Младите прашуваат . . .
Школски другари — дали сме премногу блиски?
„Другите на училиште раскажуваа колку убаво си поминале заедно на викендот. Јас се чувствував како тринаесетто прасе“—(Михаела).a
„Понекогаш кога ќе видам група млади, си мислам: ‚Баш се добри другари. И јас би сакал да сум во нивно друштво‘“—(Јован).
„Немав проблем да си најдам пријатели на училиште. Напротив, проблемот беше што многу лесно се спријателував“—(Марија).
ПОГОЛЕМИОТ дел од денот го минуваш со соучениците. Се соочувате со истите проблеми, разочарувања и успеси. Во извесна смисла, мислиш дека имаш повеќе заеднички работи со нив отколку со твоите родители, со браќата и сестрите или со сохристијаните. Нормално, најверојатно нешто те влече да се спријателиш со некого. Дали е тоа погрешно? Има ли опасности? Кога станува збор за школските другари, дали си премногу близок со нив? Каде треба да ја поставиш границата?
Ти требаат пријатели
На секого му требаат пријатели — луѓе со кои може да се опушти во добри времиња и на кои може да се потпре во тешки времиња. Исус имал пријатели и сакал да се дружи со нив (Јован 15:15). Кога се соочил со смрт на маченички столб, неговиот близок пријател Јован, „ученикот кого [особено] го љубеше“, бил покрај него (Јован 19:25-27; 21:20). И тебе ти требаат такви пријатели — луѓе што ќе останат со тебе и во добро и во лошо. Една библиска пословица вели: „Пријателот љуби во секое време, а во неволја станува и брат“ (Пословици 17:17).
Можеби мислиш дека си нашол некој таков другар на училиште, некој со кој добро ти оди. Ве интересираат слични работи и секогаш имате што да си кажете. Точно, можеби не е од твојата религија; но сепак, што се однесува до тебе, тој не спаѓа ниту во ‚лошо друштво‘ (1. Коринќаните 15:33). Мора да се признае, некои млади што немаат исти библиски верувања како твоите се придржуваат за исправни начела (Римјаните 2:14, 15). Но, дали тоа значи дека треба да станеш близок пријател со нив?
Христијаните не се недруштвени
Јасно е дека вистинските христијани не ги избегнуваат оние што не веруваат во Бог. Впрочем, за да го исполнат налогот да ‚прават ученици од луѓето од сите нации‘, христијаните разговараат со мажи и жени од сите раси, религии и култури (Матеј 28:19). Тие не се држат настрана од своите соседи, колеги или соученици, и не се недруштвени. Напротив, христијаните вистински се интересираат за луѓето.
Апостол Павле ни е одличен пример во овој поглед. Тој знаел како да разговара со ‚луѓе од сите видови‘, иако немале исти верувања како него. Се разбира, целта на Павле не била да се дружи со нив. Тој рекол: „Сѐ правам заради добрата вест, за да имам удел во неа со другите“ (1. Коринќаните 9:22, 23).
И ти можеш да го следиш примерот на Павле. Биди срдечен со твоите врсници. Научи добро да комуницираш со нив. Некои твои соученици можеби сакаат да слушнат за библиската надеж што ја имаш ти. Размисли за една млада христијанка по име Јана. Сите ученици имале задача да напишат по нешто за другите во класот, а потоа секој можел да си прочита што било напишано за него. На едно ливче што го добила Јана пишувало: „Секогаш изгледаш многу среќна. Те молам, кажи ни зошто!“
Од овој пример јасно се гледа дека некои твои соученици можеби ќе сакаат да дознаат нешто за твоите верувања. Се разбира, добро е да бидеш пријатен со нив. Несомнено, тоа ќе ти даде прилика да им ги објасниш своите уверувања. Дозволи им да си ги кажат и своите гледишта и внимателно слушај. Искуството што ќе го стекнеш кога разговараш со твоите врсници ќе ти биде од непроценлива помош кога еден ден ќе се вработиш и ќе се соочиш со слични ситуации. Пријателското држење на училиште и на работа ќе ти помогне да ‚го украсиш учењето на нашиот Спасител, Бог, во сѐ‘ (Тит 2:10).
Пријатели во „нееднаков јарем“
Се разбира, има разлика помеѓу тоа да бидеш љубезен со некој соученик и да бидеш близок пријател со него. Павле напишал: „Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверници“ (2. Коринќаните 6:14). За да бидеш близок пријател со некого, треба да имате исти начела и цели. Едноставно не е можно да си близок со некој што не се придржува за истите библиски верувања и мерила како ти. Ако влезеш во нееднаков јарем со некој соученик што не верува во Бог, најверојатно ќе бидеш наведен да направиш нешто лошо или ќе си ги расипеш добрите навики.
Марија го сфатила ова откако го искусила на своја кожа. Таа по природа е многу отворена и многу лесно си наоѓала пријатели, но потешко ѝ било да одреди каде да постави граница. „Ми годеше што и машките и женските сакаа да бидат во мое друштво“, признава таа. „Но, поради тоа сѐ повеќе и повеќе тонев во живиот песок на овој свет.“
Како Марија, можеби и тебе ти е тешко да увидиш дека си станал премногу близок пријател со некој што нема исти верувања како тебе. Сепак, можеш да се заштитиш од емоционална болка ако поставиш јасни граници во поглед на тоа кој ќе ти биде само познајник, а кој близок пријател. Како можеш да го направиш тоа?
Како да избереш добри пријатели
Како што веќе беше спомнато, Исус имал блиски пријатели додека бил на Земјата. Ги стекнал затоа што бил чесен и зборувал за духовни работи. Кога луѓето ќе ги прифателе неговите учења и неговиот начин на живот, станувале блиски со него (Јован 15:14). На пример, откако чуле што зборува Исус, четворица мажи биле толку трогнати што ‚оставиле сѐ и го следеле‘. Тие мажи — Петар, Андреј, Јаков и Јован — му станале блиски пријатели на Исус (Лука 5:1-11; Матеј 4:18-22).
Со она што го зборувал и што го правел, Исус јасно дал до знаење дека е сериозен во врска со своите верувања и дека во тој поглед за него нема компромис. Оние што не сакале да го прифатат под тие услови, го напуштиле, и Исус дозволил да си заминат (Јован 6:60-66).
На пример, искреноста на еден млад човек длабоко го трогнала Исус. Библијата вели: „Исус го погледна и почувствува љубов кон него“. Но, кога човекот дознал што очекува Исус од своите пријатели, ‚си отишол‘. Изгледа дека ова бил добар човек — самиот Исус ‚почувствувал љубов кон него‘. Сепак, Исус барал нешто повеќе од своите пријатели (Марко 10:17-22; Матеј 19:16-22). Како е со тебе?
Можеби со некој школски другар навистина ти оди добро. Но, прашај се: ‚Дали е спремен да го прави она што го заповеда Исус? Дали сака да учи за Јехова, оној кого Исус ни рекол да го обожаваме?‘ (Матеј 4:10). Додека разговараш со своите соученици и живееш во склад со библиските мерила, одговорите на овие прашања ќе ти станат очигледни.
Добро е да бидеш љубезен со соучениците, исто како што Исус бил љубезен со сите луѓе. Но, за блиски пријатели Исус избирал само луѓе што го сакале неговиот небесен Татко, Јехова. И ти можеш да го сториш истото. ‚Задржи го своето добро однесување‘ на училиште и тактично разговарај со другите за своите верувања. Избери ги најдобрите пријатели (1. Петрово 2:12).
[Фуснота]
a Некои имиња се сменети.
ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ
◼ Кои опасности постојат ако слободното време по часовите се минува со соученици што не веруваат во Бог? Дали е тоа мудро?
◼ Откако ја прочита оваа статија, мислиш ли дека си станал премногу близок со некој соученик? Ако да, што можеш да сториш?
[Рамка/слики на страница 18]
КАКО МОЖАМ ДА СТЕКНАМ ВИСТИНСКИ ПРИЈАТЕЛИ?
На оваа видеокасета, направена од Јеховините сведоци, се прикажани искрени интервјуа со млади од Соединетите Држави, Италија, Франција и Шпанија. Ја има на 36 јазици.
[Слика на страница 18]
Некои соученици можеби ќе сакаат да дознаат нешто за твоите верувања