Гледиште на Библијата
Што е материјализам?
ЛУЃЕТО се родени со способност да бидат духовно настроени и со потреба да го обожаваат Бог. Сепак, човекот бил создаден од материјални елементи и има материјални потреби и способност да ужива во материјалните работи. Некои христијани имаат големо материјално богатство. Дали самото тоа е доказ дека тие се материјалисти и дека им недостига духовност? И обратно, дали кај оние што се сиромашни е помала веројатноста да бидат материјалисти и поголема веројатноста да бидат духовно настроени?
Сигурно ќе се согласите дека материјализмот вклучува многу повеќе отколку само да се има големо богатство или поседи. Да ги разгледаме следниве библиски примери за тоа што всушност е материјализмот и како да се избегнат опасностите што ги наметнува тој во поглед на духовноста.
Тие имале богатство и слава
Меѓу верните Божји слуги во библиски времиња имало некои што имале богатство и слава. На пример, Авраам ‚бил многу богат со добиток, сребро и злато‘ (Битие 13:2). Јов бил познат како „најугледен меѓу жителите на исток“ затоа што имал многу стока и голем број слуги (Јов 1:3). Израелските цареви, како што биле Давид и Соломон, поседувале огромно богатство (1. Летописи 29:1—5; 2. Летописи 1:11; Проповедник 2:4—9).
И во собранието во првиот век имало богати христијани (1. Тимотеј 6:17). За Лидија се вели дека била „продавачка на пурпур од градот Тијатира, обожавателка на Бог“ (Дела 16:14). Пурпурната боја и облеката што се бојосувала со таа боја била скапа и обично ја носеле само луѓе што биле на некоја позиција или биле богати. Значи, можеби и самата Лидија била прилично богата.
За разлика од тоа, извесни верни обожаватели на Јехова во библиски времиња биле многу сиромашни. Некои семејства станале сиромашни поради природни катастрофи, несреќи и смртни случаи (Проповедник 9:11, 12). Колку само мора да им било тешко на оние што живееле во немаштија да гледаат како другите уживаат во богатство или во материјални поседи! Сепак, немало да биде исправно да ги осудуваат богатите како материјалисти или да заклучат дека оние што не се богати поцелосно му служат на Бог. Зошто? Да разгледаме што лежи во коренот на материјализмот.
Љубовта кон парите
Еден речник го дефинира материјализмот како „преокупација со или ставање нагласок врз материјалните наместо врз интелектуалните или духовните работи“. Значи, коренот на материјализмот лежи во нашите желби, во нашите приоритети и во нашиот фокус во животот. Тоа јасно се гледа од следниве два библиски примера.
Јехова му дал силен совет на Варух, кој служел како секретар на пророкот Еремија. Веројатно Варух бил сиромашен поради околностите во Ерусалим и неговото блиско дружење со непопуларниот Еремија. Сепак, Јехова забележал: „А ти бараш чудеса за себе! Не барај го тоа“. Можеби Варух почнал да станува материјалист така што постепено се преокупирал со богатството или со материјалната безбедност на другите. Јехова го потсетил Варух дека ќе го избави од уништувањето што му претстоело на Ерусалим, но дека нема да ги зачува неговите поседи (Еремија 45:4, 5).
Исус дал една илустрација за некој човек што исто така бил преокупиран со материјалните работи. Овој човек се сосредоточил на своето богатство наместо да го искористи она што го имал да ја прошири својата служба за Бог. Богатиот човек рекол: „Ќе ги урнам своите амбари и ќе изградам поголеми . . . и ќе ѝ речам на својата душа: ‚Душо, имаш многу добра во резерва за многу години; почивај, јади, пиј, уживај‘ “. Тогаш Исус навел: „Но Бог му рече: ‚Безумнику, оваа ноќ ќе ја побараат твојата душа од тебе. Кој тогаш ќе ги има добрата што си ги собрал?‘ Така бидува со оној човек кој си собира благо, а не е богат пред Бога“ (Лука 12:16—21).
Што е поентата на овие два извештаи? Тие ни помагаат да сфатиме дека човек не е материјалист само затоа што има многу материјални работи туку затоа што на тие работи им дава приоритет. Апостол Павле навел: „Оние кои се решени да се збогатат, паѓаат во искушение и замка и во бројни безумни и штетни желби, кои ги туркаат луѓето во уништување и пропаст. Зашто љубовта кон парите е корен на секакви штетни работи, и тежнеејќи по оваа љубов некои биле одвлечени од верата и се испроболе со многу болки“ (1. Тимотеј 6:9, 10). Решеноста да се биде богат и љубовта кон материјалните работи се тие што предизвикуваат проблеми.
Потребно е самоиспитување
Христијаните настојуваат да ја избегнат стапицата на материјализмот без оглед на тоа како стојат во финансиски поглед. Моќта на богатството е измамлива и може да ја задуши духовноста (Матеј 13:22). Пред да станеме свесни за тоа, нашиот фокус може да се измести и да се пренасочи од духовни на материјални работи, со жални последици (Пословици 28:20; Проповедник 5:10).
Затоа, ќе биде добро христијаните да се преиспитаат што им е приоритет и на што се фокусираат во животот. Сеедно дали некој има малку или многу во материјален поглед, оние што се духовно настроени настојуваат да го следат советот на Павле да не ја полагаат својата надеж „во несигурно богатство, туку во Бог кој ни дава сѐ богато за наше уживање“ (1. Тимотеј 6:17—19).