Ја научивме Кристи да го сака Бог
НАШАТА ќерка, Кристи, е родена во 1977. Кратко по нејзиното раѓање лекарот ни кажа една шокантна вест: Кристи е родена со многу оштетен слух и со благ облик на церебрална парализа. Не бевме воопшто свесни како ќе влијае тоа врз нашиот живот.
По неколку месеци, мојот сопруг Гери и јас почнавме да одиме на специјални часови во градот Мелбурн (Австралија), каде што научивме како да се грижиме за нашата ќерка. Исто така, појдовме и во Државната лабораторија за слух во Мелбурн. Таму, на 10-месечната Кристи ѝ дадоа минијатурни слушни помагала. Ги мразеше тие апаратчиња, и бидејќи на нив имаше жици, ги вадеше веднаш штом ќе ѝ ги ставевме на малечките ушиња! Мораше да носи и ременче за батериите, кои не беа баш лесни.
Поради церебралната парализа, на Кристи ѝ беше тешко да научи да оди. Тоа значеше — физикална терапија секоја седмица. Но, кога наполни три години, Кристи почна да чекори сама, иако често паѓаше. Продолжи да оди на физикална терапија сѐ додека не наполни пет години. Во меѓувреме се преселивме во блискиот град Бенала, каде што Гери имаше приватен бизнис.
Школувањето на Кристи
Еден учител за глуви ни обрна внимание на посебните потреби што ќе ги има Кристи во поглед на школувањето. Тоа значеше дека ќе треба повторно да се преселиме, овој пат во градот Бендиго, каде што имаше училиште за глуви. Бидејќи бев бремена со нашето второ дете, ја одложивме преселбата сѐ додека Кристи не наполни четири години а нашето синче, Скот, пет месеци. Во една болница во Бендиго, почнавме секоја недела да одиме на терапија за да учи да зборува — третман што траеше цели десет години. И Гери и јас почнавме да учиме знаковен јазик.
Најмногу бевме загрижени за духовната поука на Кристи. Гери и јас сме Јеховини сведоци и бевме решени да ја воспитаме Кристи „во дисциплина и во Јеховино умствено насочување“ (Ефешаните 6:4). Но, како да го направиме тоа? Директорот на училиштето во кое одеше Кристи ни кажа што мисли тој: „Најтешко ќе биде на Кристи да ѝ ја објасните идејата дека постои Бог. Бог не може да се види — тогаш, како ќе ѝ го објасните?“ Колку само голем предизвик стоеше пред нас! Наскоро сфативме дека ќе ни треба многу време, учење и стрпливост.
Во почетокот се служевме со слики и цртежи, користејќи колку што е можно поедноставни зборови. Ја носевме на христијанските состаноци и во делото на проповедање, иако не ѝ беше многу јасно што се случува. Кога Кристи добро го научи знаковниот јазик, пред неа се отвори еден сосема нов свет! Сепак, во Библијата имаше многу зборови, фрази и идеи што беше тешко да ѝ се објаснат. Една од нејзините омилени книги беше Моја книга со библиски приказни,a напишана посебно за деца. Разнобојните слики — заедно со некои цртежи што ги направивме — беа од непроценлива вредност. Со текот на времето, во срцето на Кристи почна да расте љубов кон Бог.
Директорот на училиштето во кое одеше Кристи беше љубезен и нѐ поврза со други Сведоци што имаа глуви деца. Постигнавме голем напредок кога ни објаснија како можат глувите да им проповедаат на луѓе со нормален слух. Еден начин е да им се даде картичка на која е отпечатена библиската порака. Така, кога Кристи беше спремна да им ги пренесува библиските вистини на другите, лесно можеше да го прави тоа! Стана некрстен објавител на добрата вест кога имаше 14 години. Се крсти во 1994, на 17-годишна возраст.
Сепак, на Кристи ѝ требаше добро друштво, но ѝ беше тешко да се спријатели со Сведоците што имаа нормален слух. Затоа, Гери и јас почнавме да држиме часови по знаковен јазик за членовите од собранието што беа заинтересирани за тоа да им помагаат на глувите. Некои што присуствуваа на нашите часови подоцна најдоа работа како толкувачи за глуви. Но, што е уште поважно, многу од оние што научија знаковен јазик се радуваа што можеа да комуницираат со Кристи. Сега таа можеше да извлече поголема корист од христијанските состаноци и собири. До ден-денес активно учествува во нив. Кристи е многу благодарна за тоа што браќата со љубов се интересираат за неа.
Еден ден Кристи изрази желба да биде општ пионер, односно полновремен евангелизатор. Гери ѝ помогна да добие возачка дозвола, и откако ги средивме и другите работи, Кристи беше наименувана за општ пионер во 1995. Во 2000, најде вработување со скратено работно време во едно основно училиште. Таму помага во образованието на глувите деца.
Денес, Кристи, Гери, нашиот син Скот и јас уживаме во општата пионерска служба. Радосни сме што можеме да посветуваме време да ги поучуваме луѓето за нашиот Бог, Јехова!
‚Желбите на нашето срце‘
Глувоста на Кристи постојано е предизвик за сите нас. Понекогаш, кога Кристи е во христијанската служба, нема кој да преведува за неа, нема никој со кого може да ги сподели своите мисли и чувства. Таа вели: „Се чувствувам како да живеам во земја каде што секој зборува поинаков јазик“. Сепак, сите научивме добро да се справуваме со нејзината ситуација.
Нѐ тешат зборовите од Псалм 37:4: „Сета твоја радост нека биде во Господа: Тој ќе ги исполни желбите на твоето срце!“ Кристи има цврста надеж дека еден ден ќе слуша музика, дека ќе ги чуе звуците на природата и гласно ќе им зборува на своите сакани. Копнеам по денот кога Кристи ќе може да го слушне мојот глас. Имаме вера дека наскоро ќе ги добиеме овие работи што ги бара нашето срце, како што ветува Библијата (Исаија 35:5). (Приложено.)
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 19]
Кристи на 14 месеци, со „Моја книга со библиски приказни“
[Слика на страница 20]
Кристи ја презентира добрата вест користејќи печатена картичка
[Слика на страница 20]
Скот, Кристи, Гери и Хедер Форбс денес