Младите прашуваат . . .
„Дали да започнам врска преку Интернет?“
„Секој ден си испраќавме e-mail пораки. Си правевме планови каде ќе живееме и што ќе работиме. Јас требаше да ги набавам бурмите. Не се познававме ни месец а се немавме ни сретнато.“ —Моника (Австрија).a
НАВИСТИНА сакаш да сретнеш некого со кого ќе можеш да се зближиш, а можеби и да се венчаш. Но, досега не ти успеало да најдеш некој таков. Добронамерните обиди на пријателите и семејството да те спојат со некого само те довеле во непријатни ситуации и уште повеќе си се обесхрабрил. Затоа се прашуваш дали можеби технологијата ќе може да ти помогне.
Во оваа ера на компјутери, можеби се чини дека за да најдеш партнер треба само неколкупати да кликнеш со глувчето. Некои велат дека сѐ што треба да направиш е да се вклучиш на некоја Веб-страница, чет-линија или на некој Интернет огласник што е наменет специјално за самци. Во весникот The New York Times се известува дека за еден месец 45 милиони луѓе само во САД се вклучиле на Веб-страница за запознавање. Една Интернет агенција за склопување познанства тврди дека преку девет милиони луѓе во 240 земји ги користат нивните услуги.
Зошто се привлечни врските преку Интернет
Дали си срамежлив? Дали можеби ти е тешко да запознаваш нови луѓе? Дали ти е страв дека ќе бидеш одбиен? Или, можеби само сметаш дека во твојата околина нема личност со која би можел да стапиш во брак? Во тој случај, можеби ти се чини привлечна идејата да започнеш врска преку Интернет. На пример, Интернет агенциите за склопување познанства ветуваат дека сам можеш да си го избереш „партнерот“. Дадени се информации за староста, земјата во која живее, карактерни црти, фотографии и неговата шифра. Знаејќи дека можеш да бираш, можеби ќе ти изгледа дека врската преку Интернет може да биде поуспешна и помалку стресна отколку некоја средба лице в лице.
Но, каква е реалноста? Дали врските преку Интернет навистина донесуваат трајна среќа? Па, размисли за ова: Во период од шест години, една агенција за запознавање имала 11 милиони членови. Сепак, меѓу нив биле склучени само 1.475 бракови. Една друга агенција за запознавање со преку милион членови можела да се пофали само со 75 бракови! Во што е проблемот?
Вистинска слика за другиот?
Во една статија од еден весник се вели дека „на Интернет секој гледа да се прикаже како привлечен, чесен и успешен“. Но, колку се точни информациите што луѓето ги даваат за себе? Една друга статија од весник вака вели: „Се подразбира дека секој лаже по малку“. Една жена уредник на едно списание за тинејџери направила едно мало лично истражување во врска со ова. Се вклучила на трите најпопуларни Веб-страници за запознавање и набрзо добила голем број одговори. Излегла на состанок со неколкумина од нив. Какви биле резултатите? Чисто промашување! Мажите кажале апла лаги за себе. Таа предупредува: „Од лично искуство ви велам дека, луѓето што ги користат овие агенции, лажат“.
Ако некој не е потполно искрен во врска со својата висина или тежина, можеби тоа изгледа како ситна работа. ‚Изгледот и не е толку важен‘, можеби ќе речат некои. Точно, и самата Библијата вели дека „миловидноста е лажлива, убавината е суетна“ (Пословици 31:30). Но, дали лажењето за навидум ситни работи е добар начин да се започне врска? (Лука 16:10). Колку ќе му веруваш на тој човек кога ќе зборува за посериозни работи, на пример, за целите што ги има? Библијата вели: „Зборувајте вистина еден на друг“ (Захарија 8:16). Да, искреноста дава основа за да може една врска да се зајакнува.
Но, врските преку Интернет честопати донесуваат и нереалистични надежи. Во еден извештај во Newsweek е дадена следнава забелешка: „Корисниците можат многу внимателно да ги дотераат своите e-mail пораки и да се прикажат во најубаво светло . . . Како резултат на тоа, наидуваат на позитивна реакција од другата страна: тие изгледаат фини и заинтересирани за тебе, па така, и ти си фин и заинтересиран за нив“. Еден професор од Ранселаровиот политехнички институт од Њујорк, кој ги проучува врските преку Интернет, забележува дека во такви услови многу лесно може да се развие голема наклоност. Сепак, како што често е случај, ова не е гаранција дека на крајот ќе дојде до брак. За своето искуство со врските преку Интернет, еден човек напишал: „Тоа е стапица. Фантазијата ти ги пополнува празнините со токму она што го посакуваш“.
Средба лице в лице
Меѓутоа, некои сметаат дека тоа што нема лични контакти си има свои предности. Можеби сметаат дека врската преку Интернет им овозможува на двојките да се концентрираат на тоа каков е другиот однатре без изгледот да им го одвлекува вниманието. Точно е дека Библијата нѐ поттикнува да се концентрираме на особините (1. Петрово 3:4). Но сепак, проблемот е во тоа што кога имаш врска преку компјутер, не можеш да ги набљудуваш гестовите, насмевките или изразите на лицето на другиот. Не можеш да видиш како постапува со другите или како се однесува кога е под притисок. А таквите работи се многу важни за да одредиш дали тоа е некој на кого можеш да му веруваш и да го сакаш. Прочитај како Библијата ја опишува љубовта во 1. Коринќаните 13:4, 5. Забележи дека љубовта се одредува според постапките, а не според зборовите. Затоа, мораш да си одвоиш време да го набљудуваш лицето за да видиш дали она што го прави е во склад со она што го вели.
Иако ги немаат овие важни информации, двојките честопати многу брзо почнуваат да си ги кажуваат најдлабоките чувства и мисли. Без трошка претпазливост, некои двојки избрзано си даваат сериозни љубовни ветувања, иако речиси и не се познаваат. Во една статија со наслов „На Интернет, љубовта навистина е слепа“, се зборува за двајца што живееле на оддалеченост од речиси 13.000 километри и кои се запознале на Интернет. Три седмици подоцна лично се сретнале. „Таа имаше ставено многу маскара“, рекол тој. „Јас не излегувам со жени што ставаат маскара.“ Врската набрзо завршила. Резултатот од една друга лична средба бил толкаво разочарување што човекот кој однапред ѝ го платил патувањето на девојката, го откажал нејзиниот повратен авионски билет!
Една девојка по име Еда си спомнува за врската што ја имала преку Интернет. Таа вели: „Сѐ беше премногу добро за да биде вистинито. Планиравме да се венчаме“. Но, кога се сретнале, врската излегла чисто промашување. „Тој не беше таков каков што го замислував, туку на сѐ наоѓаше маана и цело време се жалеше. Едноставно немаше да функционираме заедно“. Една седмица подоцна раскинале, а Еда била потполно разочарана.
Во врските преку компјутер, кои се еден вид свет на бајки, чувствата можат прерано да се родат. Тоа може да те изложи на опасноста емоционално да бидеш скршен ако врската не успее — а веројатноста за тоа е голема. „Безумен е кој се надева на своето срце“, предупредува Пословици 28:26. Да, не е мудро да се донесуваат сериозни одлуки на темел на фантазиите или емоциите. Пословицата понатаму вели: „А се спасува кој живее мудро“.
Опасности ако се избрза
Ни најмалку не е мудро избрзано да влеташ во некоја врска кога не знаеш речиси ништо за другиот. Една изрека вели: „Се жениш набрзина, се каеш пополека“. Советот од Библијата е уште подиректен: „Секој што пребрзува трпи немаштија“ (Пословици 21:5, ПСП).
За жал, мнозина од оние што започнуваат врски на Интернет увидуваат дека тоа е вистина. Откако само еден месец се допишувала со некого, Моника, која беше цитирана во почетокот, почнала да се надева дека успеала да најде вистински партнер за брак. И покрај тоа што направила планови за брак — па дури ги испланирала и бурмите — нејзината избрзана врска завршила како „големо разочарување“.
Ти можеш да избегнеш такви рани за твоето срце ако го следиш советот од Библијата: „Претпазливиот го предвидува злото и се скрива, а неразумните одат напред, и претрпуваат казна“ (Пословици 22:3).
[Фуснота]
a Некои имиња се сменети.
[Слика на страница 13]
На Интернет луѓето често го преувеличуваат она што го кажуваат за себе или лажат
[Слика на страница 14]
По романтичното допишување на Интернет, средбата честопати излегува вистинско разочарување