„Коњи што танцуваат на ветрот“
ОД ДОПИСНИКОТА НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ОД ШПАНИЈА
„Кој ли може да ги гледа вашите складни чекори, вашата чиста, совршена прецизност, вашата одмереност, вашето грациозно движење, а да не почувствува восхит?“ (РАФАЕЛ АЛБЕРТИ, ШПАНСКИ ПОЕТ).
СВЕТЛОТО се гасне и музиката почнува. Во задниот дел од сцената се појавува јавач на бел коњ кој потскокнува во ритамот на музиката. Потоа на јавачот му се придружува една група јавачи чии коњи се движат и се вртат во совршена хармонија. Публиката останува без здив од восхит кога гледа како овие убави животни изведуваат такви грациозни чекори.
Кралската андалузиска јавачка школа во Херез де ла Фронтера (Шпанија) е позната во целиот свет по нејзините коњи што танцуваат. Претставата во која учествуваат тие е прав коњички балет. Кореографијата што се изведува во претставата се должи на класичните вежби за дресура и на doma vaquera, или традиционална шпанска коњичка дресура.a Овој спектакл е надополнет со традиционална шпанска музика и јавачи во костуми од 18. век.
Чистокрвниот шпански коњ
Коњите што се користат во претставата се чистокрвни шпански коњи, уште познати и како андалузиски коњи. Шпанскиот коњ е стара раса што пред илјадници години живеела во планините на Пиринејскиот Полуостров. Уште на Римјаните, овие коњи им биле добро познати и ги користеле во војската.
Карактеристиките по кои се истакнува андалузискиот коњ се силата, подвижноста, гордото држење и послушноста. Нивната вредност е нивниот посебен темперамент — тие се и жестоки и лесни за дресирање. Благодарение на нивната сила и подвижност, овие коњи можат да изведат многу тешки чекори и скокови. Но сепак, не е лесно од ова благородно животно да направиш грациозен танчер.
Дресура на благородниот коњ
Кралската андалузиска јавачка школа ја основал Алваро Домек во 1972 година. Во неа коњите се обучуваат со помош на внимателно одбрани гимнастички вежби со кои се развиваат нивните мускули. Со текот на времето тие ќе можат да изведуваат тешки вежби со совршена складност. Овој вид на дресура се одвива во два познати центри: Виенската шпанска школа за јавање во Австрија и Кралската школа во Шпанија. Претставите што се изведуваат во овие центри ги пленат посетителите и ги импресионираат дури и најситничавите дресери на коњи.
За да постигнат таков квалитет, и јавачот и коњот мораат многу да вежбаат. Обично, тие вежбаат заедно во период од четири години, и тоа, по седум часа на ден, пет дена од седмицата. Обуката почнува со основните вежби за дресура при кои јавачот го учи коњот да тргне на негова наредба. Откако ќе го усовршат овој почетен чекор, коњот мора да научи да се навали наназад додека се движи, поместувајќи го тежиштето кон задниот дел. Оваа вежба му помага на коњот да ја насочи својата сила во задните нозе, што е неопходно за да се изведуваат потешките чекори.
Чекорите, или движењата, што коњот ги учи се делат во две групи: природни чекори и чекори смислени од човек. За природните чекори, коњот треба да ги подобри своите природни движења — одот, касот и галопот. За чекорите што се смислени од кореографите на Кралската школа, потребно е меѓу коњот и јавачот да има блиска врска. Овие чекори вклучуваат особена прецизност и огромна физичка сила. (Види ја рамката „Основни чекори во коњичкиот балет.)
„За да ги изведат тешките вежби на Кралската школа, коњот и јавачот мораат да бидат многу блиски“, вели Хозе Марија Санчез Кобос, режисер на претставата на Кралската школа. „Андалузискиот коњ се смета за една од најблагородните коњски раси, а некои од овие животни навистина можат да му станат близок пријател на јавачот. Сепак, се случува одвреме-навреме некој коњ и јавач да не се слагаат добро и мора да се разделат.“
На прашањето како реагираат коњите на музиката, Хозе Марија објаснува: „Коњите не ја доживуваат музиката како ние, но очигледно дека музиката што ја слушаат во текот на претставата влијае на нив. Реагираат на традиционалната музика што е составен дел на претставата, а изгледа дека реагираат и на аплаузот од публиката“.
Коњите реагираат и на грижливото внимание што им се обрнува во школата. Со големо внимание се дотеруваат за претставата и се капат секој ден по тренингот за да се отстрани потта и за да се освежат. Бидејќи нивната кожа е поосетлива отколку човечката, потребна им е посебна грижа.
„Има една шпанска изрека“, додава Хозе Марија, „според која, во текот на првите 7 години го обучуваш коњот; во наредните 7 до 14 години уживаш во коњот; а по 14 години не ти користи за ништо. Но, ова не важи сосем и во нашата школа. Еден од нашите коњи, Заморано, учествуваше во претставите и на 22 години!“
Крајниот резултат на сета оваа грижлива нега и обука е претставата во која коњите ги изведуваат своите карактеристични чекори. Тогаш публиката лично може да види како коњот и јавачот стануваат едно и како овие грациозни но силни животни изведуваат складни чекори во ритамот на традиционалната шпанска музика. Не е ни чудо што Алберти, во последниот стих од својата поема што беше цитирана на почетокот, ги опишал овие грациозни животни како „коњи што танцуваат на ветрот“.
[Фуснота]
a Според The American Heritage Dictionary of the English Language, изразот „дресура“ значи „јавачот со благи движења на рацете, нозете и телото да управува со коњот при што коњот изведува низа сложени движења“. Doma vaquera се однесува на традиционалните коњички вежби што се темелат претежно на работата што коњите ја вршат на шпанските сточарски фарми.
[Рамка/слики на страница 17]
Основни чекори на коњичкиот балет
Изразот „чекори“ се однесува на различните движења што ги изведуваат коњите. Еве некои основни чекори:
Пјаф: Коњот изведува ритмички кас, при што не се движи туку изгледа како да трча во место.
Пасаж: Коњот полека каска, при што ги подига копитата високо, поради што изгледа како да танцува.
Левад: Коњот ги подига предните нозе високо над земјата и стои под агол од 45 степени. За овој чекор потребна е извонредна контрола на мускулите и совршена рамнотежа.
Курвет: Коњот изведува низа скокови на задните нозе не допирајќи ја земјата со предните нозе.
Каприол: Коњот скока во воздух и кога ќе стигне до највисоката точка ги повлекува предните нозе кон градите а задните ги исфрла наназад.
Коњи во запрега
Друга дисциплина што е вклучена во претставата е анганш, или парови. Коњите влечат традиционална кочија при што чекорите им се совршено синхронизирани. За ова се потребни години тренинг. Украсени со најубавата опрема, коњите и јавачите претставуваат вистински спектакл што го оживува времето кога коњите и кочиите биле главно превозно средство.
[Извори на слики]
Пјаф, пасаж и каприол: Fotografía cedida por la Real Escuela Andaluza; курвет, левад и кочија: Fundación Real Escuela Andaluza del Arte Ecuestre
[Извор на слика на страница 15]
Fotografía cedida por la Real Escuela Andaluza