Од безнадежност до среќа
РАСКАЖАЛ ВИСЕНТЕ ГОНЗАЛЕС
Кога соседите слушнаа дека се застрелав четири пати и дека уште сум жив, почнаа да ме викаат „Супермен“. Но, јас воопшто не бев супермен. Да ви објаснам зошто се обидов да си го одземам животот.
РОДЕН СУМ во 1951 година во Гвајакил (Еквадор). Моите родители направија куќичка за своите девет деца во едно место покрај морето кое го нарекуваа „Инвазија“. Местото беше наречено така затоа што многу сиромашни семејства имаа извршено незаконска „инвазија“ на таа област и имаа направено куќички со ѕидови од бамбус и со лимени покриви. Бидејќи беа изградени на калливиот брег и во мочуришта прекриени со мангруви (дрвја чии корени растат над земјата), овие куќички стоеја подигнати на колци. Немавме струја, готвевме на шпорет на јаглен, и моравме да пешачиме по еден километар во еден правец за да нацрпиме вода за пиење.
За да помогнат во издршката на семејството, мојот постар брат и постарата сестра почнаа да работат уште како мали. На 16 години, јас веќе не одев на училиште и најдов работа како курир во една фабрика. Почнав да пијам заедно со другарите и да живеам неморално. Кога ќе ме запечеше совеста, одев да се исповедам во црква. „Синко, многу убаво се исповеда“, ќе речеше свештеникот, и ќе ме испратеше без да ми даде каква и да било духовна помош. Па така, продолжував да ги правам истите работи. На крајот, ми изгледаше бесмислено постојано да грешам и потоа да се исповедам, па прекинав да одам во црква. Отприлика во истото време станав свесен за социјалните неправди околу мене. Сиромашното мнозинство едвај врзуваше крај со крај, а богатото малцинство живееше во луксуз. Животот навистина немаше смисла. Како за мене да немаше никаква иднина — мојот живот не водеше никаде.
Тогаш разбрав дека четири од моите сестри ги читаат публикациите на Јеховините сведоци. И јас почнав да ги читам. Особено ме заинтересира една книга со наслов Вистина која води до вечен живот. На јасен и логичен начин, таа даваше објаснување на многу библиски теми. Се сеќавам дека си реков: ‚Ова е вистината!‘ Но, како што сфатив во следните 15 години, едно беше да се најде вистината, но сосема друго е да се живее во согласност со неа.
Кога имав 22 години, почнав да работам во банка. Еден ден еден колега ми покажа како тајно „позајмувал“ пари од банката а потоа го враќал „заемот“. И јас почнав да си „позајмувам“, сѐ додека не зедов толку многу пари што веќе не можев да го кријам престапот. Паднав во очај зашто мислев дека никогаш нема да успеам да ги вратам парите. Затоа решив да ја признаам кражбата, а потоа да се казнам со најстрогата казна — да си го одземам животот.
Откако напишав писмо до банката, си купив пиштол од мал калибар, отидов на едно осамено место на плажата и се застрелав двапати во главата и двапати во градите. Иако бев тешко повреден, сепак не умрев. Еден велосипедист ме нашол и брзо средил да бидам пренесен в болница. Откако закрепнав од повредите, бев осуден за кражба и морав да лежам во затвор. Кога излегов од затвор, се чувствував засрамен и депримиран поради моето криминално досие. Бидејќи преживеав четири прострелни рани од куршум, соседите почнаа да ме викаат Супермен.
Шанса да се променам
Отприлика во ова време ме посети Пауло Санчез, мисионер на Јеховините сведоци. Првата работа што ми падна в очи кај него беше неговата широка насмевка. Пауло беше толку весел и оптимистичен човек што кога ме праша дали сакам да ја проучувам Библијата со него, веднаш прифатив. ‚Можеби тој ќе ми помогне да најдам среќа и смисла во животот‘, си помислив.
Пауло ми помогна да разберам дека Бог има одредена намера со луѓето и дека оние што го сакаат и му се послушни еден ден ќе живеат во рај на Земјата (Псалм 37:29). Исто така, дознав дека неправдата и сиромаштијата не ги предизвикува Бог, туку дека се последица на човековата побуна против Бог (Второзаконие 32:4, 5). Овие вистини беа како светлина во мојот живот. Проучувањето на Библијата и не беше толку тешко, но вистински предизвик беше да се променам како личност.
Се вработив како канцелариски службеник, и мојата работа беше да раководам со парите на фирмата. Повторно паднав на искушението и почнав да крадам. Кога веќе не можев да ја скријам кражбата, избегав во друг град во Еквадор и таму останав една година. Се обидував да излезам од земјата, но не успеав, и така се вратив дома.
Пауло повторно ме пронајде, и пак почнавме да ја проучуваме Библијата. Овој пат бев решен да ги применувам библиските начела во животот и да му служам на Јехова. Затоа, му открив на Пауло дека постапив нечесно, и тој ми даде многу отворен и јасен совет. Ми кажа да размислам за некои библиски стихови, како оној во Ефешаните 4:28, каде што стои: „Кој крадел повеќе да не краде, туку нека работи напорно“. Сфатив дека треба да си ја признаам кражбата и да ги прифатам последиците.
Додека размислував што да правам, почнав да работам приватно како сликар. Еден ден во моето ателје дојде човек што наводно се интересираше за една моја слика. Но, тој, всушност, беше детектив и носеше налог за да ме уапси. И така, пак се најдов пред суд, и потоа в затвор. Пауло ме посети, и јас му ветив: „Нема да зажалиш што се трудиш да ми помогнеш да ја разберам Библијата“. Продолживме да проучуваме додека бев во затвор.
Докажав дека сум искрен
Откако ме пуштија од затвор, решив да му служам на Јехова со сето свое срце, и во следните две години докажав дека навистина го мислам тоа. Се крстив како Јеховин сведок во 1988 година. Едвај чекав да надоместам за изгубеното време. Веднаш почнав да служам полновремено како пионер. Особено се трудев да им проповедам на младите членови на бандите.
Припадниците на една банда честопати чкртаа графити на нашата Сала на Царството. Бидејќи ги познавав и знаев каде живеат, отидов кај нив, им објаснив за што е наменета Салата на Царството и љубезно ги замолив да покажат почит кон нашиот имот. По тоа, никогаш повеќе не пишуваа графити на Салата.
Нешто подоцна, кога ја реновиравме Салата и ја лупевме старата боја на фасадата, еден млад Сведок по име Фернандо, откри графит во кој пишуваше „Жабата“ (La Rana, на шпански). „Ова бев јас!“, извика тој. Додека бил член на една банда, Фернандо го испишал својот прекар на нашата зграда. А сега самиот го отстрани!
Кога првпат се видов со Фернандо, тој беше под дејство на дрога. Пред тоа мајка му го носела во два центра за рехабилитација, но залудно. И така, жената кренала раце од него, се отселила и го оставила сам во куќата. Фернандо продал сѐ што имало некаква вредност — дури и вратите, прозорците и покривот на куќата — само за да присобере пари за дрога. Еден ден му пријдов на улица, му дадов да се напие сок и му понудив да ја проучува Библијата. Тој прифати и, на моја голема радост, реагираше поволно на вистината. Ја напушти бандата, престана да се дрогира и почна да доаѓа на христијанските состаноци. Не помина долго време, и тој се крсти.
Кога проповедавме заедно од куќа до куќа, луѓето нѐ препознаваа и извикуваа „Жабата!“ или „Супермен!“, а потоа нѐ прашуваа што правиме. Беа запрепастени што пред нивната врата стоеја еден поранешен член на банда и поранешен крадец, и тоа со Библии в рака!
Во една прилика, му сведочев на еден човек додека Фернандо разговараше со неговиот сосед. Човекот покажа со прстот на Фернандо, и рече: „Го гледаш оној таму? Еднаш ми впери пиштол в глава“. Му реков дека Фернандо повеќе не е тој човек и дека сега живее во согласност со библиските начела. Всушност, кога Фернандо го заврши разговорот со соседот, го викнав да дојде и го запознав со човекот. „Младичу“, му рече овој човек, „алал да ти е што си решил да го смениш животот.“
Не можам да се сетам колку пати луѓето кажале слични зборови за мене и за Фернандо. Ова помага да дадеме убаво сведоштво, и така почнавме да ја проучуваме Библијата со многу луѓе. Да, и мене и на Фернандо ни е чест што луѓето нѐ препознаваат како Јеховини сведоци.
Пресвртница во мојот живот
Во 2001 година, кога наполнив 50 години, бев многу изненаден и возбуден кога добив покана да присуствувам на Школата за организациско оспособување која требаше да се одржи во Перу. Во текот на оваа Школа, која трае осум седмици, Сведоците што ги исполнуваат условите можат да слушнат длабоки библиски поуки што многу ќе им помогнат во службата.
Уживав во секој аспект од Школата, со исклучок на еден — јавното говорење. Тоа навистина ме плашеше. Многу од помладите учесници во Школата држеа извонредни говори и изгледаа полни со самодоверба. Но, кога јас станав да го одржам својот прв говор, ми се врати чувството на ниска вредност што ме измачуваше од детството. Нозете ми се тресеа, рацете ми се потеа и гласот ми трепереше. Но, Јехова ми помогна со својот свет дух и со поддршката од љубезните браќа. Еден од водителите на Школата лично се заинтересира за мене и по часовите ми помагаше да ги подготвувам говорите. Но, пред сѐ, ме поучи да имам доверба во Јехова. До крајот на Школата, за првпат во мојот живот со задоволство зборував пред публика.
Голем испит на мојата самодоверба беше еден конгрес на Јеховините сведоци во Гуајакил, кога пред 25.000 луѓе раскажав како станав Сведок. Но, додека зборував, многу се возбудив што ја имав таа чест да охрабрам толку многу луѓе, и гласот почна да ми трепери. Нешто подоцна, ми пристапи еден од конгресните делегати и ми рече: „Брате Гонзалес, додека го раскажуваше твоето искуство сите присутни имаа солзи во очите“. Најмногу од сѐ сакав она што го раскажав да ги охрабри оние што можеби се бореа да прекинат со стариот начин на живот.
Сега служам како старешина и општ пионер, и многу се радувам што можев да им помогнам на 16 лица добро да ја запознаат библиската вистина. Пресреќен сум што и моите родители, како и четири од моите сестри исто така му ги предадоа своите животи на Јехова. Мајка ми умре верна на Бог во 2001 година. Нема зборови со кои можам доволно да му се заблагодарам на Јехова што ми дозволи да го запознаам, и нема подобар начин да му покажам колку го ценам од тоа да им помагам и на другите да се зближат со него (Јаков 4:8).
[Слика на страница 12]
Фернандо „Жабата“, поранешен член на една банда на кого му помогнав
[Слика на страница 12]
Пауло Санчез, мисионерот што ја проучуваше Библијата со мене
[Слика на страница 13]
Висенте Гонзалес денес