Испит на верата
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА
РИЧМОНД е живописно гратче во Северен Јоркшир (Англија). Од неговиот замок, изграден веднаш по освојувањето на Норманите во 1066, се отвора импресивна глетка на долината на реката Свејл и на Националниот парк Долините на Јоркшир.
Документарната телевизиска емисија Шеснаесеттемина од Ричмонд откри еден важен аспект од современата историја на овој замок — судбината на 16 лица што во текот на Првата светска војна биле затворени таму затоа што поради приговор на совеста одбиле да се приклучат на војската. Што се случило со нив?
Регрутација
Откако Британија влегла во војна во 1914, патриотските чувства поттикнале околу 2,5 милиони мажи да им се приклучат на вооружените сили. Меѓутоа, поради сѐ поголемиот број жртви во војната и затоа што луѓето сфатиле дека војната нема да заврши толку брзо како што ветувале политичарите, „регрутацијата почнала да се врши под присила, а не со доброволно пријавување“, коментира воениот историчар Ален Лојд. Така, за првпат во историјата на Британија, во март 1916 во вооружените сили биле регрутирани и неженети мажи.
Биле основани две илјади судови за да ги сослушаат оние што поднесувале жалби, но само мал бил бројот на лицата што биле ослободени од воена служба затоа што одбиле да одат во војска поради приговор на совеста. На повеќето лица со приговор на совеста им било заповедано да им се придружат на неборбените единици, кои требало да ја поддржуваат воената машинерија. Оние што одбиле да им се придружат сѐ уште се сметале за регрути и биле изведувани пред воен суд. Со нив се постапувало грубо и биле затворани, честопати во ужасни услови и во тесни простории.
Шеснаесеттемина од Ричмонд
Меѓу шеснаесеттемина од Ричмонд имало пет Меѓународни библиски студенти, како што во тоа време биле познати Јеховините сведоци. Херберт Сениор, кој станал Библиски студент во 1905, кога имал 15 години, по речиси 50 години ги напишал следниве зборови: „Нѐ затворија во ќелии што повеќе личеа на зандани. Веројатно не беа користени со години, бидејќи подот беше покриен со слој од ѓубре дебел околу седум сантиметри“. Графитите и натписите, кои сега се избледени и на места се нечитливи, што затворениците ги исцртале и ги напишале на варосаните ѕидови на ќелиите, неодамна ѝ станаа достапни на јавноста. Тие содржат имиња, пораки и цртежи на најблиските, како и изјави на вера.
Еден затвореник едноставно напишал: „Подобро да умрам поради начело отколку да умрам поради тоа што немам никакво начело“. Во многу пораки се спомнува Исус Христос и неговите учења, а има и внимателно исцртани симболи на крст и круна, кои во тоа време ги користело Здружението на меѓународни библиски студенти (IBSA). Херберт Сениор се сеќава дека на ѕидот на својата ќелија ја нацртал „Картата на вековите“ од библиската публикација Божествениот план на вековите (The Divine Plan of the Ages), но таа не е пронајдена. Можеби е избришана заедно со другите натписи на ѕидовите во главната затворска зграда или на другите места. Еден друг натпис гласи: ‚Кларенс Хол, Лидз, I.B.S.A. 29 мај 1916. Испратен во Франција‘.
Во Франција — и назад!
Бројот на загинатите во војната во Франција и Белгија растел со шокантна брзина. На воениот министер Хорацио Херберт Киченер и на британскиот генерал Даглас Хејг очајнички им требале повеќе војници, вклучувајќи и женети мажи, кои исто така биле регрутирани до мај 1916. За да извршат поголем притисок, службениците решиле да покажат што ги чека оние што имаат приговор на совеста. Со таа цел, под закана со оружје, шеснаесеттемина од Ричмонд биле илегално качени на воз, со рацете врзани во синџири, и во тајност биле одведени во Франција по заобиколен пат. Таму, на плажата во Булоњ, стои во списанието Heritage, „мажите биле врзани со бодликава жица за столбови, речиси како да биле распнати“, и биле присилени да го гледаат стрелањето на некој британски дезертер. Им било речено дека истата судбина ги чека и нив ако не слушаат наредби.
Во средината на јуни 1916, овие затвореници биле построени пред 3.000 војници за да им се прочита смртната пресуда, но тогаш Киченер веќе бил мртов, а британскиот премиер се зазел за нив. Пред тоа, на властите во Лондон им била испратена поштенска картичка со шифрирана порака, и наредбата на воениот суд била укината. На генерал Хејг му било наредено да ги замени сите смртни казни со казна од десет години робија.
Кога се вратиле во Британија, некои од тие 16 души биле одведени во еден каменолом за гранит во Шкотска за да извршуваат „работа што е многу важна за државата“ под ужасни услови, вели еден службен извештај. Други, меѓу кои бил и Херберт Сениор, биле вратени во цивилни, а не во воени затвори.
Наследство
Со оглед на тоа што ѕидовите на ќелиите се многу трошни, една опсежна изложба во замокот во Ричмонд, кој сега е под покровителство на Организацијата за зачувување на историските знаменитости на Англија, вклучува и тродимензионална компјутерска симулација. Со помош на еден специјален екран, посетителите можат внимателно да ги разгледаат ќелиите и нивните графити без да ги оштетуваат. Студентите што доаѓаат на групни посети се поттикнати да размислат зошто оние што имале приговор на совеста биле подготвени да се соочат со казни, затворање, па дури и смрт затоа што цврсто се држале за своите верувања.
Шеснаесеттемина од Ричмонд успешно „го свртеле вниманието на јавноста на прашањето за приговор на совеста и така стекнале симпатии и почит“. Благодарение на тоа, властите почнале да покажуваат поголемо разбирање кога во текот на Втората светска војна имале работа со оние што биле на списокот на лица со приговор на совеста.
Во 2002, една убава градина во дворот на овој замок беше посветена делумно и на споменот на шеснаесеттемина од Ричмонд како признание на нивните морални убедувања.
[Слики на страници 14 и 15]
Од лево на десно: Кулата на замокот во Ричмонд од 12 век, со затворската зграда во која се наоѓале ќелиите
Херберт Сениор, еден од шеснаесеттемина од Ричмонд
Една од ќелиите во кои биле шеснаесеттемина од Ричмонд
Рамката во заднината: Делови од натписите што низ годините биле запишувани на затворските ѕидови