Висок крвен притисок — превенција и контрола
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРАЗИЛ
МЕРИЕН се уплашила! Без никакво предупредување добила силно крвавење од носот. „Мислев дека ќе умрам“, си спомнува таа. Една докторка ја информирала Мериен дека крвавењето од носот е предизвикано од висок крвен притисок (артериска хипертензија). „Но, добро се чувствувам“, одговорила Мериен. „Многу луѓе не знаат дека имаат висок крвен притисок затоа што немаат симптоми“, одговорила докторката.
Колкав е Вашиот крвен притисок? Дали сегашниот начин на живот ќе биде причина за висок крвен притисок во иднина? Што можете да направите за да го држите под контрола крвниот притисок?a
Крвниот притисок е силата со која крвта притиска на ѕидовите на крвните садови. Може да се измери со помош на гумена лента што може да се надуе, која се замотува околу надлактицата и се поврзува со еден апарат што го бележи притисокот. Се добиваат два податока. На пример: 120/80. Првата бројка е наречена систолен крвен притисок затоа што го покажува крвниот притисок во моментот кога срцето се стега (систола), а втората бројка е наречена дијастолен крвен притисок затоа што го покажува крвниот притисок во моментот кога срцето се опушта (дијастола). Крвниот притисок се мери со милиметри живин столб, а лекарите ги ставаат пациентите во категорија на хипертензивни кога крвниот притисок им е над 140/90.
Зошто се зголемува крвниот притисок? Замислете си дека ја наводнувате градината. Кога ја пуштате славината или кога го намалувате пречникот, односно дијаметарот на млазот вода, Вие го зголемувате притисокот на водата. Истото се случува и со крвниот притисок: Зголемувањето на брзината на струењето на крвта или намалувањето на пречникот на крвниот сад го зголемува крвниот притисок. Како доаѓа до висок крвен притисок? Вклучени се многу фактори.
Фактори што не можете да ги контролирате
Истражувачите откриле дека, ако некој има роднини со висок крвен притисок, шансите да ја има истата болест се поголеми. Статистиките покажуваат повеќе случаи на хипертензија кај идентични близнаци отколку кај двојајчани близнаци. Едно истражување спомнува „лоцирање на гените што се одговорни за артериска хипертензија“, а сето тоа го потврдува постоењето на наследна компонента одговорна за високиот крвен притисок. Исто така, познато е дека ризикот од абнормално висок крвен притисок се зголемува со возраста и поголем е кај мажите од црната раса.
Фактори што можете да ги контролирате
Внимавајте на исхраната! Солта (натриумот) може да го покачи притисокот кај некои луѓе, особено кај луѓето со дијабетес, оние со голема хипертензија, кај постарите луѓе и кај некои припадници на црната раса. Превисокото количество маснотии во крвотокот може да создаде наслаги од холестерол на внатрешните ѕидови на крвните садови (атеросклероза) и со тоа да го намали нивниот пречник и да го зголеми крвниот притисок. Луѓето што имаат повеќе од 30 проценти над идеалната телесна тежина се склони на висок крвен притисок. Истражувањата покажуваат дека крвниот притисок може да се намали со поголемо внесување на калиум и калциум.
Пушењето е поврзано со поголем ризик од атеросклероза, дијабетес, срцев удар и мозочен удар. Затоа, пушењето и високиот крвен притисок се опасна комбинација што може да води до кардиоваскуларни болести. Иако доказите се контрадикторни, кофеинот — што го има во кафето, чајот и пијалаците со кола — и емоционалниот и физичкиот стрес можат исто така да го покачат високиот крвен притисок. Освен тоа, научниците знаат дека интензивното или хроничното консумирање алкохолни пијалаци и недоволната физичка активност можат да го покачат крвниот притисок.
Здрав начин на живот
Би било погрешно да се чека да се добие висок крвен притисок пред да се преземе нешто. Треба да се погрижиме за здрав начин на живот уште од рана возраст. Ако внимаваме сега, ќе имаме поквалитетен живот во иднина.
Третиот бразилски конгрес за артериска хипертензија ги одреди промените во начинот на живот што помагаат во намалувањето на артерискиот крвен притисок. Тие се корисен водич за луѓето со висок или нормален крвен притисок.
За згоените луѓе, истражувачите препорачале урамнотежена нискокалорична исхрана, избегнување брзи и „чудотворни“ диети, со истовремено следење на програма на умерени физички вежби. Во поглед на солта, тие препорачале да не се зема повеќе од шест грама или една кафена лажичка на ден.b Во пракса, тоа значи да се сведе на минимум употребата на сол при подготовката на храна, како и минимална употреба на конзервирана храна, сувомесни производи (салама, шунка, кобасици и друго) и димена храна. Внесувањето на сол може да го намалите и со тоа што нема да додавате сол за време на оброкот и ќе проверувате на амбалажата на преработената храна колку сол е ставено.
Бразилскиот конгрес исто така укажа на зголемување на внесувањето калиум затоа што може да има „антихипертензивен ефект“. Затоа, една здрава исхрана треба да содржи „храна што има ниско ниво на натриум и многу калиум“, како што се мешунките, темниот зеленчук, бананите, бостанот, морковите, репката, доматите и портокалите. Важна е и умерената употреба на алкохол. Некои истражувачи покажуваат дека мажите со хипертензија не треба да консумираат повеќе од 30 милилитри алкохол на ден; а жените или лицата со мала телесна тежина не повеќе од 15 милилитри.c
Бразилскиот конгрес заклучи дека редовните физички вежби го снижуваат крвниот притисок и со тоа го намалуваат ризикот од појава на артериска хипертензија. Корисни се умерените аеробик вежби, како што се пешачењето, возењето велосипед и пливањето во текот на 30 до 45 минути трипати до петпати седмично.d Други фактори поврзани со поздрав начин на живот се прекинување со пушењето, контролирање на маснотиите во крвта (холестерол и триглицериди) и на дијабетесот, земање соодветни дози калциум и магнезиум, како и контролирање на физичкиот и емоционалниот стрес. Некои лекови можат да го зголемат крвниот притисок, како што се лековите против хиперемија што се примаат назално, средствата за неутрализирање на киселините богати со натриум, регулаторите на апетитот и аналгетиците за мигрена што содржат кофеин.
Се разбира, ако имате артериска хипертензија, лекарот е во најдобра положба да Ви даде совет што се однесува до Вашата исхрана и навики, во зависност од Вашите лични потреби. Меѓутоа, без оглед на Вашата ситуација, прифаќањето здрав начин на живот уште на рана возраст секогаш е корисно, не само за луѓе со хипертензија туку и за сите членови на семејството. Мериен, спомната во почетокот на статијава, морала да направи промени во начинот на живот. Моментално зема лекарства и води нормален живот и покрај здравствениот проблем што го има. Како стојат работите со Вас? Додека го очекувате времето кога сите луѓе ќе имаат здрав живот и „ниеден жител нема да рече: ‚Болен сум!‘“, држете го Вашиот крвен притисок под контрола! (Исаија 33:24).
[Фусноти]
a Разбудете се! не препорачува некој посебен облик на лекување, признавајќи дека тоа е работа на лична одлука.
b Консултирајте се со својот лекар за Вашите дневни потреби од натриум и калиум ако боледувате од артериска хипертензија или заболување на срцето, црниот дроб или бубрезите и ако примате лекарства.
c 30 милилитри алкохол одговара на 60 милилитри дестилирани пијалаци (виски, вотка и други), 240 милилитри вино, односно 720 милилитри пиво.
d Дискутирајте со својот лекар за потребата од индивидуална програма со вежби.
[Рамка на страница 22]
БОРБА СО ВИСОКИОТ КРВЕН ПРИТИСОК
1. Мерки што можат да помогнат во контролирањето на високиот крвен притисок
• Намалете ја телесната тежина
• Намалете го внесувањето сол
• Зголемете го внесувањето храна богата со калиум
• Намалете го консумирањето алкохолни пијалаци
• Редовно вежбајте
2. Други мерки што можат да помогнат да го контролирате крвниот притисок
• Додатоци од калциум и магнезиум
• Вегетаријанска исхрана богата со влакна
• Антистрес терапија
3. Придружни мерки
• Престанете да пушите
• Контролирајте го нивото на холестерол
• Контролирајте го дијабетесот
• Избегнувајте лекови што можат да го покачат крвниот притисок
[Извор на слика]
Адаптирано од Третиот бразилски конгрес за артериска хипертензија (Revista Brasileira de Clínica & Terapêutica).
[Слики на страница 23]
Regular exercise and a healthful diet help prevent and control high blood pressure