ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 4/06 стр. 20-24
  • Научив да имам доверба во Бог

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Научив да имам доверба во Бог
  • Разбудете се! 2006
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Ги запознавам Сведоците
  • Првиот христијански состанок
  • Се соочувам со противење во семејството
  • Искушенија во повоена Естонија
  • Неочекувано ослободена
  • Во затвор, па во Сибир
  • Префрлена во мордовските логори
  • Речиси 50 години дома
  • „Историјата не лаже“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
  • Пријатни изненадувања и поуки од службата за Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2023
  • Ветување кое сум одлучен да го одржам
    Разбудете се! 1998
  • Над 40 години под комунистичка забрана
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1999
Повеќе
Разбудете се! 2006
g 4/06 стр. 20-24

Научив да имам доверба во Бог

РАСКАЖАЛА ЕЛА ТОУМ

НАШЕТО семејство живееше близу до малото гратче Отепа, во јужна Естонија, на околу 60 километри од руската граница. Во 1944 година, неколку месеци откако матурирав, се ближеше крајот на Втората светска војна. Додека руската армија ги истиснуваше Германците од Естонија, ние и нашите соседи — околу 20-тина луѓе — се скривме во шумата заедно со домашните животни.

Два месеца, додека насекаде околу нас паѓаа бомби, бевме заглавени среде бојното поле. Обично седевме заедно, а јас читав делови од Библијата, особено од Плач Еремиин. Тоа беше првпат да читам Библија. Еден ден се искачив на еден висок рид, клекнав на колена и се молев: „Кога ќе заврши војната, ветувам дека секоја недела ќе одам на црква“.

Наскоро фронтот се помести кон запад. Конечно, Втората светска војна во Европа заврши со капитулацијата на Германија во мај 1945 година. Во меѓувреме, јас си го одржав ветувањето што му го дадов на Бог и секоја седмица одев на црква. Но, таму имаше само неколку постари жени. Ми беше срам да одам. Кога некој ќе ни дојдеше на гости, ја криев Библијата под масата.

Набрзо се вработив како наставничка во месното училиште. Во тоа време, комунистичкиот режим веќе беше на власт и преовладуваше атеизмот. Но, јас одбив да се приклучам на Комунистичката партија. Бев зафатена со многу општествени активности, како што беше организирањето на детска играорна група.

Ги запознавам Сведоците

На децата им требаа носии, па така, во април 1945 година, отидов кај Емили Санамис, која беше одлична шнајдерка. Не знаев дека е Јеховин сведок. Таа ме праша: „Што мислиш за ситуацијата во светот?“ Бидејќи во Сан Франциско (САД) се одржуваше мировна конференција, реков: „Наскоро оваа влада ќе падне, и сигурна сум дека мировната конференција се одржува токму за да дојде до тоа“.

Емили рече дека мировната конференција нема да донесе никакви трајни придобивки и ми понуди да ми прочита од Библијата зошто нема да се случи тоа. Јас уште не бев спремна да ја ислушам оваа кротка, средовечна жена, но пред да си одам ме праша: „Знаеш ли каде сакал Бог да живеат Адам и Ева?“ Бидејќи не знаев да ѝ одговорам, таа само ми рече: „Прашај го татко ти“.

Кога си отидов дома, го прашав. Ни тој не знаеше. Ми рече дека нема потреба да се оптоваруваме со проучување на Библијата; сѐ што треба е да веруваме. Кога се вратив да ги земам носиите, ѝ кажав на Емили дека татко ми не го знаеше одговорот на нејзиното прашање. Таа и сестра ѝ ги извадија своите Библии и ми прочитаа што им рекол Бог на Адам и Ева — да се грижат за својот рајски дом и среќно да живеат таму засекогаш. Ми покажаа од Библијата дека намерата на Бог била Адам и Ева да имаат деца и целата земја да ја претворат во рај. Бев воодушевена од тие библиски докази! (Битие 1:28; 2:8, 9, 15; Псалм 37:29; Исаија 45:18; Откровение 21:3, 4).

Првиот христијански состанок

Бидејќи тоа лето требаше да одам на тримесечен курс за наставници во Тарту, Емили ми даде адреса од една жена, исто така Сведок, во тој град. Ми ја даде и книгата Создавање, која ми остави многу голем впечаток, зашто многу јасно ги изнесуваше основните библиски вистини. Така, на 4 август 1945 година, отидов на адресата што ми ја даде.

Кога никој не отвори, тропнав посилно. На тоа, еден сосед ја отвори својата врата и ми даде друга адреса — улица Салме, број 56. Таму имаше работилница во која една жена лупеше компири, а јас прашав: „Дали овде се одржува некој религиозен состанок?“ Таа налутено ми рече да си одам и дека не сум добредојдена. Бидејќи бев упорна, ми рекоа да се качам по скалите каде што една група ја проучува Библијата. Наскоро имаше пауза за ручек, и почнав да се спремам да си одам. Но, другите ме молеа да останам.

Додека разгледував наоколу за време на паузата, видов двајца млади мажи, необично бледи и слаби, што седеа покрај прозорецот. Подоцна дознав дека за време на војната, повеќе од една година се криеле во скривници за да не бидат уапсени.a Попладнето, Фридрик Алтпере го употреби зборот „Армагедон“ во еден говор. Бидејќи воопшто не го знаев тој збор, го прашав што значи и тој ми го покажа во Библијата (Откровение 16:16). Кога виде колку сум изненадена, тој беше уште повеќе изненаден што „Армагедон“ е нешто ново за мене.

Сфатив дека овој состанок е организиран само за познати, доверливи Сведоци. Подоцна дознав дека тоа беше нивниот прв состанок по војната! Оттогаш, станав свесна дека мора да се има доверба во Бог (Пословици 3:5, 6). Една година подоцна, во август 1946, кога имав 20 години, се крстив и со тоа го симболизирав мојот завет дека ќе му служам на вистинскиот Бог, Јехова.

Се соочувам со противење во семејството

Владата инсистираше во школите да се учи атеизам, па тоа ја стави на испит мојата совест обликувана според Библијата. Сакав да ја сменам работата. Кога ѝ го спомнав ова на мајка ми, таа бесно ми се нафрли, корнејќи ми ја косата. Решив да си заминам од дома. Но, татко ми ме храбреше да бидам истрајна и ми вети дека ќе ми помага.

Брат ми Антс застана на страната на мајка ми. Но, еден ден ми побара некои публикации, кои ги прочита и многу му се допаднаа. Мајка ми збесна. Антс дури почна и да зборува за Бог на училиште, но кога се соочи со противење, престана да се дружи со Сведоците. Кратко потоа, при една несреќа додека скокаше во вода се здоби со тешка повреда на главата. Лежеше парализиран на носилка, но умот сѐ уште му беше бистар. „Ќе ми прости ли Јехова?“, ме праша. „Да“, му реков јас. По неколку дена почина. Имаше само 17 години.

Во септември 1947 година, дадов отказ во училиштето. Мајка ми и понатаму беше агресивна спрема мене. Кога ми ги фрли сите алишта од дома, си заминав. Сестрите Санамис ме примија кај себе. Ме храбреа потсетувајќи ме дека Јехова никогаш не ги напушта своите слуги.

Искушенија во повоена Естонија

Сестрите Санамис ми дадоа работа — да шијам со нив за земјоделските семејства. Честопати можевме да им сведочиме на овие семејства. Тоа беше убав период, не само затоа што научив да шијам, туку и затоа што стекнав поголемо искуство во христијанската служба. Освен шиењето, давав и приватни часови по математика. Но, во 1948 година властите почнаа да ги апсат Сведоците.

Во октомври следната година, работев на една фарма кога ми кажаа дека властите отишле во домот на сестрите Санамис за да ме уапсат. Отидов да се скријам на фармата на брат Хуго Суси, но таму дознав дека само што го уапсиле. Една жена, на која ѝ имав шиено нешто, ме повика да останам кај неа. Подоцна одев од фарма на фарма, шиев за да заработам и продолжив со проповедање.

Во почетокот на зимата, советската Служба за државна безбедност (КГБ) конечно ме најде во Тарту, во домот на Линда Метиг, ревносна млада сестра само неколку години постара од мене. Ме уапсија и ме приведоа на сослушување. Морав да се соблечам до гола кожа, а во мене зјапаа млади полицајци. Тоа беше големо понижување. Но, откако му се помолив на Јехова, почувствував мир и спокој.

Потоа ме фрлија во една малечка ќелија каде што немаше место ни да легнам. Ме изнесуваа оттаму само кога ме сослушуваа. Полицајците ми велеа: „Не бараме од тебе да кажеш дека нема Бог. Само престани со тоа глупаво проповедање! Можеш да имаш добра иднина“. Или ми се закануваа: „Сакаш ли да живееш? Или сакаш да умреш со својот Бог на полињата во Сибир?“

Три дена не ме оставија да спијам меѓу постојаните сослушувања. Размислував за библиските начела, и тоа ми помогна да издржам. На крајот, еден иследник ми даде да потпишам документ во кој се велеше дека ќе престанам да проповедам. „Многу размислував за ова“, реков јас, „и повеќе би сакала да живеам во затвор и да не си го расипам односот со Бог отколку да бидам слободна а да ја немам неговата наклоност.“ Кога го чу тоа, иследникот се развика: „Будало! Сите ќе ве уапсиме и ќе ве испратиме во Сибир!“

Неочекувано ослободена

За чудо, баш пред полноќ, иследниците ми рекоа да си ги соберам работите и да си одам. Знаев дека ќе ме следат, па затоа не отидов кај никој од сохристијаните, зашто со тоа би ги издала. Додека одев низ улиците, тројца мажи ме следеа. Молејќи му се на Јехова за водство, скршнав во една темна уличка и брзо втрчав во една бавча. Легнав на земјата и се покрив со лисја. Можев да ги чујам чекорите на тројцата мажи и да го видам светлото од нивните џебни ламби.

Поминаа неколку часа, и коските ми се вкочанија од студот. По некое време тргнав по калдрмата, со чевлите в раце за да не правам никаков звук. Излегов од градот и одев по ендекот покрај патот. Кога ќе се наближеше некоја кола, легнував на земја. Утрото во пет часот стигнав во домот на Јури и Мета Тоумел, недалеку од Тарту.

Мета веднаш ја згреа сауната за да можам да се стоплам. Следниот ден отиде во Тарту и се виде со Линда Метиг. Линда ме поттикнуваше: „Ајде да почнеме да проповедаме веднаш и да ја пропатуваме цела Естонија кажувајќи ја добрата вест“. Откако си го сменив изгледот со нова фризура, малку шминка и очила, тргнавме да проповедаме. Во следните неколку месеци, со велосипеди поминавме прилично големи далечини. По пат, ги храбревме соверниците што живееја на фармите.

Сведоците организираа конгрес кој требаше да се одржи на 24 јули 1950 година во еден голем амбар на еден интересент близу Отепа. Кога чувме дека во КГБ ги дознале нашите планови, успеавме да ги предупредиме повеќето Сведоци што веќе беа на пат за на конгресот. Беше најдена друга локација за следниот ден и имаше околу 115 присутни. Сите си заминавме дома радосни и поодлучни од кога и да е порано да останеме лојални и покрај искушенијата.b

По конгресот, јас и Линда продолживме да проповедаме и да ги храбриме сохристијаните. Подоцна, истата година, работевме на бербата на компири и им ја пренесувавме пораката за Царството на другите работници. Сопственикот на една фарма дури застана и нѐ слушаше цел час. На крајот рече: „Е, вакво нешто не се слуша секој ден!“

Со Линда се вративме во Тарту, каде што дознавме дека уште Сведоци се уапсени, меѓу кои и мајка ѝ на Линда. Повеќето наши пријатели беа уапсени, вклучувајќи ги и сестрите Санамис. Знаевме дека КГБ нѐ бара, па затоа набавивме два велосипеда и продолживме да проповедаме надвор од Тарту. Една вечер, КГБ ме најде кај Алма Вардја, која беше неодамна крстена. Кога ми го виде пасошот, еден од КГБ агентите извика: „Ела! Па, ние тебе насекаде те бараме!“ Тоа беше на 27 декември 1950 година.

Во затвор, па во Сибир

Јас и Алма мирно спакувавме неколку работи и потоа седнавме да јадеме. КГБ агентите беа зачудени и рекоа: „А вие ни солза да пуштите. Мирно си седите и си јадете“. Ние одговоривме: „Одиме на нова доделба, и не знаеме кога повторно ќе јадеме“. Зедов со мене едно волнено ќебе од кое подоцна си направив топли чорапи и ракавици. По неколку месеци поминати в затвор, во август 1951 година бев прогонета, заедно со други Сведоци од Естонија.c

Од Естонија, со воз бевме испратени во Ленинград (сега Санкт Петербург, Русија), а оттаму во озлогласените работнички логори во Воркута (Коми), над Северниот поларен круг. Во нашата група имаше уште три сестри. Во училиште учев руски јазик, па откако ме уапсија си го вежбав јазикот. Затоа, кога пристигнавме во логорите, можев добро да зборувам руски.

Во Воркута се запознав со една млада Украинка, која станала Сведок додека била во нацистички концентрационен логор во Полска. Во 1945 година, таа и 14-мина други Сведоци биле качени на брод што Германците планирале да го потопат во Балтичкото Море. Меѓутоа, бродот безбедно стигнал до Данска. Подоцна, откако се вратила во Русија, била уапсена затоа што проповедала и била испратена во Воркута, каде што ни беше извор на охрабрување.

Сретнавме и две жени кои на украински прашаа: „Кој тука е Јеховин сведок?“ Веднаш препознавме дека се наши сестри!“ Нѐ храбреа и се грижеа за нас. Другите затвореници велеа дека кога сме пристигнале, како да нѐ чекало семејството.

Префрлена во мордовските логори

По еден лекарски преглед во декември 1951 година се откри дека имам оболена тироидна жлезда. Затоа, по пат од речиси 1.500 километри кон југозапад, ме префрлија во мордовскиот затворски комплекс, кој беше на околу 400 километри југоисточно од Москва. Следните неколку години, во женските затвори запознав Сведоци од Германија, Полска, Украина и Унгарија. Ја запознав и Маиму, политичка затвореничка од Естонија.

Додека беше в затвор, Маиму роди девојче. Еден добар чувар ѝ го даде бебето на мајка ѝ на Маиму. Во мордовскиот затвор ја проучувавме Библијата со Маиму, која го прифати она што го учеше. Можеше да ѝ пишува на мајка ѝ, која исто така ја прифати библиската вистина. Таа ја поучуваше и малата ќеркичка на Маиму, Карин. Шест години подоцна, Маиму беше пуштена на слобода и повторно беше заедно со својата ќерка. Кога Карин порасна, се омажи за Сведок. Тие последниве 11 години служат во подружницата на Јеховините сведоци во Талин (Естонија).

Еден од затворите во мордовскиот комплекс имаше нешто што се нарекуваше ‚кафез‘. Тоа беа мали бараки со силно обезбедување, опкружени со ѕидови. Јас и уште шест други сестри бевме ставени таму поради нашата христијанска активност. Но, дури и таму, правевме минијатурни препишани копии на статии од Стражарска кула и ги криумчаревме во другите блиски логори. Една метода што ја користевме беше да издлабиме еден сапун, да ја ставиме статијата внатре и потоа да ја затвориме дупката.

Додека бев во мордовските логори, им помогнав на околу десет затворенички да станат слуги на Бог. Конечно, на 4 мај 1956 година ми беше речено: „Можеш да си одиш и да веруваш во твојот Бог, Јехова“. За еден месец, стигнав дома во Естонија.

Речиси 50 години дома

Немав работа, немав пари и немав дом. Но, неколку дена по враќањето, запознав една госпоѓа која се заинтересира за библиските учења. Ми дозволи некое време да живеам со неа и со маж ѝ во нивниот еднособен стан. Со позајмени пари купив волница и плетев џемпери што ги продавав на пазарот. Подоцна најдов работа во болницата за рак во Тарту, каде што следните седум години работев разни работи. Во меѓувреме, и Лембит Тоум се врати од прогон во Сибир, и во ноември 1957 година се венчавме.

КГБ нѐ набљудуваше и постојано бевме вознемирувани зашто нашето проповедничко дело сѐ уште беше под забрана. Сепак, правевме сѐ што можевме за да зборуваме за нашата вера. Лембит го опиша овој дел од нашиот живот во Разбудете се! од 22 февруари 1999 година (на српски). Кон крајот на 1950-тите и во текот на 1960-тите и 1970-тите, прогонетите Сведоци се враќаа дома. До крајот на 1980-тите, во Естонија имаше преку 700 Сведоци. Во 1991 година нашата христијанска активност беше легализирана и оттогаш бројот на Сведоците во Естонија порасна на преку 4.100!

Поминаа речиси 60 години откако бев на првиот таен состанок на Сведоците во Естонија по Втората светска војна. Уште оттогаш сум решена да бидам послушна на библискиот совет: „Надевај се на Господа и прави добро“. Видов дека тоа ги исполнува „желбите на твоето срце“ (Псалм 37:3, 4).

[Фусноти]

a Еден од овие мажи беше Лембит Тоум, чијашто животна приказна е објавена во српското издание на Разбудете се! од 22 февруари 1999.

b Овој конгрес е подетално опишан во српското издание на Разбудете се! од 22 февруари 1999, страници 12, 13.

c Меѓутоа, повеќето Сведоци од Естонија беа прогонети во почетокот на април 1951 година. Види го Разбудете се! од 8 август 2001, страници 6-8, и видеокасетата Верни под испити — Јеховините сведоци во Советскиот Сојуз.

[Истакната мисла на страница 23]

„Ајде да почнеме да проповедаме веднаш и да ја пропатуваме цела Естонија кажувајќи ја добрата вест“ (Линда Метиг)

[Слика на страница 24]

Со деветмина други Сведоци во мордовскиот затвор

[Слика на страница 24]

Денес, со маж ми Лембит

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели