ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g04 8/8 стр. 15-18
  • Камили на Андите?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Камили на Андите?
  • Разбудете се! 2004
  • Сличен материјал
  • Содржина
    Разбудете се! 2004
Разбудете се! 2004
g04 8/8 стр. 15-18

Камили на Андите?

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ПЕРУ

КАМИЛИ во Јужна Америка? Можеби Ви е чудна и самата помисла, бидејќи ова пустинско животно обично се поврзува со Африка или Азија. Сепак, камилите што живеат во Африка или Азија се во блиско сродство со фамилијата лами во Јужна Америка.a Но, за разлика од нивните далечни роднини, јужноамериканските лами немаат грпка. Освен тоа, тие се високи само колку просечен човек и не достигаат дури ни до рамениците на едногрбата или двогрбата камила.

Најдобро место каде што може да се види јужноамериканска лама се Андите, и тоа главно во Боливија и Перу. Ги има и во други предели на Јужна Америка, како што се Патагонија и Огнената Земја во Аргентина и во Чиле.

Особено фасцинантни се елегантниот од и брзината на овие животни. Подеднакво импресивно е и тоа колку лесно јужноамериканските лами можат да се искачуваат по карпестите стрмнини. Секој чекор е ублажен со специјални перничиња, кои се многу подобри и од најмодерните обувки за пешачење.

На Андите почвата е многу плитка и сиромашна со трева. Сепак, копитата на јужноамериканските лами помалку го оштетуваат земјиштето за разлика од копитата на коњите и маските. Освен тоа, забите и непцето на овие животни им овозможуваат да пасат без да ги оштетат коренчињата на тревата.

На повеќето животни не им одговараат големи надморски височини. Сепак, поради тоа што имаат многу црвени крвни зрнца, јужноамериканските лами сосема добро опстануваат дури и на високите предели на Андите.

Онаму каде што нема дрво за огрев, како замена може да послужи сувиот измет на јужноамериканските лами. А бидејќи дивите лами оставаат купчиња измет на границите од својата територија, лесно е да се собере овој „измет за огрев“. За разлика од дрвото кое мора да се сече, за изметот не е потребно сечење и брзо се суши на сувиот воздух на Андите.

Во минатото, ламите се користеле во верските ритуали. На пример, народот Чирибаја во јужниот дел на Перу ги закопувал жртвуваните лами и алпаки под подот на нивните куќи. Историчарите тврдат дека секој лунарен месец се жртвувале по сто посебно одгледувани бели лами на Ујака Пата, главниот плоштад на Куско, а нешто помал број му се жртвувале на богот-сонце на прославата Инти Рејми. Во денешно време ламите ретко се користат во ритуали, но многу е ценето нивното месо, кое има вкус на јагнешко.

Долго време пред да се појават фрижидерите, Инките го конзервирале месото од ламите на тој начин што го сушеле на ладен воздух, искористувајќи ги ниските температури и нискиот воздушен притисок на високите места на Андите. Ова суво месо го нарекувале чарки.

Се разбира, треба да ги цениме овие прекрасни суштества не само поради услугите што ги добиваме од нив туку и поради тоа што се дел од Божјето прекрасно творештво, кое му оддава фалба! (Псалм 148:10, 13).

[Фуснота]

a Во Јужна Америка живеат четири вида лами: алпака, гванако, обична лама и викуња. Тие можат да се вкрстуваат и да дадат хибридно потомство.

[Рамка/слики на страница 16]

Гванако — отпорен и жилав убавец

Можеби изгледа дека на едно вакво убаво суштество со нежни црти му треба посебна грижа. Но, гванакото обично живее во најсуровите предели, од високите Анди до Патагонија и Огнената Земја, во јужна Аргентина и Чиле. Во такви негостољубиви предели, гванакото јаде стебленца и корења и ја пие водата дури и ако е со слаб квалитет. Гванакото е добар пливач и може да трча со брзина од 65 километри на час. Густите трепки го штитат од ветрот, сонцето и правот. За жал, ловокрадците лакомо го ловат гванакото поради неговото месо, крзно и волна, која е помека од волната на алпаката.

[Извор на слика]

© Joe McDonald

[Рамка/слика на страница 16]

Алпака — завиткана во топла бунда

Во земја каде што преовладуваат ниски температури кои во текот на еден ден можат да се променат и за 50 Целзиусови степени, алпаката е опремена со дебел, рунтав и долг волнен џемпер. Меката волна на алпаката е поиздржлива од волната на овцата. Благодарение на тенката муцка, алпаката може да дојде до тревките на Андите што растат во тесните пукнатини помеѓу карпите, но сепак, овие мили животни повеќе сакаат мочурливи предели, во кои има млади фиданки. Меѓутоа, исто како и другите лами, тие можат со денови да издржат без вода.

[Рамка/слика на страница 17]

Викуња — луксузно облечена

Иако викуњата живее на високите Анди каде што преовладуваат температури блиски до точката на смрзнување, таа е удобно облечена во кратко, лесно палто од животински влакна што се сметаат за најквалитетни во светот. Во склоп на нејзината облека спаѓа и еден прамен волна на градите, кој служи како марама. Зрелата викуња може да дава скоро еден килограм волна на секои две години, па затоа ова луксузно влакно е ретко — и многу скапо. Еден метар добра ткаенина од викуња може да чини повеќе од 2.500 евра.

Кога владеела империјата на Инките, биле донесувани закони за заштитита на викуњата. Се одржувал празник на стрижење, наречен чаку, а само кралското семејство имало привилегија да носи облека направена од влакно на викуња. Во последниве години повторно почнал да се одржува празникот чаку, и одново се донесени закони за заштита на овој вид од ловокрадците.

Како еден важен дел од овој празник, дивите викуњи се фаќаат во големи стапици што изгледаат како инки, чиј отвор е широк 300 метри. Потоа викуњите ги стрижат и веднаш ги пуштаат на слобода.

[Извор на слика]

© Wilfredo Loayza/PromPerú

[Рамка/слики на страница 17]

Лама — аргатот на Андите

Ниту е толку силна како магаре ниту е толку брза како коњ. Сепак ламата, како скапоцено товарно животно, ги засенува и магарето и коњот. Всушност, на својот грб таа може да носи цели 60 килограми. Ако почувствува дека товарот ѝ е премногу тежок, ламата едноставно ќе си седне и нема ни да мрдне сѐ додека товарот не ѝ го олеснат колку што сака. Ако се обидете сосила да ја натерате да стане, ламата ќе ве плукне со зачудувачка прецизност и сила, со храна што може да ја поврати од првиот од своите три желудници.

Сепак, општо земено ламите се питоми животни и ако ги води нежно, еден човек може да предводи долга колона лами низ негостољубиви висорамнини каде што други товарни животни не можат да издржат затоа што воздухот е сиромашен со кислород. Затоа што ламата е способна да се движи на планински терен, таа се користи како товарно животно не само на Андите туку и на италијанските Алпи. Јажето, уздата и ќебенцето на ламата можат да бидат направени баш од нејзината волна.

[Извор на слика]

© Anibal Solimano/PromPerú

[Слика на страница 18]

Неодамна истрижена алпака

[Слика на страница 18]

Младенче на ламата украсено со перче

[Извори на слики на страница 15 ]

Мапа: Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.; Лами: © Alejandro Balaguer/PromPerú

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели