Прекумерното пиење и здравјето
„Санте!“ „Салуте!“ „За ваше здоровје!“ „Чук сук кое!“ Сеедно дали сте во Франција, Италија, Русија или Виетнам, слични здравици можат да се чујат пред пријателите да се напијат нешто: „На здравје!“ Сепак, парадоксот е во тоа што пиењето носи в гроб милиони луѓе низ целиот свет.
ПРЕКУМЕРНОТО пиење е сложен проблем што вклучува опасно пиење, штетно пиење и зависност. Светската здравствена организација го дефинира опасното пиење како „редовно пиење алкохол кое со себе носи ризик од штетни последици“ во физички, ментален или општествен поглед. Тоа вклучува пиење над границите што ги препорачуваат стручњаците на полето на здравјето или што ги дозволува законот. Штетното пиење, наречено и неумерено пиење, вклучува пиење што веќе нанесува физичка или ментална штета, но кое сѐ уште не преминало во зависност. Зависноста се опишува како „неспособност да се контролира пиењето алкохол“. Еден човек зависен од алкохол копнее по алкохол, продолжува да пие и покрај разните проблеми што тоа му ги носи, а кога не пие, поминува низ тешки маки.
Без разлика на Вашата возраст, пол или националност, не можете да го избегнете ризикот од опасното пиење. Како точно влијае алкохолот на Вашето тело? Кои опасности по Вашето здравје ги носи прекумерното пиење? И што обично се смета за безопасна количина алкохол?
Опасно за умот
Етанолот, хемиската состојка што ја има во повеќето алкохолни пијалаци, е невротоксин — т.е., супстанција што може да го оштети или да го уништи нервниот систем. Еден пијан човек, всушност, доживува еден облик на труење. Кога ќе се прими во големи количини, етанолот предизвикува кома и смрт. На пример, меѓу студентите во Јапонија, од обичајот икиноми, или пиење на екс, секоја година умираат по неколку студенти. Телото има способност да го претвора етанолот во безопасни супстанции, но тоа не се случува веднаш. Ако алкохолот се пие побрзо отколку што телото може да го преработи, етанолот се таложи во телото и почнува забележително да влијае врз работата на мозокот. Како?
Говорот, видот, координацијата, мислењето и однесувањето се поврзани меѓу себе со низа крајно сложени хемиски реакции во невроните, или основните клетки во мозокот. Присуството на етанол ги менува тие реакции, спречувајќи ја или забрзувајќи ја функцијата на извесни неуротрансмитери — хемиски супстанции што пренесуваат сигнали од еден до друг неврон. На тој начин, се менува протокот на информации во мозокот поради што тој не може да функционира нормално. Затоа, кога некој ќе испие премногу, почнува да му се плетка јазикот, да му се мати видот, се тетерави и не може да си го контролира однесувањето — сиве овие се вообичаени симптоми на пијанство.
Кога долго време е изложена на алкохол, хемијата на мозокот се приспособува за да се спротивстави на отровното влијание на етанолот и да продолжи нормално да функционира. Ова доведува до резистентност, поради што сега истата количина алкохол има помало влијание отколку што имала порано. До зависност доаѓа кога мозокот толку многу ќе се приспособи на присуството на алкохол што повеќе не може да функционира без него. Телото копнее по алкохол за да ја одржи хемиската рамнотежа. Кога на еден човек ќе му се ускрати алкохолот, хемијата во неговиот мозок е целосно дестабилизирана и почнуваат да се појавуваат симптомите на апстиненција, како што се вознемиреност, треперење, па дури и напади.
Освен што предизвикува промени во хемијата на мозокот, прекумерното пиење може да доведе и до атрофија и уништување на клетките, со што се менува самата структура на мозокот. Иако со апстиненција може да се постигне делумно закрепнување, дел од оваа штета изгледа дека е непоправлив, а тоа влијае на памтењето и други когнитивни функции. Штетата што ја претрпува мозокот не е само резултат на долготрајна изложеност на алкохол. Истражувачите укажуваат дека дури и релативно кратки периоди на прекумерно пиење можат да бидат штетни.
Заболување на црниот дроб и рак
Црниот дроб игра многу важна улога во физичко-хемиските процеси на преработка на храната, во борбата против инфекциите, во регулирањето на циркулацијата на крвта и во отстранувањето на токсичните супстанции од телото, меѓу кои е и алкохолот. Долготрајната изложеност на алкохол го оштетува црниот дроб во три стадиума. Во првиот стадиум, разлагањето на етанолот го забавува варењето на мастите, што предизвикува тие да се таложат во црниот дроб. Ова се нарекува алкохолна стеатоза, или задебелување на црниот дроб. Со текот на времето, тоа преоѓа во хронично воспаление на црниот дроб, или хепатит. Иако алкохолот може да биде директна причина за хепатит, се чини дека тој ја намалува и отпорноста на телото на хепатит Б и на хепатит Ц.a Доколку не се спречи, воспалението предизвикува клетките да пукаат и да умрат. Бидејќи ја зголемува штетата, изгледа дека алкохолот предизвикува програмирана смрт на клетките од природниот систем што се нарекува апоптоза.
Крајниот стадиум е цироза. Сѐ полошиот циклус од постојано воспаление и уништување на клетките предизвикува трајна штета. Постепено, наместо да остане сунѓерест, во црниот дроб почнуваат да се прават грутки. На крајот, оштетеното ткиво ја спречува крвта нормално да протекува, поради што црниот дроб престанува да работи, а тоа, пак, води до смрт.
Алкохолот влијае врз црниот дроб и на уште еден подмолен начин — црниот дроб сѐ помалку може да ја игра својата одбранбена улога во борбата против супстанциите што предизвикуваат рак. Покрај тоа што го потпомага развојот на ракот на црниот дроб, алкохолот многу го зголемува и ризикот од рак на устата, на голтникот, на грлото и на хранопроводникот. Освен тоа, поради алкохолот, канцерогените супстанции од никотинот полесно навлегуваат во слузницата во устата, со што се зголемува ризикот од рак кај пушачите. Жените што пијат секој ден се во поголема опасност да добијат рак на градите. Според едно истражување, ризикот од рак на градите е за 69 проценти поголем кај жените што пијат три или повеќе алкохолни пијалаци на ден отколку кај жените што не пијат алкохол.
Затруени бебиња
Прекумерното пиење има особено трагични последици врз неродените деца. „Алкохолот е многу поштетен за фетусот во развој отколку која и да било дрога“, се известува во International Herald Tribune. Кога една трудна жена пие алкохол, и нејзиното дете го прима тој алкохол, а токсичното влијание од него е особено погубен во овој развоен стадиум на фетусот. Алкохолот предизвикува трајна штета на неговиот централен нервен систем. Невроните не се развиваат како што треба. Клетките се уништени. Други клетки се развиваат на погрешно место.
Последицата од ова — алкохолен синдром на фетусот — е главна причина за ментална ретардација кај новороденчињата. Меѓу тешкотиите со кои се соочуваат децата што го имаат овој синдром спаѓаат нарушување на интелектуалните способности, проблеми со јазикот, задоцнет развој, нарушување во однесувањето, бавен раст, хиперактивност и проблеми со слухот и со видот. Многу бебиња што имаат алкохолен синдром се раѓаат со карактеристични деформитети на лицето.
Освен тоа, децата чии мајки за време на бременоста пијат макар и умерени количини алкохол можат да бидат онеспособени во некои работи, како што се проблеми со однесувањето и со учењето. „Не мора да бидете алкохоличар за да му наштетите на своето бебе, треба само да сте бремена и да пиете“, вели професор Ен Страјсгат од одделот што се занимава со последиците од алкохолот и дрогата врз фетусот при Универзитетот во Вашингтон. Во истражувањето што го направи Францускиот државен институт за здравје и медицински истражувања, Alcool—Effets sur la santé, се вели: „Апсорпцијата на алкохолот е штетна во текот на целата бременост, и нема минимална доза што жената би можела да ја пие без никаков ризик за детето“. Затоа, можеби најмудро е жените што се трудни или што планираат да останат трудни воопшто да не пијат алкохол.b
Безопасна количина алкохол
Ризиците што се наведени погоре не се единствените. Во 2004 година, во една статија во списанието Nature беше истакнато дека „дури и малите количини алкохол го зголемуваат ризикот од повреда и има поголеми шанси да предизвикаат околу 60 болести“. Со оглед на ова, која количина на алкохол е безопасна? Денес, милиони луѓе низ целиот свет сосем безопасно си се напиваат алкохол одвреме-навреме. Главниот фактор за добро здравје е умереноста. Но, што точно е умереност? Повеќето луѓе сметаат дека пијат умерено, можеби мислејќи дека немаат никаков проблем сѐ додека не се опиваат или не се зависни од алкохол. Сепак, во Европа секој четврти маж пие алкохол во штетни количини.
Според разни извори, умерена количина за мажите е 20 грама чист алкохол, или два пијалака на ден, а за жените, 10 грама или еден пијалак. Француските и британските стручњаци на полето на здравјето предлагаат „разумна количина“ од три пијалака дневно за мажите и два за жените. Американскиот Државен институт за борба против алкохолизмот и злоупотребата на алкохол препорачува „луѓето над 65 години да го ограничат пиењето алкохол на еден пијалак дневно“.c Меѓутоа, сите ние различно реагираме на алкохол. Во некои случаи, дури и овие мали количини можат да бидат премногу. На пример, „умерените количини алкохол можат да бидат штетни за луѓе што имаат растројства на расположението и нервни растројства“, се вели во 10th Special Report to the U.S. Congress on Alcohol and Health. Возраста, здравствената состојба и телесната градба се фактори што мораат да се земат предвид. (Види ја рамката „Да се намали ризикот.)
Каква помош има за оние што пијат прекумерно? Следната статија ќе одговори на ова прашање.
[Фусноти]
a Според едно истражување направено во Франција, ризикот од цироза е двапати поголем кај пациентите што се заразени со хепатит Ц и кои пијат премногу отколку кај пациентите со хепатит Ц, а кои пијат умерено. Се препорачува луѓето што имаат хепатит Ц да пијат многу малку алкохол или воопшто да не пијат.
b Жените што дојат треба да имаат на ум дека, откако ќе се напијат алкохол, тој се таложи во нивното млеко. Всушност, концентрацијата на алкохол во млекото честопати е поголема отколку во крвта, зашто во млекото има повеќе вода што го апсорбира алкохолот отколку што има во крвта.
c Бидејќи она што се нарекува „пијалак“ се разликува од место до место, количината на алкохол во чашата зависи од количината што обично се служи локално и таа треба да се земе предвид пред да се пие.
[Рамка/слики на страница 5]
ЕДНА ЗА ДОБАР ПАТ?
Забраната да се вози под дејство на алкохол постои речиси откако постојат и автомобилите. Данска е првата земја која, во 1903 година, вовела закон во врска со тоа.
Кога пиете на празен стомак, алкохолот во крвта достигнува највисоко ниво за отприлика половина час откако ќе го испиете. Спротивно на општото мислење, за да се отрезните, нема да ви помогне ако се напиете кафе, ако земете свеж воздух и ако направите неколку вежби. Единственото нешто што ќе го намали дејството на алкохолот во Вашето тело е времето. Не заборавајте ни дека „алкохол си е алкохол“, т.е., ако се напиете една нормална чаша вино, пиво или жесток пијалак, количината на алкохолот е иста.d
Дури и малите количини алкохол можат да Ви ја нарушат способноста за возење. Алкохолот влијае на видот. Сообраќајните знаци Ви изгледаат помали. Ви се намалува периферниот вид, како и способноста да го процените растојанието и да се сконцентрирате на предметите во далечина. Забавуваат обработката на информациите, рефлексите и координацијата.
Ако доживеете сообраќајна несреќа откако сте се напиле алкохол, поголема е веројатноста дека ќе имате посериозни повреди отколку кога би биле трезни. Освен тоа, помали се шансите да преживеете некоја итна хируршка интервенција поради влијанието што алкохолот го има на срцето и на циркулацијата. „Затоа, спротивно на општо прифатените мислења, поголемиот број од жртвите од сообраќајни несреќи предизвикани од алкохол се самите пијани возачи“, се вели во еден извештај на францускиот Државен институт за здравје и медицински истражувања. Со оглед на опасностите, во извештајот се наведени следниве совети:
◼ Немојте да пиете пред да возите.
◼ Не влегувајте во автомобил со возач што пиел.
◼ Не дозволувајте им на пријателите или родителите да возат под дејство на алкохол.
[Фуснота]
d Општо земено, за еден час се исфрлаат околу седум грама алкохол. Што се смета за нормална чаша пијалак зависи од земја до земја. Според Светската здравствена организација, нормалната чаша алкохол содржи 10 грама чист алкохол. Ова одговара на приближно 250 милилитри пиво, 100 милилитри вино или 30 милилитри жесток пијалак.
[Слики]
Овие пијалаци содржат отприлика иста количина алкохол
Шише пиво (330 мл. со 5% алкохол)
Една чашка жесток пијалак (виски, џин, вотка) (40 мл. со 40% алкохол)
Чаша вино (140 мл. со 12% алкохол)
Мала чаша ликер (70 мл. со 25% алкохол)
[Рамка на страница 6]
ЗАВИСНОСТ ОД АЛКОХОЛ — ДАЛИ Е ВО ГЕНИТЕ?
Во обид да најдат начин да се лекува алкохолизмот, научниците се трудат да сфатат каква улога играат гените во неговото потекло и развој. Тие досега имаат откриено неколку гени што изгледа дека влијаат врз тоа како човек реагира на алкохол. Меѓутоа, за алкохолизмот не придонесуваат само генетските фактори. Дури и луѓето што имаат извесна генетеска предиспозиција, не мора да значи дека ќе станат зависници. Улога игра и средината како фактор. Како фактори што доведуваат до алкохолизам се наведуваат и лошата родителска грижа, прекумерното пиење во семејството или во околината, неслога со другите, емоционални проблеми, депресија, агресивност, желба за возбуда, висока резистентност на дејството на алкохолот или зависност од други супстанции. Овие и други фактори водат до зависност од алкохол.
[Рамка/слика на страница 6]
ФРАНЦИЈА:
Истражувањата проценуваат дека бројот на луѓе што прекумерно пијат е околу пет милиони, од кои два до три милиони се зависни од алкохол
НИГЕРИЈА:
Според лагоскиот весник Daily Champion, „преку 15 милиони Нигеријци се алкохоличари“ — тоа е речиси 12 проценти од населението
ПОРТУГАЛИЈА:
Оваа земја е една од земјите во светот во кои се пие најмногу алкохол по жител. Лисабонскиот весник Público известува дека 10 проценти од населението страда од „сериозни проблеми поврзани со алкохолот“
СОЕДИНЕТИ ДРЖАВИ:
Според 10th Special Report to the U.S. Congress on Alcohol and Health, „речиси 14 милиони Американци — 7,4 проценти од населението — би можеле да бидат дијагностицирани како лица што пијат прекумерно или како алкохоличари“
[Рамка на страница 8]
ДА СЕ НАМАЛИ РИЗИКОТ
Овие дефиниции за тоа кои количини алкохол носат мал ризик ги објави Одделот за ментално здравје и зависности при Светската здравствена организација. Сепак, ако ризикот е мал, не значи дека нема никаков ризик. Како некој ќе реагира на алкохол, зависи од човек до човек.
◼ Не повеќе од два пијалака на денe
◼ Не пијте најмалку два дена во седмицата
Во следниве околности, дури и еден или два пијалака можат да бидат премногу:
◼ Кога возите или ракувате со машина
◼ Кога сте бремени или кога доите
◼ Кога земате одредени лекови
◼ Кога имате некоја болест
◼ Кога не можете да си го контролирате пиењето
[Фуснота]
e Еден пијалак одговара на 10 грама алкохол на чаша
[Извор на слика]
Извор: Brief Intervention for Hazardous and Harmful Drinking
[Рамка/слика на страница 9]
АЛКОХОЛОТ — ДОБАР ЗА СРЦЕТО?
Научниците сметаат дека хемиските супстанции во црвеното вино (полифеноли) го спречуваат дејството на една хемиска супстанција што ги стеснува крвните садови.
Освен тоа, алкохолот обично се поврзува со зголеменото ниво на таканаречениот добар холестерол. Исто така, ги намалува супстанциите што предизвикуваат згрутчување на крвта.
Но, сите корисни ефекти од алкохолот доаѓаат кога се пијат мали количини распоредени во текот на целата седмица, а не целата количина да се испие наеднаш, на едно излегување во град. Ако се испијат повеќе од два пијалака на ден, доаѓа до повишување на крвниот притисок, а неумереното пиење го зголемува ризикот од мозочен удар и може да предизвика отоци на срцето, како и аритмија. Овие и други ризици што ги носи неумереното пиење, ги фрлаат во сенка сите позитивни ефекти што ги има алкохолот на кардиоваскуларниот систем. Претерано си е претерано — дури и кога ќе се претера со нешто добро.
[Графикон/слика на страница 7]
КАКО МОЖЕ АЛКОХОЛОТ ДА ВИ ГО ОШТЕТИ
мозокот
Изумирање на клетките, губење на памтењето, депресија, агресивно однесување
Слаб вид, говор и координација
Рак на грлото, устата, градите, црниот дроб
Маана на срцевиот мускул, можност за срцев удар
Задебелување на црниот дроб, потоа зголемување, па оштетување (цироза)
Други ризици
Слаб имунолошки систем, чиреви, воспаление на панкреасот
Кај трудните жени
ризик од деформирани или ретардирани бебиња
[Слика на страница 8]
„Алкохолот е многу поштетен за фетусот во развој отколку која и да било дрога“