ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 10/06 стр. 18-21
  • Дали имам нарушување во исхраната?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Дали имам нарушување во исхраната?
  • Разбудете се! 2006
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Краток преглед
  • Може ли да ти се случи и тебе?
  • Веднаш преземи нешто!
  • Зошто сум опседната со мојата тежина?
    Разбудете се! 1999
  • Како можам да ја победам мојата опсесија со тежината?
    Разбудете се! 1999
  • Што ако го мразам својот изглед?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
  • Зошто сум толку слаб?
    Разбудете се! 2001
Повеќе
Разбудете се! 2006
g 10/06 стр. 18-21

Младите прашуваат...

Дали имам нарушување во исхраната?

„Понекогаш, кога ќе седнам да јадам, ме фаќа нервоза и почнувам да се тресам. Страв ми е да не се здебелам. Си велам: ,Морам да ослабам уште два килограма‘“ (Моника).a

„Сакам да бидам убава и страв ми е да не се здебелам. Но, не сакам никој да знае дека повраќам откако ќе се најадам. Многу ми е срам од тоа“ (Анастасија).

„Си велам: ,...Денес ќе биде подобро...‘ И подоцна, неизбежно ќе се прејадам. Потоа имам чувство на вина и сакам да умрам“ (Кристина).

САКАШ да изгледаш убаво, и тоа е нормално. Сакаш некој да те утеши кога си загрижена или кога си во депресија. И тоа е нормално. Но, ако си како некоја од девојките што се цитирани овде, веројатно имаш проблем. А ако имаш, не си единствена. Факт е дека милиони млади — повеќето девојки — имаат нарушување во исхраната.b

Да се запознаеме подобро со анорексијата, со булимијата и со прејадувањето. Секое од овие нарушувања има карактеристични симптоми, но во сите случаи се работи за неисправен став кон храната. Ако се пронајдеш во некој од описите што следат, биди уверена дека има помош и за тебе. Ти можеш да си ја подобриш ситуацијата!

Краток преглед

◼ АНОРЕКСИЈА. Колку и да е слаба, кога една девојка што има анорексија ќе се погледне во огледалото, се гледа како дебела. За да ослаби, оди во крајност. Една девојка што имала анорексија раскажува: „Станав опседната со броење калории. Внимателно планирав што ќе јадам цела седмица, прескокнував оброци и претерано вежбав секогаш кога мислев дека сум изела премногу калории. Пиев и по шест лаксативи на ден“.

Набрзо, почнуваат да се забележуваат симптоми на анорексија. Вообичаен знак е губењето тежина, но може да дојде и до паѓање на косата, сува кожа, умор и порозност на коските. Менструацијата може да стане нередовна или дури и да престане за неколку месеци.

Можеби овие симптоми ти звучат безопасно, но биди сигурна: Анорексијата го доведува животот во опасност. Едно истражување покажа дека со текот на времето, 10 отсто од оние што имаат анорексија умираат од ова нарушување, обично затоа што ќе им откаже некој орган или како последица на други проблеми што се поврзани со неправилната исхрана.

◼ БУЛИМИЈА. Наместо да не јаде, девојката што има булимија се прејадува и внесува дури до 15.000 калории за само два часа! Потоа го исфрла она што го изела, обично присилувајќи се да поврати или така што пие лаксативи или диуретици.

Булимичните девојки обично се прејадуваат скришно. Една девојка вели: „Кога ќе си дојдев од училиште, ако немаше никој дома, обично ќе седнев и ќе се прејадев. Внимавав да ги скријам сите докази“. Меѓутоа, откако ќе се прејадела, чувствувала вина. Таа вели: „Се чувствував ужасно, но знаев дека лесно можам да се ослободам од храната. Ќе отидев горе, ќе повратев и потоа, не само што ми беше полесно, туку чувствував дека сѐ имам под контрола“.

Иако можеби изгледа дека има некаква корист од него, ваквото прочистување е опасно. Неправилното и прекумерно користење лаксативи ја ослабува слузокожата на цревата и може да предизвика воспаление или инфекција. Како последица на честото повраќање може да дојде до дехидрираност, кариес на забите, оштетување на хранопроводникот, па дури и до срцев удар.

◼ ПРЕЈАДУВАЊЕ. Како и булимичните лица, и оние што се прејадуваат јадат голема количина храна. Разликата е во тоа што тие не повраќаат. Поради тоа, може да имаат прекумерна тежина. Но, понекогаш, откако ќе се прејадат, некои од нив гладуваат или се изложуваат на строги вежби. Понекогаш, кога ја контролираат тежината на ваков начин, семејството и пријателите не увидуваат дека таквите лица имаат проблем.

Како анорексичните и булимичните, и оние што се прејадуваат имаат неисправен став кон храната. Една девојка за себе и за другите што имаат нарушување во исхраната вели: „Храната е нашиот близок, таен пријател — можеби и нашиот единствен пријател“. Друга девојка вели: „Додека јадам, ништо друго не ми е важно. Храната ми се чини како нешто најважно — таа ми носи задоволство — а откако ќе се прејадам, имам чувство на вина и паѓам во депресија“.

Дури и без прочистување, прејадувањето е опасно. Може да доведе до дијабетес, висок крвен притисок, срцеви заболувања и голем број други болести. Може да нанесе и тешки емоционални штети.

Може ли да ти се случи и тебе?

Се разбира, повеќето луѓе што сакаат да ослабат или да изгледаат убаво немаат нарушување во исхраната. Сепак, по ова што го кажавме досега, можеби се прашуваш дали одиш во тој правец. Запрашај се:

◼ Дали се срамам од моите навики на исхрана?

◼ Дали ги кријам моите навики на исхрана од другите?

◼ Дали храната ми е најважното нешто во животот?

◼ Дали се мерам повеќе од еднаш дневно?

◼ Дали сум спремна да се изложам на ризик само за да ослабам?

◼ Дали веќе сум пробала намерно да повраќам, да пијам лаксативи или диуретици?

◼ Дали моите навики на исхрана влијаат врз мојот друштвен живот? На пример, дали повеќе сакам да бидам сама отколку во друштво за да можам скришно да се прејадам или да повраќам?

Ако одговорите на овие прашања укажуваат дека имаш проблем, запрашај се:

◼ Дали навистина сум среќна со ваков живот?

Што можеш да направиш?

Веднаш преземи нешто!

Прв чекор е да си признаеш себеси дека имаш проблем. Даниела вели: „Откако размислив, сфатив дека имам исти чувства и навики како и девојките што имаат анорексија. Беше навистина страшно да се соочам со фактот дека го правев истото што го прават и тие“.

Второ, моли му се на Јехова за твојот проблем.c Преколнувај го да ти помогне да сфатиш што е причината за тој проблем за да можеш да го решиш. Можеш да се молиш како Давид: „Проникни во мојата внатрешност, о Боже, и запознај го срцето мое! Испитај ме и запознај ги немирните мисли мои, и види има ли во мене нешто што ме наведува на лош пат, и води ме по патот вечен“ (Псалм 139:23, 24).

Од друга страна, пак, можеби ќе увидиш дека баш и не сакаш да го совладаш нарушувањето во исхраната што го имаш. Можеби не можеш без него, можеби ти станало зависност. Ова е уште една работа што треба да му ја кажеш на Јехова во молитва. Даниела го сторила токму тоа. Таа признава: „Отпрвин, не сакав вистински да се излекувам. Затоа морав да се молам да сакам да оздравам“.

Трето, разговарај со родителите или со некој друг возрасен кој може да ти помогне. Грижливите лица нема да направат да се чувствуваш засрамено. Наместо тоа, ќе се трудат да го следат примерот на Јехова, за кого Библијата вели: „Тој не ја презира неволјата на страдалникот, ниту му е таа одвратна. Своето лице не го скри од него и го чу кога викаше кон него за помош“ (Псалм 22:24).

Но, мора да се признае, не е лесно да се најде излез од ваквото нарушување. Во некои случаи, потребна е стручна помош.d Меѓутоа, најважно е да се преземе нешто. Една девојка со булимија решила да го стори тоа. Таа вели: „Еден ден сфатив дека повраќањето ми го контролира животот. Но, не бев сигурна дали можам да престанам. На крајот, го направив најтешкото нешто што некогаш сум го направила. Побарав помош“.

И ти можеш да го сториш тоа!

Повеќе статии од рубриката „Младите прашуваат...“ можеш да најдеш на Веб-страницата www.watchtower.org/ype

[Фусноти]

a Некои имиња во оваа статија се сменети.

b Бидејќи поголемиот број од оние што имаат нарушување во исхраната се девојки, ќе зборуваме во женски род. Меѓутоа, многу од начелата што се разгледани овде важат и за машките.

c Кога се чувствуваш бедно, увери се дека Јехова се грижи за тебе така, што ќе размислуваш за стихови како овие: 2. Мојсеева 3:7; Псалм 9:9; 34:18; 51:17; 55:22; Исаија 57:15; 2. Коринќаните 4:7; Филипјаните 4:6, 7; 1. Петрово 5:7; 1. Јованово 5:14.

d Христијаните треба да се уверат дека начинот на лекување што ќе го изберат не ги прекршува библиските начела.

ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ

◼ Мислиш ли дека можеби имаш нарушување во исхраната? Ако мислиш така, кому можеш да му се обратиш за помош?

◼ Како ќе ѝ помогнеш на некоја пријателка што има нарушување во исхраната?

[Рамка на страница 19]

„Мислам дека имаш проблем...“

Ако некој од семејството или некој пријател ти го каже ова, спротивстави се на нагонот веднаш да се браниш. Да претпоставиме дека некоја твоја пријателка забележала дека почнал да ти се распорува работ на фустанот. Зарем нема да ѝ бидеш благодарна да ти каже пред сосем да ти пукне работ? Библијата вели: „Има пријатели поприврзани од брат“ (Изреки 18:24). Кога некој ќе дојде и ќе ти каже дека е загрижен поради некој проблем што можеби го имаш, тој покажува дека е токму таков пријател!

[Рамка/слика на страница 19]

„Морав да бидам слаба“

„Почнав да слабеам. Потоа ми ги извадија умниците и не можев да јадам. Така почна мојот проблем со анорексијата. Станав опседната со мојот изглед, со мојата фигура. Никогаш не бев доволно слаба. Дојдов до тежина што беше алармантна. Му нанесов огромна штета на моето тело! Сега не ми растат ноктите. Си го нарушив биолошкиот часовник. Имав четири спонтани абортуси. Предвреме влегов во климактериум, а метаболизмот речиси и не ми функционира. Имам и колитис. И сето ова затоа што морав да бидам слаба“ (Никол).

[Рамка на страница 20]

Ако се врати нарушувањето

Можеби ќе го победиш нарушувањето во исхраната, но можеби по неколку седмици или дури и по неколку месеци, пак ќе се врати. Ако се случи тоа, не се предавај. Библијата признава дека ‚праведникот може да падне и седум пати‘ (Изреки 24:16). Еден неуспех не значи дека си ја изгубила битката. Тоа само ја нагласува потребата да бидеш уште порешена, да ги препознаеш знаците кои предупредуваат дека нарушувањето ќе се врати и повторно отворено да разговараш со оние што те поддржуваат и што можат да ти помогнат.

[Рамка/слика на страница 20]

Читај повеќе за нарушувањето

Ако имаш нарушување во исхраната, добро е да дознаеш повеќе за таа тема. Колку повеќе знаеш за проблемот, полесно ќе можеш да се бориш против него. Веројатно ќе ти помогнат корисните информации што се наоѓаат во српското издание на Разбудете се! од 22 јануари 1999, страници 3-12 и во Разбудете се! од 8 август 1999, страници 13-15.

[Рамка на страница 21]

ЗАБЕЛЕШКА ДО РОДИТЕЛИТЕ

Што можете да направите ако вашата ќерка во тинејџерски години страда од нарушување во исхраната? Прво, внимателно разгледајте ги информациите во оваа статија и во статиите што се наведени во фуснотата на 20. страница. Обидете се да разберете зошто почнала да се однесува така.

Забележано е дека многумина од оние што имаат нарушување во исхраната имаат мала самопочит и по природа се перфекционисти со неразумно високи очекувања од себеси. Потрудете се вие да не придонесете за ваквите одлики. Помогнете ѝ на вашата ќерка да има поголема самодоверба (Исаија 50:4). А за да го совладате перфекционизмот, „вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе“ (Филипјаните 4:5).

Исто така, добро преиспитајте го својот став кон храната и кон тежината. Дали несвесно сте ставиле преголем акцент на овие работи, сеедно дали со збор или со пример? Не заборавајте, младите се премногу свесни за својот изглед. Дури и ако само на шега ѝ речете дека е „буцко“ или дека нагло се извишува, може да предизвикате во умот на една осетлива тинејџерка да се родат погрешни идеи.

Откако под молитва добро ќе размислите за овие работи, отворено разговарајте со својата ќерка.

◼ Внимателно испланирајте што ќе кажете и кога ќе го кажете тоа.

◼ Отворено кажете дека сте загрижени и дека сакате да помогнете.

◼ Немојте да се изненадите ако првата реакција е одбранбен став.

◼ Слушајте стрпливо.

Најважно е и вие да бидете вклучени во напорите на вашата ќерка да го совлада нарушувањето. Борете се заедно како семејство!

[Слика на страница 21]

Можеби ќе мора да се молиш да сакаш да оздравиш

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели