Како да се негува љубов кон учењето
„Поучи го момчето во почетокот на патот негов: тој нема да скршне од него и кога ќе остари“—(ПОСЛОВИЦИ 22:6, ПСП).
ДАЛИ некогаш сте се обиделе да ги натерате децата да заспијат кога се случувало нешто интересно? Иако се уморни, плачливи или раздразливи, тие ќе настојуваат да останат будни и да се вклучат во тоа што се случува. Нивната „потреба да го сфатат светот и да се снајдат во него е толку длабока и силна колку и нивната потреба од храна, одмор или спиење. Понекогаш можеби е дури и уште посилна“, пишува авторот Џон Холт.
Претставува предизвик кај децата да се задржи желбата да учат во текот на целиот свој живот, се разбира, вклучувајќи ги и нивните школски години. Иако не постои сигурна формула за успех, има неколку проверени стратегии што можат да ги применат родителите, наставниците и децата. Меѓутоа, поважна од која и да е стратегија е љубовта.
Давајте им љубов за да го дадат најдоброто
Децата копнеат по родителска љубов. Таа им дава чувство на сигурност, па затоа се поспремни да комуницираат, да поставуваат прашања и да истражуваат. Љубовта ги мотивира родителите редовно да разговараат со своите деца и да се интересираат за нивното образование. Истражувањето покажува дека „по сѐ изгледа родителите вршат најголемо влијание врз мотивираноста на детето да учи“, истакнува книгата Желба за учење — да им се помогне на децата да бидат мотивирани и да сакаат да учат (Eager to Learn—Helping Children Become Motivated and Love Learning). Тоа влијание е уште подобро кога родителите соработуваат со наставниците. „Ништо друго не ја обновува толку многу мотивираноста на детето да учи како соработката помеѓу родителот и наставникот“, стои во таа книга.
И родителите влијаат врз способноста на децата да учат. При едно долгогодишно истражување на 43 семејства, за кое се известува во книгата Во светот на мозокот (Inside the Brain), истражувачите „утврдиле дека децата на кои најмногу им се зборувало [во текот на првите три години од животот] имале значително повисок IQ [коефициент на интелигенција] од децата на кои родителите не им зборувале толку многу“. Во таа книга понатаму се вели дека „родителите што најмногу им зборуваат на своите деца обично ги пофалуваат децата за тоа што го постигнале, одговараат на нивните прашања, им даваат водство наместо наредби и користат многу различни зборови во најразлични комбинации“. Ако сте родител, дали комуницирате со своите деца редовно и делотворно?
Љубовта е љубезна и полна со разбирање
Сите деца не се подеднакво способни и надарени. Се разбира, родителите не би сакале да дозволат тие разлики да влијаат врз љубовта што ја покажуваат. Меѓутоа, во денешниов свет луѓето честопати се проценуваат според способностите, па затоа некои деца може да почнат „да мислат дека нивната вредност како личности се мери по тоа дали постигнале нешто повеќе од другите“, како што вели книгата Вештини на размислување и учење (Thinking and Learning Skills). Освен тоа што децата кои размислуваат на таков начин „можат лесно да доживеат неуспех“, тие можат да чувствуваат и претерана грижа и стрес. Списанието India Today забележува дека клучен фактор што во изминативе 25 години во Индија има трипати повеќе самоубиства отколку претходно е грижата што произлегува од притисокот поврзан со учењето, како и недоволната поддршка од семејството.
Децата можат да претрпат и емоционална штета ако им се вели дека се „прости“ или „глупави“. Ваквите груби забелешки го обесхрабруваат наместо да го мотивираат детето да учи. Меѓутоа, љубовта на родителот треба секогаш да биде љубезна и да ја поддржува природната желба на детето да учи — според неговото темпо, без да се плаши дека ќе биде понижено (1. Коринќаните 13:4). Ако некое дете има проблеми со учењето, родителите со љубов ќе се обидат да му помогнат и никогаш нема да го натераат детето да се чувствува глупаво или безвредно. Точно, за тоа можеби ќе биде потребна стрпливост и тактичност, но вреди да се вложи напор. Како се стекнува таква љубов? Еден важен чекор што треба да се направи во почетокот е да се гледа на работите од духовен аспект.
Духовното гледиште дава рамнотежа
Духовноста што се темели на Библијата има посебна вредност, и тоа од повеќе причини. Како прво, таа ни помага исправно да гледаме на световното образование и да го сметаме за важно, но не и за најважно. На пример, математиката можеби има практична примена на многу полиња, но не може да му помогне некому да стане морална, принципиелна личност.
Исто така, Библијата нѐ охрабрува да бидеме урамнотежени во поглед на времето што го посветуваме на световното образование, велејќи: „Знај дека е потребно неизмерливо многу труд за да се напише книга, и дека многу учење го уморува телото“ (Проповедник 12:12). Точно е дека децата треба да стекнат добро основно образование, но тоа не треба да им го одзема сето време. Потребно им е време и за други корисни активности, особено духовни активности, кои ја школуваат внатрешната личност.
Друго обележје на духовноста што се темели на Библијата е скромноста (Михеј 6:8, NW). Скромните луѓе ги прифаќаат своите ограничувања и не стануваат жртви на силна амбиција и на безмилосна конкуренција, кои се очигледни во многу образовни установи. Овие нездрави обележја „се комбинација што води до депресија“, стои во India Today. Сеедно дали сме млади или стари, многу ни е подобро кога го следиме инспирираниот совет од Библијата: „Да не стануваме егоистични, предизвикувајќи натпреварување еден со друг, завидувајќи си еден на друг“. „Но секој нека докаже какво е неговото сопствено дело, и тогаш ќе има причина за ликување во поглед на самиот себе, а не во споредба со некој друг“ (Галатите 5:26; 6:4).
Како можат родителите да го применат ова во образованието на своите деца? Еден начин е да го охрабруваат секое дете да си поставува лични цели и да се споредува самото со себе. На пример, ако Вашиот син неодамна правел тест по математика или имал диктат, нека ги спореди своите резултати со резултатите од некој претходен тест што го направил. Потоа пофалете го и охрабрете го. На тој начин ќе му помогнете да си постави достижни цели, да го следи својот напредок и да поправи некоја слабост, но да не се споредува со другите.
Меѓутоа, во денешно време некои способни млади луѓе повеќе сакаат да не им оди добро училиштето затоа што се плашат дека другите ќе им се смеат. Некои млади го прифаќаат гледиштето дека „едноставно не е ‚кул‘ да бидеш добар ученик“. Дали тука може да помогне духовното гледиште? Да, може, уште како! Да разгледаме што стои во Колошаните 3:23: „Што и да правите, работете на тоа со сета душа како за Јехова, а не како за луѓето“. Зарем можете да најдете некој повозвишен мотив да работите напорно од мотивот да му угодите на Бог? Таквото благородно гледиште дава сила да се одолее на нездравиот притисок од врсниците.
Научете ги децата да имаат љубов кон читањето
Читањето и пишувањето се основни работи што се потребни за да се стекне добро образование — како световно така и духовно. Родителите можат да потстрекнат љубов кон пишаниот збор со тоа што ќе им читаат на децата уште од најраното детство. Дафне, која работи како коректор, е радосна што нејзините родители редовно ѝ читале кога била дете. „Тие всадија во мене љубов кон пишаниот збор“, објаснува таа. „Затоа, знаев да читам уште пред да тргнам на училиште. Исто така, моите родители ме научија да истражувам за да можам да најдам одговор на моите прашања. Таквото воспитување ми е од непроценлива вредност дури и денес.“
Од друга страна, пак, Холт, цитиран претходно, опоменува дека читањето на децата „не е некакво магично апче“. Тој додава: „Ако читањето не претставува уживање и за родителот и за детето, тоа повеќе ќе наштети отколку што ќе користи . . . Дури и децата што сакаат да им се чита на глас . . . нема да уживаат ако видат дека родителите го прават тоа сосила“. Затоа, Холт предлага родителите да избираат книги во кои уживаат и самите тие, имајќи на ум дека децата можеби ќе сакаат повеќепати да слушаат како им се читаат истите книги! Две книги што милиони родители од целиот свет уживаат да им ги читаат на своите дечиња се Учи од Големиот учител и Моја книга со библиски приказни. Двете се издадени од Јеховините сведоци. Особено наменети за децата, овие публикации се богато илустрирани, поттикнуваат на размислување и поучуваат за побожни начела.
Тимотеј, еден христијанин од првиот век, бил благословен со мајка и баба што биле активно заинтересирани за неговото образование, особено за неговото духовно образование (2. Тимотеј 1:5; 3:15). Тимотеј израснал во исклучително одговорен и доверлив човек — особини што не може да ги даде само световното образование (Филипјаните 2:19, 20; 1. Тимотеј 4:12—15). Денес, во собранијата на Јеховините сведоци во целиот свет има многу фини млади луѓе како Тимотеј, и момчиња и девојки — благодарение на нивните духовно настроени родители, кои многу ги сакаат.
Поучувајте со воодушевеност!
Во книгата Желба за учење се вели дека наставникот што сака да всади кај другите љубов кон учењето „може да се опише со еден збор — воодушевеност“. „Со самото свое присуство, воодушевените наставници им кажуваат на учениците дека уживаат во она што го поучуваат, и тоа јасно зрачи од нив“.
Но, во реалноста, секој родител или учител не е полн со воодушевеност. Затоа, мудрите ученици се обидуваат сами да се мотивираат, да гледаат на учењето како на своја лична одговорност. И претходно спомнатата книга вели дека „никој нема да седи покрај нашите деца во остатокот од нивниот живот и да им помага да учат, квалитетно да работат, да размислуваат и да вложуваат додатни напори што се потребни за да се стекнат извонредни вештини“.
Повторно, ова не го става фокусот толку на училиштето колку на домот и на моралните принципи што децата ги учат таму. Родители, дали сте воодушевени кога станува збор за учењето? Дали Вашиот дом е здрава средина за учење, во која се нагласени духовните вредности? (Ефешаните 6:4). Запомнете, и Вашиот пример и Вашето поучување ќе влијаат врз децата долго време откако ќе го напуштат училиштето и домот. (Видете ја рамката „Семејства во кои децата успешно учат“, на 7. страница.)
Сфатете дека луѓето учат на различни начини
Нема два сосема исти ума; секој има свој начин на учење. Она што функционира добро кај една личност можеби нема да биде толку ефикасно кај друга личност. Затоа, во својата книга Секој ум е различен (A Mind at a Time), д-р Мел Левин наведува: „Да се постапува исто со сите деца значи да се постапува нееднакво со нив. Различни деца имаат различни потреби во учењето; тие имаат право да им бидат задоволени потребите“.
На пример, некои луѓе полесно ги сфаќаат и ги помнат поимите кога ќе видат слики или цртежи. Други повеќе го сакаат или пишаниот збор или усното изразување — а што е уште подобро, комбинација од тие две работи. „Најдобар начин да се запомни нешто е тоа да се измени, да се видоизмени информацијата на некој начин“, вели Левин. „Ако е сликовита, искажете ја информацијата со зборови, ако е со зборови, нацртајте шема или слика.“ Со ваквиот метод учењето не е само поефикасно туку и попријатно.
Се разбира, можеби ќе треба да испробате повеќе работи за да видите која метода е најдобра за Вас. Ханс, кој е полновремен христијански министер, водел библиска студија со Џорџ, еден постар човек што имал само најосновно образование. На Џорџ му било тешко да сфати некои работи и да ги запомни. Затоа, Ханс се обидел да му ги илустрира клучните мисли на тој начин што во едно тефтерче му цртал едноставни шеми. „Тоа беше многу значаен момент за Џорџ“, вели Ханс. „Всушност, тој почна да сфаќа и да помни толку добро што и самиот беше изненаден! Штом открив како му работи мозокот, утврдив дека е многу побистар отколку што го мислев во почетокот. Наскоро стекна поголема самодоверба и како никогаш дотогаш почна со радост да ги чека нашите часови“.
Никогаш не сте престари за учење
„Она што може да го направи мозокот зависи од тоа дали го користите или не“, стои во книгата Во светот на мозокот. „Тој е нешто што дефинитивно се губи ако не се користи и многу сака да учи нови работи.“ Во таа книга понатаму пишува: „Истражувачите покажуваат дека, исто како што физичките вежби им помагаат на луѓето да ја одржат својата виталност во нивните седумдесетти и осумдесетти години, така и менталните вежби можат да го имаат истиот ефект врз мозокот што старее. Долго време се мислеше дека стареењето е неповратен процес што оди надолу и води до ментална збунетост. Но, новото истражување покажува дека тоа било нешто како пророштво што сме го исполнувале сами, обично како резултат на некористење на мозокот. Освен тоа, додека стареат, луѓето не губат огромен број мозочни клетки секој ден, како што се мислеше некогаш“. Драстичното намалување на менталните функции обично е знак на некоја болест, вклучувајќи и кардиоваскуларни болести.
Точно, во подоцнежните години може да настапи извесно намалување на менталните функции, но тоа не мора да биде на критични начини. Истражувачите велат дека активниот мозок не сака да ги намали своите функции — дотолку повеќе ако личноста има и добра програма на физички вежби. „Колку повеќе некој е вклучен во учењето, толку повеќе може да учи. Оние што учат постојано, учат подобро “, вели книгата Учење — нова област во светот на постарите (Elderlearning—New Frontier in an Aging Society).
Ова беше покажано во Австралија со едно 20-годишно истражување на лица на возраст од 60 до 98 години. Резултатите од тестовите за интелигенција станувале полоши само за околу 1 процент годишно. Меѓутоа, „кај некои поединци, вклучувајќи и луѓе на деведесетгодишна возраст, воопшто немало послаби резултати“, вели истиот извештај. „Тоа обично биле луѓе што учествувале во експерименти за дисциплинирано учење, во кои било вклучено учење странски јазик и/или некој музички инструмент“.
Џорџ, спомнат претходно, бил во своите 70-ти кога почнал да ја проучува Божјата реч. И Вирџинија, која сега е во своите 80-ти, како и нејзиниот починат сопруг, Роберт, почнале да ја проучуваат Библијата кога навлегле во години. Вирџинија вели: „Иако беше речиси слеп, Роберт одржуваше кратки библиски говори во Салата на Царството врз основа на нацртите што ги имаше научено напамет. А јас никогаш не сакав многу да читам, но сега многу сакам да читам. Всушност, утрово прочитав едно цело Разбудете се!“
Џорџ, Роберт и Вирџинија се само три примери од многуте постари луѓе што не даваат да бидат ставени во стариот калап и добро го користат својот ум. Истражувањата покажуваат дека 70 или 80 години учење за мозокот е исто што и една капка во буре вода — едвај остава некаква трага. Зошто мозокот има толку голем капацитет?
[Рамка/слика на страници 4 и 5]
Интернет и телевизија — корисни или штетни?
„Употребата на Интернет има и добри и лоши страни“, стои во книгата Секој ум е различен. Може да биде многу корисно да се научи како да се наоѓаат информации, но, како што објаснува оваа книга, некои ученици само „префрлат информации во својот компјутер без вистински да ги разберат или да ги поврзат со претходното знаење. Затоа, постои ризик тој процес да стане нов начин на пасивно учење или можеби дури и начин да научат да прават плагијати“.
Истражувачите велат дека, ако се троши премногу време за да се гледа телевизија, може да се намали способноста да се решаваат проблеми и да се слуша, да затапи фантазијата и да не се прави ништо за да се изгради карактерот. „Телевизорите треба да се продаваат, исто како и цигарите, со опомена дека се опасни по здравјето на човекот“, забележува книгата Желба за учење.
Друга книга вели дека на децата најмногу им треба „да бидат изложени на јазикот (читање и разговор), да добиваат љубов и многу топли прегратки“.
[Рамка/слики на страница 7]
Семејства во кои децата успешно учат
Следниве навики и карактеристики можат да помогнат во Вашето семејство децата успешно да учат:
◼ Често и со љубов да се разговара со децата за тоа да си поставуваат високи, но разумни цели
◼ Гледиште дека напорната работа е клуч за успехот
◼ Активен, а не седечки живот
◼ Многу часови децата да учат дома секоја седмица и да се планираат активности што вклучуваат завршување на домашните задачи, читање во слободното време, хоби, семејни потфати, поучување како да се извршуваат работите низ дома
◼ Гледиште дека во семејството се дава заемна поддршка и дека во него се решаваат проблемите
◼ Правила во домот што сите јасно ги разбираат, спроведени на доследен начин
◼ Чести контакти со наставниците
◼ Да се става акцент на духовниот раст
[Слика]
Родители, дали ги учите децата да уживаат во читањето?
[Извор на слика]
На темел на книгата Желба за учење — да им се помогне на децата да бидат мотивирани и да сакаат да учат.
[Рамка/слики на страници 8 и 9]
Како да учите подобро и да уживате во тоа
Интересирајте се Ако се задлабочите во нешто, полесно ќе го научите. Книгата Мотивирани умови — да се воспитуваат децата да го сакаат учењето го вели следново: „Истражувачите јасно покажаа дека, кога децата учат затоа што уживаат во тоа, тие учат потемелно, учат повеќе и памтат подолго. Исто така, поупорни се, покреативни и повеќе сакаат предизвици“.
Поврзете го учењето со животот Авторот и педагог Ричард Л. Вивер II пишува: „Кога има директна врска помеѓу она што го учите во училницата и Вашето практично искуство, тоа е како да се вклучува сијаличката — се потстрекнува разбирањето“.
Потрудете се да сфатите Кога луѓето се трудат да сфатат нешто, тие ја стимулираат и способноста за размислување и меморијата. Учењето на памет си има свое место, но не е замена за сфаќањето. „Со сѐ што стекнуваш стекни разборитост. Високо цени ја, и ќе те возвиши“, стои во Пословици 4:7, 8 (NW).
Концентрирајте се „Концентрацијата е клуч во учењето“, објаснува книгата Научете го детето да се концентрира (Teaching Your Child Concentration). „[Таа] е толку важна што е наречена основен предуслов за интелигенција и ставена е на исто ниво со самата интелигенција“. Концентрацијата може да се научи. Тајната е во тоа да се почне со кратки периоди на учење и потоа постепено да се зголемуваат.
Изразувајте се со свои зборови „Најдобри ученици се оние што најдобро знаат да се изразат со свои зборови“, вели д-р Мел Левин во својата книга Секој ум е различен. Кога се изразувате со свои зборови, ги сведувате информациите на помали делови што полесно се памтат. Оние што добро фаќаат белешки го применуваат ова начело на тој начин што не запишуваат сѐ од збор до збор.
Поврзувајте си ги работите Во Книга за мозокот, Питер Расел ги споредува сеќавањата со куки што се закачени на претходните сеќавања. Накратко, меморијата се подобрува кога јасно ги поврзувате новите работи со она што веќе го знаете. Колку повеќе ги поврзувате работите, толку подобра меморија имате.
Замислувајте си Живите слики остануваат во главата. Затоа, замислувајте си го материјалот кога е можно. Мнемоничарите (луѓето што се занимаваат со техники за подобро памтење) ја користат оваа техника и честопати си создаваат претерани или смешни слики како помош во помнењето.
Повторувајте си За 24 часа можеме да заборавиме 80 проценти од она што сме го научиле. Со тоа што накратко ќе го повториме она што сме го научиле, а потоа пак ќе го повториме истото по еден ден, по една седмица, по еден месец, па дури и по шест месеци, многу ќе ја подобриме нашата меморија и ќе можеме да ја зголемиме дури и за речиси 100 проценти.
[Слики на страница 8]
Родителите и наставниците треба да соработуваат за да им помогнат на децата да учат
[Слики на страница 10]
Староста не мора да биде пречка за учењето