Како се исполни мојот сон
РАСКАЖАЛА АЛЕНА ЖИТНИКОВА
Додека растев во Чехословачка, сателитска држава на Советскиот Сојуз, нашето семејство копнееше да го види мирољубивиот свет што го ветуваше комунизмот. Меѓутоа, комунистичкиот сон за создавање среќно, обединето општество заврши кога Советскиот Сојуз се распадна во 1991. Да Ви раскажам како се исполни мојот сон, но на друг начин.
РОДЕНА сум на 12 септември 1962, во семејство на оддадени комунисти што живееја во Хорни Бенешов, село оддалечено околу 290 километри од Прага. Татко ми веруваше во комунистичките идеали и живееше според нив. Исто така, тој ги воспита моите двајца браќа, сестра ми и мене во склад со тие идеали. Нѐ научи дека со чесна работа и пристоен живот, можеме да помогнеме да се создаде подобро општество. Тој сметаше дека комунизмот е најдобар облик на владеење и активно го поддржуваше.
Татко ми често одеше на состаноците каде што се воздигнуваше комунизмот. Тој ја презираше религијата поради лицемерството на црквите и, како што бевме поучувани, верувавме дека не постои Бог. Татко ми веруваше дека, со текот на времето, кога сите луѓе ќе имаат свој дом и доволно храна, ќе станат подобри луѓе и ќе живеат во мир. Тоа беше прекрасен изглед за кој слушав многу додека растев. Верував во сѐ што нѐ учеше татко ми, па и јас одлучив да го поддржувам комунизмот.
Како девојче, се подготвував да станам пионер, како што се нарекуваа членовите на популарната комунистичка младинска организација Млади пионери. Пионерите беа поттикнувани да развиваат добри особини и да бидат патриоти. Кога имав девет години, дадов свечена пионерска заклетва и добив црвена марама. Исто така, во посебни прилики можев да носам официјална пионерска униформа. Се трудев да бидам добар пионер. Кога ќе ги чуев соученичките како зборуваа непристојно, ги прекорував, потсетувајќи ги дека пионерките не зборуваат така.
Меѓутоа, со текот на времето почнав да согледувам дека многу од оние што тврдеа дека се комунисти не ги поддржуваа комунистичките идеали. Наместо да одолеат на човечката склоност да бидат алчни и завидливи, тие го крадеа јавниот имот. Многу од нив, иако ги поттикнуваа другите да работат за доброто на народот, самите не го правеа тоа. Всушност, стана популарна изреката: „Оној што не краде, краде од своето семејство“. Почнав да се прашувам: ‚Зошто има толкаво лицемерство? Зошто толку малку луѓе работат на тоа да ги поддржат добрите комунистички идеали? Зошто обидите се толку неуспешни?‘
Време на преиспитување
Кога бев во средните тинејџерски години, поминав дел од летниот распуст со Алена, другарка од училиште. Една вечер, една нејзина повозрасна пријателка, Тања, дојде кај нас. „Морам да зборувам со вас за нешто многу важно“, рече таа. „Се уверив дека постои Бог.“ Бевме изненадени што дошла до таков заклучок. Откако се созедовме од изненадувањето, ја преплавивме со прашања. „Какви докази имаш?“ „Како изгледа тој?“ „Каде живее?“ „Зошто не стори нешто?“
Тања одговараше на нашите прашања едно по едно. Ни објасни дека Божјата првобитна намера била земјата да биде рајски дом за човештвото и опиша како конечно ќе се исполни оваа намера. Кога ни ги покажа од Библијата ветувањата за една чиста земја населена со добри, здрави луѓе што се сакаат, ми дојде мисла дека се слични на ветувањата во кои верував. Но, бев уверена дека, ако некој му рече на татко ми дека овие прекрасни работи ќе ги постигне Божјето царство — а не комунизмот — тоа не би му се допаднало.
Знаете, кога имав можеби шест или седум години, едно девојче од соседството ме одведе в црква без знаење на моите родители. Попот раскажа една библиска приказна и толку многу ми се допадна што сакав да дознаам нешто повеќе. Набавив дури и религиозна литература. Кога им кажав на родителите, тие строго ми забранија повторно да одам в црква и уништија сѐ што донесов дома. За да ми биде уште појасно, си изедов и ќотек од татко ми.
По сето тоа, во нашиот дом никогаш не се спомна Бог. Почнав да мислам дека само простите, необразовани луѓе веруваат во Бог и дека религијата е измислица на човекот. На училиште бевме поучени дека, бидејќи има некои појави што не можеме да ги разбереме, луѓето едноставно ја измислиле идејата за Бог. Но, тука беше Тања, една интелигентна жена — всушност, наставничка — и таа веруваше во Бог! ‚Мора да има нешто во тоа!‘, си помислив.
Тања зборуваше толку уверливо што бевме убедени дека верува во она што го зборува. Затоа ја прашавме: „Тања, што те увери дека Бог навистина постои?“
„Библијата“, одговори таа. „Сите прашања што ги поставивте се одговорени во Библијата. Би сакале ли да ја разберете подобро?“
Знаев дека на моите родители нема да им се допадне ако почнам да ја проучувам Библијата. Сепак, имав силна желба да дознаам нешто повеќе. Затоа Тања ми ја даде адресата на Људмила, Јеховин сведок што живееше близу до нас во Хорни Бенешов. Додека ги истражував со Људмила Божјите ветувања за рај на земјата, се прашував: ‚Каква гаранција имам дека ќе се исполнат?‘
Људмила рече дека треба да научам повеќе за Бог за да можам да верувам во него и во неговите ветувања. Од нашата студија се уверив дека Земјата и многуте сложени облици на живот што се на неа не се производ на слепа случајност. Морав да признаам дека мора да постои високо интелигентен Творец. Сфатив колку е логична Библијата кога вели: „Секоја куќа некој ја изградил, а оној кој изградил сѐ е Бог“ (Евреите 3:4).
Сакав моето семејство да ги дознае овие работи. Сепак, претпоставував дека нема да бидат заинтересирани и затоа одложував да им кажам. Потоа, еден ден, меѓу моите лични работи мајка ми најде една страница што паднала од старата истрошена Библија што ја имав добиено. Моите родители беа многу вознемирени.
Разговор со татко ми
Кога се потврдија сомневањата на татко ми дека контактирам со Јеховините сведоци, ме викна на една долга прошетка. „Мораш веднаш да ги прекинеш сите контакти со тие луѓе“, настојуваше тој. „Ако не го сториш тоа, нема да можам и понатаму да бидам управител на општината. Ќе ми ја уништиш кариерата. Ќе морам да ја напуштам канцеларијата и да се вратам во фабриката каде што работев порано. Ќе му нанесеш срам на целото семејство.“
„Но, тато, Библијата е разумна книга и содржи одлични совети за животот“, се бранев јас.
„Не, Аленка“, ми објасни татко ми, „никогаш не ми требала ниту Библијата ниту Бог за да бидам среќен. Сѐ сум направил со свои раце. Никој не ми помогнал. Ме изненадува тоа што веруваш во такви глупости! Мораш вистински да го живееш животот, да се омажиш и да имаш деца, и тогаш ќе видиш дека можеш да бидеш среќна и без Бог.“
Упорноста на татко ми ми остави впечаток. За момент почнав да се сомневам во мојата вера, која сѐ уште немаше цврст темел. Вистина беше дека го познавав татко ми многу подолго отколку што ги познавав Јеховините сведоци и дека секогаш се чувствував безбедна дома. Татко ми имаше добри намери, бев сигурна во тоа. Знаев дека ме сака и затоа му ветив дека ќе престанам да ја проучувам Библијата. Кратко потоа, кога имав 18 години, го завршив училиштето и појдов да работам во Прага, главниот град на нашата земја.
Мојот живот во Прага
Се вработив во една банка и желно очекував да научам за вистинскиот живот што татко ми рече дека ќе се постигне преку комунизмот. Меѓутоа, за кратко време видов дека луѓето во градот не се ништо посреќни од оние дома. Всушност, неморалот, лицемерството, себичноста и пијанчењето беа секојдневие.
По некое време, еден Сведок што живееше близу до мојот дом во Хорни Бенешов, кој беше дојден во Прага, се погрижи Сведоците да стапат во контакт со мене. На тој начин повторно почнав да ја проучувам Библијата во Прага со една жена по име Ева. На крајот на секоја студија, Ева ме прашуваше: „Сакаш ли да дојдам и следната седмица?“ Таа никогаш не ми ги наметнуваше своите гледишта, иако понекогаш ја прашував како би постапила таа да беше на мое место.
„Не можам да ти кажам како би постапила јас“, рече таа. Потоа ми го насочуваше вниманието кон нешто во Библијата што ми помагаше да донесам одлука. Многу ме загрижуваше мојот однос со родителите и затоа прашав дали треба да престанам да контактирам со нив. Ева отвори во Излез 20:12, каде што Библијата вели дека мораме да ги почитуваме родителите. Потоа ме праша: „Сепак, дали некогаш треба да ставиме некого пред нашите родители?“
Бидејќи не бев сигурна, таа ја отвори Библијата кај зборовите на Исус Христос: „Кој има поголема наклоност кон татко или мајка отколку кон мене, не е достоен за мене“ (Матеј 10:37). Така сфатив дека, иако моите родители заслужуваат да ги почитувам, Исус, како и неговиот небесен Татко, заслужуваат уште поголема наклоност. Ева секогаш се трудеше да ми укаже на некое библиско начело поврзано со ситуацијата и потоа ми ја препушташе одлуката мене.
Судир на интереси
Во септември 1982 бев примена како студент на еден факултет во Прага, каде што студирав агрономија. Меѓутоа, наскоро открив дека не можам да се грижам соодветно за предавањата на факултетот и во исто време да посветам онолку внимание колку што сакав на проучувањето на Библијата. Затоа ѝ реков на една од моите професорки дека размислувам да го напуштам факултетот. „Ќе те испратам кај некого што ќе те разбере и ќе ти помогне“, рече таа. Ми закажа разговор со деканот на факултетот.
Деканот ме прими и ме праша: „Зошто нашиот најдобар студент сака да го напушти училиштето?“
„Затоа што немам време за други работи што исто така ме интересираат“, одговорив. Бидејќи во тоа време Јеховините сведоци беа забранети во Чехословачка, немав намера да му кажам зошто размислувам да заминам. Но, откако разговаравме неколку часа, заклучив дека можам да му верувам. Затоа му кажав дека ја проучувам Библијата.
„Проучувај ја и Библијата и Маркс“, рече тој. „Потоа одлучи.“ Изгледаше како тој дури и да ме охрабрува да ја проучувам Библијата.
Спречен заговор
Меѓутоа, следниот ден тој и професорката отпатувале во моето село за да се видат со моите родители. Ги предупредиле дека контактирам со една опасна и забранета секта и им рекле дека сакам да го напуштам факултетот. „Ако Вашата ќерка одлучи да го напушти училиштето“, му ветил деканот на татко ми, „ние ќе се погрижиме да не може да се вработи во Прага и тогаш ќе мора да се врати кај Вас и да го прекине контактот со таа секта.“
Во јануари 1983 сепак го напуштив училиштето. Една пријателка која исто така ја проучуваше Библијата ми помогна да најдам соба под кирија кај една постара жена. Бидејќи не знаев дека деканот отишол кај моите родители ниту што му ветил на татко ми, не бев свесна зошто сите мои обиди да се вработам беа безуспешни. И газдарицата беше љубопитна да го дознае тоа и затоа, без мое знаење, отишла кај деканот на факултетот за да го праша зошто сум го напуштила училиштето.
„Внимавајте!“, ја предупредил тој. „Таа е член на опасната секта Јеховини сведоци. Затоа мораше да го напушти училиштето. Мора да се врати дома и да прекине со тоа. Јас ќе се погрижам да не најде никакво вработување во Прага!“
Кога газдарицата се врати дома таа ноќ, ме викна и ми рече: „Па, Аленка, денес бев на твојот факултет“. Мислев дека ќе треба да се спакувам истата ноќ и да си заминам од нејзиниот стан. Но, таа рече: „Не ја одобрувам постапката на деканот. Можеш да веруваш што сакаш; важно е како се однесуваш. Јас ќе ти помогнам да најдеш работа“. Во молитва таа ноќ му се заблагодарив на Јехова за неговата помош.
Кратко потоа татко ми дојде во Прага за да ме одведе дома. Но, овој пат неговите аргументи не ме разубедија. Мојата вера во Јехова и во неговите ветувања имаше поцврсти темели. На крајот, татко ми замина без мене и првпат во животот го видов како плаче. Иако таа средба беше полна со емоции, тоа искуство уште повеќе ме приближи до Јехова. Сакав да му припаѓам и да му служам. Затоа, на 19 ноември 1983 го симболизирав моето предание на Јехова со крштавање во една када со вода во еден стан во Прага.
Мојата одлука беше благословена
Со текот на времето и јас бев вклучена во подготвувањето на забранетата литература на Сведоците. Таа работа бараше строги мерки на претпазливост, бидејќи властите веќе затворија некои што беа фатени како го прават тоа. Мојата прва задача беше со помош на машина за чукање да правам копии од Стражарска кула преведена на чешки јазик. Овие копии потоа им се доставуваа на Сведоците за да ги користат во проучувањето на Библијата.
Подоцна бев поканета да се придружам на една група што се состануваше во еден стан во Прага за да подготвува книги. Од една соба беше изваден поголемиот дел од мебелот, а потоа составувавме поединечни отпечатени страници на една долга маса што беше поставена среде собата. Подоцна овие страници ги лепевме или ги зашивавме за да се направи книга. Честопати помислував колку би било убаво цело време да се прави тоа.
Како пионерка во Комунистичката младинска организација, се обидував да ги учам децата да бидат подобри луѓе. Како Јеховин сведок и понатаму работам со млади луѓе и сум им помогнала на многу од нив да станат крстени слуги на Јехова. Иако ниеден член од моето семејство сѐ уште не станал Сведок, јас добив, како што ветува Библијата, многу духовни татковци и мајки и браќа и сестри (Марко 10:29, 30).
Во 1989, комунистичката влада во нашата земја ја замени демократска влада. Оваа промена им донесе законска слобода на Јеховините сведоци и како резултат на тоа можевме слободно да се состануваме за да ја проучуваме Библијата, да проповедаме од куќа до куќа без опасност дека ќе нѐ уапсат и да патуваме во странство за да присуствуваме на меѓународни конгреси. Освен тоа, повеќе не мораме да се грижиме дека ќе нѐ испрашуваат, дека ќе нѐ уапсат или дека ќе нѐ заплашуваат!
Служам со мојот сопруг
Во 1990 се омажив за Петр, еден сохристијанин. Во април 1992 двајцата успевме да ја постигнеме целта да бидеме пионери, како што се нарекуваат меѓу Сведоците оние што се во полновремено проповедничко дело. На крај, во јуни 1994 бевме поканети да работиме во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Прага. Сега, наместо да подготвуваме библиска литература во тајност, можеме отворено да учествуваме во задоволувањето на духовните интереси на луѓето во цела Република Чешка.
Пред неколку години, Петр и јас бевме пресреќни кога моите родители ја прифатија нашата покана да ги посетат објектите каде што живееме и работиме заедно со уште 60-тина други членови на нашата фамилија на подружницата. Откако го разгледа нашиот дом и канцелариите, татко ми рече: „Да, чувствувам дека меѓу вас има вистинска љубов“. Тоа беа најубавите зборови што можев да ги чујам од татко ми.
Уживам во она што го ветуваше комунизмот
Нашата надеж да уживаме во еден подобар свет што ќе го оствари комунизмот не беше ништо повеќе од сон. Историјата на човештвото открива дека дури и најискрените напори на луѓето да создадат праведно општество се неуспешни. Верувам дека има уште многу луѓе што ќе сфатат дека човекот не може да живее среќно без Божја помош (Еремија 10:23).
Честопати се сеќавам на желбата на татко ми да го уживам она што го нарекуваше „вистински живот“, учејќи нѐ дека ќе го овозможи комунизмот. Сепак, од проучувањето на Библијата сфатив дека она што таа го нарекува „вистински живот“ — живот во Божјиот праведен нов свет — е единственото сигурно ветување на кое можат да се потпрат луѓето (1. Тимотеј 6:19). Ова го велам затоа што, иако се подложни на грев и на човечка несовршеност, оние што искрено настојуваат да ги применат библиските учења во својот живот успеале да живеат заедно во мир на еден извонреден начин. Тие успешно се спротивставуваат на сите обиди да се скрши нивното единство или да се прекине нивната оддадена приврзаност кон Јехова, нивниот Бог.
Ова особено ми се врежа кога заедно со мојот сопруг имавме предност да бидеме меѓу гостите што присуствуваа на свеченото отворање на новите објекти на подружницата на Јеховините сведоци во близина на Лавов (Украина), на 19 мај 2001. Таму запознав и други Сведоци што биле членови на Комунистичката младинска организација Млади пионери. И тие се надевале дека комунизмот ќе донесе вистински мир и единство за целото човештво. Владимир Григорјев, кој заедно со својата сопруга сега служи во канцеларијата на подружницата во Русија, исто така бил Млад пионер.
Сега изгледаше иронично тоа што овде, на една локација што порано служела како летен камп за Младите пионери, Јеховините сведоци ја изградија својата нова подружница. Поради ограничениот простор во подружницата, само 839 лица од 35 земји можеа да бидат сместени за време на програмата за свечено отворање. Меѓутоа, следното утро, 30.881 лице се собраа на еден фудбалски стадион во Лавов за да го чујат прегледот на програмата од претходниот ден.a Некои од нив патувале по шест или повеќе часа од далечни места за да бидат присутни.
Сепак, кога овие луѓе чуја за подготовката да се разгледаат новите објекти на нивната подружница, се качија на многубројните автобуси со кои пристигнаа на стадионот. Напладне автобусите почнаа да пристигнуваат во подружницата — каде што мојот сопруг и јас имавме предност да ноќеваме — за да ги разгледаат објектите. До вечерта, повеќе од 16.000 драги браќа ја завршија обиколката, се качија на автобусите и тргнаа на, за многумина, долго патување до дома!
Во Украина, како и во други источноевропски земји, милиони веруваа дека комунизмот е најдобрата надеж за да се создаде едно мирољубиво ново општество. Меѓутоа, само во Украина денес има повеќе од 120.000 лица што се зафатени да им кажуваат на другите за Божјето Царство. Всушност, многу од нас, поранешни комунисти, веруваме дека оваа Божја влада е единствената реална надеж за да се постигне вистинско братство и мир меѓу сите луѓе!
[Фуснота]
a Уште 41.143 лица се состанаа во исто време на еден стадион во Киев — оддалечен околу 500 километри — каде што исто така го слушаа прегледот на програмата за свечено отворање. Вкупната присутност од 72.024 лица претставуваше најголем собир дотогаш на Јеховините сведоци во Украина.
[Слика на страница 20]
Кога имав десет години, кратко откако се приклучив на Комунистичките млади пионери
[Слика на страница 24]
Со мојот сопруг, Петр
[Слика на страница 24]
Владимир, поранешен Комунистички млад пионер, кого го сретнав на свеченото отворање на подружницата во Украина
[Слика на страници 24 и 25]
Повеќе од 16.000 лица ги посетија објектите на подружницата
[Слика на страница 25]
Повеќе од 30.000 слушаа преглед на програмата за свечено отворање