Алхамбра — исламскиот скапоцен камен на Гранада
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ШПАНИЈА
„Колку легенди и традиции, вистинити и измислени; колку песни и балади, арапски и шпански, за љубовта и војувањето и витештвото, се поврзани со ова големо ориентално здание!“(ВАШИНГТОН ИРВИНГ, АМЕРИКАНСКИ ПИСАТЕЛ ОД 19 ВЕК).
ЛЕГЕНДАРНОТО место кое ги инспирирало овие зборови е Алхамбра, неспоредлива палата која е вистински украс на шпанскиот град Гранада. Алхамбра е делче од Арабија или Персија вгнездено на југот на Европа. Цитаделата, или тврдината, им ја должи својата извонредна убавина на Маврите, муслимани кои во текот на неколку векови имале силно влијание во Шпанија.a
Во 11 век, арапскиот емир Зави бен Зири го основал независното кралство Гранада. Тоа опстојало околу 500 години. Во текот на тој период во него цветале уметноста и културата. Престанало да постои во 1492 година, кога католичките владетели Фердинанд и Изабела му ставиле крај на владеењето на муслиманите во Шпанија.
Гранада во времето на Маврите го достигнала својот зенит откако Кордоба била освоена од христијанските војски во 1236 година. Гранада станала главен град на муслиманска Шпанија. Била изградена една палата — Алхамбра — каква што никој во Европа немал видено дотогаш. Еден одушевен писател ја опишал како „најубавата градба во целиот свет“.
Околината на Алхамбра е исто толку величествена колку и самата градба. Зад неа, како некоја колосална театарска завеса се издигаат високите снежни врвови на Сиера Невада во височина од 3.400 метри. Самата Алхамбра се наоѓа на Сабика, долгнавесто ритче покриено со шума кое се издига на 150 метри над градот. Во очите на Ибн Замрак, поет од 14 век, ритчето гледа на Гранада како што вљубениот маж ја гледа својата жена.
Град во град
Името Алхамбра, што на арапски значи „црвен“, веројатно се однесува на бојата на тулите што Маврите ги користеле за да ги изградат надворешните ѕидови. Сепак, на некои повеќе им се допаѓа објаснувањето на арапските историчари кои велат дека Алхамбра била градена под „светлината на факлите“. Оваа светлина, велат тие, им ја дала на ѕидовите црвеникавата боја, а по неа градбата го добила и своето име.
Алхамбра е многу повеќе од обична палата. Може да се опише како град во самиот град Гранада. Сместени зад нејзините долги бедеми лежат распослани градини, павилјони, самата палата, Алказаба (или, тврдина), па дури и мала медина, што на арапски значи „гратче“. Од маварскиот дизајн на Алхамбра и од подоцнежните доградби произлегла една уникатна мешавина на складна арапска уметност полна со детали проследена со покрупните, умерени црти на европската ренесанса.
Алхамбара ја должи својата убавина на еден стил што го користеле Маврите, но и древните Грци. Прво ја искористувале природната боја и структура на каменот следејќи ги принципите за складност, симетрија и едноставност. Потоа ја украсувале својата елегантна градба. Еден стручњак вели: „Маврите секогаш го земале во обѕир она што архитектите го сметале за прв принцип на архитектурата — декорирај ја градбата, а не го гради декорот“.
На обиколка низ Алхамбра
Во Алхамбра се влегува низ една огромна капија во облик на потковица, која се вика Капија на правдата. Името потсетува на судот кој во времето на муслиманската окупација се состанувал овде за да ги решава ситните жалби на лице место. Кај народите на целиот Далечен Исток било обичај да се дели правда на градските порти, и овој обичај е спомнат и во Библијата.b
Декорацијата што изобилува со детали, која е типична за арапските палати како Алхамбра, е направена од гипсен малтер. Мајсторите го обликувале овој гипс во уметнички шари кои личат на чипка, а ги има во голем број. Некои украсени сводови изгледаат како сталактити подредени во совршена симетрија. Друга одлика на оваа палата е зилиз — полирани плочки наредени во сложени геометриски шари. Тие се наредени на долниот дел од ѕидот и му даваат живи бои, што е убав контраст на пригушената боја на гипсот на горниот дел од ѕидот.
Најистакнатиот двор во Алхамбра е Дворот на лавовите, кој е опишан како „најубавиот примерок на арапска уметност во Шпанија“. Во еден локален туристички водич се вели: „Има нешто во уникатните уметнички творби што човек не може ни да си ги замисли, а камоли да ги копира . . . Токму такво чувство имаме кога го гледаме овој двор во Гранада“. Околу фонтаната што ја држат 12 мермерни лавови, се наоѓаат совршено пропорционално засводени тремови и тенки столбови. Овој двор е едно од најфотографираните места во Шпанија.
Градини што ја освежуваат душата
Во Алхамбра има и прекрасни градини, фонтани и базени.c Во својата книга Moorish Spain (Шпанија во времето на Маврите), Енрике Сордо вели дека „арапската градина е претслика на рајот“. Влијанието на исламот може да се види насекаде. Шпанскиот писател Гарсија Гомез рекол: „Во Коранот, муслиманскиот рај во детали е опишан како раскошна градина . . . наводнувана од бујни потоци“. Во Алхамбра, вода има во изобилство — што е вистински луксуз за луѓе навикнати на сувите пустини. Архитектите на градината сфатиле дека водата може да го лади воздухот и да го исполни увото со својот жубор кој опушта. Правоаголните базени со вода во која се отсликува јасното шпанско небо оставаат впечаток на пространост и светлина.
Недалеку од Алхамбра е Хенералифе, осамена маварска вила и градина што се наоѓа на Серо дел Сол, рид во близина на Сабика. Градината Хенералифе, која е прекрасен пример за парк уреден во арапски стил, е наречена „една од најубавите градини на светот“.d Порано била поврзана со палатата Алхамбра со еден мост, и изгледа служела како вила каде што се одморале владетелите на Гранада. Еден двор води до Водните скали. Овде сетилата на посетителите се преплавени со светлина, боја и мноштво мириси.
Воздишката на Маварот
Кога последниот крал на Гранада, Боабдил (Мухамед XI) им го предал градот на Фердинанд и Изабела, тој и неговото семејство морале да бегаат. Според преданијата, откако излегле од градот, застанале на една височинка што денес се вика El Suspiro del Moro (Воздишката на Маварот). Се вели дека, кога се свртеле да ја видат својата величествена црвена палата за последен пат, мајката на Баобдил му рекла на сина си: „Липај како жена за она што не можеше да го одбраниш како маж!“
Денес, некои од трите милиони туристи што годишно доаѓаат во Алхамбра, сѐ уште одат на ова место. Овде, како Баобдил, можат да ја видат целата Гранада распослана под својата арапска палата — најубавото нешто во градот. Ако некогаш отидеш во Гранада, ќе ја сфатиш тагата на последниот маварски крал.
[Фусноти]
a Во 711 година од н.е., арапските и берберските војски навлегле во Шпанија, и за седум години го покориле поголемиот дел од полуостровот. За два века, градот Кордоба станал најголемиот, а веројатно и културно најразвиениот град во Европа.
b На пример, преку пророкот Захарија Бог рекол: „Судете справедливо и мирољубиво при градските врати“ (Захарија 8:16).
c Арапите вметнале одлики на персиските и византиските градини низ целото Средоземје, вклучувајќи ја и Шпанија.
d Ова име е изведено од арапското име „Џенет-ал-Ариф“, што понекогаш се преведува „високи градини“, иако најверојатно значи „градината на архитектот“.
[Слика на страница 15]
Алказаба
[Слика на страница 16]
Дворот на лавовите
[Слика на страници 16 и 17]
Градините во Хенералифе
[Слика на страница 17]
Водните скали
[Извор на слика на страница 14]
Цртеж: EclectiCollections
[Извор на слика на страница 15]
Сите освен најгорната фотографија: Recinto Monumental de la Alhambra y Generalife
[Извор на слика на страница 16]
Сите фотографии: Recinto Monumental de la Alhambra y Generalife
[Извори на слики на страница 17]
Фотографиите горе: Recinto Monumental de la Alhambra y Generalife; фотографиите долу: J. A. Fernández/San Marcos