„Градскиот совет не треба да го изигрува ‚Големиот брат‘ “
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО КАНАДА
КАНАДСКАТА Повелба на правата и слободите ги штити слободите на сите државјани на Канада. Слободата на говор, слободата на печат и слободата на обожавање се утврдени со устав и судовите ги штитат тие слободи.
Затоа, кога во градот Блејнвил, населено место северозападно од Монтреал, беше донесен амандман на локалните закони за да се забрани вршење ‚верски посети‘ од врата на врата без дозвола, тоа го привлече вниманието на Јеховините сведоци. Предложениот амандман директно би влијаел врз нивната служба од куќа до куќа (Дела 20:20, 21). Но, зошто беше донесен тој амандман? Па, градските службеници тврделе дека биле поднесувани многу жалби во врска со посетите од врата на врата што ги вршеле Јеховините сведоци. Но, според полициските досиеја, во минатите пет години немало ниту една жалба во врска со активностите на Јеховините сведоци!
Сепак, овој амандман се усвои и во 1996 стана закон. Адвокатите на Јеховините сведоци во Блејнвил веднаш го известија градот дека, поради тоа што верската слобода е загарантирана со устав, противзаконски би било градот да го користи тој закон против активностите на Јеховините сведоци. Градските службеници го игнорираа ова известување и издадоа 17 судски покани. Како реакција на тоа, адвокатите на Сведоците покренаа судска постапка за да го спречат Блејнвил да ја ограничи верската слобода и слободата на говор — кои се права на сите канадски државјани.
На 3 и 4 октомври 2000, овој случај беше изнесен пред почитуваниот судија Жан Крепо во Врховниот суд на Квебек. По внимателното разгледување, судијата пресуди во корист на Јеховините сведоци. Судијата Крепо признал „дека подносителите на тужбата одат по стапките на првото христијанско собрание со тоа што ги посетуваат своите ближни од врата на врата со цел да ги охрабрат да задржат висок морал и голема духовност . . . Посетите во домовите на луѓето се христијанска служба што е од корист за заедницата. Јеховините сведоци ги посетуваат граѓаните на Блејнвил во просек еднаш на секои четири месеци за да разменат мислења на теми што се позитивни и од општ интерес“. Во својата пресуда, судијата Крепо наведе: „[Судот] прогласува дека Јеховините сведоци се ослободени од барањето да добијат дозвола за да ја извршуваат својата служба“.
Блејнвил поднесе жалба на одлуката што ја донесе судијата Крепо до Апелациониот суд на Квебек. Жалбата беше бранета на 17 јуни 2003, а на 27 август 2003 беше донесена пресуда со која се потврди одлуката на судијата од првостепениот суд. Осврнувајќи се на канадската Повелба за правата и слободите, која ја штити слободата на вероисповед и го вклучува правото на слободно манифестирање на религиозните верувања со нивно поучување и ширење, судот го изјави следново: „Оспорениот локален закон многу ја ограничува слободата на вероисповед кај Јеховините сведоци, како и слободата на мислата, верувањето, мислењето и говорот на граѓаните на Блејнвил . . . Доказите всушност покажуваат дека жителите на Блејнвил не се жалелеле на изнудување пари од страна на Јеховините сведоци туку од бројните препродавачи и трговските патници. Немаше ниту итна, ниту реална потреба да се регулираат активностите од врата на врата со религиозен карактер. Освен тоа, преземените мерки беа несовесно подготвени, на брзина усвоени без претходно консултирање, нелогични и несоодветни на нивната цел да се заштити приватноста на граѓаните . . . Во едно слободно и демократско општество, градскиот совет не треба да го изигрува ‚Големиот Брат‘ со тоа што ќе се обидува да одлучува кого ќе примаат жителите во своите домови навечер или во текот на викендот. Судијата од првостепениот суд имаше право кога го прогласи оспорениот локален закон за неважечки и дека не треба да се применува кога станува збор за Јеховините сведоци“.a
Јеховините сведоци се радуваат што во овој случај судовите на Квебек ја применија Повелбата на правата за да ја заштитат верската слобода на сите граѓани на Квебек од подло обесправување.
[Фуснота]
a Изразот „Големиот Брат“ е земен од романот на Џорџ Орвел со наслов 1984, во кој една измислена тоталитарна држава ги контролира своите граѓани преку еден сеприсутен водач на партијата — Големиот Брат, кој знае сѐ што се зборува и сѐ што се прави во државата.
[Карта на страница 16]
(Види во публикацијата)
КАНАДА
Блејнвил
Монтреал
САД
[Слика на страница 16]
Канадската Повелба на правата и слободите ги заштитува слободите на сите државјани на Канада
[Слики на страница 17]
Сега Сведоците можат слободно да ја извршуваат јавната служба во Блејнвил. Вметната фотографија: Се состануваат во нивната Сала на Царството