе бидат тепани или сексуално малтретирани, па дури и ќе им бидат упатени закани со насилство на нивните семејства.
Честопати криминалните банди ги намамуваат потенцијалните мигранти со ветувања за високо платени работни места. Како резултат на тоа, некое сиромашно семејство може да го стави под хипотека сиот свој имот само за да испрати еден член од семејството во Европа или во Соединетите Држави. Ако мигрантот не може да си ги плати трошоците, од него ќе се очекува да го одработи долгот, кој може да изнесува и 40.000 долари. ‚Новиот живот‘ што му бил ветен повеќе личи на ропство.
[Слика]
Илегални бегалци во Шпанија
[Рамка/слика на страница 9]
Уништена невиност
Семејството на Сири живеело во ридовите на Југоисточна Азија, каде што нејзините родители работеле на оризови полиња. Еден ден, некоја жена им рекла на нејзините родители дека може да ѝ најде на Сири добро платена работа во градот. Нејзината понуда од 2.000 долари — што претставува мало богатство за ридските земјоделци — тешко можела да се одбие. Меѓутоа, наскоро Сири се нашла во ропството на една јавна куќа. Сопствениците ѝ рекле дека, за да ја заработи својата слобода, ќе треба да им плати 8.000 долари. Тогаш Сири имала 15 години.
Било невозможно Сири да го отплати тој долг. Тепањата и сексуалната злоупотреба ја натерале да соработува. Сѐ додека имало корист од неа, не би ја ослободиле. Суровата реалност е дека многу такви проститутки на крајот се ослободени — но само за да се вратат во своите села и да умрат од СИДА.
Слична трговија цвета и во други делови од светот. Еден извештај од 1999 со наслов Меѓународна трговија со жени во Соединетите Држави проценил дека секоја година се тргува со 700.000 до 2.000.000 жени и деца, многу од нив за проституција. Некои можеби се измамени, други едноставно се киднапирани; но практично сите се присилени да работат против своја волја. Една тинејџерка од Источна Европа, која успеала да се спаси од една банда за проституција, рекла во врска со своите запленувачи: „Никогаш не помислував дека постои такво нешто. Овие луѓе се животни“.
Некои несреќни жртви биле земени од камповите за бегалци, каде што ветувањата за работа и добра заработувачка во Европа и во Соединетите Држави можат да бидат неодоливи. Потрагата по подобар живот одвела безброј жени во сексуално ропство.
[Рамка/слики на страница 10]
Пресметајте го трошокот пред да мигрирате од економски причини
Со оглед на многуте криминални банди што се вклучени во трговијата со мигранти и со оглед на тоа што е тешко легално да се имигрира во развиените земји, сопрузите и татковците треба внимателно да размислат за следниве прашања пред да донесат одлука:
1. Дали нашата економска ситуација е навистина толку очајна што еден или сите од семејството мора да се преселат во земја каде што има повисоки плати?
2. Во колкав долг ќе западнеме за да го платиме патувањето и како ќе го вратиме тој долг?
3. Дали вреди да се раздели семејството поради економските предности што можеби се нереални? Многу илегални мигранти утврдуваат дека е особено невозможно да се најде редовно вработување во развиените земји.
4. Дали да верувам во приказните за високи плати и социјална помош? Библијата вели дека „глупавиот верува на секој збор, а умниот внимава на својот чекор“ (Пословици 14:15).
5. Каква гаранција имам дека нема да се најдеме во рацете на некоја криминална организација?
6. Ако патувањето го организирала некоја таква криминална група, дали сфаќам дека мојата сопруга — или мојата ќерка — може да биде присилена да работи како проститутка?
7. Дали сфаќам дека, ако влезам во некоја земја како илегален имигрант, нема да можам да добијам постојано вработување и би можел да бидам вратен назад во мојата татковина, а со тоа да ги изгубам сите пари што сум ги инвестирал во патувањето?
8. Дали сакам да размислувам за тоа да станам илегален имигрант или да прибегнам кон нечесни средства за да бидам примен во некоја побогата земја? (Матеј 22:21; Евреите 13:18).
[Графикон/карта на страници 8 и 9]
(Види во публикацијата)
Движење на бегалците и на работниците мигранти
Подрачја со поголеми популации бегалци и раселени лица
→ Главни правци на движење на работниците мигранти
[Извори на слики]
Извори: The State of the World’s Refugees; The Global Migration Crisis; and World Refugee Survey 1999.
Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.
[Слика на страница 7]
Една жена бегалец чека да биде преселена на друго место
[Извор на слика]
ФОТОГРАФИЈА НА ОН 186226/M. Grafman