Зошто е толку значаен
ВЕЌЕ 2.000 години, многу големо внимание се обрнува на раѓањето на Исус. Според Лука, лекар од првиот век, еден ангел на една млада девица по име Марија ѝ рекол: „Еве, ќе забремениш и ќе родиш син. Дај му го името Исус“. Што рекол овој ангелски гласник за Исус? „Тој ќе биде голем и ќе биде наречен Син на Севишниот“, рекол тој. „Тој [Исус] ќе царува“ и “неговото царство ќе нема крај“ (Лука 1:31-33).
На човештвото му треба токму тоа — праведен светски владетел кој ќе управува со работите на Земјата на начин полн со љубов! Долго пред да се роди Исус, во Библијата било проречено: „Ни се роди дете, добивме син, кој на рамото ќе има кнежевска власт. Името ќе му биде... Вечен Татко, Кнез на Мирот. Неговата кнежевска власт ќе се простира надалеку, и на мирот... во неговото царство ќе му нема крај“ (Исаија 9:6, 7).
Праведна влада и мир — каква прекрасна иднина! Но, забележи дека било проречено дека оваа влада ќе биде на рамото на еден кнез — ‚Кнезот на Мирот‘ — што открива дека Царот над сѐ, Семоќниот Бог, му ја доверува таа влада на Својот Син. Затоа, Исус најчесто ја нарекувал оваа влада, чиј Владетел ќе биде тој, „царството Божје“ (Лука 9:27, 60, 62).
Во почетокот на својата служба Исус рекол: ‚Морам да ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен‘ (Лука 4:43). Тој дури ги поучил своите следбеници да се молат да дојде Божјето Царство (Матеј 6:9, 10). Во списанието Christianity and Crisis се вели дека „Царството било главна тема во учењето [на Исус]“, и понатаму продолжува: „За ниедна друга тема не размислувал толку многу ниту, пак, имала толку важна улога во неговата порака. Царството се спомнува над сто пати во евангелијата“.
Прашања за размислување
Како го замислуваш Исус денес? Обично, во ова време од годината, тој е претставен како бебе во јасли. И точно е дека едно кратко време навистина бил беспомошно бебе (Лука 2:15-20). Но, дали само така треба да биде запаметен? Размисли за ова: Зошто Исус се родил како човек? Кој навистина бил тој?
Во Encarta Yearbook од 1996 година беа поставени следниве прашања: ,Дали Исус бил Божјиот Син, Месијата, што е ветен во еврејската Библија? Или, дали бил само човек, можеби несекојдневен, но сепак само човек?‘ Ваквите прашања заслужуваат сериозно да размислиме. Зошто? Затоа што нашиот живот и нашата среќа зависат од тоа како гледаме на Исус и каков е нашиот став спрема него. „Кој верува во Синот, има вечен живот“, стои во Библијата, но „кој не му е послушен на Синот, нема да види живот“ (Јован 3:36).
Не само обичен човек
Откако опишува што направил Исус во храмот во Ерусалим кога имал 12 години, Библијата вели дека тој се вратил дома со Марија и со маж ѝ Јосиф, и ‚им бил послушен‘ (Лука 2:51, 52). Но, откако пораснал, станало јасно дека Исус не е обичен човек.
Кога Христос смирил едно море разбранувано од бура, еден негов преплашен пријател извикал: „Кој е овој?“ (Марко 4:41). По некое време, Исус бил изведен пред Римскиот управител Понтиј Пилат под лажни обвиненија. Уверен дека Исус е невин и одушевен од достоинството на Исус иако со него се постапувало сурово и неправедно, Пилат со восхит го извел Исус пред толпите народ и рекол: „Еве го човекот!“ Но, Евреите одговориле: „Ние имаме закон, и според законот, тој треба да умре, бидејќи за себе тврдеше дека е Божји син“ (Јован 19:4-7).
Кога слушнал дека за Исус се вели дека е „Божји син“, Пилат се уплашил. Претходно, жена му му пратила порака дека сонила сон за Исус, кого го нарекла „тој праведен човек“ (Матеј 27:19). Затоа, Пилат се прашувал кој навистина е Исус! Иако знаел дека Исус е од Галилеја, Пилат го прашал: „Од каде си ти?“ Кога Исус одбил да одговори, разговорот набрзо завршил (Јован 19:9, 10).
Исус очигледно бил човек, но не како сите други луѓе, затоа што претходно бил духовна личност, и на небото бил познат како Речта. Потоа, Бог со чудо го пренел неговиот живот во матката на Марија. „Речта стана тело“, потврдил апостол Јован, „и престојуваше меѓу нас“ (Јован 1:1, 2, 14, 18; Откровение 3:14).
Зошто Бог морал да го прати својот Син на Земјата
Пред првиот човек, Адам, да има деца, тој направил грев. Еден бунтовен ангел, кој бил наречен Ѓавол и Сатана, успеал да го наведе да не му биде послушен на Бог. Како последица од тоа, Адам го изгубил својот статус на Божји син, токму како што Бог рекол дека ќе се случи ако Адам е непослушен. Така, Адам морал да си ги сноси последиците. Станал несовршен, остарел и на крајот умрел (1. Мојсеева 2:15-17; 3:17-19; Откровение 12:9).
Опишувајќи какво влијание имала непослушноста на Адам врз сите нас, неговите потомци, Библијата вели: „Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“ (Римјаните 5:12). За жал, сите ние сме наследиле грев од нашиот прататко Адам, а со гревот сме наследиле и стареење и смрт како страшни последици од него (Јов 14:4; Римјаните 3:23).
Од овие последици би можеле да се ослободиме само кога би имале совршен татко, кој го нема наследено гревот и страшните последици што ги носи тој. Да видиме како било овозможено да добиеме таков нов татко, кој може да се спореди со совршениот Адам.
Обезбеден е оној што бил неопходен
Како што се сеќаваш, ветениот „Кнез на Мирот“ уште е наречен и „Вечен Татко“. Еве како било претскажано дека ќе се роди како човек: „Девојка (Девица, ПСП) ќе забремени и ќе роди син“ (Исаија 7:14; Матеј 1:20-23). Исус немал човечки татко, исто како што немал ни Адам, првиот човек. Следејќи ја семејната лоза на Исус сѐ до почетокот на човечката историја, библискиот историчар Лука покажува дека Адам бил создаден како „син на Бог“ (Лука 3:38). Но, како што видовме, Адам го изгубил тој статус како Божји син — и за себе и за сите негови потомци. Затоа, на сите нас ни треба нов татко, така да се каже, кој е совршен — каков што бил Адам кога бил создаден.
Бог го испратил својот Син од небото да биде тој нов Адам, кој ќе го замени првиот. Библијата вели: „,Првиот човек, Адам, стана жива душа.‘ Последниот Адам стана дух кој дава живот. Првиот човек потекнува од земјата и направен е од земниот прав, а вториот човек потекнува од небото“ (1. Коринќаните 15:45, 47). Исус, „последниот Адам“, е како „првиот човек, Адам“ во таа смисла што бил совршен човек кој можел да биде татко на совршени потомци, кои би живееле вечно на совршена Земја (Псалм 37:29; Откровение 21:3, 4).
Исус, кој немал деца, му останал верен на Бог сѐ до својата смрт, и покрај сите напади на Сатана. Совршениот човечки живот што Исус го жртвувал, или од кој се откажал, е наречен откупнина. „Со посредство на неговата крв [на Исус], ослободени сме [од гревот и смртта што сме ги наследиле од Адам] со откупнина“, објаснува Библијата. Исто така вели: „Како што преку непослушноста на еден човек [Адам] мнозина станаа грешници, така и преку послушноста на еден [Исус] мнозина ќе станат праведни“ (Ефешаните 1:7; Римјаните 5:18, 19; Матеј 20:28).
Ако имаме вера во Исус, тој ќе стане и наш „Вечен Татко“ и наш „Спасител“. Како Владетел во Царството на неговиот Татко, тој ќе ја спроведува својата власт на прекрасен начин. Да разгледаме како ќе биде да се живее под еден таков владетел и кога би можеле да ги очекуваме тие прекрасни благослови (Лука 2:8-11).
[Слики на страница 5]
Како го замислуваш Исус денес?
[Слика на страница 6]
Зошто Исус е наречен „последниот Адам“?