Гледиште на Библијата
Дали Бог нѐ благословува со богатство?
„Господовиот благослов збогатува и не придодава никаква мака“ (ПОСЛОВИЦИ 10:22).
ДАЛИ горенаведениот библиски стих значи дека Бог ги благословува своите слуги со материјално богатство? Некои луѓе мислат дека е така. Забележете што тврди еден пентекостален проповедник и автор од Австралија: „Во [мојата] книга ќе Ви кажам зошто Ви требаат повеќе пари и, второ, како можете да имате повеќе пари . . . Ако можете да го промените своето размислување и да стекнете исправен став кон парите, верувам дека Бог ќе Ви даде благослов и напредок и никогаш повторно парите нема да Ви бидат проблем“.
Меѓутоа, ваквото тврдење индиректно укажува дека сиромашните ја немаат Божјата наклоност. Дали материјалното богатство навистина е знак за Божји благослов?
Благословени со одредена цел
Библискиот запис зборува за случаи кога Бог ги благословувал верните слуги со богатство. На пример, Јаков имал само стап кога го напуштил својот дом, но по 20 години се вратил со толку многу овци, стока и магариња што можел да направи два табора. Според Библијата, богатството на Јаков било подарок од Бог (Битие 32:10). Друг пример: Јов го изгубил сиот свој имот, но Јехова подоцна го благословил со „четиринаесет илјади овци, шест илјади камили, илјада двојки волови и илјада ослици“ (Јов 42:12). Јехова му дал на цар Соломон толку големо богатство, што неговата слава е позната до денешен ден (1. Цареви 3:13).
Од друга страна, пак, Библијата содржи бројни извештаи за верни, послушни обожаватели на Бог што биле сиромашни. Се разбира, Бог не казнувал некого со сиромаштија додека истовремено благословувал други со богатство. Тогаш, каква намера имал Бог кога во некои случаи давал богатство?
Во секој од тие случаи одговорот е различен. Материјалните благослови на Јаков биле темел за да се создаде една нација, во подготовката за доаѓањето на ветеното Семе (Битие 22:17, 18). Богатството на Јов отстранило секакво сомневање во поглед на тоа кој му ја нанел несреќата и на тој начин било посветено Јеховиното име (Јаков 5:11). Исто така, Соломон искористил голем дел од своето богатство што го стекнал со Божја поддршка за да изгради еден величествен храм (1. Цареви 7:47—51). Интересно е што Јехова го употребил Соломон за да пишува од лично искуство за ограничената вредност на богатството (Проповедник 2:3—11; 5:10; 7:12).
Како нѐ благословува Бог
Исус ги поучил своите следбеници да имаат исправен став кон парите кога им рекол ‚да престанат тегобно да се грижат‘ за материјалните поседи. Тој резонирал со нив дека дури ни Соломон во сета своја слава не бил облечен толку убаво како полските кринови. Сепак, Исус рекол: „Ако, значи, Бог така ја облекува вегетацијата од полето . . . нема ли многу повеќе да ве облече вас, маловерни?“ Исус ги уверил христијаните дека, ако неговите следбеници најнапред го бараат Царството и Божјата праведност, тогаш храната, облеката и кровот над глава ќе им бидат додадени (Матеј 6:25, 28—33). Како се исполнува тоа ветување?
Следењето на библиските совети првенствено донесува духовни благослови (Пословици 10:22). Меѓутоа, тоа донесува и други користи. На пример, Божјата реч им дава упатство на христијаните: „Кој крадел повеќе да не краде, туку нека работи напорно“ (Ефешаните 4:28). Исто така, наведува дека „мрзливата рака го осиромашува човекот, а трудољубивата го збогатува“ (Пословици 10:4). Луѓето честопати повеќе сакаат да ги примат на работа чесните, трудољубиви христијани што го следат овој совет. Тоа може да биде благослов.
Исто така, Библијата ги поучува христијаните да го избегнуваат коцкањето, кое е разонода што поттикнува на алчност, да ја избегнуваат валканата навика да се пуши, како и штетната навика премногу да се пие (1. Коринќаните 6:9, 10; 2. Коринќаните 7:1; Ефешаните 5:5). Оние што го следат овој совет трошат помалку пари и имаат подобро здравје.
Повредно од сребро или злато
Сепак, не можеме да се потпреме на материјалното богатство како на единствен показател за Божјето одобрување и благослов. На пример, Исус ја разоткрил духовно бедната состојба на некои христијани во Лаодикија кога им рекол: „Велиш: ‚Богат сум и стекнав богатство и ништо повеќе не ми треба‘, а не знаеш дека си беден и за сожалување и сиромашен и слеп и гол“ (Откровение 3:17). И обратно, на материјално сиромашните но духовно здрави христијани во Смирна, Исус им рекол: „Ја знам твојата неволја и сиромаштво — но ти си богат“ (Откровение 2:9). Веројатно тие христијани трпеле економски од рацете на прогонувачите поради својата верност, но сепак, поседувале богатства многу поскапоцени од сребро или злато (Пословици 22:1; Евреите 10:34).
Јехова Бог ги благословува напорите на оние што настојуваат да ја извршуваат неговата волја (Псалм 1:2, 3). Тој им дава сила и средства за да се справат со испитите, да се грижат за своите семејства и најнапред да го бараат Царството (Псалм 37:25; Матеј 6:31—33; Филипјаните 4:12, 13). Значи, наместо да сметаат дека материјалните работи се главен благослов од Бог, вистинските христијани настојуваат да бидат „богати во добри дела“. Со тоа што стекнуваат близок однос со Творецот, христијаните ‚си собираат извонреден темел за иднината‘ (1. Тимотеј 6:17—19; Марко 12:42—44).