Да се разбере постнаталната депресија
Што ми стана? Штотуку родив прекрасно, здраво бебе. Треба да сум среќна и горда, но се чувствувам многу потиштена и вознемирена, дури и гневна. Дали сум лоша мајка? Зошто сум толку депримирана?
КАКО нова мајка можеби сте имале вакви чувства. Ако е така, не сте единствената. Се проценува дека 70 до 80 проценти од новите мајки понекогаш имаат вакви чувства. Но, што е постнатална депресија и што ја предизвикува? Како може да се излезе на крај со неа? Каква поддршка можат да дадат членовите на семејството и другите?
Нарушувања
Терминот „постнатална депресија“ се однесува на периодите на депресија што следат по породувањето. Тие можат да настапат откако ќе се роди кое и да е дете, а не само првото. Периодите на депресија можат да настапат дури и по пометнување или прекин на бременоста. Според Службата за здравје на жените при Министерството за здравје и хумани услуги на САД, постои голема разлика во интензитетот на симптомите.
По породувањето, многу жени запаѓаат во потиштеност што се карактеризира со натаженост, вознемиреност, раздразливост, промени во расположението и замор. Ваквите периоди на потиштеност се сметаат за нормални и тие се краткотрајни — исчезнуваат без медицинска помош во период од десетина дена по породувањето.
Меѓутоа, Американскиот колеџ за акушерство и гинекологија проценува дека кај секоја 10-та нова мајка ваквите чувства се засилуваат и продолжуваат да траат дури и откако ќе поминат првите неколку дена. Можат да се јават дури и неколку месеци по породувањето. Тие можат да бидат знак за потполно развиена постнатална депресија, во која чувствата на тага, вознемиреност или очај се толку силни што на новата мајка ѝ е тешко да ги извршува своите секојдневни обврски.
Освен тоа, 1 до 3 нови мајки од секои 1.000 имаат еден уште посериозен облик на депресија наречен постнатална психоза, во која мајката има привиденија или халуцинации најчесто дека се повредува себеси или бебето. При ова заболување е потребно веднаш да се побара медицинска помош.a
Причини
Не постои само една јасно дефинирана причина за постнаталната депресија. Изгледа дека се вклучени и физички и емоционални фактори. Еден физички фактор може да биде тоа што првите 24 до 48 часа по породувањето, нивото на естроген и прогестерон нагло опаѓа и станува пониско отколку што било пред зачнувањето, а ова доведува до нагла промена на физиолошката состојба на организмот. Тоа може да води до депресија исто како што во предменструалниот период доаѓа до промени во расположението и до напнатост. По породувањето може да опадне и нивото на хормони што ги лачи тироидната жлезда. Тоа може да води до симптоми што потсетуваат на депресија. Од овие причини истражувачите велат дека постнаталната депресија е „биохемиско и хормонално нарушување“.
Интересно, еден медицински билтен укажува дека постнаталната депресија може да биде предизвикана од неурамнотеженост во исхраната, можеби од недостиг на витамини од групата Б.
Заморот и недоволното спиење можат исто така да одиграат своја улога. Д-р Стивен И. Алтшулер, психијатар на клиниката Мајо во Минесота (САД), вели: „Во периодот веднаш по породувањето, поради недостигот на енергија и несоницата, малите проблеми можат да изгледаат многу поголеми. Некои жени можат да се исфрустрираат кога ќе откријат дека тешко успеваат да завршат некои работи што добро ги завршувале пред да се породат, кога не биле потиштени и можеле да спијат по цела ноќ“. Депресијата можат да ја зголемат и некои емоционални фактори, како што е непланираната бременост, предвременото породување, губењето на слободата, грижата за личниот изглед и недостигот на поддршка.
Освен тоа, има некои вообичаени заблуди во врска со мајчинството што кај жената можат да ја зголемат депресивноста и чувството на неуспех. Во нив спаѓа идејата дека мајчинските вештини се инстинктивни, дека веднаш се развива врска помеѓу мајката и бебето, дека бебето ќе биде совршено и никогаш нема да биде нервозно и дека новата мајка треба да биде совршена. Во вистинскиот живот не е така. Мајчинските вештини треба да се научат, честопати е потребно време за да се создаде врска помеѓу мајката и бебето, некои бебиња полесно се негуваат од други, и ниедна мајка не е совршена ниту, пак, е супермајка.
Признавање на болеста
Сѐ до неодамна, постнаталната депресија честопати не се сфаќаше сериозно. Д-р Лоренс Кракман истакнува: „Проблемите околу менталното здравје на жената во минатото биле превидувани и означувани како хистерија на која нема потреба да ѝ се обрне внимание. Дијагностичката литература на Американското здружение на психијатри никогаш не признала во потполност дека постои постнатална болест и, како последица на тоа лекарите не биле едуцирани за тоа ниту, пак, биле добиени некои сигурни податоци . . . И, за разлика од времето пред 30 години, мајките честопати си одат од болница за 24 часа. Повеќето постнатални психози, потиштеност и депресија настануваат 3 до 14 дена по породувањето. Значи, мајките веќе се дома и не се под надзор на специјалисти што ги знаат симптомите“.
Меѓутоа, според д-р Керол Е. Ваткинс од Здружението на психијатри на Северниот округ во Балтимор (Мериленд), ако не се дијагностицира и ако не се лекува, постнаталната депресија може да води до долготрајна депресија и тешкотии во создавањето на врска со бебето. Депресивните мајки можат пасивно да ги игнорираат потребите на своето бебе или, пак, да одат во друга крајност, да не се контролираат и да користат физички казни за да го дисциплинираат доенчето. Тоа може да влијае негативно врз менталниот и емоционалниот развој на детето.
На пример, една статија во списанието American Family Physician укажува дека малите деца на депримираните мајки имаат послаби резултати на тестовите за ментален развој отколку децата чии мајки не биле депримирани. Освен тоа, постнаталната депресија може да влијае негативно врз другите деца и врз сопругот.
Лекување
Што може да се направи? Дали едноставно ќе мора да го трпите тоа без збор? Утешно е да се знае дека е утврдено дека постнаталната депресија е привремена и може да се излекува.b Иако одморот и поддршката од семејството можат да бидат сѐ што е потребно кога симптомите се благи, клучен знак дека Ви е неопходна медицинска помош е кога депресијата ќе почне да ја нарушува Вашата способност да функционирате, вели Службата за здравјето на жените.
Вообичаените терапии вклучуваат антидепресиви,c разговор со специјалист за ментално здравје, терапија со хормони или комбинација на овие методи, во зависност од сериозноста на случајот. И ‚кенгурската мајчинска грижа‘ за бебето може да ја намали депресијата кај мајката.d Исто така, постојат алтернативни лекувања како што се билки, акупунктура и хомеопатски лекови.
Меѓутоа, има некои работи што можете да ги направите сами за да се справите со ситуацијата. Некои од нив се да јадете здрава храна (која вклучува овошје, зеленчук и полнозрнести жита); да избегнувате кофеин, алкохол и шеќер; да правите умерени вежби; да дремнувате додека спие бебето. Зораја, христијанска мајка што со денови плачела од утро до мрак откако родила здраво девојченце, вели дека она што ѝ помогнало да ја победи депресијата е тоа што колку што било можно поскоро се вклучила во своите нормални активности во службата како Јеховин сведок. (За дополнителни совети видете ја придружната рамка.)
Како можат да помогнат другите?
Бидејќи главен фактор во постнаталната депресија е недоволниот одмор, другите можат да помогнат на тој начин што ќе преземат некои домашни работи и понекогаш ќе го причуваат детето. Истражувањата покажуваат дека има многу помалку случаи на постнатална депресија онаму каде што поширокото семејство помага давајќи поддршка и совети. Многу пати некој може да биде од голема помош само со тоа што ќе биде сочувствителен слушател кој ќе ја успокојува новата мајка и ќе избегнува да критикува или да суди. Запомнете, постнаталната депресија е физичко заболување и мајката не го предизвикала самата. Како што истакнува организацијата Едуцирање на родителите по породувањето, „жената не може ‚да се соземе‘ исто како што не може да се соземе ни кога има грип, дијабетес или срцево заболување“.
Од сѐ што рековме досега може да се види дека, иако времето по породувањето може да биде прекрасен период за новите мајки, тоа може да биде и исполнето со стресови. Ако го разбереме тоа, на новите мајки ќе можеме да им ја дадеме поддршката што им е потребна.
[Фусноти]
a Постнаталната депресија не треба да се меша со посттрауматскиот стрес, кој се јавува кај некои мајки откако имале стресно породување, иако и двете нарушувања можат да се јават истовремено.
b Видете ја статијата „Ја добив битката со постнаталната депресија“ во изданието на Разбудете се! од 8 ноември 2002.
c Некои лекови можат да го затрујат мајчиното млеко, па затоа, ако сакате да доите, консултирајте се со лекарот за тоа кое е најсоодветното решение.
d Видете ја статијата „ ,Кенгурска мајчинска грижа‘ — решение на еден проблем во кој се работи за живот?“ во изданието на Разбудете се! од 8 септември 2002.
[Рамка/слики на страница 14]
Совети за да се справите со постнаталната депресија
1. Разговарајте со некого за своите чувства, особено со други мајки.
2. Замолете ги другите да Ви помогнат околу грижата за детето и домашните обврски и работи. Замолете го сопругот и тој да помага кога бебето треба да се нахрани ноќе и во извршувањето на домашните работи.
3. Најдете време да направите нешто позитивно за себе, дури и ако тоа трае само 15 минути на ден. Обидете се да читате, да се прошетате, да се опуштите со капење.
4. Дури и ако успеете да завршите само една работа во текот на денот, тоа е веќе чекор напред. Можеби ќе има денови кога нема да можете да сработите ништо. Обидете се да не се лутите на себеси кога ќе се случи тоа.
5. Изолирањето честопати ја продолжува депресијата. Облечете се и излезете од дома барем накратко секој ден. Свежиот воздух и промената на амбиентот добро ќе Ви дојде Вам и на Вашето бебе.
[Извор на слика]
Адаптирано од Американската академија на семејни лекари, Американскиот колеџ за акушерство и гинекологија и Службата за здравје на жените.