Младите прашуваат . . .
Притисок од врсниците — дали навистина е толку силен?
„Мислам дека не чувствувам притисок од врсниците“ (Памела, ученичка во основно училиште).
„Мислам дека притисокот од врсниците повеќе не влијае толку силно врз мене. Поголемиот дел од мојот притисок ми доаѓа однатре“ (Роби, полнолетен младинец).
ДАЛИ некогаш си размислувал вака? Се разбира, можеби знаеш дека Библијата вели: „Лошите друштва ги расипуваат корисните навики“ (1. Коринќаните 15:33). Сепак, можеби се прашуваш: ‚Дали на притисокот од врсниците му се придава преголема важност — можеби и не е баш толку силен како што велат моите родители и другите возрасни?‘
Ако одвреме навреме се бориш со вакви сомневања, ти не си единствениот млад човек што го доживува тоа. Но, разгледај една можност. Дали можеби притисокот од врсниците вклучува нешто повеќе отколку што мислиш? Многу млади се изненадиле кога сфатиле колку е силен притисокот од врсниците. На пример, Енџи признава дека можеби прави повеќе за да се вклопи во друштвото отколку што би сакала да мисли. Таа забележува: „Понекогаш притисокот од друштвото е толку силен што не си ни свесен дека е притисок од врсниците. Почнуваш да веруваш дека е притисок што доаѓа однатре“.
Слично, Роби, цитиран погоре, вели дека неговиот најголем притисок доаѓа однатре. Сепак, тој признава дека е тешко да се живее во близина на голем град. Зошто? Поради притисокот од врсниците што доаѓа од една материјалистичка средина. Тој вели: „Овде богатството е многу важно“. Јасно, притисокот од врсниците е многу силен. Тогаш, зошто толку многу млади луѓе мислат дека врз нив не влијае притисокот од врсниците?
Подмолно силен
Притисокот од врсниците може да биде подмолен — всушност, може воопшто да не го забележиме. Да илустрираме: Ако се наоѓаме на нивото на морето, огромното пространство воздух над нас врши постојан притисок со јачина од околу 1 килограм на квадратен сантиметар.a Можеби секој ден живееш со тој притисок, но едвај го забележуваш. Зошто? Затоа што си навикнат на него.
Се разбира, тоа не значи дека атмосферскиот притисок е штетен. Но, кога луѓето вршат незабележлив притисок врз нас, можат постепено да нѐ натераат да се промениме. Апостол Павле ја сфатил моќта на притисокот од врсниците. Тој ги опоменал христијаните во Рим: „Не дозволувајте светот околу вас да ве набие во својот калап“ (Римјаните 12:2, The New Testament in Modern English). Но, како може да се случи тоа?
Како дејствува притисокот од врсниците
Дали сакаш да бидеш одобрен и прифатен од другите? Повеќето од нас ќе признаат дека го сакаат тоа. Сепак, нашата природна желба за такво одобрување може да биде меч со две сечила. До каде ќе одиме за да бидеме прифатени како што посакуваме? Дури и ако сме сигурни во врска со себеси во тој поглед, што е со оние околу нас? Дали тие воопшто се обидуваат да се спротивстават на притисокот од врсниците или, пак, дозволуваат тој да ги обликува?
На пример, мнозина денес сметаат дека библиските мерила за моралот се застарени или нереални во нашиов современ свет. Мнозина мислат дека не е толку важно да се обожава Бог онака како што тој бара од нас во својата Реч (Јован 4:24). Зошто мислат така? Одговорот делумно може да лежи во притисокот од врсниците. Во Ефешаните 2:2, Павле зборува дека системот на работи на светот има некаков ‚дух‘, односно доминантен став. Тој дух врши притисок врз луѓето да се повинат на размислувањето на еден свет што не го познава Јехова. Како може тоа да се одрази врз нас?
Нашите секојдневни активности на училиште, проучувањето, семејните обврски и работата обично наметнуваат потреба да се мешаме со луѓе што не ги делат сите наши христијански вредности. На пример, на училиште можеби има многу деца што сакаат да бидат популарни по речиси секоја цена, се впушаат во неморални сексуални односи, па дури и во злоупотреба на дрога и алкохол. Што ќе се случи ако избереме да ни бидат блиски пријатели некои од оние што се впуштаат во такво однесување или, пак, го прифаќаат како нормално, па дури и како пофално? Веројатно ќе почнеме — можеби во почетокот само полека — да усвојуваме слични гледишта. „Духот“, односно „воздухот“ на светот ќе врши притисок врз нас, ефикасно набивајќи нѐ во калапот на светот.
Интересно, денешните социолози направиле експерименти што ги поддржуваат овие библиски начела. Да го разгледаме значајниот експеримент на Еш. Едно лице е повикано да се придружи на една група луѓе што седат заедно. Д-р Еш покажува една голема карта на која има вертикална линија, а потоа покажува друга карта на која има три вертикални линии со видливо различни димензии. Потоа го прашува секого од групата да го каже своето мислење за тоа која од трите линии е иста со првата. Одговорот е лесен. Првите неколку пати сите се согласуваат. Но, при третото тестирање, нешто се менува.
Исто како пред тоа, лесно е да се каже кои линии се еднакви по должина. Но, без знаење на лицето што се тестира, другите членови на групата се платени за да постапуваат како да се дел од експериментот. Сите тие го кажуваат истиот погрешен одговор. Што се случува? Само 25 проценти од тестираните лица одлучно се држат за она што знаат дека е точно. Сите други се согласуваат со групата барем еднаш — иако тоа значи да го негираат она што го гледаат со сопствени очи!
Јасно, луѓето сакаат да се вклопат со оние околу нив — толку многу што повеќето дури и би го негирале она што знаат дека е вистина. Многу млади луѓе го почувствувале овој притисок на своја кожа. Даниел, кој има 16 години, признава: „Притисокот од врсниците може да те натера да се промениш. А кога околу тебе има повеќе луѓе, притисокот се зголемува. Можеби дури и ќе почнеш да мислиш дека она што го прават е исправно“.
Енџи, цитирана претходно, раскажува еден типичен пример за таков притисок на училиште: „Кога бев во основно училиште, многу беше важно каква облека носиш. Мораше да носиш позната марка. Никој не сакаше навистина да потроши 50$ за кошула — зошто некој воопшто би сакал да го стори тоа?“ Како што вели Енџи, може да биде тешко да го забележиш притисокот додека се врши врз тебе. Но, дали притисокот од врсниците може да влијае врз нас во врска со работи што се посериозни?
Зошто притисокот од врсниците може да биде опасен
Замисли си дека пливаш во океан. Додека пливаш и те носат брановите, можеби нечујно дејствуваат и други јаки сили. Брановите те туркаат кон брегот, но можеби има и подводна струја. Таа полека те носи настрана. Кога конечно погледнуваш кон брегот, повеќе не можеш да го видиш семејството и пријателите. Не си ни забележал колку те одвлекла струјата! Исто така, додека ги извршуваме нашите секојдневни активности, постојано се врши влијание врз нашите мисли и чувства. Пред да станеме свесни за тоа, овие влијанија можат да нѐ оттурнат далеку од мерилата за кои отсекогаш сме мислеле дека цврсто ќе се држиме.
На пример, апостол Петар бил смел човек. Тој бестрашно се фатил за меч кога бил соочен со непријателско мноштво ноќта кога бил уапсен Исус (Марко 14:43—47; Јован 18:10). Сепак, со години подоцна, притисокот од околината го навел да покаже отворена пристрасност. Ги избегнувал нееврејските христијани — иако претходно имал добиено визија од Христос во која му било дадено упатство да не ги смета не-Евреите за нечисти (Дела 10:10—15, 28, 29). На Петар можеби му било потешко да се соочи со презирот на луѓето отколку да се соочи со сечилото на мечот! (Галатите 2:11, 12). Навистина, притисокот од врсниците може да биде опасен.
Неопходно е да се признае моќта на притисокот од врсниците
Од примерот на Петар можеме да научиме една многу важна лекција. Тоа што си силен на некои полиња не значи дека си силен на сите полиња. Петар имал слаби точки, како што имаме сите ние. Без оглед на тоа кои сме, треба да бидеме свесни за нашите ранливи места. Би можеле искрено да се запрашаме: ‚Каде сум најранлив? Дали копнеам по богат животен стил? Дали во моето срце пуштила корен личната суета? До каде би одел за да стекнам пофалба, статус и популарност?‘
Можеби ние никогаш не би си наштетиле намерно избирајќи да се дружиме со наркомани или со промискуитетни лица. Но, што е со слабостите кои не се толку очигледни? Ако избереме тесно да се дружиме со оние што ќе влијаат врз нас на некое поле на кое си имаме слабост, тогаш се ставаме во положба притисокот од врсниците да манипулира со нас — можеби на наша трајна штета.
Но, добра вест е дека не е штетен секој притисок од врсниците. Можеме ли да излеземе на крај со притисокот од врсниците — дури и да го искористиме во своја полза? И, како можеме да се бориме против негативниот притисок од врсниците? Овие прашања ќе бидат разгледани во идната статија „Младите прашуваат . . .“
[Фуснота]
a Еден едноставен експеримент ја илустрира реалноста на воздушниот притисок. Ако однесете празно пластично шише на врвот на некоја планина, ако оставите да се наполни со воздух и ако добро го затворите, што ќе се случи со шишето додека се симнувате од планината? Ќе се сплеска. Притисокот на воздухот што е надвор е многу поголем од притисокот на пореткиот воздух што е во шишето.
[Слика на страници 12 и 13]
Материјалистичката средина може да создаде силен притисок од врсниците