Гледиште на Библијата
Дали загриженоста е показател за недостиг на вера?
„ЗАБРАНЕТО Е ДА СЕ ГРИЖИТЕ.“ Вака гласел насловот на еден текст што го напишал некој пастор во почетокот на 20 век. Во него стоело дека загриженоста за материјалните работи не само што е погрешна туку претставува „тежок грев“. Неодамна, зборувајќи за тоа како можеме успешно да се бориме против загриженоста, еден коментатор изјавил: „Ако се грижиме, тоа е исто како да велиме дека немаме доверба во Бог“.
И во двата случаја, авторите ги извлекле своите заклучоци на темел на Проповедта на гората, во која Исус рекол: „Престанете тегобно да се грижите“ (Матеј 6:25). Бидејќи денес многу луѓе чувствуваат загриженост, можеби се прашуваме: Треба ли еден христијанин да чувствува вина затоа што е загрижен? Дали чувствата на загриженост се показател за недостиг на вера?
Бог има разбирање за нашата несовршеност
Библијата не вели дека сите грижи се резултат на недостиг на вера. Бидејќи живееме во „критични времиња со кои тешко . . . се излегува на крај“, не е можно да не бидеме воопшто загрижени за ништо (2. Тимотеј 3:1). Верните христијани секојдневно се борат со грижи како последица од слабото здравје, староста, економските притисоци, неслогата во семејството, криминалот и други проблеми. Дури и во древни времиња, Божјите слуги се соочувале со стравови и со грижи.
Да го земеме, на пример, библискиот извештај за Лот. Бог му дал упатство да бега во планините за да не загине кога ќе бидат уништени Содом и Гомора. Но, Лот загрижено рекол: „Не така, господине [Јехова, NW]!“ Потоа нерешително продолжил: „Јас не можам да побегнам во планината, а да не ме најде несреќа и да загинам“. Зошто Лот се плашел да побегне во планините? Библијата не кажува. Но, што и да била причината, тој бил многу уплашен. Како реагирал Бог? Дали го укорил Лот затоа што немал доволно вера, односно доверба во Него? Не. Баш напротив, Јехова покажал разбирање и му дозволил на Лот да побегне во блискиот град (Битие 19:18—22).
Во Библијата се запишани и други примери на верни обожаватели што понекогаш биле многу загрижени. Пророкот Илија се уплашил и побегнал кога бил соочен со закана од смрт (1. Цареви 19:1—4). Мојсеј, Ана, Давид, Хабакук, Павле и други мажи и жени што имале силна вера исто така покажале загриженост (Излез 4:10; 1. Самоил 1:6; Псалм 55:5; Хабакук 1:2, 3; 2. Коринќаните 11:28). Сепак, Бог бил сочувствителен кон нив и продолжил да ги користи како свои слуги, покажувајќи на тој начин дека навистина има разбирање за несовршените луѓе.
‚Гревот кој лесно нѐ заплеткува‘
Од друга страна, пак, долготрајната загриженост може да нѐ исцрпи и да нѐ доведе до степен да изгубиме доверба во Бог. Апостол Павле укажал на недостигот на вера како на „грев кој лесно нѐ заплеткува“ (Евреите 12:1). Со тоа што се вклучил и себеси, Павле веројатно си признавал дека и самиот бил склон ‚лесно да се заплеткува‘ во краткотрајни периоди на слаба вера.
Можеби ова било случај и со Захарија, кој не му поверувал на ангелот што му кажал дека жена му ќе остане бремена. Во една друга прилика, апостолите на Исус не можеле да излекуваат едно момче поради нивната „мала вера“. Сепак, сите тие и понатаму имале Божје одобрување (Матеј 17:18—20; Лука 1:18, 20, 67; Јован 17:26).
Меѓутоа, во Библијата има и примери за луѓе што ја изгубиле својата доверба во Бог и поради тоа претрпеле тешки последици. На пример, на многу Израелци што излегле од Египет не им било дозволено да влезат во Ветената земја затоа што немале доволно вера. Во една прилика, тие дури зборувале директно против Бог, велејќи: „Зошто нѐ изведовте од Египет, за да изумреме во оваа пустина? Нема леб, нема вода“. Божјето негодување станало очигледно кога им пуштил змии отровници за да ги казни (Броеви 21:5, 6).
Поради недостиг на вера, жителите на Назарет, родниот град на Исус, ја пропуштиле предноста да видат како тој прави повеќе чуда. Освен тоа, од истата причина, Исус многу остро ја осудил злобната генерација од тоа време (Матеј 13:58; 17:17; Евреите 3:19). Сосем е на место предупредувањето што го дал Павле: „Браќа, чувајте се во некого од вас некогаш да не се развие злобно срце на кое му недостига вера, отстапувајќи од живиот Бог“ (Евреите 3:12).
Да, во некои екстремни случаи недостигот на вера може да извира од злобно срце. Но, ова не било случај со Захарија и со апостолите на Исус во примерите што ги спомнавме. Недостигот на вера кај нив бил резултат на моментална слабост. Нивниот целокупен начин на живот покажувал дека биле „со чисто срце“ (Матеј 5:8).
Бог знае што ни е потребно
Писмото ни помага да направиме разлика помеѓу вообичаената загриженост и гревот на недостиг на вера. Секојдневните грижи, па дури и краткотрајното губење на верата поради некоја човечка слабост, не треба да се мешаат со целосниот недостиг на доверба во Бог што извира од злобно, закоравено срце. Значи, христијаните не треба да бидат измачувани од чувства на вина само затоа што понекогаш се загрижени.
Меѓутоа, потребно е да бидеме претпазливи и да не дозволиме загриженоста да порасне толку многу што ќе почне да управува со нашиот живот. Исус мудро рекол: „Никогаш немојте тегобно да се грижите и не велете: ‚Што ќе јадеме?‘ или: ‚Што ќе пиеме?‘ или: ‚Што ќе облечеме?‘ “ Потоа ги кажал следниве утешни зборови: „Зашто вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа. Така, продолжете да го барате најнапред царството и Неговата праведност, а сите овие други работи ќе ви се додадат“ (Матеј 6:25—33).
[Слика на страница 12]
Апостол Павле понекогаш чувствувал загриженост