ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g02 8/11 стр. 26-29
  • Дали сте загрижени за својата коса?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Дали сте загрижени за својата коса?
  • Разбудете се! 2002
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Запознајте се со својата коса
  • Имате ли бели влакна?
  • Истенчување на косата и ќелавост
  • Грижете се за својата коса
  • Подетален поглед на вашата коса
    Разбудете се! 2001
  • Како изгледал Исус?
    Одговор на библиски прашања
Разбудете се! 2002
g02 8/11 стр. 26-29

Дали сте загрижени за својата коса?

МОЖЕБИ сте еден од многуте што секојдневно одвојува време пред огледалото внимателно гледајќи ја својата коса. И мажите и жените се заинтересирани за косата, а понекогаш таа може да биде и извор на загриженост.

Запознајте се со својата коса

Знаете ли колку влакна имате на главата? Во просек, околу 100.000. Секое влакно расте само две до шест години, а не бесконечно. Потоа паѓа, и по некое време од истата пора почнува да расте ново влакно. Животниот циклус на секое влакно е наречен циклус на влакното. (Видете ја рамката на 27. страница.) Поради овој циклус, дури и ако некој нема проблеми со косата, секој ден природно паѓаат 70 до 100 влакна.

Зошто постојат различни бои на косата? The World Book Encyclopedia објаснува: „Бојата на косата во голема мерка ја одредува количеството и распределбата на кафеаво⁠-​црниот пигмент наречен меланин“. Меланинот е биолошки пигмент што се наоѓа во косата, кожата и очите. Колку е поголемо количеството на овој пигмент, толку потемна ќе биде косата. Со намалувањето на количеството на меланин, бојата на косата варира од црна до кафеава или црвеникава или, пак, руса. Ако косата воопшто не содржи меланин, изгледа блескаво бела.

Освен првутот, мнозина ги загрижува опаѓањето на косата или нејзиното побелување.

Имате ли бели влакна?

Белите влакна честопати се сметаат за знак на стареење. А сосема побелената коса обично се смета за обележје на старите луѓе. Точно, колку сме постари, толку повеќе бели влакна имаме. Меѓутоа, освен стареењето, познато е дека причина за побелувањето на косата се и некои други фактори, како што е престрогото држење диети. Побелувањето се јавува независно од полот или природната боја на косата на поединецот, иако можеби е позабележително кај оние што имаат потемна коса.

Поради тоа што имаат бели влакна, некои можеби изгледаат постари отколку што се и се чувствуваат непријатно поради тоа. Од друга страна, пак, има и луѓе кои, бидејќи косата не им побелува, се загрижени заради нерамнотежата помеѓу нивниот изглед и возраста.

Побелувањето не значи дека косата умира. Всушност, видливиот дел на сите влакна веќе е мртов. Секое влакно продолжува под површината на кожата. Овој крај е наречен главче и тој е единствениот жив дел. Главчето функционира како фабрика за коса. Кога се формира влакно со брза делба на клетките во главчето, тоа го апсорбира меланинот, што го создаваат пигментните клетки. Затоа, ако пигментните клетки престанат да произведуваат меланин, косата ќе биде бела.

Сѐ уште никој не знае зошто пигментните клетки одеднаш престануваат да создаваат меланин. Затоа не е пронајден некој конкретен третман за да се спречи побелувањето на косата. Исто така, познато е дека пигментните клетки што престанале да работат можат повторно да проработат. Интересно, Библијата содржи многу изрази поврзани со косата, и една од илустрациите што ги кажал Исус се однесува на белата коса. Тој рекол: „Не можеш ниту едно влакно да го направиш бело или црно“ (Матеј 5:36). Овие зборови покажуваат дека уште одамна било признато дека е вон моќта на човекот да го спречи или да го излекува процесот на побелување.

Некои се обидуваат со понови третмани, како што се инјекциите со меланин. Други избираат да ја фарбаат косата, но тоа воопшто не е некоја модерна практика. Древните Грци и Римјани користеле фарба за коса. Древните Египќани користеле крв од волови за фарбање на косата. Има извештај дека Ирод Велики, кој живеел во времето на Исус Христос, сакајќи да ја скрие својата возраст ја фарбал својата коса што почнала да му побелува.

Сепак, за постојано фарбање на косата потребно е време и напор, а освен тоа, кај некои фарбањето може да предизвика кожни проблеми или алергиски реакции. Дури и ако одлучите да ја фарбате косата што побелува, можеби ќе дојде време кога ќе сакате да престанете, а тогаш несомнено ќе мора да се соочите со фазата кога се гледа различната боја на косата додека таа расте. Позитивно во сето тоа е што побелената коса може да изгледа елегантна и да Ви даде достоинство што не сте го имале претходно. Библијата коментира: „Седите коси се венец на слава; се наоѓаат на патот на правдата“ (Пословици 16:31).

Истенчување на косата и ќелавост

Друг типичен проблем со косата е истенчувањето и ќелавоста. И овие проблеми постојат долго време. Во древниот Египет, состојките на лекот против ќелавост вклучувале маст од лавови, нилски коњи, крокодили, мачки, змии и гуски. Денес пазарот е преплавен со третмани за коса и теме за кои се тврди дека се ефикасни, и секоја година на нив се трошат огромни суми пари.

Ќелавост настапува кога циклусот на влакното не се одвива нормално. Нормалниот циклус на влакното може да биде нарушен од некоја физичка абнормалност, како што е лоша исхрана, долготрајна висока температура или некоја кожна болест. Бременоста и породувањето исто така можат да влијаат врз циклусот на влакното, така што од главата паѓа повеќе коса пред да се заврши нормалниот циклус. Меѓутоа, кога причините ќе ги нема повеќе, ваквото губење на косата запира и циклусот повторно се нормализира.

Еден друг вид губење на косата е наречен алопеција.a Честопати, кога некој го има овој проблем, косата ја губи само на некои места на главата. Најновите медицински истражувања укажуваат дека алопецијата веројатно е нарушување на имунолошкиот систем.

Највообичаеното истенчување на косата е наречено вообичаена ќелавост на темето кај мажите. Како што покажува самото име, ова настанува кај мажите. Започнува со опаѓање на косата на предниот дел од главата или разретчување на косата на горниот дел од главата, и напредува постепено. Циклусот на влакното повеќе не се одвива нормално во зафатеното подрачје и на крајот престанува. The Encyclopædia Britannica објаснува: „На зафатените места на темето една многу нежна косичка наречена велус ја заменува претходната долга, цврста, долготрајна коса што содржи пигменти“. Ова значи дека, додека циклусот на косата продолжува, косата станува сѐ потенка и пократкотрајна и дека на крајот потполно престанува да расте. Ова е резултат на една комбинација на наследни фактори и машки хормони.

Вообичаената ќелавост на темето кај мажите може да почне рано во тинејџерските години, но поверојатно ќе настапи кога човекот ќе биде во своите доцни 30-ти или 40-ти години. Иако овој вид губење на косата се јавува кај многу мажи, неговата појава варира од раса до раса и од човек до човек. За жал, досега не е пронајден стопроцентен лек за ова заболување. Некои можеби ќе одлучат да носат перика или да се подложат на пресадување на коса. Добрата грижа за преостанатата коса им помага на мнозина да го забават губењето на косата.

Кога ќе се рече дека нечија коса се истенчува, не мора да значи дека тој ја губи косата. Наместо тоа, може да значи дека поединечни влакна стануваат потенки и затоа косата го губи волуменот. Колку е тенко едно влакно? Според едно истражување, може да варира од 50 микрони кај некои луѓе до 100 микрони кај други.b Косата станува потенка со текот на стареењето. Разлика од само неколку микрони можеби не изгледа многу значајна. Но, не заборавајте дека има 100.000 влакна. Затоа, само мало истенчување на секое влакно значи голема разлика во вкупниот волумен.

Грижете се за својата коса

Косата расте нешто повеќе од еден сантиметар месечно, и таа е еден од деловите на телото што расте најбрзо. Кога ќе се собере заедно растот на сите влакна, вкупно изнесува повеќе од 20 метри на ден!

Иако сѐ уште не се најдени некои радикални лекувања против бела коса и ќелавост, можеме да сториме многу ако се грижиме за косата што ја имаме. Неопходно е да внесуваме доволно хранливи материи и да ја подобриме циркулацијата на крвта во темето и тилот. Претераното држење диети или неурамнотежените оброци можат да го забрзаат побелувањето и истенчувањето на косата. Професионалците советуваат редовно да ја миеме косата и да ја масираме главата, но да не ја чешаме со нокти. Ова потстрекнува исправна циркулацијата на крвта во темето и тилот. Откако ќе ја измиете косата, добро исплакнете ја.

Не чешлајте ја косата премногу силно. Ако имате долга коса, подобро е во почетокот да не ја чешлате од коренот до краевите. Наместо тоа, прво фатете ја косата во рацете и користете го чешелот за да ги размрсите краевите. Потоа, чешлајте ја од средината кон краевите. На крајот, полека пуштете ја косата и чешлајте ја од коренот до краевите.

Можеби ќе се загрижите кога ќе најдете бели влакна или многу паднати влакна. Сепак, не заборавајте дека другите обично не се толку загрижени за Вашата коса колку што сте загрижени Вие. Ваш е изборот дали ќе ја фарбате или не, дали ќе користите перика или не, или ќе правите нешто друго со косата. Каква и да е бојата на Вашата коса и колку и да ја имате, најважно е да биде чиста и уредна.

[Фусноти]

a Видете го англиското издание на Разбудете се! од 22 април 1991, страница 12.

b Еден микрон е еден илјадити дел од милиметарот.

[Рамка/графикон на страница 29]

ЦИКЛУСОТ НА ВЛАКНОТО

Нашата коса расте во циклуси. Тие се состојат од фаза на растење, кратка преодна фаза и фаза на мирување. The World Book Encyclopedia објаснува: „Влакното престанува да расте во секоја фаза на мирување. Старото влакно останува во фоликулата што е во мирување сѐ до следната фаза на растење. За време на фазата на растење, старото влакно излегува додека расте новото и го истуркува од фоликулата“. Во кој и да е момент, додека 85 до 90 проценти од влакната се во активна фаза, 10 до 15 проценти ќе бидат во фаза на мирување и 1 процент во преодна фаза.

[Графикон]

(Види во публикацијата)

Ран раст

Активен раст

фоликула

крвни садови

лојна жлезда

стебло на влакното

Забавување

Мирување

Повторно растење

[Слика на целата страница 26]

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели