Резбање алабастер — древниот занает на Волтера
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ИТАЛИЈА
Замислете си некој материјал што се јавува во природата и што лесно може да се обликува во складни, нежни форми — ишаран материјал чија убавина, делумна проѕирност и линии го прават погоден за резбање на богато украсни детали и извонредни фигури. Знаете ли што е тоа?
ВАКА е опишан алабастерот. Не знаевме многу за овој камен пред да го посетиме традиционалниот центар за негово производство во Италија — градот Волтера во Тоскана.
Резбањето алабастер има долга историја во Волтера, уште од времето на Етрурците, древните жители на овој регион. Меѓу многуте артефакти на кои им се восхитувавме во локалниот етрурски музеј имаше и стотици урни од алабастер — правоаголни камени кутии во кои се закопувала пепелта на починатите откако биле кремирани — што датираат од четвртиот до првиот век пр.н.е. Овие камени кутии се богато украсени со релјефни резби, кои честопати вклучуваат сцени од наводното патување на починатиот во задгробниот свет.
Се разбира, Етрурците не биле единствените што користеле алабастер во древните времиња. И Египќаните многу го користеле. Меѓутоа, има разлика во хемискиот состав на алабастерот од Ориентот — кој се спомнува и во Библијата — и многу помекиот алабастер на Волтера, сличен на креда.
И мермерот многу се користел во уметноста на древна Грција и Рим, но во споредба со таквите „благородни“ материјали, алабастерот сличен на креда се сметал за понеквалитетен сродник. Тој е помека, покршлива карпа, лесно се гребе и затоа во архитектурата и уметноста секогаш имал подредена улога во однос на мермерот. Скулптурите од алабастер не можат да ја издржат изложеноста на временските неприлики. Во архитектурата, алабастерот првенствено се користи за ентериери. Еластичноста, пак, го прави алабастерот особено погоден за вајање на минијатурни детали.
Развој на една индустрија
Не постојат докази дека во Волтера се произведувал алабастер неколку векови по времето на Етрурците и Римјаните. Меѓутоа, во историските извештаи се зачувани осврти на овој занает во средината на 16 век. Во тоа време, Франческо де Медичи, војводата од Тоскана, набавил од некој занаетчија од Волтера една ретка и убава вазна изработена на струг и му ја подарил на војводата од Баварија. Во 17 век, локалните занаетчии биле зафатени со изработка на уметнички предмети и помали украсни фигури. Овој занает многу се проширил во текот на 18 век, кога се правеле квалитетни репродукции на класични скулптури. Дотогаш, славата на алабастерот од Волтера се раширила низ цела Европа и пошироко.
Во текот на овој период, Марчело Ингирами Феи, локален благородник што бил на глас како човек со уметнички талент и кадарен за бизнис, ѝ дал потстрек на трговијата со алабастер. Почнал да ги експлоатира новооткриените подземни наслаги на овој минерал и во 1791 отворил школа каде што повеќе од 100 чираци можеле да ја учат оваа уметност под надзор на врвни мајстори повикани од најразлични места во Италија и надвор од неа. Индустријата цветала.
Оние осум или девет работилници за алабастер што постоеле во 1786, прераснале на 60 во 1830 година. Во тие години, околу 50 авантуристички настроени трговци од Волтера ги обиколувале пазарите во светот — од Европа до двете Америки, Индија и Далечниот Исток — за да продаваат висококвалитетен алабастер. Некои натрупале огромни богатства. Процветот траел сѐ до 1870, но оттогаш имало наизменични периоди на просперитет и пад на побарувачката. И покрај тоа, производството на алабастер и понатаму е еден од столбовите на локалната економија.
Попладневна прошетка низ Волтера
Со своите тивки, тесни улички поплочени со камен, со своите камени згради, живописни катчиња и сончеви плоштади, и сето тоа опкружено со прекрасни тоскански пејзажи, Волтера си има своја сопствена атмосфера. Изгледа како да сме се вратиле во Средниот век. На нашата летна попладневна прошетка со пријателите, си поставуваме за цел да ја посетиме Порта ал’Арко, импозантен етрурски премин со свод што датира од четвртиот век пр.н.е., кој е дел од средновековните градски ѕидини.
Застануваме пред излозите за да ги гледаме воодушевено јатата птици во лет, виталните коњи што потскокнуваат и грациозните човечки фигури — сите изработени од алабастер, но блескаат со полупроѕирноста на матно стакло. Во изложбените салони со сводови се изложени накитени урни украсени со лози полни со гроздови и репродукции на класични скулптури, како и замрсено издупчени и изгравирани вазни, свеќници, шаховски табли, кутии за накит и многу други украси.
Кога го забележаа нашиот интерес, нашите пријатели со задоволство нѐ одведоа во правливите работилници за да можеме да видиме од прва рака како занаетчиите ги преобразуваат своите необработени материјали во вакви прекрасни производи. Дознаваме дека низ кредестите слоеви што лежат под регионот на Волтера нерамномерно се распоредени овални камења, тешки од 2 до 1.000 килограми. Камењата се вадат од каменоломи што се наоѓаат под ведро небо или, пак, од тунели што се наоѓаат на длабочина од 280 метри. Алабастерот се јавува во најразлични бои — од проѕирно бела до боја на слонова коска или жолта, од црвенкаста до темно кафеава боја, и од сиво-зелена до црна, голем дел е со најразлични линии и степени на проѕирност.
Во многубројните работилници што ги посетуваме, забележуваме најразлични техники на производство. Ја запознаваме Глорија, која врежува деликатни украси на една чинија, и Франко, кој вредно изработува украси на еден струг. На ваков начин се произведуваат многу тркалезни предмети, од плитки и длабоки чинии до абажури и светилки — за кои е особено погоден проѕирниот алабастер. Алатките и производите на овој занает се наоѓаат во очигледен неред — стругови и турпии, чекани и длета, глодалки со компримиран воздух, шмиргли и недовршени бисти. Ни рекоа дека фигурите на луѓе и животни што се натрупани на полиците се користат како модели за репродукција на слични примероци.
Секоја површина е покриена со дебел слој од бел прав од алабастер. Дури и овој прав има своја намена. Се произведуваат статуи на големо на тој начин што во калапи се сипува мешавина од прав од алабастер и смола од полиестер — но добиените производи не треба да се помешаат со автентичниот рачно изработен предмет, како што веднаш потенцираат многу занаетчии.
Вжештена дебата
Се вели дека на луѓето од Волтера правот од алабастер им тече во вените и наскоро, додека разговараме со пријателски настроените занаетчии, станува очигледно дека посоти вжештена дебата меѓу нив во врска со нивниот историски занает. Некои тврдат дека евтините предмети со мала или никаква уметничка вредност го расипуваат доброто име на еден производ што по традиција е со висок квалитет. Други аргументираат дека на пазарот има простор за најразлични производи, од уникатни уметнички дела до украси произведени на големо. Оваа дебата не е нешто ново и сѐ уште не ѝ се гледа крајот. На крајот на краиштата, безмилосната конкуренција и комерцијалните интереси фрлаат сенка врз толку многу човечки потфати и најверојатно тоа и понатаму ќе биде така.
Но, едно е сигурно. Уметничките способности со кои нашиот Творец го обдарил човештвото ќе траат засекогаш. Она што го видовме при нашата посета на Волтера е само еден пример на восхитувачки вештини што ќе можат да ги развиваат до совршенство сите живи луѓе кога ќе бидат сведоци на исполнувањето на пророчките зборови на Јехова Бог: „Моите избраници ќе ги уживаат долго плодовите на своите раце“ (Исаија 65:22).
[Слики на страница 30]
1. Камења од алабастер се вадат од тунели длабоки и до 280 метри. 2. Еден занаетчија изработува вазна на еден струг. 3. Украсна урна од алабастер. 4. Модерна скулптура од алабастер.