Мувлата — пријател и непријател!
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ШВЕДСКА
Некои видови мувла спасуваат животи; други одземаат животи. Некои видови мувла го подобруваат вкусот на сирењата и вината; други ја трујат храната. Некои видови растат на трупци, други ги напаѓаат бањите и книгите. Всушност, мувлата е насекаде — додека ја читате оваа реченица можеби веќе ги вдишувате нејзините спори.
АКО се сомневате дека мувлата ја има насекаде околу нас, само оставете парче леб на отворено, па дури и во фрижидерот. За кратко време на него ќе се создаде обвивка мека како памук — тоа е мувла!
Што е мувлата?
Мувлата спаѓа во фамилијата габи, која се состои од 100.000 видови, меѓу кои се мемлата, печурките и квасните габи. Само за стотина габи е познато дека предизвикуваат заболувања кај луѓето и кај животните. Многу други играат клучна улога во синџирот на исхрана — ги разложуваат мртвите органски материи и на тој начин ги преработуваат животоважните елементи во облик што можат да го искористат растенијата. Трети, пак, живеат во симбиоза со некои растенија, помагајќи им да ги апсорбираат хранливите материи од почвата. А некои видови мувла се паразити.
Мувлата го започнува својот живот како микроскопска спора што ја носат воздушните струи. Ако спората падне на хранлива подлога што ѝ одговара и која, меѓу другото, има соодветна температура и влажност, таа ќе се развие, формирајќи кончести клетки наречени хифи. Кога хифите ќе формираат колонија, таа мека, замрсена маса се нарекува мицелиум, и тоа е мувлата што ја гледаме. Мувлата може да личи и на прав или на дамка, како тогаш кога се појавува на фугите меѓу плочките во бањата.
Мувлата се размножува многу брзо. Во обичната мувла што се појавува на лебот, наречена Rhizopus stolonifer, ситните црни точки се телца исполнети со спори, наречени спорангии. Само една ваква точка содржи преку 50.000 спори, а секоја од нив може да создаде стотици милиони нови спори за само неколку дена! Под соодветни услови, мувлата лесно ќе се развие во некоја книга, чизма или на тапети, исто како што би се развила на трупец во некоја шума.
Како „јаде“ мувлата? За разлика од животните и луѓето, кои прво јадат а потоа ја апсорбираат храната преку процес на варење, мувлата честопати го прави обратното. Кога органските молекули се премногу големи или премногу сложени за да може да ги изеде, таа лачи ензими што помагаат во варењето на храната, кои ги разложуваат молекулите на помали единици што таа потоа ги апсорбира. Исто така, бидејќи мувлата не може да се движи за да бара храна, мора да живее во храната.
Мувлата може да лачи отровни материи наречени микотоксини, кои можат да предизвикаат непожелни реакции и кај луѓето и кај животните. Тие можат да навлезат во организмот преку вдишување, голтање или контакт со кожата. Но, не е сѐ така црно, мувлата има и некои многу корисни својства.
Мувлата како пријател
Во 1928 година, научникот Александар Флеминг случајно набљудувал колку успешно зелената мувла ги убива микробите. Оваа мувла, која подоцна е наречена Penicillium notatum, била смртоносна за бактериите, но безопасна за луѓето и животните. Ова откритие водело до пронаоѓањето на пеницилинот, наречен „најголем спасувач на животи во современата медицина“. Во 1945 година, Флеминг и неговите соработници во истражувањето, Хауард Флори и Ернст Чејн, добија Нобелова награда за медицина. Оттогаш, од мувлата се прават состојки уште за многу други медицински супстанции, вклучувајќи и лекови што спречуваат да настанат тромби во крвотокот, главоболки предизвикани од мигрена и Паркинсонова болест.
Мувлата е благодет и за непцето. Да го земеме на пример, сирењето. Сте знаеле ли дека сирењата бри, камамбер, данското сино сирење, горгонцола, рокфор и стилтон им го должат својот специфичен вкус на некои видови на мувлата Penicillium? Мувлата се користи и во производството на саламите, соја-сосот и пивото.
Истото важи и за виното. Кога некои сорти грозје ќе се наберат во вистинско време и на секој грозд има доволно габи, од тоа грозје можат да се произведат одлични десертни вина. Мувлата Botrytis cinerea ја зголемува концентрацијата на шеќери во грозјето, а со тоа се подобрува неговиот вкус. Во винарската визба, мувлата Cladosporium cellare уште повеќе ја подобрува аромата додека трае процесот на зреење. Како што вели една унгарска поговорка: ‚Добрата мувла прави добро вино‘.
Кога мувлата станува непријател
И штетните својства на некои видови мувла имаат долга историја. Во шестиот век пр.н.е., Асирците ја користеле мувлата Claviceps purpurea за да ги затрујат бунарите на своите непријатели — древен облик на биолошка војна. Во средниот век, истата оваа мувла, која понекогаш се појавува на ’ржот, кај многу луѓе предизвикала епилептични напади, болно печење, гангрена и халуцинации. Оваа болест, денес позната како ерготизам, била наречена и „огнот на Св. Антонио“ затоа што многу жртви оделе на аџилак во светилиштето на Св. Антонио во Франција, со надеж дека ќе бидат излекувани со некакво чудо.
Најсилната канцерогена супстанција (што предизвикува рак) е наречена афлатоксин — отровна материја што ја испушта мувлата. Во една азиска земја, афлатоксинот предизвикува 20.000 смртни случаи годишно. Ова смртоносно соединение се користи во современото биолошко оружје.
Меѓутоа, во секојдневниот живот, симптомите што се јавуваат кога ќе се дојде во допир со вообичаените мувли се повеќе непријатни отколку што предизвикуваат сериозни здравствени проблеми. „Повеќето видови мувла, дури и ако можете да ги намирисате, не се штетни“, стои во UC Berkeley Wellness Letter. Непожелни реакции обично се јавуваат кај оние што имаат некое заболување на белите дробови, како што е астмата; кај лица со алергии, осетливост на хемикалии или со ослабен имунолошки систем; како и кај земјоделци што се изложени на големи количества мувла. Малите деца и постарите лица се исто така поосетливи на мувлата.
Според Калифорниското министерство за здравство во Соединетите Држави, мувлата може да ги предизвика следниве симптоми: ‚Респираторни проблеми, како што е свирење во градите, отежнато и плитко дишење; затнат нос и синуси; иритација на очите (печење, солзење или црвенило); сува кашлица; надразнетост на носот или грлото; кожни осипи или иритации‘.
Мувлата и градбите
Во некои земји е вообичаено да се чуе дека некои училишта биле затворени или дека луѓето морале да го испразнат својот дом или канцеларија за да се преземе нешто против мувлата. Во почетокот на 2002 година, новоотворениот Музеј на современата уметност во Стокхолм (Шведска) мораше да се затвори поради мувлата. Отстранувањето на мувлата и заштитните мерки што беа преземени чинеа околу пет милиони долари! Зошто во последно време овој проблем стана пораширен од порано?
Вклучени се два главни фактора: градежните материјали и архитектонските решенија. Во последниве децении се гради со материјали и производи што се поосетливи на мувла. Пример за тоа се гипсените плочи, кои обично се прават од гипсено јадро обложено со специјален картон. Јадрото ја задржува влагата. Затоа, ако овој материјал остане влажен подолго време, спорите на мувлата можат да се развијат и да пораснат, хранејќи се од хартијата што се наоѓа во гипсените плочи.
Променети се и архитектонските решенија. Пред 1970-тите, многу објекти во Соединетите Држави и во некои други земји не беа толку изолирани и херметички затворени како објектите што се градеа подоцна. Подоцнежните промени беа направени со цел поекономично да се искористи енергијата во објектите со тоа што ќе се сведе на минимум губењето или влегувањето на топлина и на воздух однадвор. Затоа денес, кога ќе влезе вода, обично се задржува подолго време, што е добра подлога за појава и ширење на мувла. Постои ли решение за овој проблем?
Најефикасен начин да се решат, или барем да се намалат проблемите со мувлата е сѐ што е во станот да биде чисто и суво и да нема многу влага. Ако некаде сепак се насобере влага, веднаш исушете ја просторијата и превземете сѐ за да не се појави повторно. На пример, покривот и олуците одржувајте ги чисти и во добра состојба. Исто така, копајте бразди подалеку од куќата за да не се собира вода околу темелите. Ако имате клима-уред, садовите во кои капе водата треба да бидат чисти и цевките не треба да бидат затнати.
„Ако ја контролирате влагата, ќе ја контролирате и мувлата“, вели една агенција што се занимава со тие работи. Ако преземете некои едноставни мерки, ќе се поштедите себеси и Вашето семејство од средба со мувлата како непријател. На некој начин, мувлата е како оган. Може да наштети, но може да биде и многу корисна. Многу зависи од тоа како ја користиме и како ја контролираме. Се разбира, сѐ уште имаме да научиме многу за мувлата. Но, навистина можеме многу да научиме од Божјите чудесни творештва.
[Рамка/слика на страници 14 и 15]
ДАЛИ МУВЛАТА СЕ СПОМНУВА ВО БИБЛИЈАТА?
Во Библијата се спомнува „лепра на некоја куќа“, што значи на самата градба (Левит 14:34-48). Се претпоставува дека оваа појава, наречена и „заразна лепра“, била еден облик на мемла или мувла, но не е сигурно. Како и да е, Божјиот закон им налагал на сопствениците на таквите куќи да ги тргнат камењата на кои се појавило такво нешто, да ги изгребат сите ѕидови на куќата однатре и да ги фрлат сите сомнителни работи надвор од градот на некое „нечисто место“. Ако заразата повторно се појавела, целата куќа требало да се прогласи за нечиста и да се урне. Деталните упатства што ги дал Јехова покажале дека многу го сака својот народ и дека многу се грижи за неговото здравје.
[Слика на страница 13]
Лековите што се добиени од мувла спасуваат многу животи
[Слика на страница 15]
Гипсените плочи и винилот ја задржуваат влагата, која помага да се развие мувла