ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g03 8/11 стр. 16-19
  • Полен — напаст или чудо?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Полен — напаст или чудо?
  • Разбудете се! 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Ситни зрнца на животот
  • Како се опрашуваат растенијата
  • Искористување на ветрот
  • Заведени од нектарот
  • Измамени од цветовите
  • Зошто се јавуваат алергии?
  • Полен — прав што значи живот
    Разбудете се! 2007
  • Содржина
    Разбудете се! 2007
  • Одгледување орхидеи — стрпливоста се исплаќа!
    Разбудете се! 2010
  • Зачудувачкиот дизајн на живите суштества
    Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање?
Повеќе
Разбудете се! 2003
g03 8/11 стр. 16-19

Полен — напаст или чудо?

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРАЛИЈА

Ап-чихааа! Тој звук, во комбинација со влажни очи што чешаат и иритиран нос што тече, на милиони луѓе им го најавува пристигнувањето на пролетта. Нивната алергија обично е резултат на поленот со кој е исполнета атмосферата. BMJ (порано British Medical Journal), проценува дека секој 6. човек во индустријализираниот свет има сезонска алергија на полен. Тој број не изненадува кога ќе се земе предвид огромното количество полен што го испуштаат растенијата во воздухот.

Научниците проценуваат дека шумите од смрека само во јужната третина на Шведска секоја година испуштаат околу 75.000 тони полен. Само една амброзија, која е вистинска напаст за оние што страдаат од алергија во Северна Америка, секој ден може да создаде милион зрнца полен. Носен од ветрот, поленот од амброзија е пронајден три километри над земјата и 600 километри кон морето.

Но, зошто поленот предизвикува алергиска реакција кај некои луѓе? Пред да поразговараме за тоа прашање, одблиску да го разгледаме поленот и да видиме каква зачудувачка конструкција имаат овие ситни зрнца.

Ситни зрнца на животот

Во The Encyclopædia Britannica стои дека поленот се „создава во прашниковото ќесе, односно машкиот орган, кај семените растенија, и се пренесува на најразлични начини (ветар, вода, инсекти итн.) до толчникот, односно женскиот орган, каде што доаѓа до оплодување“.

Кај цветните растенија, поленовите зрна се составени од три различни делови — јадро од сперматозоидни клетки и два слоја што го сочинуваат ѕидот или обвивката на зрното. Тврдиот надворешен слој е многу отпорен на распаѓање и може да поднесе силни киселини, бази, па дури и голема топлина. Сепак, со неколку исклучоци, поленот може да преживее само неколку дена или седмици. Но, тврдата обвивка може да опстане илјадници години без да се распадне. Затоа, во почвата на Земјата може да се најде изобилство од поленови зрна. Всушност, научниците научиле многу за ботаничката историја на Земјата со изучувањето на поленот што го пронашле во примероците почва земени од најразлични длабочини.

Таа историја може да биде и прилично точна, благодарение на различните шари што се наоѓаат на надворешната обвивка на поленовите зрна. Во зависност од видот на поленот, обвивката може да биде мазна, набрана, ишарана или покриена со боцки и куки. „Значи, поленот на секој вид е исто толку сигурен за идентификација како отпечатокот на прстот кај луѓето“, вели професорот по антропологија Вон М. Брајан, Јр.

Како се опрашуваат растенијата

Штом некое поленово зрно ќе дојде во контакт со жигот на толчникот кај женските растенија, доаѓа до хемиска реакција што предизвикува поленовото зрно да набабри и да пушти цевка што оди надолу сѐ до јајце-клетката. Потоа, сперматозоидните клетки што се наоѓаат во поленовото зрно се спуштаат надолу низ цевката до јајце-клетката, каде што овозможуваат да се создаде оплодено семе. Кога семето ќе созрее, треба само да се стави во соодветна средина за да из’рти.

Некои семени растенија се или машки или женски, но повеќето растенија создаваат и полен и јајце-клетки. Некои растенија се самоопрашуваат; други се опрашуваат вкрстено пренесувајќи полен до другите растенија од истиот или од некој сроден вид. Оние што се опрашуваат вкрстено „честопати избегнуваат да дојде до самоопрашување на тој начин што го испуштаат својот полен или пред или откако ќе можат да го примат жиговите на толчникот на истото растение“, вели Britannica. Други ја имаат хемикалијата што е потребна за да ја откријат разликата помеѓу нивниот полен и поленот на некое друго растение од истиот вид. Кога ќе го откријат својот полен, го онеспособуваат, честопати на тој начин што не дозволуваат да порасне поленова цевка.

Во местата каде што има најразлична вегетација, воздухот може да претставува вистинска смеса од најразлични видови полен. На кој начин растенијата го наоѓаат поленот што им треба? Некои ги применуваат сложените начела на аеродинамиката. На пример, да видиме што се случува кај боровите.

Искористување на ветрот

Машките шишарки растат во гроздови и, кога ќе созреат, испуштаат облаци полен што ги носи ветрот. Научниците откриле дека женските шишарки, во соработка со боровите иглички околу нив, го насочуваат воздухот на таков начин што поленот кој го носи воздухот се врти како во вртлог и се спушта на репродуктивните површини на шишарките. Кај женските шишарки што го примаат поленот, овие површини се откриваат кога семените лушпи малку ќе се отворат одвојувајќи се една од друга.

Истражувачот Карл Ј. Никлас извршил обемни испитувања на аеронаутичкото мајсторство на шишарките. Во списанието Scientific American, тој напишал: „Нашите истражувања откриваат дека специфичниот облик на шишарката на секој поединечен растителен вид води до карактеристични промени во насоката на струењето на воздухот . . . Слично, секој вид полен си има карактеристична големина, облик и густина, поради што реагира со струењето на воздухот на специфичен начин“. Колку се ефикасни овие техники? Никлас вели: „Повеќето шишарки што ги проучивме го наоѓаат ‚сопствениот‘ полен од воздухот, но не и поленот на другите видови“.

Се разбира, сите растенија не се опрашуваат со помош на ветрот — што е големо олеснување за оние што страдаат од алергија! Многу растенија ги користат животните.

Заведени од нектарот

Растенијата што се опрашуваат со помош на птици, мали цицачи и инсекти обично користат куки, боцки или лепливи влакна за да го прикачат поленот на телото на некој опрашувач што тргнал во потрага по храна. На пример, влакнестата пчела може да пренесе околу 15.000 поленови зрна во еден единствен товар!

Всушност, пчелите се главни опрашувачи кај цветните растенија. За возврат, растенијата ги наградуваат пчелите давајќи им за јадење и сладок нектар и полен, кој е извор на протеини, витамини, минерали и масти. Во еден извонреден чин на соработка, пчелите можат да посетат преку 100 цветови само при еден лет, но тие ќе собираат полен, нектар или и едното и другото само од еден растителен вид сѐ додека не соберат доволно или додека нема повеќе полен. Ова извонредно, инстинктивно однесување помага за ефикасно опрашување.

Измамени од цветовите

Наместо да нудат слатки подароци, некои растенија се служат со добро смислени измами за да ги натераат инсектите да ги опрашат. Да направиме мала анализа на еден вид орхидеја, која расте во Западна Австралија. Цветот на ова растение има една долна усна што, дури и за човечкото око, речиси совршено личи на дебелката, бескрилна женка на еден вид оса. Цветот испушта дури и хемиска копија на половиот феромон на вистинската женка на осата, со кој таа ги привлекува мажјаците. На крајот на едно стракче веднаш над оваа привлечна мамка има лепливи ќесички полни со полен.

Мажјакот на овој вид оси, намамен од миризбата на лажниот феромон, ја грабнува мамката и се обидува да одлета со „неа“ држејќи ја во прегратка. Меѓутоа, додека полетува, силата на забрзување ги превртува и него и неговата „избраничка“ и тие паѓаат директно во лепливите поленови ќесички. Откако ќе ја увиди грешката, мажјакот ја пушта мамката — која е прицврстена за една ‚шарка‘, што ѝ овозможува да падне токму онаму каде што си била во почетокот — и потоа одлетува, но повторно е измамен од друга орхидеја. Меѓутоа, овој пат тој ја опрашува орхидејата со поленот што го собрал при претходната средба.

Но, ако се активни женките на осата, мажјаците без двоумење ќе изберат една од нив, а не измамникот. Затоа, многу поволна околност е тоа што оваа орхидеја цвета неколку седмици пред да излезат женките на осите од своите подземни кукли, што му дава на цветот привремена предност.

Зошто се јавуваат алергии?

Зошто некои луѓе се алергични на полен? Кога ситните поленови зрнца ќе влезат во носот, се заглавуваат во еден слој леплива слузница. Оттаму тие преминуваат во грлото, каде што ги голтаме или ги искашлуваме, обично без никакви штетни последици. Но, понекогаш поленот го надразнува имунолошкиот систем.

Проблемот лежи во протеинот што го содржи поленот. Од некоја причина, имунолошкиот систем на лицето што е алергично го смета за опасен протеинот на извесни видови полен. Телото реагира на тој начин што започнува една синџиреста реакција која предизвикува извесни клетки што се наоѓаат во телесните ткива да испуштат преголеми количества хистамин. Хистаминот предизвикува крвните садови да се рашират и да станат попропустливи, така што ги пропуштаат течностите богати со имунолошки клетки. Под нормални околности, овие имунолошки клетки преминуваат на местото на повредата или инфекцијата, каде што помагаат телото да се ослободи од штетните напаѓачи. Меѓутоа, кај оние што страдаат од алергија, поленот дава лажна тревога, поради која доаѓа до иритиран нос што тече, отекување на ткивото и солзење на очите.

Истражувачите веруваат дека луѓето ја наследуваат склоноста кон алергии од своите родители, иако таа склоност можеби не е поврзана со некој конкретен алерген. И загадувањето може да биде еден фактор што ја зголемува осетливоста. „Во Јапонија беше откриена директна врска помеѓу осетливоста на полен и близината на местата каде што има високо ниво на честички на издувни дизел-гасови во воздухот“, стоело во BMJ. „Изучувањата на животните покажуваат дека овие честички ја зголемуваат осетливоста на алергии.“

За среќа, кај многу алергични лица антихистамините можат да ги олеснат симптомите.a Како што покажува самото име, овие лекови дејствуваат спротивно на хистаминот. Меѓутоа, и покрај иритирачките ефекти на поленот, човек не може а да не биде длабоко импресиониран од генијалноста што се гледа и во конструкцијата и во начинот на разнесување на овие ситни честички на животот. Без нив, планетата Земја навистина би била пусто место.

[Фусноти]

a Во минатото, антихистамините предизвикувале поспаност и сушење на устата. Поновите формули ги намалиле овие нуспојави.

[Графикон на страници 17 и 18]

(Види во публикацијата)

Толчник

јајце-клетка

плодник

поленова цевка

жиг на толчникот

поленово зрно

Прашник

прашниково ќесе

Венечно ливче

[Извор на слика]

NED SEIDLER/NGS Image Collection

[Слики на страница 17]

Различни видови полен под микроскоп

[Извор на слика]

Поленови зрна: © PSU Entomology/PHOTO RESEARCHERS, INC.

[Слика на страница 18]

Дел од цветот на оваа орхидеја личи на женката на еден вид оси

[Извор на слика]

Слики на орхидеја: © BERT & BABS WELLS/OSF

[Извор на слика на страница 17]

Поленови зрна: © PSU Entomology/PHOTO RESEARCHERS, INC.

[Извор на слика на страница 18]

Поленови зрна: © PSU Entomology/PHOTO RESEARCHERS, INC.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели