Вистинската вредност на крвта
„Сите луѓе во светот имаат еден заеднички извор на животот: крвта. Таа е животната сила на сите луѓе, без разлика на нивната боја, раса или религија“ (претседател на Генералното собрание на Обединетите нации).
НЕОСПОРНО, има извесна мера вистина во овие зборови. Крвта е неопходна за животот на луѓето. Таа е скапоцена течност. Но, дали си уверен дека е безбедно и мудро луѓето да ја даваат за да се користи во медицината?
Како што видовме, безбедносните стандарди не се исти во целиот свет, а лекувањето со крв е поризично отколку што мнозина се свесни. Освен тоа, бидејќи лекарите имаат различно образование, способности и гледишта, различно и ја користат крвта. Сепак, многумина од нив се сѐ попретпазливи кога станува збор за давање трансфузија. Значителен и сѐ поголем број лекари повеќе се склони да користат терапија во која не се употребува крв.
Ова повторно нѐ враќа на прашањето што беше поставено во почетокот на првата статија од ова списание. Зошто крвта е толку скапоцена? Ако во медицината има сѐ повеќе сомневања во врска со употребата на крвта, дали таа има некоја друга намена?
Нашиот Творец и крвта
Во времето на Ное, предок на сите луѓе, Бог дал еден несекојдневен закон. Иако им дозволил на луѓето да го јадат месото од животните, им забранил да ја јадат крвта (Битие 9:4). Исто така им ги навел и причините за тоа, изедначувајќи ја крвта со душата, или животот, на едно битие. Подоцна рекол: „Животот е во крвта“. Во очите на Творецот, крвта е света. Таа го претставува животот, кој е скапоцен дар, на секое живо суштество. Бог го повторил ова начело многу пати (Левит 3:17; 17:10, 11, 14; Второзаконие 12:16, 23).
Кратко откако било основано христијанството пред околу 2.000 години, Бог им дал на христијаните заповед ‚да се воздржуваат... од крв‘. Оваа забрана не била дадена поради здравствени причини, туку поради светоста на крвта (Дела 15:19, 20, 29). Некои сметаат дека оваа забрана што ја дал Бог се однесува само на јадењето крв, но зборот „воздржува“ кажува многу повеќе. Ако лекарот ни рече да се воздржуваме од алкохол, сигурно не би помислиле дека е во ред да го внесеме преку вените.
Библијата понатаму објаснува зошто крвта е толку света. Пролеаната крв на Исус Христос, која го претставува човечкиот живот што тој го дал за сите луѓе, е темелот за христијанската надеж. Таа значи простување на гревовите и надеж за вечен живот. Кога еден христијанин се воздржува од крв, со тоа ја покажува својата вера дека само пролеаната крв на Исус Христос може вистински да го откупи и да го спаси неговиот живот (Ефешаните 1:7).
Јеховините сведоци се познати по тоа што цврсто се држат за овие библиски заповеди. Тие не прифаќаат трансфузија на полна крв или на четирите главни состојки на крвта — црвени крвни клетки, плазма, бели крвни клетки и крвни плочки. Библијата не вели ништо во врска со разните фракции што се добиваат од овие состојки — ниту за производите што содржат такви фракции. Затоа, секој Сведок донесува лична одлука во врска со тоа. Дали ова гледиште што се темели на Библијата значи дека Сведоците одбиваат медицинско лекување или дека се немарни во поглед на здравјето и животот? Ни најмалку! (Види ја рамката „Јеховините сведоци и здравјето“.)
Во последниве години, голем број лекари признаа дека, медицински гледано, на Сведоците им се одразува добро тоа што се придржуваат за ова библиско начело. На пример, еден неврохирург неодамна отворено се изјасни во полза на алтернативите на трансфузијата на крв. Тој рече: „Тоа е апсолутно најбезбедното нешто, не само за Јеховините сведоци, туку за секого“.
Сериозните одлуки во врска со здравјето можат да нѐ стават под голем стрес и честопати не е лесно да се донесат такви одлуки. Во врска со вообичаената практика да се дава трансфузија на крв, забележи што рекол специјалистот за дишни органи и директор на медицински центар д-р Дејв Вилијамс: „Многу е важно да ги почитуваме желбите на луѓето... и мораме да бидеме многу претпазливи во врска со тоа што внесуваме во нашето тело“. Овие зборови имаат смисла — и тоа повеќе од кога и да е порано.
[Рамка/слики на страница 11]
Што е хемоглобински стимулиран преносител на кислород?
Во секоја црвена крвна клетка има околу 300 милиони молекули на хемоглобин. Хемоглобинот сочинува околу една третина од волуменот на потполно зрелите црвени клетки. Секој молекул содржи протеински глобин и пигмент наречен хем — во кој е содржан и еден атом на железо. Кога една црвена крвна клетка минува низ белите дробови, молекулите на кислородот влегуваат во клетката и се врзуваат со молекулите на хемоглобинот. Неколку секунди подоцна, кислородот се испушта во телесното ткиво, и на тој начин го одржува животот на клетките во тоа ткиво.
Некои производители сега преработуваат хемоглобин така што го вадат од човечки или од говедски црвени крвни клетки. Добиениот хемоглобин потоа се филтрира за да се отстранат нечистотиите, хемиски се модифицира и се прочистува, се меша со раствор и се пакува. Крајниот производ — кој сѐ уште нема дозвола за користење во повеќето земји — се нарекува хемоглобински стимулиран преносител на кислород. Бидејќи црвената боја на крвта се должи на хемот, една единица од овој преносител изгледа исто како една единица од црвени крвни клетки, главната состојка од која се добива.
За разлика од црвените крвни клетки кои мораат да се чуваат во фрижидер и да се фрлат по неколку седмици, хемоглобински стимулираниот преносител на кислород може да се чува на собна температура и да се користи со месеци подоцна. А бидејќи во него ја нема мембраната на клетката и нејзините единствени антигени, нема закана од остри реакции како последица на дадена трансфузија на крв со погрешна крвна група. Меѓутоа, во споредба со другите фракции на крвта, хемоглобински стимулираниот преносител на кислород претставува поголем предизвик за совесните христијани, кои сакаат да бидат послушни на Божјиот закон за крвта. Зошто? Сѐ додека овој преносител се добива од крв, може да се појават два приговора. Прво, тој ја извршува главната функција на една од главните состојки на крвта — црвените крвни клетки. Второ, хемоглобинот, од кој се добива хемоглобински стимулираниот преносител на кислород, сочинува значителен дел од таа состојка. Според тоа, во врска со овој и други слични производи, христијаните се соочени со многу сериозна одлука. Тие мораат внимателно и под молитва да размислуваат за библиските начела што се однесуваат на светоста на крвта. Ако искрено сакаме да задржиме добар однос со Јехова, сите мораме да ја слушаме совеста што ни е изострена според Библијата (Галатите 6:5).
[Слика]
МОЛЕКУЛ НА ХЕМОГЛОБИНОТ
[Рамка/слика на страница 12]
Привлечна опција
„Сѐ повеќе болници нудат една алтернатива: ‚бескрвна‘ хирургија“, беше објавено во весникот The Wall Street Journal. Во весникот понатаму се вели: „Иако оваа постапка беше развиена за да им се излезе во пресрет на Јеховините сведоци, таа сега е општо прифатена и многу болници им нудат на сите пациенти програми на бескрвна хирургија“. Болниците низ целиот свет увидуваат дека има многу позитивни резултати, особено за пациентите, кога применуваат методи кои го намалуваат користењето на трансфузијата. Моментално, илјадници лекари ги лекуваат пациентите без трансфузија.
[Рамка/слика на страница 12]
Јеховините сведоци и здравјето
Јеховините сведоци, меѓу кои има и лекари и медицински сестри, во целиот свет се познати по тоа што одбиваат да примат трансфузија на полна крв или на главните состојки на крвта. Дали овој нивен став се темели на некоја доктрина измислена од човек или на верувањето дека верата може да излечи некого без лекарства? Тоа е далеку од вистината.
Сведоците го ценат својот живот како дар од Бог и затоа даваат сѐ од себе за да живеат според Библијата, за која веруваат дека е ‚инспирирана од Бог‘ (2. Тимотеј 3:16, 17; Откровение 4:11). Таа книга ги поттикнува слугите на Бог да не се впуштаат во практики и навики што се штетни или опасни за животот, како што се прејадувањето, пушењето, прекумерното пиење и дрогирањето (Пословици 23:20; 2. Коринќаните 7:1).
Со тоа што ќе водиме сметка за чистотата на нашето тело и околина и ќе вежбаме од здравствени причини, ќе постапуваме во склад со библиските начела (Матеј 7:12; 1. Тимотеј 4:8). Кога ќе се разболат, Јеховините сведоци покажуваат дека се разумни луѓе со тоа што бараат медицинска нега и прифаќаат поголем дел од достапните терапии (Филипјаните 4:5). Точно, тие се послушни на библиската заповед ‚да се воздржуваат од... крв‘ и инсистираат на лекување без крв (Дела 15:29). А како резултат на овој нивен избор, честопати добиваат поквалитетно лекување.