Гледиште на Библијата
Дали Библијата ги дискриминира жените?
ТЕРТУЛИЈАН, теолог од третиот век, еднаш ги опишал жените како „порта на ѓаволот“. Други ја користат Библијата за да ги прикажат жените како помалку важни од мажите. Како резултат на тоа, многу луѓе сметаат дека Библијата ги дискриминира жените.
Елизабет Кади Стантон, една од првите поборници за правата на жените од 19 век, сметала дека „Библијата и црквата се најголемите пречки на патот на еманципацијата на жените“. За првите пет книги од Библијата, Стантон еднаш рекла: „Не ми се познати други книги што толку темелно поучуваат за подложност и деградација на жената“.
Иако и денес некои имаат такви екстремни гледишта, сепак мнозина сметаат дека некои делови од Библијата ја поддржуваат дискриминацијата на жените. Дали таквото мислење е оправдано?
Како се гледа на жените во Хебрејските списи
„Твојот копнеж ќе биде кон мажот твој, а тој ќе владее над тебе“ (Битие 3:16). Критичарите го наведуваат овој стих како потврда дека Бог ја осудил Ева и дека одобрува жената да му биде потчинета на мажот. Меѓутоа, наместо да биде објава на Божјата намера, овој стих точно кажува кои се жалните последици од гревот и отфрлањето на Божјето владеење. Малтретирањето на жените е директна последица од човечката несовршеност, а не Божја волја. Точно е дека во многу култури мажите доминираат над своите жени, и тоа честопати на суров начин. Но, Божјата намера не била таква.
И Адам и Ева биле создадени според Божјиот лик. Освен тоа, и двајцата ја добиле истата заповед од Бог да бидат плодни, да ја наполнат Земјата и да ја потчинат. Требало да работат заедно како тим (Битие 1:27, 28). Очигледно, во тоа време ниту еден од нив не доминирал сурово над другиот. Во Битие 1:31 се вели: „Бог виде сѐ што направи, и ете, беше многу добро“.
Во некои случаи, библиските извештаи не го изнесуваат Божјето гледиште за некоја работа. Можеби само раскажуваат историски настани. Случката за тоа кога Лот им ги понудил своите ќерки на содомците е раскажана без да се даде коментар дали тоа било прифатливо во морален поглед или не и без коментар дали Бог ја осудил постапката на Лотa (Битие 19:6-8).
Факт е дека Бог го мрази секој облик на експлоатација и малтретирање (Излез 22:22; Второзаконие 27:19; Исаија 10:1, 2). Со Мојсеевиот закон биле осудени силувањето и проституцијата (Левит 19:29; Второзаконие 22:23-29). Прељубата била забранета, а казната и за двајцата прељубници била смрт (Левит 20:10). Наместо да ги дискриминира жените, Законот ги издигнал и ги заштитувал од раширената експлоатација што била вообичаена меѓу околните народи. Добрата еврејска жена била многу почитувана и ценета (Пословици 31:10, 28-30). Тоа што Израелците не го следеле Божјиот закон и не им искажувале почит на жените било нивна грешка, а не Божја волја (Второзаконие 32:5). На крајот, Бог го осудил и го казнил народот како целина поради нивната бесрамна непослушност.
Дали подложноста е дискриминација?
Секое општество може добро да функционира само кога има ред. А за да има ред, потребно е да се спроведува авторитет. Во спротивно, доаѓа до хаос. „Бог не е Бог на неред, туку на мир“ (1. Коринќаните 14:33).
Апостол Павле го опишува начелото за поглаварство во семејството: „Глава на секој маж е Христос; а глава на жена е мажот; а глава на Христос е Бог“ (1. Коринќаните 11:3). Секој, освен Бог, се подложува на некој повисок авторитет. Дали тоа што Исус е подложен на некого значи дека е дискриминиран? Се разбира дека не! Тоа што, според Библијата, на мажите им е доверена одговорноста да предводат во собранието и во семејството не значи дека жените се дискриминирани. За да напредуваат, и во семејството и во собранието жените и мажите треба да си ги исполнуваат своите должности со љубов и почит (Ефешаните 5:21-25, 28, 29, 33).
Исус секогаш се однесувал со жените со почит. Одбил да ги следи традициите и правилата за кои што поучувале фарисеите и со кои ги дискриминирале жените. Тој зборувал со жени што не биле Еврејки (Матеј 15:22-28; Јован 4:7-9). Поучувал жени (Лука 10:38-42). Ги штител да не бидат оставени (Марко 10:11, 12). Можеби најреволуционерен чекор за неговото време било тоа што примил жени во својот тесен круг на пријатели (Лука 8:1-3). Како совршена персонификација на сите Божји особини, Исус покажал дека поединци од двата пола имаат иста вредност во очите на Бог. Всушност, меѓу раните христијани, и мажи и жени го примиле дарот на светиот дух (Дела 2:1-4, 17, 18). Оние што се помазани и имаат надеж да служат како цареви и свештеници со Христос веднаш штом ќе воскреснат за живот на небото нема да имаат полова припадност (Галатите 3:28). Авторот на Библијата, Јехова, не ги дискриминира жените.
[Фуснота]
[Слика на страница 24]
За разлика од неговите современици, Исус се однесувал со жените со почит