Како да изградиш среќен брак
„Човекот... ќе се прилепи кон својата жена; и тие ќе станат едно тело“ (БИТИЕ 2:24).
НАШИОТ Творец, Јехова Бог, го основал бракот како трајна врска помеѓу еден маж и една жена. Во Битие 2:18, 22-24 се вели: „Господ, Бог, рече: ‚Не е добро човекот да биде сам, ќе му направам помошник соодветен нему‘. Од реброто што го зеде од човекот Господ, Бог, обликува жена и ја доведе при човекот. Тогаш човекот рече: ‚Сега, најпосле, тоа е коска од моите коски, и месо од моето месо! Нека биде наречена Жена, зашто е земена од Мажот!‘ Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си, и ќе се прилепи кон својата жена; и тие ќе станат едно тело“.
Точно, не е лесно да се изгради среќен брак, но сепак е возможно. Има многу брачни двојки што среќно живеат во брак веќе 50, 60 или повеќе години. Како успеваат во тоа? Тие постојано и несебично работат на тоа нивниот брак да биде добар за да му угодат на својот брачен другар (1. Коринќаните 7:33, 34). За тоа е потребен труд. Ако си спремен да вложиш време и напор, и ти можеш да изградиш среќен брак, брак што ќе трае долго.
Внимателно следи го планот
Еден чесен градежник никогаш не би почнал да гради една куќа без прво да го проучи планот. Слично на тоа, не можеме успешно да изградиме среќен брак ако не го проучиме внимателно планот што Бог го дал за тој проект. Овој план се наоѓа на страниците на Божјата реч. „Целото Писмо е инспирирано од Бог и корисно... за исправање на работите“, напишал апостол Павле (2. Тимотеј 3:16).
Мажите и жените можат многу да научат за бракот ако разгледаат како постапувал Исус со своите ученици. Зошто го велиме тоа? Во Библијата, врската помеѓу Исус и оние што ќе владеат со него на небото е споредена со врската помеѓу еден маж и една жена (2. Коринќаните 11:2). Исус им останал верен на своите пријатели, дури и во најтешките моменти. „Ги љубеше докрај“ (Јован 13:1). Како сочувствителен водач, Исус секогаш ги земал во обѕир ограничувањата и слабостите на своите следбеници. Тој никогаш не барал од нив повеќе отколку што можеле да дадат (Јован 16:12).
Исус бил благ и трпелив дури и кога го разочарале најблиските пријатели. Не ги прекорувал остро, туку се трудел да ги исправи со понизност и љубезност какви што има Бог (Матеј 11:28-30; Марко 14:34-38; Јован 13:5-17). Според тоа, ако внимателно испиташ колку благ и трпелив бил Исус со своите следбеници и како тие му возвратиле на љубовта, ќе најдеш практични поуки за тоа како да изградиш среќен брак (1. Петрово 2:21).
Гради на цврст темел
По темелот на твојот брак неизбежно ќе удрат искушенија слични на бури. Тие ќе испитаат колку е стабилна врската меѓу тебе и твојот брачен другар. Затоа, за да биде среќен, еден брак треба да се гради на најцврстиот темел, а тоа е лојалноста што се заснова на љубов. Исус нагласил колку е важна лојалноста кога рекол: „Никој не смее да ги раздружува оние што Бог ги здружил во брак“ (Матеј 19:6, Радосна вест). Зборот „никој“ ги вклучува и самите нив, мажот и жената, кои се заветувале дека ќе си бидат верни еден на друг.
Некои можеби ја сметаат лојалноста за товар, за нешто кое премногу бара од нас. Денес, луѓето повеќе сакаат да си угодат себеси отколку да направат жртви за да бидат лојални некому.
Што ќе им помогне на брачните другари да останат лојални еден на друг? Апостол Павле напишал: „Мажите треба да ги љубат своите жени како своите сопствени тела“ (Ефешаните 5:28, 29). Значи, еден дел од тоа да се биде ‚здружен во брак‘ е да се грижиш за својот брачен другар исто како што се грижиш за себе. Кај оние што се во брак веќе не треба да постои „мое“ туку „наше“, и веќе не треба да има „јас“ туку „ние“.
Секој успешно преброден налет на бурни ветришта врз вашиот брак ве прави помудри. Таа мудрост, пак, ве прави среќни. „Блазе му на човекот, што ја нашол мудроста“, стои во Пословици 3:13.
Користи огноотпорни материјали
За една куќа да биде цврста и безбедна, мора да биде добро изградена. Затоа, кога го градиш својот брак, гради со цел тој да трае вечно. Користи издржливи материјали, кои нема да попуштат кога жестоко ќе биде испитана твојата лојалност. Цени ги како злато скапоцените особини како што се мудроста од Бог, дарежливоста, проникливоста, стравот од Бог, срдечноста, благодарноста, љубовта за Божјите закони и вистинската вера.
Среќата и задоволството во бракот не се градат врз материјалните работи или положбата во светот. Тие се градат во срцето и умот, а со вистините од Божјата реч, бракот е уште посреќен и поисполнет со задоволство. Поттикот: „Секој постојано нека внимава како гради“, важи и за бракот (1. Коринќаните 3:10).
Кога ќе дојде до проблеми
За една куќа да го издржи забот на времето, мора добро да се одржува. Кога мажот и жената секогаш се помош и поткрепа еден за друг и кога секој го почитува и цени другиот, бракот ќе е стабилен. Нема себичност, а лутината се држи под контрола.
Смрт за љубовта во бракот се лутината и незадоволството што се чуваат длабоко во себе. Апостол Павле ги советувал мажите: „Вие мажи, и понатаму љубете ги своите жени и не бидете огорчено лути на нив“ (Колошаните 3:19). Истото важи и за жените. Кога секој од сопружниците се труди да биде обѕирен, љубезен и да го разбере другиот, и двајцата ќе бидат посреќни и поисполнети. Ако не се раздразливи и секогаш спремни за кавга, нема секој проблем да го претворат во кавга. Павле поттикнал: „Бидете љубезни еден спрема друг, нежно сочувствителни, спремно простувајќи си еден на друг“ (Ефешаните 4:32).
Но, што ако чувствуваш нервоза затоа што работите се надвор од твоја контрола, затоа што си огорчен или затоа што не се цени она што го правиш? Тогаш смирено, но јасно кажи му на својот брачен другар што те мачи. Меѓутоа, можеби е најдобро да оставиш љубовта да ги покрие поситни работи (1. Петрово 4:8).
Еден сопруг, кој во своите 35 години брак има поминато низ неколку тешки периоди, вели дека колку и да си му лут на својот брачен другар, никогаш не треба „да престанеш да му зборуваш“. И мудро додава: „Никогаш не престанувај да го сакаш“.
Можеш да изградиш среќен брак!
Точно, не е лесно да се изгради среќен брак. Меѓутоа, кога брачните другари се решени да сторат сѐ со цел Бог да биде дел од нивниот брак, тој ќе биде среќен и стабилен. Затоа, внимавај на духовноста на твоето семејство; цврсто посвети се на својот брак. И запомни дека, според зборовите на Исус, ниту мажот ниту жената не се потполно заслужни за среќата во нивниот брак. Заслугата првенствено му припаѓа на Основачот на бракот, Јехова Бог. „Бог што впрегнал во јарем, ниеден човек да не разделува“ (Матеј 19:6).
ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИ
Книгата Тајната на семејната среќа, издадена од Јеховините сведоци, дава практични предлози како да се изгради среќен и успешен брак. Практичните совети во неа, кои се темелат на Библијата, им помогнале на стотици илјади брачни парови во целиот свет да си го подобрат бракот. (Види ја 32. страница од ова списание.)
[Рамка на страница 9]
Што ќе ти помогне да изградиш среќен брак?
◼ Редовно проучувајте ја Божјата реч заедно и молете го Бог да ви помогне и да ве води да ги решите проблемите (Пословици 3:5, 6; Филипјаните 4:6, 7; 2. Тимотеј 3:16, 17).
◼ Биди сексуално заинтересиран само за својот брачен другар (Пословици 5:15-21; Евреите 13:4).
◼ Разговарајте отворено, искрено и љубезно за своите проблеми и несогласувања (Пословици 15:22; 20:5; 25:11).
◼ Зборувај со својот брачен другар љубезно и обѕирно; внимавај да не избувнуваш, да приговараш или да упатуваш остри зајадливи забелешки (Пословици 15:1; 20:3; 21:9; 31:26, 28; Ефешаните 4:31, 32).
◼ Понизно применувај ги советите од Библијата дури и кога сметаш дека твојот брачен другар не прави сѐ како што треба (Римјаните 14:12; 1. Петрово 3:1, 2).
◼ Давај сѐ од себе за да ги изградуваш духовните особини што се наведени во Библијата (Галатите 5:22, 23; Колошаните 3:12-14; 1. Петрово 3:3-6).
[Слики на страница 7]
Следи го планот за брак што Бог го дал во Библијата
[Слика на страница 7]
Несебичната љубов и лојалноста нека бидат цврстиот темел на кој ќе градиш
[Слики на страница 8]
Изградувај духовни особини кои ќе ти помогнат да ги издржиш жестоките испити
[Слики на страница 8]
За да биде добар, бракот мора да се одржува