ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g04 8/12 стр. 12-14
  • Кога некој Ваш близок има душевно растројство

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Кога некој Ваш близок има душевно растројство
  • Разбудете се! 2004
  • Сличен материјал
  • Што треба да знаеш за менталните нарушувања
    Разбудете се! 2014
  • Менталното здравје на удар
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (За јавност) 2023
  • Помош за лицата со анксиозни растројства
    Разбудете се! 2012
  • Прашања од читателите
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
Повеќе
Разбудете се! 2004
g04 8/12 стр. 12-14

Кога некој Ваш близок има душевно растројство

И ТОА утро, како и секој друг работен ден, во домот на семејството Џонсон сѐ беше во најдобар ред.a Таткото, мајката и двете деца беа станати и спремни за дневните активности. Гејл го опомена својот 14⁠-годишен син, Мет, да побрза за да не го испушти училишниот автобус. Она што следеше потоа беше гром од ведро небо. Наредниот половина час, Мет го ишара ѕидот од својата соба со спреј, се обиде да подметне пожар во гаражата и проба да се обеси во поткровјето.

Гејл и нејзиниот сопруг, Френк, тргнаа со кола по брзата помош во која беше одведен Мет. Очајно се обидуваа да сфатат што се случи. За жал, ова беше само почеток. Следеа бројни вакви психотични испади кои го фрлија Мет во мрачниот свет на душевните болести. Во наредните пет мачни години, тој неколку пати се обиде да си го одземе животот, двапати беше уапсен, престојуваше во седум психијатриски установи и безброј пати беше на разговор кај психијатри. Збунетите пријатели и роднини честопати не знаеја ни што да кажат ни што да направат.

Се проценува дека секој четврти човек во светот некогаш во животот ќе се разболи од некое душевно растројство. Со оглед на овој запрепастувачки податок, големи се шансите да имате родител, дете, брат, сестра или пријател со некакво психичко нарушување. Што можете да сторите ако некој Ваш близок има таков проблем?

● Препознајте ги симптомите. Кај лицето што пати од душевно растројство можеби нема да може веднаш да се постави дијагноза. Пријателите и семејството можеби ќе ги припишуваат симптомите на хормонални промени, слабо здравје, карактерни маани или тешки околности. Мајка му на Мет веќе од порано приметила знаци што покажувале дека нешто не е во ред, но и таа и маж ѝ мислеле дека неговото променливо расположение е нормална појава во пубертетот и дека наскоро ќе му помине. Сепак, драстичните промени во спиењето, во исхраната или во однесувањето можат да бидат знаци и на нешто посериозно. Преглед од стручно лице може да придонесе за ефикасно лекување и да му го подобри животот на вашиот близок.

● Дознајте нешто повеќе за болеста. Луѓето што имаат душевно растројство обично не се во состојба многу да истражуваат за својата болест. Затоа, информациите до кои можете да дојдете од најнови и потврдени извори ќе Ви помогнат да разберете низ што минува саканото лице. Освен тоа, ќе Ви помогнат да разговарате отворено со другите и да знаете за што станува збор. На пример, Гејл им дала на баба му и на дедо му на Мет медицински брошури што им овозможиле повеќе да се запознаат со болеста па така и самите повеќе да помогнат.

● Барајте лек. И покрај тоа што некои душевни растројства можат да потраат долго време, со соодветно лекување многу заболени лица можат да водат стабилен и продуктивен живот. За жал, мнозина од нив со години не бараат помош. Исто како што човек со тешко срцево заболување мора да оди на кардиолог, така и на човек со душевно заболување му е потребна помош од специјалист што знае како се лекува таа болест. На пример, психијатрите можат да припишат лекови кои, кога се земаат на редовна база, помагаат да се контролира расположението, да се намали напнатоста и да се исправат искривените обрасци на размислување.b

● Охрабрете го болниот да бара помош. Оние што имаат душевно растројство можеби не се свесни дека им е потребна помош. Можете да му предложите на болниот да оди кај некој одреден доктор, да прочита некои корисни статии или да разговара со некого што успешно се справува со слично растројство. Можеби саканото лице нема да го прифати Вашиот совет. Но, задолжително преземете нешто ако постои опасност лицето за кое се грижите да си наштети себеси или на другите.

● Не наметнувајте му чувство на вина. Научниците сѐ уште не можат да го објаснат сложеното дејствување на факторите што придонесуваат за абнормално функционирање на мозокот, а се поврзани со генетиката, околината и друштвото. Некои од тие фактори можат да бидат повреди на мозокот, злоупотреба на дрога или алкохол, стресови од околината, биохемиска нерамнотежа и наследни предиспозиции. Воопшто нема да му помогнете на болниот ако го обвинувате дека тој самиот си придонел за болеста со она што Вие мислите дека го направил. Подобро ќе биде да се трудите да му дадете поддршка и охрабрување.

● Имајте разумни очекувања. Болниот може да се обесхрабри ако очекувате од него повеќе од она што тој може да го даде. И обратно, ако премногу ги нагласувате ограничувањата што ги има, може кај него да предизвикате чувство на беспомошност. Затоа, бидете разумни во очекувањата. Се разбира, погрешното постапување не треба да се толерира. Како и секој друг, и оние со душевно растројство можат да учат од последиците на своите постапки. Поради насилното однесување можеби ќе биде потребно да се преземат законски мерки или да се постават извесни ограничувања за да се заштити и самото лице а и другите луѓе.

● Комуницирајте. Комуникацијата е неопходна, иако на моменти може да Ви изгледа дека Вашите зборови се погрешно разбрани. Оној што има душевно растројство може да реагира непредвидливо и неговите емоции можеби нема да бидат соодветни во дадена ситуација. Сепак, ако го критикуваме тоа лице, покрај тоа што веќе е во депресија ќе го измачуваат и чувства на вина. Кога зборовите не помагаат, седете мирно и слушајте. Покажете дека имате разбирање за она што го мисли и што го чувствува саканото лице. Немојте да го осудувате. Трудете се да останете смирени. И Вие и вашиот сакан ќе имате корист ако едноставно секогаш одново покажувате дека тој многу Ви значи. Ова било случај и со Мет. Неколку години подоцна, тој ја изразил својата благодарност кон оние за кои рекол дека ‚му помагале кога не сакал да му се помага‘.

● Земете ги во обѕир потребите на останатите членови на семејството. Кога семејството мора да се сосредоточи на оној што е во криза, можат да се запостават другите членови. Извесно време сестра му на Мет, Ејми, имала чувство дека „живее во сенката на неговата болест“. Ја смалувала вредноста на сопствените достигнувања за да не го свртува вниманието кон себе. Во меѓувреме, се чинело дека нејзините родители очекувале уште повеќе од неа за, на некој начин, да надомести за сето она што не можел да го направи брат ѝ. Некои запоставени браќа или сестри во ваква ситуација прават проблеми, обидувајќи се да привлечат внимание кон себе. На семејствата што минуваат низ криза им е потребна помош за да можат сите негови членови да го добијат потребното внимание. На пример, кога целото семејство било преокупирано со проблемите на Мет, пријателите од локалното собрание на Јеховините сведоци ѝ помогнале на Ејми така што ѝ посветиле посебно внимание.

● Поттикнувајте на работи кои позитивно влијаат врз душевното здравје. Еден сеопфатен план за подобрување на душевната благосостојба треба да вклучува водење сметка за исхраната, вежбање, спиење и друштвени активности. Лицата што патат од душевно растројство обично се чувствуваат попријатно кога се во друштво на само неколку пријатели и кога извршуваат едноставни активности. Исто така, имајте на ум дека алкохолот може да ги влоши симптомите на болеста и да го смени или спречи дејството на лековите. Семејството Џонсон сега се труди да одржува една рутина која помага да се зачува душевното здравје, и која им користи на сите, а особено на нивниот син.

● Водете сметка за себе. Стресот што е поврзан со грижата за некој со душевно растројство може негативно да се одрази и на Вашата благосостојба. Затоа, неопходно е да им обрнувате внимание на своите физички, емоционални и духовни потреби. Сите членови на семејството Џонсон се Јеховини сведоци. Гејл смета дека нејзината вера во голема мера ѝ помогнала да се справи со тешката ситуација во семејството. „Христијанските состаноци беа добар лек против стресот“, вели таа, „време кога ги тргав настрана моменталните грижи и се сосредоточував на поважните прашања и на надежта за иднината. Безброј пати, очајно се молев за олеснување и секогаш доаѓаше до промена со која ми се ублажуваше болката. Со помош од Јехова Бог, задржав душевен мир — што беше право чудо со оглед на нашите околности.“

Мет е сега младич и сосема поинаку гледа на животот. „Мислам дека она низ што поминав ми помогна да станам подобра личност“, вели тој. Сестра му, Ејми, смета дека тоа искуство ѝ помогнало и нејзе лично. „Сега не сум толку критизерски настроена кон другите“, вели таа. „Никогаш не знаеш низ што поминува некој. Знае само Јехова Бог.“

Ако некој ваш близок пати од душевно растројство, секогаш имајте на ум дека уво што е спремно да слуша, рака што е спремна да помогне и став без предрасуди, може да му помогне на тоа лице да преживее — па дури и да води успешен живот.

[Фусноти]

a Имињата се променети.

b Освен потенцијалните користи, треба да се земат предвид и можните нуспојави. Разбудете се! не се залага за некој посебен медицински третман. Христијаните треба да внимаваат начинот на лекување што ќе го изберат да не биде во судир со библиските начела.

[Рамка на страница 13]

Некои симптоми на душевни растројства

Ако некој Ваш близок има кој и да било од следниве симптоми, можеби ќе треба да се консултира со доктор или со психијатар:

• Подолго време е тажен или раздразлив

• Избегнува да биде со луѓе

• Екстремни промени во расположението

• Претеран гнев

• Насилно однесување

• Злоупотреба на дрога или на алкохол

• Претеран страв и загриженост

• Ненормален страв дека ќе се здебели

• Драстични промени во навиките на исхрана и на спиење

• Постојани кошмари

• Збркано размислување

• Болни идеи и халуцинации

• Мисли за смрт или за самоубиство

• Неспособност да се справи со проблемите и со секојдневните активности

• Негирање на очигледните проблеми

• Чести необјасниви физички болести

[Слика на страница 14]

Кога зборовите не помагаат, седете мирно и слушајте

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели