Младите прашуваат . . .
Како да му кажам дека ми се допаѓа?
„Би сакала да го знам одговорот на прашањето: ‚Кој треба прв да каже дека е вљубен — тој или таа?‘“ (Лора).a
Т ОЈ е некој што си го запознала неодамна или, пак, можеби го знаеш веќе некое време — и, твоите чувства кон него не се само пријателски. Сигурна си дека и тој го чувствува истото кон тебе, но ти се чини дека нема храброст да ти каже зашто е премногу плашлив или срамежлив. Затоа се мислиш дали можеби нема да е лошо ти да го направиш првиот чекор.b
Најнапред, да размислиме како гледа на оваа работа твоето семејство и останатите во твоето место. На пример, дали кај вас е обичај родителите да им го изберат брачниот партнер на своите деца?c Точно, можеби ти сметаш дека е лична работа со кого излегуваш или со кого ќе се мажиш. Сепак, христијаните се трудат да не ги навредуваат другите без потреба. Исто така, се трудат да ги земат во обѕир и чувствата на членовите на семејството како и на пријателите.
Сепак, во многу земји денес е нормално младите сами да си изберат со кого ќе излегуваат пред да решат дали ќе се земат. Дали би било погрешно девојката да биде таа што ќе преземе иницијатива и ќе му каже на дечкото дека ѝ се допаѓа? И во врска со ова прашање треба да се земе предвид како ќе реагира на ова семејството и другите во твоето место. Дали повеќето од нив ќе бидат шокирани или запрепастени од таквата твоја постапка?
Што друго има да каже Библијата во врска со тоа дали е во ред женското да преземе иницијатива? Во библиски времиња, една богобојазлива жена по име Рута му предложила брак на еден маж кој се викал Воз. И, Јехова Бог ја благословил таквата нејзина постапка! (Рута 3:1-13). Се разбира, Рута не била дете. Таа била вдовица — значи, доволно возрасна за да се мажи. Освен тоа, не била ниту лекомислена ниту, пак, флертувала со Воз. Напротив, во целост се придржувала кон законите што Бог ги дал во врска со бракот (Второзаконие 25:5-10).
Можеби ти си доволно возрасна за да размислуваш за брак и некој дечко ти се допаѓа. Сепак, да му го отвориш срцето на некого кој можеби нема исти чувства кон тебе е малку незгодно, а и ризично — како да му го ставаш срцето на дланка. Дали тој ќе го држи нежно или, пак, ќе го пушти да падне на земја? За да не се засрамиш и да не бидеш емоционално скршена без потреба, најдобро е да постапиш во склад со библиските начела.
Постапувај промислено
Кога си вљубен, многу е лесно да сонуваш со отворени очи. Можеш да се занесеш дури до тој степен што ќе си ја замислиш и свадбата и она што ќе биде по неа. Меѓутоа, иако мечтаењето создава пријатни чувства, тоа сепак е само фантазија. Тие можат кај тебе да родат многу силни желби кои не можат да се исполнат. Библијата вели: „Одложуваната надеж го изнемоштува срцето“ (Пословици 13:12). Освен тоа, мечтаењето може да ти го искриви просудувањето. Од друга страна, во Пословици 14:15 стои: „Умниот внимава на својот чекор“. Да бидеш умна, односно промислена, значи да размислуваш трезвено и добро да ги просудуваш работите. Како можеш да бидеш промислена кога си вљубена во некого?
Пред сѐ, обиди се да ‚дејствуваш промислено [со знаење, NW]‘ (Пословици 13:16). Една девојка рекла: „Не можеш да сакаш некого додека не го запознаеш“. Пред некому да му го подариш срцето, обрни внимание што прави и како зборува тој. Посматрај како се однесува со луѓето. „Распрашај се за него кај неговите пријатели, кај повозрасни луѓе што добро го познаваат“, советува еден младич. Дали за него се ‚зборува добро‘ во неговото христијанско собрание? (Дела 16:2). Една девојка по име Изабел вели дека „може многу да ти користи и тоа што ќе излегувате во друштво и што ќе го запознаеш неговото семејство“. Кога ќе излегувате во друштво ќе можеш да го набљудуваш без да бидеш под голем притисок.
Потребни се време и стрпливост за да можеш да запознаеш некого на ваков начин. Но, тоа ќе ти помогне да забележиш какви ставови, особини и карактеристики има тој човек — кои или ќе ги потврдат твоите чувства кон него или ќе ги променат. Пословици 20:11 вели: „И детето [или младичот] се познава според она што го прави, дали е чисто и праведно неговото дело“. Да, порано или подоцна, неговите постапки ќе откријат каква личност, всушност, е тој.
Затоа, мудро е да му се спротивставиш на искушението пребрзо да му кажеш што чувствуваш кон него. Ако ти избрзаш а тој прифати, подоцна можеби ќе сфатиш дека не си одговарате.d Бидејќи си му кажала дека ти се допаѓа, ако сега му раскинеш, можеби ќе го повредиш, и тоа многу.
Каков впечаток оставаш
Но, можно е тој ист младич да те набљудува тебе! Дали може јасно да види дека од тебе зрачат христијански особини? „Сум забележала дека многу девојки не се облекуваат баш како што треба“, вели Изабел. „Ако сакаш да те забележи духовно настроено лице, мораш да се облекуваш скромно.“ Без разлика што диктираат модните трендови во светот, ако се облекуваш во „уредна облека, со скромност и здрави мисли“, ќе му бидеш попривлечна на еден духовно настроен човек (1. Тимотеј 2:9).
Библијата исто така ги поттикнува младите христијани да бидат „пример . . . во говорот“ (1. Тимотеј 4:12). Начинот на кој зборуваш открива многу за тебе. Што треба да сториш кога ќе имаш прилика да разговараш со тој дечко? Ако е срамежлив, можеби ќе биде несигурен и ќе има трема. Една млада девојка по име Аби вели: „Можеби ти ќе мораш да го почнеш разговорот за да видиш како ќе реагира“.
Но, како? Ако нон-стоп зборуваш само за себе, тој може да заклучи дека си себична и плитка. Библијата нѐ советува да ‚гледаме со личен интерес не само на сопствените работи туку со личен интерес и на туѓите‘ (Филипјаните 2:4). Можеби би можела да го потпрашаш да ти каже нешто за себе и за тоа што го интересира. Ова може да му помогне малку да се отвори.
Не би било во ред да му ласкаш, служејќи се со „измамлив јазик“ и со „лажливи усни“ (Псалм 120:2). На еден прониклив човек веднаш ќе му биде јасно дека не си искрена. Освен тоа, немој да кажуваш нешто само затоа што мислиш дека тој би сакал да го чуе тоа. Ова особено важи ако почнете сериозно да разговарате за работи како што се вашите лични духовни цели. Биди секогаш она што си — биди искрена, отворена и природна. Само тогаш ќе можеш да увидиш дали вашите животи навистина се движат во иста насока.
Ако тој сепак не е заинтересиран
Меѓутоа, што ако и покрај тоа што си му пристапила дискретно, кај него не се појавила никаква романтична искра? Можеби поминале неколку седмици — или месеци — и тој сѐ уште не покажува никаков интерес за тебе. Дали треба да си речеш дека едноставно е срамежлив? Запрашај се: ‚Ако навистина е толку срамежлив, тогаш дали е спремен за брак? Кога би се омажила за него, дали би можел да преземе водство како глава на семејството или би очекувал јас да бидам таа што ќе предводи?‘ (1. Коринќаните 11:3). Друго прашање за размислување е: ‚Дали навистина е срамежлив или едноставно не е заинтересиран за мене?‘ Болно е да заклучиш дека не му се допаѓаш. Но, ако се соочиш со вистината, подоцна не ќе мора да се срамиш што си му ги открила своите чувства на некого кој очигледно не го чувствува истото кон тебе.
Можеби ти се чини дека тој сепак со нешто покажува дека му се допаѓаш. Си мислиш дека само му треба време за да ти го каже тоа и дека му треба мало охрабрување од твоја страна. Можеби е така. Но, ако решиш ти да го направиш првиот чекор, биди свесна дека тоа е ризично. Треба добро да размислиш не само за она што ќе го кажеш туку и кога ќе биде вистинскиот момент да го кажеш.
На пример, можеби би било подобро да му покажеш со нешто дека ти годи неговото внимание, наместо веднаш да му речеш дека „ти се допаѓа“. Во некоја прилика, кога атмосферата е опуштена и пријатна, можеш едноставно да му кажеш дека би сакала да го запознаеш подобро. Не се секирај ако малку се сплеткаш. Твоите искрени чувства ќе зборуваат многу погласно од зборовите. Освен тоа, имај на ум дека ти само изразуваш желба подобро да се запознаете, а не му предлагаш брак. Сепак, и ова може да го изненади. Затоа, дај му време да го сфати она што си му го кажала.
Ако навистина си го запознала овој дечко и си видела со свои очи дека е љубезен и обѕирен, нема потреба да се плашиш дека ќе реагира лошо или дека ќе те понижи. Но, како треба да реагираш ти ако тој љубезно, но цврсто те одбие? И како треба да се однесува младичот во таква ситуација? Во некоја наредна статија од оваа рубрика ќе бидат разгледани овие прашања.
[Фусноти]
a Некои имиња се сменети.
b Иако оваа статија е пишувана за девојки, корист од библиските совети можат да извлечат и момчињата, а и другите што размислуваат да започнат врска со некого.
c Договорените бракови не се секогаш несреќни. На пример, во библиски времиња, Исак и Ревека стапиле во договорен брак, и Исак ‚ја засакал‘ Ревека (Битие 24:67, NW). Што учиме од ова? Немој брзо да ги отфрлиш месните обичаи ако тие не се во судир со Божјиот закон (Дела 5:29).
d Поглавјата 28 до 31 од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, издадена од Јеховините сведоци, може да ти помогне да одредиш дали некој ти одговара за брачен партнер.
[Слика на страница 22]
Ако го посматраш како се однесува, можеби твоите чувства кон него ќе се променат
[Слика на страница 22]
Ако си заинтересирана за некого, разговарај со одговорни возрасни лица што го познаваат