ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g05 8/9 стр. 4-9
  • Пет важни фактори за да најдете работа

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Пет важни фактори за да најдете работа
  • Разбудете се! 2005
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Бидете организирани
  • Дознајте дали има работни места за кои не е распишан конкурс
  • Бидете приспособливи
  • Составете добро подготвена кратка биографија
  • Добро подгответе се за разговорот
  • Како да заработам пари?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
  • Како можам да заработам пари?
    Разбудете се! 1998
  • „Надевај се на Јехова“
    The Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2022
  • Примерен човек кој прифатил исправање
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2000
Повеќе
Разбудете се! 2005
g05 8/9 стр. 4-9

Пет важни фактори за да најдете работа

КОЈ го добива најдоброто работно место? Оној што има најдобри квалификации? „Не“, вели Брајан, советник за вработување. „Работата честопати ја добива оној што бара работа на најефикасен начин.“ Што можете да направите за да бидете ефикасни во потрагата по работа? Да разгледаме пет предлози.

Бидете организирани

Ако сте останале без работа или веќе подолго време сте невработени, лесно може да се разочарате. „Кога ја изгубив работата, отпрвин бев оптимист и мислев дека ќе најдам друга“, вели Катарина, шнајдерка од Германија. „Но, месеците полека одминуваа, а јас не можев да најдам работа. Паднав во депресија. Со текот на времето, дури ми беше тешко и да разговарам на таа тема со пријателите.“

Како можете да го победите чувството на беспомошност? „Многу е важно да си направите распоред како да сте на работа за кога ќе почне денот да знаете што треба да завршите тој ден“, се предлага во книгата Get a Job in 30 Days or Less. Авторите на книгата препорачуваат да си „поставите цели за секој ден и да си запишувате што сте завршиле“. Освен тоа, велат дека „на почетокот од секој ден морате да се облечете како за на работа“. Зошто? „Кога сте облечени како што треба, Ви се зголемува самодовербата, дури и ако само разговарате на телефон.“

Да, мора да Ви биде работа да најдете работа, сеедно колку време ќе Ви треба. Катарина, која беше спомната претходно, го прифатила овој систематски пристап. Таа вели: „Од бирото за вработување си набавив адреси и телефонски броеви на потенцијални работодавачи. Се јавував на огласи во весник. Темелно го разгледав телефонскиот именик и си направив список со фирми што би можеле да имаат слободни работни места за кои сѐ уште немаше распишано конкурс, и потоа контактирав со нив. Исто така, си составив кратка биографија со моите квалификации и им ја испратив на овие фирми“. По ваквата систематска потрага, Катарина нашла добра работа.

Дознајте дали има работни места за кои не е распишан конкурс

Рибарот со најголема мрежа има најмногу шанси да улови риби. Така, и Вие, ако знаете како да си ја зголемите „мрежата“, ќе имате повеќе шанси да „уловите“ некоја работа. Ако барате работа само така што ќе се јавувате на огласи во весници или на Интернет, повеќето слободни работни места ќе Ви се слизнат од мрежата. За голем број работни места никогаш не е распишан конкурс. Како можете да дознаете каде има слободни места?

Освен што ќе се јавувате на огласи, и Вие, како Катарина, морате секоја седмица да си одвоите време за да се јавувате во фирми во коишто мислите дека би можело да има работно место за Вас. Не чекајте тие да распишат конкурс за слободните места. Ако некој работодавец Ви каже дека нема слободни места, прашајте го дали знае каде би можеле да барате и со кого конкретно би можеле да разговарате. Ако Ви даде предлог, закажете состанок со таа фирма, наведувајќи го името на лицето што Ве препорачало.

Тони, кој беше спомнат во претходната статија, нашол работа на тој начин. „Презедов чекори да стапам во контакт со фирмите иако немаа распишано конкурс за работни места“, објаснува тој. „Во една фирма ми рекоа дека моментално немаат слободни работни места, но дека можам да им се јавам за три месеци. Се јавив и добив работа.“

Примроуз, самохрана мајка од Јужноафриканската Република, направила нешто слично. „Додека одев на курс за прва помош“, вели таа, „забележав дека преку улица се гради нова зграда и дознав дека тоа ќе биде старски дом. Постојано се обидував да закажам средба со управникот на таа установа. На крајот ми рече дека моментално немаат слободни работни места. Но, постојано наминував да прашам дали има некоја работа за мене, па дури и како волонтер. Подоцна, бев вработена на привремено. Вредно работев сѐ што ќе ми беше дадено. Како резултат на тоа, стекнав дополнителни квалификации и добив постојана работа во таа установа.“

Можете да ги замолите и пријателите, роднините и други познајници да Ви помогнат да дознаете за работни места за кои не е распишан конкурс. Јакобус, службеник за безбедност од Јужноафриканската Република, нашол работа на тој начин. Тој вели: „Кога се затвори фирмата во којашто работев, им кажав на пријателите и на роднините дека барам работа. Еден ден, додека чекал на касата во еден супермаркет, еден мој пријател слушнал две жени како си разговараат. Едната жена ја прашала другата дали знае некој што бара работа. Мојот пријател се вмешал и ѝ спомнал на жената за мене. Беше договорен состанок и ја добив работата“.

Бидете приспособливи

За да имате поголеми шанси да најдете работа, морате да бидете приспособливи. Хаиме, кој беше спомнат во претходната статија, вели: „Не е многу веројатно дека ќе најдете работа баш по Ваша мерка. Морате да научите да бидете задоволни со работа што не е најидеална“.

Да се биде приспособлив можеби ќе значи да се надминат предрасудите во врска со некој вид работа. Размислете за Ерика, која живее во Мексико. Иако била квалификувана секретарка, отпрвин не можела да најде работа каква што сакала таа. „Сфатив дека треба да прифатам секаква пристојна работа“, вели таа. „Некое време работев како продавачка. Исто така, продавав храна на улица и чистев куќи. По некое време, успеав да најдам работа за која што бев обучена.“

Кога ја изгубила работата како службеничка, и Мери, којашто беше спомната во претходната статија, увидела дека човек треба да биде приспособлив. Таа објаснува: „Не се држев строго на тоа да најдам иста работа како претходната. Се распрашував за секоја работа за која ќе чуев, па дури и ако тоа беше работа што другите можеби би ја сметале за ниска. Како резултат на тоа, успеав да најдам работа за да се издржуваме јас и моите две деца“.

Составете добро подготвена кратка биографија

Оние што конкурираат за раководни места, мораат да состават и да приложат кратка професионална биографија. Но, сеедно каква работа барате, од голема помош може да Ви биде ако имате една добро подготвена кратка биографија. „Кратката биографија не само што на потенцијалните работодавачи им кажува кој си и што си, туку и што си постигнал и зошто си им потребен“, вели Најџел, советник за вработување во Австралија.

Како се составува кратка биографија? Напишете ги името и презимето, адресата, телефонскиот број и Вашата електронска адреса. Наведете ја својата цел. Наведете какво образование имате, нагласувајќи ги обуката и вештините што се поврзани со работата за која конкурирате. Дајте детали за своето претходно работно искуство. Не вклучувајте само што сте работеле, туку и наведете ги целите што сте ги оствариле и користа што ја имале Вашите претходни работодавачи од Вашата работа. Исто така, нагласете аспекти од претходната работа што Ве квалификуваат за работата што моментално ја барате. Дајте лични информации што ги опишуваат Вашите особини, интереси и хобија. Бидејќи потребите се разликуваат од фирма до фирма, можеби ќе треба да ја приспособите Вашата кратка биографија за секоја молба.

Дали треба да дадете кратка биографија ако првпат конкурирате за работа? Да! Можеби многу работи што сте ги правеле можат да се сметаат за работно искуство. На пример, дали имате некое хоби, како што е обработка на дрво или поправање стари автомобили? И тоа можете да го наведете. Дали сте работеле некоја волонтерска работа? Наведете каква волонтерска работа сте работеле и кои цели сте ги постигнале. (Видете ја рамката „Примерок на кратка биографија за оние без работно искуство“.)

Кога не можете да закажете средба со некој потенцијален работодавач, оставете мала картичка — по можност 10 на 15 сантиметри — на која е запишано Вашето име, адресата, телефонскиот број и електронската адреса, како и накратко кои се Вашите способности и достигнувања. На задната страна од картичката, ако е на место, можете да ставите и Ваша фотографија. Дајте им ваква картичка на сите што би можеле да Ви помогнат да најдете работа и замолете ги да ја дадат на секој што знаат дека нуди работа каква што барате. Кога некој потенцијален работодавач ќе ја види картичката, можеби ќе Ве повика на разговор, а тоа може да значи и работа!

Ако подготвите кратка биографија, поради тоа ќе се чувствувате дека Вие ја држите под контрола ситуацијата. Најџел, кој беше спомнат претходно, вели: „Кога пишувате кратка биографија, си ги средувате мислите и целите. Тоа исто така Ви ја зголемува самодовербата на тој начин што Ви помага да се подготвите за прашања кои можеби ќе Ви бидат поставени во текот на разговорот“. (Види ја рамката на 7. страница.)

Добро подгответе се за разговорот

Што е вклучено во подготовката за разговор? Може да дознаете информации за фирмата во која сакате да се вработите. Колку повеќе знаете за фирмата, толку подобар впечаток ќе оставите во текот на разговорот. Информациите што ќе ги дознаете ќе Ви помогнат да одредите дали таа фирма навистина нуди работно место што би сакале да го имате или дали е фирма за која би сакале да работите.

Потоа, размислете што ќе облечете за разговорот. Ако работата за која конкурирате вклучува физичка работа, облечете прикладна уредна и чиста облека. Уредната облека и изглед му кажуваат на потенцијалниот работодавач дека имате самопочит и дека поголема е веројатноста дека ќе ја цените и својата работа. Ако сакате да работите во канцеларија, одберете скромна облека што се смета за прикладна деловна облека во вашата средина. Најџел вели: „Одберете што ќе носите доволно долго пред да одите на разговор за да не сте во брзање и да не се изложите непотребно на стрес пред самиот разговор“.

Најџел препорачува и да дојдете на состанокот околу 15 минути порано. Се разбира, не е паметно да се дојде премногу рано. Но, може да биде катастрофално ако задоцните. Стручњаците велат дека првите три секунди од разговорот се пресудни. За тоа кратко време, оној што Ве распрашува го проценува Вашиот изглед и Вашето држење, што длабоко влијае врз неговото мислење за Вас. Ако задоцните, ќе оставите многу лош впечаток. Запамтете, нема втора шанса за да се поправи првиот впечаток.

Запамтете и дека оној што го води разговорот со Вас не Ви е непријател. На крајот на краиштата, веројатно и тој морал да конкурира за неговата работа, што значи дека знае како се чувствувате. Всушност, можеби и тој има трема, зашто можеби имал мала или никаква обука за тоа како се водат такви разговори. Освен тоа, ако самиот тој е работодавачот, можеби ќе изгуби многу ако го избере погрешното лице за работата.

За да ви тргне добро, насмевнете се и цврсто ракувајте се со оној со кого ќе разговарате, ако тоа е вообичаен поздрав. Во текот на разговорот, концентрирајте се на она што работодавачот го бара од Вас и на тоа што имате да му понудите. За тоа кои работи треба да ги избегнувате, Најџел вели: „Немојте постојано да ѕенѕате или да седите клапнато — доброто држење покажува дека имате самодоверба. Немојте да бидете премногу неформални или да зборувате премногу, а во никој случај немојте да користите непристојни зборови. Исто така, избегнувајте да ги критикувате Вашите претходни работодавачи и колеги — ако ги критикувате, оној со кого разговарате веројатно ќе смета дека ќе ја критикувате и оваа работа“.

За тоа што да се прави и што да се каже во текот на разговорот, стручњаците го препорачуваат следново: Гледајте го в очи лицето со кое разговарате, користете природни гестови кога зборувате и зборувајте јасно. Давајте концизни и искрени одговори и поставувајте прашања во врска со фирмата и потенцијалната работа. На крајот од разговорот, ако сѐ уште ја сакате работата, замолете да Ви ја дадат. Од тоа ќе се види Вашиот ентузијазам.

Ако ги следите предлозите што се наведени погоре, можеби наскоро ќе најдете работа. Ако најдете, што можете да направите за да имате поголеми шанси да ја задржите?

[Рамка/слика на страница 6]

Примерок на кратка биографија за оние без работно искуство

Вашето име:

Вашата адреса:

Вашиот телефонски број и електронската адреса

Цел: Барам почетничка работа во производството.

Образование: Завршено средно образование во 2004 во средното училиште во родниот град.

Курсеви: Јазици, математика, компјутери, столарство.

Вештини и способности: Вешт со рацете. Редовно го поправам семејниот автомобил. Имам направено дрвени столчиња и маса во работилницата што си ја имам дома. Уживам да ги користам вештините од математиката додека правам мебел. Имам поставувано покривна конструкција додека сум работел како доброволец на градежни проекти. Знам да ги користам речиси сите видови компјутерски програми.

Препораки: На располагање доколку бидат побарани.a

[Фуснота]

a Меѓу лицата што ќе дадат препораки можат да бидат некој професор што добро Ве познава или некој семеен пријател што има бизнис. Со тоа што наведувате дека овие имиња се на располагање доколку бидат побарани, ќе можете пред време да добиете некои индикации дека потенцијалниот работодавец е заинтересиран да Ве вработи. Не заборавајте да побарате дозвола од оние што ќе ги наведете како лица што Ве препорачуваат.

[Рамка/слика на страница 7]

Прашања што можеби ќе Ви ги постават во текот на разговорот

❑ Зошто конкурирате за ова работно место?

❑ Зошто сакате да работите баш за оваа фирма?

❑ Што знаете за работата/фирмата/индустријата?

❑ Дали некогаш сте работеле ваква работа?

❑ Со кои машини знаете да работите?

❑ Какво искуство имате на ова

поле?

❑ Кои вештини ги имате што би биле корисни за оваа работа?

❑ Кажете ми нешто за себе.

❑ Кои пет збора би рекле дека најдобро Ве

опишуваат?

❑ Можете ли да работите во стресни ситуации?

❑ Зошто ја напуштивте претходната работа?

❑ Зошто толку долго сте без работа?

❑ Какво мислење имаше за Вас Вашиот претходен работодавец?

❑ Колку често отсуствувавте од работа

на претходното работно место?

❑ Какви Ви се плановите за во иднина?

❑ Од кога би можеле да почнете со работа?

❑ Кои Ви се најјаките страни?

[Рамка/слика на страница 9]

Дали да се користат агенциите за вработување на Интернет?

На една од најголемите веб-страници за вработување во Соединетите Држави има 17 милиони кратки биографии што им се на располагање на потенцијалните работодавачи и околу 800.000 работни места за коишто можат да размислат невработените. Анкетите покажуваат дека во некои земји дури 96 проценти од луѓето бараат работа преку Интернет. Меѓутоа, истражувањата што ги направија професионалци од 40 земји покажуваат дека само 5 проценти од оние што бараат работа на Интернет успеваат да најдат работа преку овој медиум.

Доколку ја приложите својата кратка биографија на Интернет, поголем број потенцијални работодавачи ќе знаат дека барате работа, но мора да се биде претпазлив, зашто на тој начин, поголеми се и шансите да станете жртва на измама. За да се заштитите од тоа, стручњаците ги даваат следниве совети:

1. Прочитајте ги ставовите на агенцијата за вработување во врска со приватноста пред да ја приложите својата кратка биографија. Некои веб-страници за вработување ги продаваат вашите лични податоци на голем број фирми и на други заинтересирани странки.

2. Приложете ја својата кратка биографија само кај неколку угледни веб-страници за вработување. Многу е важно да ги заштитите своите лични информации за да не бидат злоупотребени. Во Вашата кратка биографија никогаш не треба да давате информации што еден крадец би можел да ги искористи за да Ви го украде идентитетот и да Ви создаде безброј финансиски проблеми. Легитимните работодавачи не мора да го знаат бројот на Вашата банковна сметка, бројот на кредитната картичка или точниот датум на раѓање.

3. Чувајте се од нејасно дефинирани понуди за работа. Пам Диксон, истражувач од Светскиот форум за приватност, вели дека колку е поопшта понудата за работа, обично и толку е поневеродостојна. „Неодредените зборови како ‚Имаме илјадници работни места‘ или ‚Работиме со големи фирми‘ е знак за претпазливост“, вели таа и додава: „Кога ќе биде побарано да испратите уште една копија од Вашата кратка биографија, и тоа може да биде знак за претпазливост.“

Запамтете, дури и најугледните веб-страници за вработување не можат да контролираат што ќе се случи со Вашата кратка биографија кога некој потенцијален работодавец или некоја друга заинтересирана странка ќе ја симне од Интернет.

[Графикон/слика на страница 5]

ВРАБОТУВАЊЕ

Добро подгответе се за разговорот

Составете добро подготвена кратка биографија

Бидете приспособливи

Дознајте дали има работни места за кои не е распишан конкурс

Бидете организирани

[Слика на страница 7]

За да се најде работа потребна е упорност и темелно истражување

[Слика на страница 8]

При разговорите за работа може да Ви помогне ако се однесувате деловно

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели