Гледиште на Библијата
Дали има само еден вистински Бог?
МОЛОХ, Астарта, Ваал, Дагон, Меродах, Зевс, Хермес и Артемида се имињата на некои од боговите и божиците спомнати во Библијата (Левит 18:21; Судии 2:13; 16:23; Еремија 50:2; Дела 14:12; 19:24). Сепак, само Јехова таа го нарекува Семоќен Бог. Народот, предводен од Мојсеј, пеел во чест на победата: „Кој е како тебе, Господи, [Јехова, NW] меѓу боговите?“ (Излез 15:11).
Библијата е јасна — Јехова е над сите други богови. Но, каква е улогата на овие помали богови? Дали тие, како и безбројните други богови што биле обожавани низ вековите, се вистински божества потчинети на Семоќниот Бог, Јехова?
Плод на фантазијата
Библијата јасно кажува дека Јехова е единствениот вистински Бог (Псалм 83:18; Јован 17:3). Пророкот Исаија ги запишал зборовите што ги кажал самиот Бог: „Пред мене ниеден бог не беше направен и не ќе биде после Мене. Јас, Јас сум Господ [Јехова, NW], нема спасител освен Мене“ (Исаија 43:10, 11).
Другите богови не се само помали во однос на Јехова. Во повеќето случаи воопшто и не постојат — тие се чист плод на фантазијата. Библијата ги опишува како богови што „човечки раце ги направиле . . . кои не можат ни да видат ни да чујат, ни да јадат ни да мирисаат“ (Второзаконие 4:28). Светото писмо јасно учи дека Јехова е единствениот вистински Бог.
Со оглед на тоа, не е за изненадување што Библијата строго предупредува да не се обожава никакво друго божество освен Јехова. На пример, во првата од десетте заповеди што му биле дадени на Мојсеј, на древниот израелски народ му било речено да не обожава ниту еден друг бог (Излез 20:3). Зошто?
Прво, да се почитува некаков бог што воопшто не постои е голема навреда за Творецот. За оние што веруваат во вакви лажни богови, Библијата вели: „Божјата вистина ја заменија со лага и му искажуваа почитување и му принесуваа света служба на созданието наместо на Оној кој создал“ (Римјаните 1:25). Овие лажни богови честопати се претставени со идоли изработени од природни материјали, на пример од метал или од дрво. Многу божества се поврзуваат со одредени природни појави, како што се грмотевиците, океаните и ветрот. Без сомнение, кога им се искажува почит на вакви измислени богови, се покажува крајно непочитување кон Семоќниот Бог.
На Творецот му се одвратни лажните богови и идолите што ги претставуваат. Но, тој главно покажува незадоволство кон луѓето што ги измислиле овие лажни богови. Она што го чувствува кон нив е изразено во следниве силни зборови: „Незнабожечките идоли, се сребро и злато, тие се дело на човечки раце: имаат уста, а не зборуваат; имаат очи, а не гледаат, имаат уши, а не слушаат; и нема здив во нивните усти. Такви се и оние што се надеваат на нив“ (Псалм 135:15-18).
Има уште една причина поради која Библијата строго предупредува да не се обожава никој друг и ништо друго освен Јехова Бог. Таквото обожавање би било огромно губење на време и труд. Пророкот Исаија со право рекол: „Кој прави бог и лее кип нема полза од тоа“ (Исаија 44:10). Библијата исто така вели дека се „ништожни . . . сите богови на народите“ (Псалм 96:5). Лажните богови се ништо, а тој што верува во ништо, и не добива ништо.
Исус, ангелите и Ѓаволот
Сепак, Библијата вели дека некои личности се богови. Но, ако малку повнимателно ги испитаме работите, ќе ни стане јасно ќе видиме дека терминот „бог“ во овие примери не е употребен со цел да се каже дека поединците се дословни божества. Напротив, во изворните јазици на кои е напишана Библијата, терминот „бог“ се употребувал за некоја личност која има моќ, или за некој што е од духовна природа слична на Божјата, како и за некој што врши задача што му ја дал Бог.
На пример, некои библиски стихови зборуваат за Исус како да е бог (Исаија 9:6, 7; Јован 1:1, 18). Дали тоа значи дека Исус треба да биде обожаван? Самиот Исус го дава одговорот: „Јехова, твојот Бог, да го обожаваш, и единствено нему да му принесуваш света служба“ (Лука 4:8). Јасно, иако Исус има голема моќ и природа слична на Божјата, Библијата не вели дека треба да се обожава.
И за ангелите се вели дека се „слични на Бог“ (Псалм 8:5, NW; Евреите 2:7). Но, Библијата не вели никаде дека луѓето треба да им искажуваат почит. Всушност, еднаш остарениот апостол Јован бил исполнет со толку длабока почит од присуството на еден ангел, што паднал на колена да го обожава. Меѓутоа, ангелот веднаш му рекол: „Внимавај! Не прави го тоа! . . Обожавај го Бог“ (Откровение 19:10).
Апостол Павле вели дека Ѓаволот е „богот на овој систем на работи“ (2. Коринќаните 4:4). Како ‚владетел на овој свет‘, Ѓаволот ги навел луѓето да обожаваат неброени лажни богови (Јован 12:31). Затоа може да се каже дека секое обожавање на богови создадени од човек, всушност е обожавање на Ѓаволот. Но, Ѓаволот не е бог што заслужува да го обожаваме. Тој сам се поставил за владетел така што си ја присвоил таа положба со сила. Ќе дојде време кога и Ѓаволот, и сите видови лажно обожавање, ќе бидат отстранети. Кога ќе се случи тоа, луѓето — и сѐ што е создадено — засекогаш ќе го признаат Јехова како единствениот вистински Бог (Еремија 10:10).
СТЕ СЕ ПРАШАЛЕ ЛИ?
◼ Што вели Библијата за обожавањето идоли? (Псалм 135:15-18).
◼ Треба ли Исус и ангелите да се обожаваат како да се богови? (Лука 4:8).
◼ Кој е единствениот вистински Бог? (Јован 17:3).
[Слики на страници 28 и 29]
На сликите од лево кон десно: Дева Марија (Италија); богот на пченката на Маите (Мексико и Средна Америка); Астарта (Ханан); фетиш како идол (Сиера Леоне); фигуричка на Буда (Јапонија); Чикомекоатл, Астеки, (Мексико); соколот Хорус (Египет); Зевс (Грција)
[Извор на слика]
Богот на пченката, соколот Хорус и Зевс: фотографии со љубезна дозвола на Британскиот музеј