Микаел Агрикола — „зачетник на една нова ера“
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ФИНСКА
„Ниедна друга книга не извршила толку длабоко и толку сестрано влијание врз финската култура, морални принципи и размислување отколку Библијата“ (“Biblia 350 — Финската Библија и култура”).
ИМАТЕ ли Библија на Вашиот мајчин јазик? Најверојатно имате. На крајот на краиштата, Библијата — цела или делови од неа — е достапна на преку 2.000 јазици. Ова не е чиста случајност. Низ историјата, голем број мажи и жени макотрпно работеле за да ја преведат на народниот јазик, дури и кога наидувале на големи пречки. Еден од нив бил и Микаел Агрикола.
Агрикола бил изучувачот кој се зафатил да ја преведе Библијата на фински јазик. Неговите литературни дела придонеле финската култура да го добие обликот што го има денес. Не е ни чудо што е наречен „зачетник на една нова ера“!
Агрикола е роден околу 1510 година во селото Торсби во јужна Финска. Татко му бил земјоделец, од каде и доаѓа презимето Агрикола (што на латински значи „земјоделец“). Бидејќи пораснал во двојазично подрачје, Агрикола веројатно зборувал и шведски и фински. Научил уште еден јазик додека одел во едно латинско училиште во градот Виборг. Подоцна се преселил во Турку, кој во тоа време бил административен центар на Финска, и таму работел како секретар на Марти Ските, католички бискуп на Финска.
Религијата и политиката во негово време
Во времето на Агрикола, во Скандинавија имало големи превирања. Шведска се борела да се отцепи од Калмарската унија, која ја сочинувале скандинавските земји. Во 1523 година, Густав I бил крунисан за крал на Шведска. Тоа имало силно влијание врз Финска, која во тоа време била провинција под шведска власт.
Новиот крал имал намера да ја зацврсти својата власт. За да го постигне тоа, ја прифатил реформацијата која се ширела низ северна Европа. Кога ја променил религијата во своето кралство од католичка во лутеранска, ги прекинал врските со Ватикан, ја поткопал власта на католичките бискупи и го присвоил богатството на црквата. И денес, најголем број од луѓето во Шведска и во Финска се лутерани.
Главна цел на протестантизмот била црковните богослужби да се одржуваат на народен јазик, а не на латински. Затоа, во 1526 година биле издадени Христијанските грчки списи, или „Новиот завет“, на шведски. Но, во Финска влијанието на протестантизмот се ширело многу побавно. Во тоа време имало многу мал интерес за да се преведе Библијата на фински. Зошто?
„Тешка и заморна“ работа
Главната причина било тоа што на фински јазик немало речиси никакви литературни дела. Пред средината на 16 век, само неколку католички молитви биле преведени на фински. Затоа, за да се преведе Библијата на фински, требало да им се даде пишан облик на многу зборови, а морало да се измислат и сосем нови зборови и фрази. И сето ова требало да се направи без помош од учебници за јазик. Сепак, Агрикола бил решен да ја преведе Библијата!
Во 1536 година, Ските, католичкиот бискуп на Финска, го испратил Агрикола во Витенберг (Германија) за да продолжи со студиите по теологија и книжевност. Се вели дека токму во овој град, 20 години пред тоа одѕвонувале ударите од чеканот на Лутер кога, според некои извештаи, ги приковал своите познати 95 тези на вратата на катедралата.
Додека бил во Витенберг, Агрикола направил многу повеќе отколку само што студирал. Почнал една огромна задача — да ја преведе Библијата на фински. Во 1537 година, во едно писмо до шведскиот крал, Агрикола напишал: „Сѐ додека Бог ги води моите студии, ќе се трудам, како што веќе почнав, и понатаму да го преведувам Новиот завет на јазикот на финскиот народ“. Кога се вратил во Финска, продолжил да преведува и во исто време да работи како директор на едно училиште.
Преведувањето на Библијата за Агрикола било исто толку тешко колку и за сите други први преведувачи на Библијата. Дури и Лутер еднаш рекол: „Колку е тешко и заморно да ги натераш хебрејските писатели да зборуваат германски!“ Точно, Агрикола можел да ги користи преводите на други, но најголемата пречка што морал да ја надмине бил финскиот јазик. Всушност, речиси немало никаква литература на тој јазик.
Затоа, за Агрикола тоа било како да гради куќа без архитектонски план, со многу малку материјали, и тоа материјали што морал да ги бара насекаде. Како успеал? Агрикола почнал да избира зборови од разни фински дијалекти и да ги запишува онака како што се изговараат. Веројатно тој ги измислил финските зборови за „влада“, „лицемер“, „ракопис“, „војска“, „пример“ и „писар“. Составил сложенки, создал изведени зборови и позајмувал зборови од другите јазици, особено од шведскиот. Некои од тие зборови се enkeli (ангел), historia (историја), lamppu (ламба), marttyyri (маченик), и palmu (палма).
Речта Божја за својот народ
Конечно, во 1548 година, бил објавен првиот дел што го превел Агрикола — Se Wsi Testamenti (Новиот завет). Некои мислат дека овој превод бил завршен пет години порано, но дека не бил објавен во тоа време поради недостиг на финансии. Се претпоставува дека самиот Агрикола го финансирал поголемиот дел од печатењето.
Три години подоцна биле објавени Dauidin Psaltari (Псалмите), кои Агрикола веројатно ги превел со помош на некои колеги. Исто така, превел и некои од книгите на Мојсеј и пророците.
Понизно признавајќи ги своите ограничувања, Агрикола отворено напишал: „Нека ниеден христијанин и побожен човек или кој и да е читател на оваа Света книга, не ми најде замерка ако во овој нов превод има некои грешки, нешто нејасно и непријатно, или нешто кажано поинаку“. И покрај пропустите што ги има во преводите на Агрикола, неговата упорна ревност да ја направи Библијата достапна за обичниот народ заслужува голема пофалба.
Оставината на Агрикола
Во почетокот на 1557 година, Агрикола — кој тогаш веќе бил лутеран и бискуп во Турку — бил избран за член на една делегација што ја испратиле во Москва да ја смири расправијата во врска со границата меѓу Шведска и Русија. Оваа мисија била успешна. Но, изгледа дека поради тешките услови при патувањето назад, Агрикола неочекувано се разболел. Умрел на пат кон дома, кога имал отприлика 47 години.
За време на својот релативно краток живот, Агрикола напишал само околу 10 публикации на фински, со вкупно 2.400 страници. Сепак, мнозина сметаат дека овој „зачетник на една нова ера“ ѝ дал замав на финската култура. Оттогаш, финскиот јазик и народ направиле голем чекор напред на полето на уметноста и науката.
Што е уште поважно, со тоа што помогнал Божјата реч да ја пушти својата светлина врз финскиот народ, Микаел Агрикола помогнал да започне една поинаква ера. Ова убаво е кажано во една поема на латински што му била посветена по неговата смрт: „Тој не остави тестамент. Неговото творештво е негов тестамент. Ги преведе светите списи на фински — ова е дело што навистина заслужува огромна пофалба“.
[Рамка/слика на страница 23]
Библијата на фински
Првата комплетна Библија на фински јазик, која главно се темели на делото на Микаел Агрикола, била издадена во 1642 година. Со текот на времето, таа стана официјална Библија на Финската лутеранска црква. Низ годините, на овој превод биле направени неколку мали исправки, но до 1938 година останал речиси непроменет. Последен пат беше ревидиран во 1992 година.
Единствената друга комплетна Библија на фински е Преводот Нов свет на Светото писмо, издаден од Јеховините сведоци, кој беше објавен во 1995 година. Дваесет години пред тоа, во 1975 година, Јеховините сведоци веќе го имаа издадено својот превод на Христијанските грчки списи. Преводот Нов свет на Светото писмо е верен на оригиналниот текст. Досега се отпечатени околу 130.000.000 примероци.
[Слика на страница 22]
Микаел Агрикола и првата финска Библија. Поштенска картичка од 1910 година
[Извор на слика]
National Board of Antiquities/Ritva Bäckman
[Слика на страница 23]
„Новиот завет“ на Агрикола
[Извор на слика на страница 21]
National Board of Antiquities