Гледиште на Библијата
Дали Бог одобрува брак меѓу лица од ист пол?
ДРЖЕЈЌИ се за рака, двајца мажи стојат в црква пред еден познат епископален бискуп. Тие даваат „завет . . . пред Бог и пред црквата“. Облечен во богато украсена златно-бела одежда, бискупот јавно го благословува нивното соединување во брак. Потоа парот се прегрнува и се бакнува, а присутните бурно им аплаудираат. Според овој бискуп, ваквите хомосексуални врски „се свети и заслужуваат да добијат благослов . . , заслужуваат да се наречат свети, зашто и се свети“.
Меѓутоа, други верски водачи силно се противат на склопувањето брак помеѓу лица од ист пол. „Многу сме вознемирени поради оваа одлука [на бискупот]“, изјави Синтија Бруст, портпарол на Американскиот англикански собир, конзервативно крило на Епископалната црква. „Да се благослови брак на лица од ист пол е спротивно на јасните учења од Библијата за бракот и сексуалната активност“, рече таа, додавајќи дека „сексуалната активност . . . треба да биде ограничена на светата брачна заедница меѓу маж и жена.“
Бурната расправија околу ова прашање не ги опфаќа само религиозните кругови. Во целиот свет има вжештени политички дебати, затоа што тоа може да има социјални, политички и економски последици кога станува збор за пензиите, заедничката здравствена заштита и даноците.
Прашањата кои се однесуваат на граѓанските права и законското признание честопати се многу комплицирани и предизвикуваат различни реакции кај јавноста. Вистинските христијани водат сметка за тоа да останат неутрални така што не се вклучуваат во политички дебати (Јован 17:16).a Сепак, некои што ја почитуваат Библијата се збунети кога станува збор за бракови меѓу лица од ист пол и за хомосексуалноста. Како гледате Вие на таквите бракови? Кое е Божјето мерило за бракот? Како влијае Вашиот став за тоа врз Вашиот однос со Бог?
Мерилото го дава нашиот Творец
Нашиот Творец поставил правила за бракот уште пред тоа да го сторат државните влади. Првата книга од Библијата ни кажува: „Човекот ќе ги остави татка си и мајка си, и ќе се прилепи кон својата жена; и тие ќе станат едно тело“ (Битие 2:24). Според Вајновиот толковен речник на библиски зборови (Vine’s Expository Dictionary of Biblical Words), хебрејскиот збор за „жена“ „означува човечко суштество од женски род“. И Исус потврдил дека во брачниот „јарем“ треба да бидат „машко и женско“ (Матеј 19:4-6).
Значи, Бог имал намера бракот да биде трајна и интимна врска меѓу еден маж и една жена. Мажот и жената се создадени да се надополнуваат еден со друг за да можат да си ги задоволат емоционалните, духовните и сексуалните потреби и желби.
Добро познатиот извештај од Библијата за Содом и Гомор ни открива што мисли Бог за хомосексуалноста. Бог рекол: „Голема е викотницата против Содом и Гомор, бидејќи нивниот грев е претежок“ (Битие 18:20). До кој степен биле морално изопачени станало очигледно кога кај праведниот Лот дошле двајца посетители. „Жителите на градот, Содомците, млади и стари, целиот народ до последниот човек, ја опкружија куќата. Го викнаа Лота и му рекоа: ‚Каде се луѓето кои дојдоа ноќеска кај тебе? Изведи ни ги, за да ги познаеме [да имаме односи со нив, NW]‘“ (Битие 19:4, 5). Библијата вели: „Жителите на Содом беа многу зли и грешни пред Господа“ (Битие 13:13).
Мажите ‚силно се распалиле со својата страст еден спрема друг, машки со машки‘ (Римјаните 1:27). ‚Тргнале по тело заради неприродна употреба‘ (Јуда 7). Некои можеби се против тоа да се користи зборот „неприродно“ кога се опишува хомосексуалното однесување, посебно во земјите каде што кампањите за правата на хомосексуалците се доста раширени. Но, зарем Бог не е тој што има право да одреди што е природно а што не? Тој му заповедал на својот древен народ: „Не легнувај со маж како што се легнува со жена, тоа е гнасно и одвратно“ (Левит 18:22).
Вашата одговорност пред Бог
Библијата е јасна: Бог не ја одобрува и не преминува преку хомосексуалноста. Тој исто така не ги прифаќа луѓето што ја одобруваат хомосексуалноста (Римјаните 1:32). А стапувањето во „брак“ не ја прави хомосексуалноста прифатлива. Божјето упатство ‚бракот да биде чесен меѓу сите‘ ги исклучува хомосексуалните врски, бидејќи Тој ги смета нив за одвратни (Евреите 13:4).
Сепак, со помош од Бог, секој може да научи ‚да се воздржува од блуд‘, во што спаѓа и хомосексуалноста, и „да завладее со својот сопствен сад во осветување и чест“ (1. Солуњаните 4:3, 4). Мора да се признае дека тоа не е секогаш лесно. Нејтанb‚ кој порано бил хомосексуалец, вели: „Мислев дека никогаш не ќе можам да се сменам“. Но, се сменил со помошта од „духот на нашиот Бог“ (1. Коринќаните 6:11). Како што увидел Нејтан, нема нерешлив проблем за Јехова, кој може да ни ги даде силата и помошта што ни се потребни за да живееме во склад со Неговите мерила и да ги добиеме Неговите благослови (Псалм 46:1).
[Фусноти]
a Јеховините сведоци не се мешаат во протести ниту во какви и да било политички кампањи со цел да се променат некои закони, па дури и тогаш кога државните закони не се во согласност со нивната совест школувана според Библијата.
b Не е неговото вистинско име.
[Извор на слика на страница 18]
Photo by Chris Hondros/Getty Images